Press "Enter" to skip to content

Евтина правда, исплатлив криминал

Во 2011 година балерината Александра Мијалкова ќе прими еден необичен подарок од бизнисменот Јордан Камчев. Овој подарок ќе биде клучен во создавањето на богатството на нејзиниот сопруг преку пренасочување на државни ресурси за лична корист. Подарокот ќе биде и центарот на случајот „Империја“. Документите на ИРЛ покажуваат како се градела империјата на Камчев и Мијалков и како спогодбата ќе ги отвори прашањата за тоа дали институциите го промовираат концептот на исплатлив криминал. ИРЛ го мапираше имотот на поранешниот шеф на тајната полиција. Едно е сигурно, и по конфискацијата Мијалкови се сè уште необјасниво многу богати.

Известуваат: Маја Јовановска и Давид Илиески; Редактура: Сашка Цветковска;

Во атмосфера на отпор од политичкиот и мафијашки естаблишмент, кон крајот на 2015 година ќе се формира Специјалното јавно обвинителство (СЈО) со специфична мисија да ги истражи делата од висока корупција и организиран криминал, откриени во прислушуваните разговори што ги обелодени Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), во надеж дека понатаму оваа институција ќе стане надлежна да гони секакви дела од сферата на високата корупција. За мнозинството граѓани на земјата во која неправдата беше колективна траума, СЈО претставуваше своевиден граничник кој го означуваше почетокот на градењето на правниот поредок. 

Случаите на СЈО вклучуваа високопрофилни лица и нивните блиски луѓе кои ги користеле државните ресурси за незаконски да се богатат и да се заштитат од прогон. Две од овие лица се и озогласените кумови: олигархот Јордан Камчев и шефот на тајната полиција Сашо Мијалков. Со настапувањето на СЈО доаѓа и крајот на ова пријателство. Но, не и на нивните заеднички проблеми. 

Фотографија на Ѓорѓи Личовски, дневен весник Вест; Сашо Мијалков и Јордан Камчев во минатата деценија поминуваа многу време заедно и често беа фотографирани на разни забави и прослави низ градот.

За граѓаните, нивното апсење беше еднакво спектакуларно како и бегството на поранешниот премиер Никола Груевски и братучед на Мијалков. Но, по бегството сите беа скептични дали правда навистина ќе има, па и епилогот од ова апсење јавноста го зеде со резерва. 

На 9 и 20 ноември 2018 година Јордан Камчев и Сашо Мијалков ќе бидат однесени во притвор во скопскиот затвор во Шуто Оризари и таму ќе останат повеќе месеци. Во фокусот на истрагата на предметот со кодно име „Империја“ се повеќе компании што со години беа предмет на новинарски истражувања за корупција и злоупотреби. Камчев и Мијалков ги поврзуваше мрежа на влијателни бизниси создадени и разработени преку коруптивно пренасочување средства и услуги од државата, кои вклучуваа и заштита од прогон. 

Новинарите на ИРЛ добија увид во документите кои се дел од обвинителската колекција на предметот „Империја“. Тие откриваат досега непознати детали за вистинската сопственост на ѕвездата од каталогот фирми од „Империјата“ – тоа е швајцарската компанија „Ексико“, но и за клучната информација што ја споделил сведокот Камчев без која наводно немало да „падне“ Мијалков. 

Оваа визуелизација го вклучува имотот на Сашо Мијалков и неговото семејство со којшто тие располагаат денеска. Голем дел од овие фирми првично беа купени преку компанијата „Ексико“ која што беше централен дел од случајот „Империја“. Иако нема одговори како е стекнат овој имот, само затоа што имотот се впишал по 2015 обвинителството решило да не истражува понатаму. Денес овие бизниси носат мулти-милионски приходи. За илустрација, минатата година „Дивелоп груп“ и „Бест веј инвестмент“ имале приходи од 12 милиони евра, што е само половина од сумата од кредитот кој Сашо Мијалков го подигнал за да не му се конфискува имотот. За „Дивелоп груп“ платил 3,6 милиони евра во кеш и незаконски стекнатиот имот останува во неговото семејство. Добар дел од бизнисите на Мијалков се разработени бизниси.
За најдобар преглед на визуелизацијата отворете ја на цел екран, одзумирајте ја на минусот во горниот лев ќош и кликнете на иконите за повеќе информации.

