Press "Enter" to skip to content

Маски со лажни сертификати за заштита од корона завршиле низ болниците во Македонија, ОЛАФ води меѓународна истрага

Најмалку седум јавни здравствени институции набавиле маски кои имале лажни и невалидини сертификати за квалитет и се под истрага на Европската канцеларија против измами ОЛАФ. Маските биле кинески, а институциите ги набавиле на тендер. Трите македонски компании ги увезле, купиле и продале спорните маски од типот КН95 се „Др Пановски АД“, „Систина Фармација“ и „КМ Маријан“. Агенцијата за лекови „МАЛМЕД“ не вршела проверки на квалитетот на увезената заштитна опрема затоа што немале таква надлежност, но тие, сепак, им издавале одобрeнија за увоз.

Репортери: Александра Денковска, Давид Илиески, Аубри Белфорд
Дополнително известување: Ола Вестерберг, Матео Чивилини
Уредник и координација со партнери: Сашка Цветковска
Графика: Един Пашовиќ

Партнери: OCCRP, Bayerischer Rundfunk / ARD (Germany), the Danish Broadcasting Corporation (Denmark), Sveriges Television (Sweden), IrpiMedia (Italy), Follow the Money (Netherlands), De Tijd (Belgium), RISE Romania, Oštro (Slovenia), Eesti Päevaleht (Estonia), Profil (Austria), Slidstvo.Info (Ukraine), Atlatszo.hu (Hungary), Público (Portugal), Reporter.lu (Luxembourg) and Siena.lt (Lithuania)

Пандемијата на вирусот КОВИД-19 ги начека неподготвени здравствените институции во светот. Со недоволна залиха на средства за дезинфекција и лична заштитна опрема, владите беа во паника од каде да набават доволна количина на заштитни опрема за да можат да ги заштитат граѓаните и здравствените работници во своите држави.

Директорот на Здравствениот дом Скопје, Виктор Исјановски раскажува дека не било лесно да се дојде до заштитна опрема.

„Најважно ми беше да најдам маски, особено за Првата помош чии што тимови се во првата брана на изложеност“, вели тој.

Исјановски бил задоволен кога стигнала пратката со 1,000 маски од брендот КН95, златниот стандард за маска која ги филтрира и најситните воздушни честитчки, меѓу кои и оние од коронавирусот. Маските пристигнале со сертификати со ознака CE – претпознатлив симбол за европски квалитет и потврда дека производот ги исполнува европските стандарди за квалитет. Ги набавиле од „Систина Фармација“.

ИРЛ испрати барања за пристап до информации од јавен карактер до 64 јавни здравствени установи, од кои 33 здравствени домови, 31 универзитетска клиника и до Јавната установа од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи универзитетски клиники, завод и ургентен центар и Министерството за здравство кое не одговори на нашето барање.

Барањата беа фокусирани со цел тимот на новинари да може да лоцира кои се производителите на личната заштитна опрема која ја користат здравствените работници во јавните здравствени установи.

Во предвидениот рок од 20 дена за одговор на овие барања добивме вкупно 34 одговори од здравствените установи. Поради фактот што во почетокот на пандемијата голем број од ЈЗУ се соочиле со недостаток на лична заштитна опрема, голем дел гледале само да добијат некаква заштитна опрема со која ќе можат да ги заштитат здравствените работници. Не се барале сертификати кои го докажуваат квалитетот на опремата, а ретко кој барал и исполнување на некаков стандард.

„Бевме принудени да набавиме лична заштитна опрема за вработените од добавувачите кои во моментот располагаа со количини и видови на заштитна опрема која ни беше неопходна за да ги заштитиме нашите здравствени работници и соработници кои се наоѓаат во првите редови во борбата со КОВИД-19. Поради итноста на состојбата со која се соочивме не побаравме сертификати бидејќи ни тврдеа дека ги имаат и може да ни ги достават во секое време“, ова е одговорот кој ИРЛ го доби од Здравствениот дом во Кичево.

Идентична била и ситуацијата во Здравствениот дом во Велес, во Ресен и во многу други установи. Речиси никој не барал сертификати за квалитет оти тие добивале документација од компаниите со одобренија за увоз од Агенцијата за лекови и медицински средства „МАЛМЕД“.

Она што набавувачите не го знаеле е дека „МАЛМЕД“, вусшност, не правеле никакви проверки за квалитет, а и немале надлежност да издаваат одобренија за увоз за заштитна опрема, туку само за медицински материјали и лекови.

„Немав во што да се сомневам, маските имаа и одобрение за увоз од Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД. Ако МАЛМЕД дале одобрение за увоз, ние им веруваме на МАЛМЕД“, вели Исјановски во разговор со ИРЛ. 

