Press "Enter" to skip to content

Привршува истрагата против Жан Митрев, со милион евра гарантира дека нема да бега

Обвинителството сослушало повеќе од осумдесет отсто од сведоците – жртви на третманот со хемофилтрација во болницата „Жан Митрев“  коишто се лекувале од КОВИД 19. Според нивните проценки истрагата против болницата и докторот Жан Митрев би требало да заврши за два до три месеци. Овие информации, како и информацијата дека Митрев понудил гаранција од 1 милион евра во готовина, денеска им беше соопштена на новинарите на брифинг со главниот обвинител Гаврил Бубевски.

Доктор Жан Митрев уплатил еден милион евра готовина на сметката на Кривичниот суд. Со овие пари сопственикот на приватната болница гарантирал дека нема намера да избега од Македонија додека трае истрагата на обвинителството. Како мерка за гаранција и сомнеж за опасност од бегство, Жан Митрев остана и без македонскиот пасош бидејќи му беше одземен на 12 – ти август или неполн месец по примерата на документарецот „Нечиста крв“.

Освен, сослушување на граѓани, истражители за компјутерски и финансиски криминал собирале податоци за делото за кое се сомничи доктор Жан Митрев – измама.

Истражувачката репортерска лабараторија во документарниот филм „Нечиста крв“ презентираше сведоштва на КОВИД пациенти врз кои била примената методата хемофилтрација, без да бидат известени од клиниката Жан Митрев дека се предмет на клиничко испитување.  Овој метод (прочистување на крвта) доктор Митрев агресивно ја рекламираше како единствен спас за лекување од корона вирусот. Истражувањето на ИРЛ покажа дека, за ваков начин на лекување пациентите имале услов од приватната болница – авансно да уплатат 12 илјади евра за да бидат хоспитализирани. Дополнително клиничките студии кои се вршеле во болницата на основ на хемофилтрација, не биле пријавени во Агенцијата за лекови (МАЛМЕД) а пациентите не знаеле дека се предмет на интерно истражување.



Истражувањето на ИРЛ откри дека во болницата на доктор Жан Митрев за време на корона пандемијата не пријавила ниту една интрахоспитална инфекција во Центарот за јавно здравје иако имале законска обврска за тоа. Семејствата на пациенти кои одлучиле од КОВИД да се лекуваат таму, сведочеа дека во приватната болница имало многи интрахоспитални инфекции кобни по животот на нивните најблиски. Сведоштвата се поткрепени и во самите студии на објавени од клиниката „Жан Митрев“, каде пишува дека имало присуство на опасни бактерии кај поголем дел од пациентите.

Паралено со истрагата за „Измама“ која ја води скопското обвинителство, Министерството за здравство формираше работна група која треба да испита како со хемофилтрација се лекувале КОВИД пациенти. Обезбедени се 560 досијеа а комисијата е составена од доктори специјалисти од државните клиники за кардиохирургија, инфективна, интензивна и нефрологија. На 29 – ти јули министерот за здравство побара време од јавноста за прецизно да се проучат документите, но не прецизираше колку време е потребно за работнта група да изработи конечен извештај.

Но, по само два месеца од барањето за трпение од министерот Беким Сали на 27 – ми септември изјави дека проверките течат а динамиката на процесот открива дека финалниот извештај на работната група би бил готов за 18 месеци.

Досиеjа за 560 хемофилтрации од „Жан Митрев“, Беким Сали повика на трпение

Додека надлежните институции истражуваат на кој начин и под кои услови хемофилтрацијата била нудена како спас од корона пандемијата, клиниката Жан Митрев тврдеше дека хемофилтрацијата е начин на лекување а употребата на медицинско средство не можело да претставува клиничко известување. Во одбрана на приватната болница, пет излекувани пациенти од КОВИД со хемофилтрација на четврти септември се собраа пред клиниката „Жан Митрев“ за јавно да пренесат позитивни искуства со лекувањето со хемофилтрација.

Последни стории:

 Пожар во куќата на ДУИ: Војуваат братучедите и другарите

 ЗЕЛЕНИ ТАЈНИ

Повеќе од Ковид-19Повеќе теми во Ковид-19 »
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »