Press "Enter" to skip to content

КРИК СРБИЈА: Директорот на белградската болница „Дедиње“ набавил несигурни Ковид-19 тестови од македонски бизнисмен осомничен за криминал

Милован Бојиќ, директорот на Институтот за кардиоваскуларни заболувања „Дедиње“, ги набави брзите коронавирус тестови на „Биозек“ кои не се сигурни и кои се лажно претставени како произведени во Холандија – додека всушност се направени во Кина, открива КРИК / ОЦЦРП. Бојиќ ги увезе тестовите од Северна Македонија од компанија „Систина фармација“ која е на човек кој е под истрага за перење пари, изнуда и злосторничко здружување. Пред пристигнувањето на овие тестови во Институтот Дедиње, најмалку 80 лица во Институтот се заразиле со  коронавирусот, а до ден денес никој не понесе одговорност за ширење на вирусот во оваа државна институција која се грижи за пациентите со најтешки срцеви заболувања.

Од: Драгана Печо (КРИК Србија), Сашка Цветковска (ИРЛ Македонија), Обри Белфорд (OCCRP)

Кога на 6 април Милован Бојиќ призна дека корона вирусот се проширил во институцијата која тој ја води, а заразени биле 67 вработени и 14 пациенти, директорот на белградскиот институт за кардиоваскуларни заболувања „Дедиње“, рече дека ќе започне со тестирање на сите што влегуваат во болницата.

„Како искусен човек кој практично е доајен во медицината од сите директори на здравствените установи, се обврзав да ги тестирам нашите здравствени работници и пациентите кои останаа на одделот“, рече Бојиќ за ТВ Прва.

После два дена, институтот со кој раководи, купи 300 тестови за „Биозек“ за коронавирус од приватната компанија „Систина фармација“ од Северна Македонија, според фактурата добиена од новинарите на КРИК / ОЦЦРП. Овие тестови се рекламираат низ целиот свет дека се произведени во Холандија, дека го откриваат вирусот, а „Дедиње“ ги купи за 3.000 евра.

Проблемот, сепак, е повеќекратен: овие тестови не се сигурни во откривање на коронавирусот, лажно се рекламираат како холандски производ, а компанијата од која ги купи Бојиќ е во сопственост на македонски бизнисмен, кој е под истрага за криминал.

Кинески тестови препакувани во „холандски“

Холандската компанија „Инзек Интернешнал Трејдинг“, која ги продава тестовите „Биозек“ ширум светот, ги рекламира како сигурни тестови за откривање на коронавирус произведени во оваа земја.

Истражувањето на ОЦЦРП и меѓународните партнери објавено во средата, покажува дека тестовите се всушност изработени од кинеската компанија „Хангжу АлТест Биотек Ко“.

Тестовите првично беа произведени во Кина под името „Алтест“. Холандската компанија потоа ги купува од кинеската, ги препакува како бренд „Биозек“ и ги рекламира како свој производ, откриваат новинарите.

Холандската компанија призна пред известувачите на ОЦЦРП дека тестовите се направени во Кина, а еден ден подоцна тие ги избришаа лажните информации за потеклото на тестовите од нивната веб-страница.

Несигурен во откривање на коронавирус

Тестовите „Биозек“, покрај тоа што го кријат потеклото, лажно се рекламираат како тестови што можат со сигурност да утврдат дали некој е заразен со коронавирус.

Всушност, тие не ја откриваат болеста, туку присуството на антитела што телото ги произведува кога се бори против вирусот. Ваквите тестови можат да дадат точни резултати на коронавирус само четири недели откако едно лице е заразено, покажаа студиите.

Според веб-страницата на Светската здравствена организација (СЗО), истражувањата покажуваат дека повеќето пациенти започнуваат со развој на антитела дури во втората недела откако ќе се појават првите симптоми на коронавирус.

„Ова значи дека дијагнозата на антитела базирана често е можна само во фазата на опоравување на пациентот, кога веќе поминале можностите за клиничка интервенција или престанок на пренесувањето на болеста“, се наведува во веб-страницата на СЗО.

Затоа епидемиологот Предраг Кон од Владиниот кризен персонал за сузбивање на коронавирусот рече дека ваквите тестови, познати и како „брзи“ или „ориентациони“ тестови, не се користат во нашата земја. „Едноставно не сме убедени дека е толку корисно“, објасни Кон на прес-конференција на 9 април – дента кога пристигнаа тестовите во „Дедиње“.