Истражувачката репротеска лабораторија заедно со партнерите од мрежата од Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција откриваат дека Европската канцеларија против измами води меѓународна истрага за вмешаните во бизнисот со заштитна опрема кои што ги фалсификувале или ги издавале овие сертификати.

Маските набавени од „Др. Пановски АД“, „Систина Фармација“ и „КМ Марјан“ се набавени од пет различни кинески фирми и истите имале лажни или невалидини сертификати. Истите биле дистрибуирани во дузина европски земји. Во секоја од нив, оние кои ги набавиле верувале дека тие се веродостојни. Истрагата во моментов не ја опфаќа Македонија.

Пановски и КМ Марјан со лажни и невалидни сертификати, а меѓу посредниците и вмешани во аферата „Телеком“

Една од фирмите чии сертификати се предмет на истрага во ЕУ е италијанската компанија за сертифицирање „Ente Certificazione Macchine (ECM)“. Сертификтите на маските увезени од „КМ Марјан“ и „Др Пановски“ ги имаат овие сертификати. Италијанската компанија, која е основана во 1999 година има дозвола за сертифицирање на индустриски машини, радио опрема, лифтови и медицинска опрема, но не и дозвола за сертифицирање на лична заштитна опрема.

Предупредување за ова дојде и од Американската агенција за храна и лекови, која ги предупреди институциите и граѓаните во Соединетите американски држави дека ЕЦМ не е овластено тело за издавање сертификати за лична заштитна опрема.

Пример за сертификат од ЕСМ

Репортерите на ОССРП успеаја да најдат докази дека иако оваа компанија во април годинава била официјално санкционирана од Италијанското акредитационо биро, продолжила со својата пракса да издава сертификати кои ги доведуваат во заблуда потрошувачите. За ова, имало и известување на веб страницата на Европската федерација за безбедност. Известувањата постојано се обновувале од ден на ден, со секој нов пронајден сертификат, а се чини дека македонските институции воопшто не ги следеле.

Дел од маските на „Др Пановски АД“ како и оние на „КМ Марјан“ добиле невалиден сертификат од италијанската фирма која што немала дозвола да ги издава. За истите, не може да се тврди дали се квалитетни или не, туку само дека фирмата која што ги сертифицирала немала таква надлежност.

„Маските стигнаа во нашата земја без никаков проблем и ги поминаа сите регулативи. Ние и самите ги користиме за заштита. Стоиме на располагање да го испитаме квалитетот на маските кои ги продаваме доколку ни посочите Вие, или било која институција, орган каде може да се направи контрола на квалитет. Доколку некако сме биле изманипулирани во некаков интернационален ланец, нашата компанија ќе преземе соодветни правни мерки“, велат од КМ Марјан. 

Пановски набавил маски од друг производител кои имале невалидни и лажен сертификат. Маските биле од три различни кинески производители со сертификати од ЕЦМ, кај две од фирмите сертификатите биле само невалиди, а кај третата сертификатот бил фалсификуван. За оваа фирма американската Агенција за храна и лекови ја повлекла согласноста за упореба на овие маски.

Според процедурата посредникот го доставува сертификатот до македонската фирмата која ги купува маските.

Станува збор за компанија посредник од Германија која што кинеските маски им ги продала ним, а тие потоа на државните институции. „Deumak trading & consulting“ е фирма регистрирана во 2005 година во градот Штернберг. Основач на оваа фирма е Македонецот Беким Земоски кој од поранешниот разузнавач Слободан Богоевски во сведочењето во судот во Њујорк беше посочен како човекот кој ги трансферирал парите во случајот Маѓар – Телеком. Сега сопственици на оваа фирма се дваесет и еден годишниот Ален Земоски и дваесет годишната Лаура Земоска.

Во разговор со ИРЛ германската фирма тврди дека тие не знаеле дека овие сертификати се лажни или невалдини.

„Сертификтите ги обезбеди кинеската фирма, немавме причина да се сомневаме, а овие набавки беа направени во март кога беше тешко да се дојде од потребната заштитна опрема”, велат од „Деумак Трејдинг“.

Јован Пановски, директор во „Др Пановски АД“, вели дека одобрението од МАЛМЕД го добиле за 150.000 маски, а набавиле само 18-20.000 маски.

„Откако ја добивме првата испорака на маските кои ги порачавме од компанијата „Dongguang HuanGang technology“, поради лошата амбалажа ја стопиравме таа испорака на маските. Маските се набавени на крајот на март, голем дел се донирани, а веќе јавивме и кај оние кои ги купиле маските. Кажавме дека сертификатот кој е добиен од Кина, најверојатно е фалсификат“, вели Јован Пановски.

Пановски дел од овие маски ги продал во здравствените установи по цена од 150 денари без ДДВ за една маска.