Омилениот соработник на правдата 

Бизнисменот Јордан Камчев во Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата влегува како првоосомничен за случајот „Империја“, но излегува како „соработник на правдата“.

Тој во април 2022 година ќе направи договор за спогодба со Обвинителството. Во државниот буџетот уплати 5 милиони 200 илјади евра на име затајување данок и доби само една година ефективен затвор.

Но, парите не се единствената работа што Камчев ја дал за да си ја обезбеди слободата. Тој ќе стане соработник на правдата кај уште еден обвинител од Јавното обвинителство за гонење на организираниот криминал, Лиле Стефанова. Оваа институција го презеде случајот „Империја“ откако прекина работата на СЈО. 

Како соработник на правдата во Обвинителството предал официјални документи кои го откриле вистинскиот сопственик на „Ексико“, односно основачот на фирмата „Т и МЈ инвестмент“ од Лугано е Алескандра Мијалкова, сопругата на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.

Тивката балерина

Тивката уметница секогаш се држеше надвор од фокусот на јавноста и успешно го менаџираше својот беспрекорен углед. Сите нејзини јавни настапи и интервјуа се поврзани со балетската кариера. 

За Сашо Мијалков вели дека е нејзина поддршка и човек без кого немала да успее. Ја освоил со неговиот шарм и романтична душа, а го запознала додека бил студент во Прага. Набргу потоа станува бизнисмен, за во 1998 година да ѝ се посвети на државна кариера, почнувајќи од Министерството за одбрана. Подемот ќе го доживее во 2006 година, кога неговиот прв братучед Никола Груевски ќе го постави за шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање. 

„Мене лично, политиката никогаш не ме интересирала и не сакам ништо да имам со неа, зашто културата, како најголем репрезент на една нација и држава, не треба да има ништо со нешто минливо, прагматично и нечувствително како политиката“, вели Александра Мијалкова.

За разлика од брачната двојка Камчеви, каде што адвокатката Ана не стоеше настрана од деловните афери на сопругот, Александра Мијалкова никогаш не беше спомнувана.

Денеска семејствата Камчеви и Мијалкови, барем пред јавноста демонстрираат дека повеќе не сакаат очи да се видат. Но, до пред пет години тие заедно посетуваа приеми и ноќни клубови. (Фото: Телеграф)

Нејзиното име првпат се појави во спогодбата за случајот „Империја“, која Јавното обвинителство ја склучи со нејзиниот сопруг Сашо Мијалков. Во документот по првпат се открива вистинскиот сопственик на фирмата „Ексико“. Никој не претпоставуваше дека тоа е Александра Мијалкова. 

„Кон крајот на истражната постапка (декември 2021 година), врз основа на прибраните вербални и материјални докази, беше утврдено дека од 2011 година сопственоста на правното лице ‘Ексико’ ДООЕЛ е пренесена на офшор-компанијата ‘Т и МЈ инвестмент’ од Швајцарија каде што како сопственик се јавува член на семејството на Сашо Мијалков, односно неговата сопруга“, одговорија од Јавното обвинителство за ИРЛ.

На 16 јуни годинава таа била повикана во улога на сведок и лице на кое е пренесен незаконски стекнатиот имот од страна на нејзиниот сопруг. 

Експертската јавност и новинарите со години шпекулираа чија е навистина компанијата „Ексико“. Се спомнуваше Камчев, но многу повеќе Мијалков. Според документите на Обвинителството, се чини дека биле и двајцата. 

Како фирма, „Ексико“ секогаш постоела само на хартија. Немаше канцеларии ниту службена адреса ниту, пак, се знаеше чија е. Тоа е така затоа што „Ексико“ е отворена во држава во која сопствеништвото на фирмите не е јавно. „Ексико“ во текот на повеќе од една деценија служи за да отвора или да купува други фирми. 

Историјата на „Ексико“ ги објаснува и улогите на поранешните побратими во создавањето на бизнис-империјата. Јордан Камчев ја познавал финансиската индустрија и имал цела инфраструктура од експерти и адвокати кои знаеле каде и како да отвораат фирми и да преместуваат пари. Сашо Мијалков има неограничено влијание: неговиот братучед е премиер, кумот на братучедот е министер за финансии, а самиот тој е шеф на тајната полиција. Ова моќно трио речиси десет години ги контролираше сите власти и преку буџетот и преку механизмите на тајната полиција. Експертите уште во 2006 предупредуваа дека овие врски се многу силни и со текот на времето генерираат огромна финансиска моќ. 

Отворање на параванот 

Вистинскиот сопственик на фирмата „Ексико“ успешно се прикриваше од македонските институции 21 година. Прв сопственик од 2001 до 2008 година е компанијата „Дела инвестмент“ од Белизе. Ја презема „Калвус“ ЛЛЦ од Албени во Њујорк сè до 2011 година, кога „Ексико“ ќе ѝ ја продаде на швајцарската офшор-фирма „Т и МЈ инвестмент“. 

Медиумското внимание го добива во 2014 година, кога влегува меѓу 20-те најпрофитабилни фирми со добивка од девет милиони евра. Дејноста ѝ е да откупува удели во добро етаблирани македонски компании. Овие промени во бизнис-секторот често беа следени со обвинувања за непријателско преземање – наоди што никогаш не беа истражени од надлежните правосудни институции. Подоцна фирмите на „Ексико“ добиваа тендери, државно земјиште, субвенции и други ексклузивни зделки од тогашната влада на Никола Груевски. 

Неколку новинари во земјава повеќе години бараа докази за имотот на поранешниот државен службеник од кариера. Еден од нив е и Александар Димитриевски од „360 степени“. 

Тој во 2016 година ќе го посети градот Лугано, во обид изворно да добие повеќе информации за една од најуспешните македонски фирми со таинствен сопственик. Но, попусто. Швајцарскиот систем е скроен да биде непробоен за информации. 

„Во Швајцарија открив дека фирмата мајка на ‘Ексико’, која се вика ‘Ти МЈ инвестмент’, не само што нема деловни простории туку нема ниту обично поштенско сандаче. Таа беше регистрирана на адреса со стотици други фирми, наводна трговска комора, каде што успеав да влезам, но откако се претставив не бев удостоен со средба, напротив, бев замолен веднаш да си заминам“, раскажува Димитриевски. 

Необичен подарок

Во случајот „Империја“ обвинети се десет лица. Според хиерархијата и кривичните дела, двоецот Камчев и Мијалков се двајцата првоосомничени. Другите се во улога на извршители и помагачи. Судската постапка досега заврши само за петмина, со пресуда врз основа на спогодба. 

Прв со обвинителката Лиле Стефанова се спогоди Јордан Камчев. Тој во предметот „Империја“ влезе како обвинет за затајување данок во периодот од 2004 до 2006 година. Доби една година затвор и во буџетот врати пет милиони евра. Камчев е човекот и кој ја открива и долго чуваната тајна: кој е вистински сопственик на „Ексико“. Тој до Обвинителството доставил документи дека Александра Мијалкова во 2011 година од него примила необичен подарок – уделот во сопствеништвото откако тој ѝ го подарил. 

„Во мај 2011 година сведокот соработник на правдата Јордан Камчев уделот на офшор-компанијата ‘Калвус’ ЛЛЦ, без да прими каков било противнадоместок, ѝ го пренел на офшор-компанијата ‘Т и МЈ инвестмент’ од Швајцарија, на која вистински сопственик била Александра Мијалкова, сопруга на осомничениот Сашо Мијалков“, пишува во спогодбата со Сашо Мијалков која ИРЛ ја доби согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Освен Камчев, сведоци соработници на правдата во предметот против Мијалков се и бизнисменот Александар Ивановски, познат како Теранова и Ненад Јосифовиќ, кој е вработен во фирмите на Камчев. 