Тој рече дека тие можат да бидат корисни само кога ќе помине епидемијата, затоа што тогаш ќе може да се утврди колкав процент од населението е заразено со вирусот, без да се знаело тоа.

Наместо тоа, како што беше речено од Кризниот штаб, граѓаните на Србија се тестираат само со молекуларни тестови, бидејќи тие се дијагностички тестови кои можат со сигурност да утврдат дали некој е заразен со вирусот на корона.

Британската влада, исто така, одлучи да не користи кинески тестови, откако испитувањето од Универзитетот во Оксфорд покажа дека тие не се сигурни, објавија локалните медиуми во првата недела од април. Студијата спроведена во Шпанија, исто така, покажа дека кинеските тестови „Алтест“ не се веродостојни – нивните резултати се погрешни во повеќе од половина од случаите.

Лажното рекламирање и погрешните резултати на овие тестови чинеа животи.

Во Северна Македонија имало случаи, како што откри истражувачката редакција на ИРЛ Македонија, каде кај луѓето за кои тестот „Биозек“ покажал дека се негативни, потоа починале од коронавирус.

На крајот на март, 45-годишниот Роџер Зекировски од Куманово со денови ги имал сите симптоми на Ковид-19, а откако видел оглас за холандски брз тест кој тврди дека може точно да ја открие болеста за само неколку минути, отишол на тестирање. Тестот покажал дека тој е негативен и Зекировски се вратил дома. Три дена подоцна, тој почина, а официјалните резултати од тестот утврдија дека е позитивен на коронавирусот.

„Кога тестот покажа дека е негативен, сите бевме толку среќни. Се гушнавме и се бакнавме, децата и родителите “, им рече неговата сопруга Јултана на новинарите, додавајќи дека заради тестот кој бил лажно негативен, тие биле изложени на застрашувачки ризици. “Како можевме да знаеме?”

Тестирањето, кое неправилно покажа дека Зекировски е негативен, е направено во болницата „Аџибадем Систина“, сестра на компанијата „Систина фармација“, од која тестовите дојдоа во Србија.

Тестови набавени од бизнисмен кој е под истрага за криминал

Приватната компанија „Систина Фармација“ во Скопје, од која Институтот Дедиње ги набави овие тестови, е дел од семејната компанија на еден од најбогатите македонски бизнисмени, Јордан Камчев, кој е под истрага за перење пари, изнуда и злосторничко здружување.

Камчев беше споменат во домашната јавност по аферата „Рекет“, во која беа и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и поранешната „реалити“ ѕвезда Бојан Јовановски, попознат како „Боки 13“. Според медиумите, Јанева и Јовановски изнудувале пари од Камчев, а за возврат би му помогнале во постапката покрената против него од страна на Специјалното јавно обвинителство.

Дел од семејниот бизнис на Камчев е и болницата „Аџибадем Систина“, која во медиумите беше опишана како болницата каде се изведуваше првата операција на вештачки импланти на срце во Северна Македонија, а која ја водеше нашиот лекар вработен во таа клиника, Александар Николиќ, кој со години работеше во Институтот Дедиње.

„Аџибадем Систина“ ги рекламираше брзите тестови на „Биозек“ на својата веб-страница, но на барање на Агенцијата за лекови и медицински помагала (МАЛМЕД), таа мораше да ја повлече таа реклама заради несоодветно рекламирање и без претходно одобрување од оваа институција. Во тоа време преку нејзината сестринска компанија „Систина фармација“ во Србија завршија најмалку 300 брзи тестови за коронавирус.

Тестовите „Биозек“ пристигнаа во Институтот „Дедиње“ на 9 април. Бојиќ пред новинарите на КРИК изјави дека тие биле користени како помош, а не само како тестови што можат да го утврдат присуството на вирусот, и изјави дека тестирањето е направено само во итни случаи, со цел да се спречат пациентите позитивни за овој вирус да доаѓаат во установата.

Тој исто така тврди дека Институтот не платил за тестовите.

Иако фактурата е издадена во Институтот „Дедиње“, Бојиќ вели дека тестовите биле донирани и дека фактурата ја платил спонзорот – чие име не го открил.

„Комплетна документација – писмо со намери, договор за донации и брза исплата има во Институтот“, рече Бојиќ за КРИК, но одби да им ги достави документите на новинарите.

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Меѓународни истражувањаПовеќе теми во Меѓународни истражувања »