Примерок од маските кои „Др. Пановски АД“ ги увезувале од фирмата „Guangdong HugeBase Technology Management“

Сертификатот на Систина потпишан од извесен Тоби без презиме

Од „Систина фармација“ велат дека воопшто не забележале дека нешто не е во ред со сертификатот, дури иако на него не пишува кому му е издаден. А овластеното лице кое е потпишано на сертификатот, нема ниту презиме.

„Нашите документи ги приложивме во МАЛМЕД и со нив добивме одобрение за увоз и ги увезовме маските. По ова немаше никаква причина ние да правиме дополнителна проверка на документите, кога веќе поминале во МАЛМЕД“, велат од „Систина Фармација“.

„Систина фармација“ маските ги увезла од „Унитекс Интл Форвардинг компанија регистрирана во Кина. На Здравствен дом Скопје им продала 1.000 маски за 312 денари без ДДВ за една маска.

Од почетокот на пандемијата, Европа стана преплавена од милиони парчиња од лажна, субстандардна или, пак неверификувана лична заштитна опрема, но и други медицински уреди како КОВИД тестови. Сето ова, според истражните европски органи со кои што OCCRP и партнерите стапија во контакт, може да ги загрози животите на оние кои ги користат.

Примерок од маските кои „Систина фармација“ ги увезувале од „Unitex INTL Forwadring“ Хонг Конг

МАЛМЕД паднати од Марс

Набавката на овие маски кои со невалидни сертификати биле внесени во нашата држава и притоа не биле самостојно тестирани од нашите институции не значи дека се неквалитетни или пак дека не ги исполнувааат стандардите, но гледајќи што се случувало во државите на ЕУ, секако дека постои ваков сомнеж. Во април холандските власти уапсиле човек кој наводно им продавал лажни и небезбедни маски на здравствените работници, а за опремата користел лажни сертификати од „EЦM“.

Дел од забуната која настанала во Македонија е сивата зона на надлежности на Агенцијата за лекови „МАЛМЕД“ и здравствените институции кои ги спроведувале набавки.

Новнинарите на ИРЛ беа на средба со директорката на агенцијата за лекови, Висара Риза. Таа на средбата посочи дека агенцијата не е надлежна да ги издава одобренијата за увоз за маски кои не се категоризирани во класа I медицински средства, односно маските КН95. Но, поради процедурална грешка во системот, вакви решенија биле издадени на веледрогериите кои аплицирале за одобрение во МАЛМЕД. Иако агенцијата не е надлежна и поради тоа не ја проверила документацијата.

Кога испративме официјални прашања до агенцијата за лекови, од таму се оградија од одговорноста, префрлајќи ја вината на Царинската Управа и Министерство за економија.

„Во врска со увозот на маските, тарифирањето на сите производи го врши Царинската Управа заедно со Министерство за економија и изготвува водич за царинење и истото не е во надлежност на Агенцијата за лекови и медицински средства. Агенцијата за лекови и медицински средства постапува согласно поднесените барања за увоз во ЕКСИМ едношалтерскиот царински систем“, се вели во одговорот на „МАЛМЕД“.

На прашањето зошто МАЛМЕД дава дозвола за увоз на маски КН95 кога не е надлежна за тоа, тие само повторно посочија дека се единствено надлежни за маски кои не се категоризирани во класа I медицински средства. И одбија да кажат зошто и покрај тоа издаваат одобренија за увоз.

ИРЛ испрати прашања и до Министерството за здравство, но од таму не добивме никаков одговор.

Според ова ниту една институција во државата не е надлежна да го провери квалитетот на овие маски и сертификатите кои доаѓаат со нив. Во европските држави самостојните тестирања за квалитет кои што се јавиле како потреба по написи во медиумите или пријави од корисници, токму институциите како „МАЛМЕД“ ја преземале обврската да го испитаат квалитето во соработка со други здравствени институции. На пример, во случајот со рапид тестовите за КОВИД кои даваат несигурни дијагнози, „МАЛМЕД“ иако беше во постојана комуникација со ИРЛ и партнерите, не презема никакви чекори да го провери квалитетот и веродостојноста, иако имаше податоци за можни злоупотреби. За разлика од Македонија, во Холандија, Шри Ланка, Германија, Италија и САД, ова се направи веднаш по објавувањето на меѓународнота приказна на која работеше ИРЛ со партнерите.

Одобрение за увоз издадено од „МАЛМЕД“

Потенцијални опасни маски, легално безвредни сертификати

Овие документи се продаваат од европски компании, меѓу нив и такви со долга историја во индустријата за безбедност на континентот. Тавките сертификати може да чинат и по десетици илјадници евра. Понекогаш, дури и оние кои ги купуваат се несвесни дека овие сертификати во реалноста немаат никаква легална вредност.