„Лицето наведува дека е балетски уметник, од 1992 година вработена во Националната опера и балет и освен приходите од плата немала други приходи. Таа била основач со 100 отсто од уделите на правното лице ‘Т и МЈ инвестмент’ кое, пак, било краен сопственик на ‘Ексико’ и на кое бил пренесен имотот што е предмет на конфискација во предлог-спогодбата, но таа на никаков начин не учествувала во управувањето на фирмата ниту, пак, дала противнадоместок за неговиот имот“, пишува во спогодбата.

На прашање на ИРЛ зошто и Александра Мијалкова не е предмет на истрага, оттаму одговорија дека нема индиции што укажуваат дека преостанатиот имот што е во нејзина сопственост треба да биде предмет на истрага. 

„Во текот на постапката Обвинителството не обезбеди докази врз основа на кои би се отворила или проширила постапката и за ова лице, но не е исклучена можноста доколку Обвинителството прибави нови докази кои упатуваат на противправно стекнат имот да отвори постапка“, велат од Обвинителството.​

Камчев минатиот месец ја одлежа затворската казна од една година и сега е слободен човек. Мијалков доби три години затвор и во тек е конфискација на имот во вредност од 36 милиони евра, колку што според вештачењето на Економскиот факултет од Скоопје, незаконски се збогатил во време додека беше директор на УБК од 2006 до 2015 година. 

Случајот беше затворен со пресуда врз основа на спогодба меѓу обвинителката Лиле Стефанова и Сашо Мијалков.

За кривичното дело прикривање на потеклото на несразмерно стекнат имот предвидена е затворска казна од шест месеци до пет години. Мијалков доби казна затвор од три години. 

Во Централниот регистар вистинскиот сопственик на „Ексико“ и натаму се држи во тајност. Александра Мијалкова не е именувана во официјалните документи.

Наместо рушење, договор со „Империјата“

Анализата на доказите на Обвинителството и на колекција од јавно достапни податоци од регистрите на компании и недвижнини, документи од Антикорупциската комисија и архиви од медиумски известувања отвора сомнежи за квалитетот на правдата. Истовремено, ги легитимираат јавните критики дека системот, законите и заробените институции го промовираат таканаречениот „исплатлив криминал“. 

Случајот „Империја“ на некој начин требаше да ја пресече „главата на ламјата“ и да послужи како конечно предупредување за сите оние што ќе ги киднапираат институциите за своја лична корист. Јавноста не беше воодушевена од правниот третман што го добија двајцата актуелни бизнисмени. Додека траеја процесите против нив во овој и други случаи од поранешното СЈО, и двајцата имаа обиди за бегство, а ги следеа и обвинувања за поволен притворски третман. 

Анализата на доказите покажува две важни работи: предмет на истражување и на конфискација бил единствено имотот на Мијалков што е опфатен во „Империја“, а не и преостанатиот имот што го опфаќа периодот по мај 2015.

Дел од овој имот е под хипотека во банки или, пак, правото на сопственост е пренесено на правни или физички лица. Од Обвинителството велат дека тоа не било пречка да го конфискуваат имотот што е незаконски стекнат. 

„За дел од оптоварениот имот хипотеките се многу постари, дел се исплатени, но, како и да е, доколку делумно или целосно не е можно извршување на конфискацијата на имотот, таа ќе се спроведе со конфискација на друг имот на осудениот што одговара на неговата вредност“, велат од Обвинителството.

Од Агенцијата за управување со одземен имот одговорија дека имотот што е предмет на конфискација веќе е преземен и во тек е промена на сопственоста во Катастарот.

„Целокупниот недвижен имот за кој е предвидена мерка конфискација со пресудата е конфискуван и е пренесен во сопственост на Агенцијата од кој на две од пренесените недвижности е запишана хипотека. По пренесувањето на имотот во сопственост на Агенцијата до Министерство за правда – Биро за судски вештачења, се доставува барање за процена. По добиените процени, се пристапува кон продажба на недвижниот имот согласно законски пропишана процедура“, ни одговорија од Агенцијата за управување со одземен имот.

Платите чиновнички, имотот милионски

Платата на Мијалков за деветте години додека е во УБК му изнесува 81 214 денари и плус додаток на плата кој во просек месечно е 36 902 денари. Или вкупно во евра 1920 евра месечно. Во текот на една година како плата добивал 23 040 евра или за девет години заработил 207 360 евра. Разликата со незаконски заработениот имот што му беше откриен во случајот „Империја“ изнесува 35 792 640 евра. 

Неговата сопруга Александра Мијалкова, како што самата изјавила во Обвинителството, цел работен век е балерина и нема дополнителни приходи. Платата на нејзината позиција примабалерина во Македонската опера и балет која ја имаше повеќе од две децении е околу 70 000 денари.

Со склучување на спогодбата на Мијалков треба да му се конфискува имот во вредност од 36 милиони евра, за кој истрагата докажала дека не го пријавил за време на функцијата и е стекнат со пари од незаконски извори. 

Споредба меѓу законските примања на Мијалков како директор на УБК, и имотот кој незаконски го стекнал.

Кривичниот суд Скопје и Јавното обвинителство го одбија барањето доставено од ИРЛ за увид во вештачењето за случајот „Империја“ што го направи Економскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Образложението беше идентично: „Случајот е завршен само за тројцата обвинети кои признаа вина и склучија спогодби. Постапката за другите обвинети сè уште е во тек и нема епилог“. 

ИРЛ мораше да се потпре на податоците од спогодбата со цел да направи анализа на вредноста на конфискуваниот имот. 

Се спогодил со кеш-кредит од Комерцијална банка, жирантот е тајна

Според спогодбата склучена меѓу обвинителката Лиле Стефанова и Сашо Мијалков, дел од имотот не било можно да биде конфискуван и за утврдената противвредност Мијалков компензирал со пет и пол милиони евра кеш-пари од сметка во Комерцијална банка. 

Имотот што нема да се конфискува е удел од 46 проценти во хотелот „Мериот“ кој е проценет на 3,5 милиони евра. Потоа куќа на Водно во вредност од 950 000 евра и акции во ЗК „Пелагонија“ и во „Бетон“ од Штип. Овој имот не може да се конфискува бидејќи куќата и хотелот се под хипотека, а акциите од двете компании се веќе отуѓени. 

Нивната вредност е проценета на 5,5 милиони евра.

Според информациите на ИРЛ, Мијалков откако се спогодил за вредноста на имотот што не може да се конфискува подигнал кредит од Комерцијална банка. Жирантот што гарантирал враќање на кредитот е деловна тајна. 

Дел од овој имот е под хипотека во банки или, пак, правото на сопственост е пренесено на правни или физички лица. Од Обвинителството велат дека тоа не било пречка да го конфискуваат имотот што е незаконски стекнат. 

„Ексико“ на Сениор, „Бест веј“ на Јуниор Мијалков

Кога си оди од позицијата во 2015 година, неговиот постар син, Јордан Мијалков, веќе е полнолетен. На заминување на негово име таткото пријавил дека поседува возило „џон купер“ вредно 10 000 евра. На име на сопругата навел дека поседува имот, но не е евидентиран во анкетниот лист. 

Александра Мијалкова повеќе не е активна балерина, таа е вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Постариот син, Јордан Мијалков, е сега најбогатиот во семејството. Тој е сопственик на неколку фирми и го води семејниот бизнис. 

Семејството Мијалкови на балетска претстава во Македонската опера и балет. Лево Сашо Мијалков, средина Јордан Мијалков напред и неговиот брат Александар Мијалков позади. (Фото: М.Златевска, СДК.МК)

Во септември 2015 година, Јордан Мијалков, влегува во бизнисот. Ја формира фирмата „Бест веј инвестмент“ која во следните години прераснува во централна фирма во империјата на семејството Мијалкови.