„Најголемата замка е што истите го прикажуваат знакот „CE“ или ултимативната асоцојација за потврден европски квалитет. Дури кога ќе стигнете до ситните букви ќе видите дека пишува дека истиот знак не значи одобрување на продуктот и не е наменет како задолжителен документ со правна вредност“, вели Дорте Кардел, консултант во областа од државата Данкса. 

Мнозинстовото од овие документи низ цела Европа се издадени од италијанста фирма ЕЦМ од Болоња.

„Скоро сите во Кина кои произведуваат маски ја користат италијанската ЕЦМ. Тие не се валидни или невалидини, туку тие се пред-сертификати. Со цел да се добие реален сертификат, потребно е многу повеќе време, вели Јустас Версникас”, Генералниот директор на компанијата Деламод Балтикс од Литванија.

Во Литванија, војската која што ги користеше нивните маски ги откажа сите набавки откако фотографиите на репортерите кои им беа доставени со нашите прашања покажаа дека не станува збор за пред-сертификат туку тие имаат ЦЕ лого испринтано на нив кое што ги идентификува како тело кое издало реален сертификат. ЕЦМ јавно изјави дека нивниот ЦЕ код не бил прописно поставен на одреден марки.

Во Шведска, државата направи независни тестирања на КН95 маските кои што го преплавија европскиот пазар, како и на други заштитни средства. Целта беше да се докаже дали истите го загрозуваат јавното здравје. Тие открија дека овие маски не ги исполнуваат минималните стандарди за филтрација на честички и целосниот квалитет во повеќе од половина од произвоите на тамошниот пазар.

ОЛАФ повлече повеќе од половина од ваквите производи, истрагата уште трае

„Европската Ангеција против измами ОЛАФ, како и националните истражни институции од земјите членки на ЕУ во моментов ги истражуваат лажните сертификати“, вели директорот на ОЛАФ, Виле Итала.

Милиони маски придружувани од вакви сертификати веќе се запленети во дел од ЕУ земјите.

„Продуктите кои се придружувани од лажни сертификати можат да бидат неефикасни па дури и погубни за здравјето. Тоа не ги загрижува само индивидкувалните корисници, туку и институциите во здравството и домовите за нега на стари и болни лица кои често ги гледаме како примарни добавувачи“, вели директорот на ОЛАФ.

Коцкање со животи

Во коренот на проблемот е судирот на комплексните ЕУ регулативи за безбедност и здравје со неочекуваната глобална здравствена криза.

Според ЕУ правилата, респираторните маски и друга опрема за заштита мора да исполни одредени строги станарди. Истите се верификуваат од приватни компании со дозвола од Европската комисија чиј што мандат е да ги надгледуват овие продукти кои влегуваат на европскиот пазар.

Но, кога пандемијата ја пресретна Европа, многу од набавките се правеа од лица и институции кои немаат никакво исксутво во набавки на вакви производи и многу мало познавање на сложената европска регулатива. Па така, се купуваа и маски кои не се медицински, туку индуструски и се користат во тешката индустрија каде што се шират отровни воздушни честички.

„Како што може да претпоставите, секој кој што сакаше да заработи набрзина ја зграпчи можноста, па така од средината на март наваму, бројот на примери и поплаки кои ги добивавме од парнтерските институции низ земјите во Европа едноставно стана лудо”, вели Хенк Ванхојте, генерален секретар на Европската федерација за безбедност (ЕФБ), европско тело коие што ги претставува компаниите кои произведуваат, увезуваат и дистрибуираат заштитна опрема.

Според Ванхојте, сето ова доведе до тоа институциите да набавуваат продукти со фалсификувани документи. Од почетокот на пандемијата ЕФБ објавува листа на компании за кои што се верува дека користеле спорни сертификати.

Сето ова не значи дека секоја ваква опрема е со дефекти. Во одредени случаи, производителите несвесно ги земале сертификатите и непотребната документација иако истите и без нив ќе ги поминеле тестовите за безебсност и квалитет.

Но, во Македонија никој не тестира ниту проверува квалитет.

Сертфикати на КН95 маските кои ги увезле „Систина Фармација“, „Др Пановски АД“ и „КМ Марјан“

„Dongguan HuaGang Communication Technology Co., Ltd.“ – Увозник: „Др Пановски АД“
„Qingdao Schmiel Medical Equipment Co. Ltd.,“ – Увозник: „Др Пановски АД“
„Dongguan Zmiao Health Technology Co., Ltd“ – Увозник: „Др Пановски АД“
„Unitex INTL Forwarding LTD“ – Увозник: „Систина Фармација“
„Chang Zhou Tiantian Ai Medical Device“ – Увозник: „КМ Марјан“

Интернационлна сторија
#CertifiedFakes

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.