Додека против Сашо Мијалков се поднесуваат обвиненија за случаи што ги отвори СЈО, надвор од фокусот на институциите е неговото семејство. „Бест веј инвестмент“ формира нови фирми или купува удели во други компании. Оваа компанија се јавува како сопственик во „Дивелоп груп“, „Макс бет“, „Софија градба“, „Омпетрол оил“ и „Медикал хаус“. Поседува дел од хотел на Водно, бензински пумпи и резервоари за гориво и хотелот „Мериот“.

„Дивелоп груп“ е контроверзна компанија чија сопственичка структура долго време беше заплеткана во мрежа на познати македонски и непознати оф-шор компании. „Бест веј инвестмент“ уделите во „Дивелоп груп“ ги купува од „Орка холдинг“, компанија во сопственост на Јордан Камчев, во 2018 година. Еден од поранешните сопственици на „Дивелоп груп“ од 2008 година е и компанијта „Ексико“ која се наоѓа во центарот на случајот „Империја“ за Сашо Мијалков.

„Дивелоп груп“ за прв пат на македонската јавност ѝ стана позната откако ја подигна стаклената зграда на скопскиот плоштад која во 2011 ја продаде на македонски Телеком за 16 милиони евра. Компанијата истата година го купува земјиштетот на другата страна од плоштадот каде го гради хотелот „Мериот“. И уште едно земјиште од 15 илјади метри квадратни покрај брегот на охридското езеро, во близина на хотелот „Инекс Горица“, кое се уште стои неизградено. Во 2012 година „Дивелоп груп“ се стекнува и со празен плац од 23 илјади метри квадратни во Гевгелија во близина на граничниот премин Богородица, спроти казино хотелот „Принцес“.

Обвинителството вредноста на уделите на Сашо Мијалков во „Дивелоп груп“ преку компанијата „Ексико“, кои беа предмет на спогодбата, ги процени на 3,5 милиони евра. Вредност која Мијалков ја плати во форма на пари спрема државата. Но, преку „Бест веј инвестмент“, неговиот син се уште останува сопственик на хотелот „Мериот“ и останатиот имот кој го поседува „Дивелоп груп“ вреден десетици милиони евра.

Во април годинава, САД им воведе санкции на Сашо Мијалков и на неговиот братучед, поранешниот премиер Никола Груевски. Американското Министерство за финансии и Стејт департментот донесоа одлука да ги замрзнат сите нивни финансиски средства во странство. Директорот на управата за финансиско разузнавање Блажо Трендафилов тогаш изјавуваше дека македонската влада истовремено може да донесе одлука да примени и мерки врз фирми и имот кои ги поседуваат во земјава.

Мијалков е обвинет во шест случаи на СЈО. Правосилна е само спогодбата за „Империја“. Во случајот „Тортура“ е ослободен од вина, другите случаи не се правосилни и веќе се на пат да застарат.

ИРЛ побара средба со Мијалков во затворот во Струга, но тој одби да се сретне со новинарите. Безуспешен беше обидот и за одговори од неговата сопруга Александра Мијалкова.

Корекција 13.12.2022

Мапата со визуелизација на имотот на семејството Мијалков беше корегирана во вторник 13.12.2022 во 13 часот откако сопственикот на хотелот Панорамика, компанијата „Рио кафе“, пријави грешка. Мијалкови преку компанијата „Бест веј инвестмент“ се сопственици на апартмани и станбен просто во објектот каде се наоѓа хотел „Панорамика“.

Поврзани стории

(ДОКУМЕНТИ): Како кумот на Груевски со Камчев и Мијалков и партиски пари си пазареа приватен плац на Водно
Богдановиќ ја фрли првата лопата на Водно и го отвори патот до плацевите на Камчев и Ексико
Тајниот план на Груевски за македонски офшор се правел со лондонска фирма која перела пари за Иран
Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.