Press "Enter" to skip to content

Македонската компанија „Сајтрокс“ заврши и на листата на санкции од Министерството за финансии на САД

Македонската компанија „Сајтрокс“ заедно со уште четири други фирми и две физички лица кои биле клучни овозможувачи за развивање на шпионскиот софтвер „Предатор“ се ставени под санкции од страна на Министерството за финансии за контрола на странски средства од Соединетите американски држави (ОФАК). Ова е втора санкција од САД за „Сајтрокс“ откако лани заврши и на црната листа од Министерството за трговија. Шпионскиот софтвер „Предатор“ го продаваше израелската софтверска компанија „Интелекса‘, а нелегално се развивал и продавал од Скопје. Со „Предатор“ се следеле комуникациите на владини функционери, новинари, експерти, но и на невини луѓе во повеќе земји низ светот.

Известува: Лила Караташева

Денеска на листата на санкции на Министерството за финансии за контрола на странски средства од САД, освен македонската компанија „Сајтрокс“ се најдоа и компанијата „Интелекса С. А“ од Грција, двете компании од Ирска „Интелекса Лимитед“ и „Талестрис Лимитед“ и унгарската компанија „Сајтрокс Холдинг“. Двете физички лица кои ќе бидат под санкции од САД се Тал Џонатан Дилијан кој е основач на конзорциумот „Интелекса“ и Сара Александра Фајсал Хаму која е корпоративен специјалист за офшор компании и која обезбедувала менаџерски услуги за конзорциумот „Интелекса“.

Сите физички и правни лица биле поврзани со конзорциумот „Интелекса“ и имаат значајна улога во развојот, работењето и дистрибуцијата на комерцијалната технологија за шпионскиот софтвер „Предатор“ со кој се таргетирале и владини претставници на САД. Оттаму сметаат дека комерцијалниот шпионски софтвер претставува посебен и растечки безбедносен ризик за САД кој бил злоупотребен од странски актери. Со помош на софтверот се прекршиле човековите права на повеќе граѓани низ светот за репресија и одмазда.

„САД остануваат фокусирани на воспоставување јасни заштитни огради за одговорен развој и употреба на овие технологии, истовремено обезбедувајќи ја заштитата на човековите права и граѓанските слободи на поединците ширум светот“, изјави потсекретарот на Министерството за финансии за тероризам и финансиско разузнавање од САД, Брајан Е. Нелсон.

Во април, минатата година истражувањето на тимот на ИРЛ и новинарите на Инсајд стори од Грција откри како шпионскиот софтвер „Предатор“ се правел во Скопје, додека надлежните институции замижувале. Документите до кои дојдоа новинарите открија дека компанијата „Сајтрокс“ од Скопје уште во 2017 годинапријавила дека планира да произведува шпионски софтвер кој ќе го извезува.

Со компанијата „Сајтрокс“ управувал Иво Малинковски кој по напуштањето на управувачката позиција во семејната винарија Камник, во 2017 година станува дел од неколку технолошки старт – ап компании чија цел е развивање на софтвери меѓу кои и озлогласениот „Предатор“.

Три месеци подоцна, истите компании завршија и на црната на листа на Бирото за индустрија и безбедност при Министерството за трговија од САД. Оваа одлука е донесена по низа скандали кои повеќе од една година се ширеа низ Европа и светот откако се откри дека компаниите произведувале и дистрибуирале софтвер во земји каде што софтверот се користел за следење на комуникациите меѓу луѓето, но и за следење на нивната геолокација.

Шпионскиот софтвер „Предатор“, може да се инфилтрира низ низа електронски уреди без никакви кликови. Не е потребна ниту интеракција со корисникот за „Предатор“ да може да го зарази уредот. Штом уредот ќе се зарази од шпионскиот софтвер „Предатор“, тој може да се искористи за различни можности меѓу кои и крадење на информации и надзор, неовластено преземање на лични податоци, следење на геолокација и безграничен пристап до различни апликации на компромитираниот уред.

Конзорциумот на „Интелекса“ кој има глобална база на клиенти овозможил „Предатор“ да се рашири низ целиот свет, дури и на авторитарни режими. Од Министерството за финансии за контрола на странски средства од САД велат дека софтверот е распореден од странски актери во обид тајно да се надгледуваат и американските владини службеници, новинари и експерти за политика.

Во продолжение прочитајте ги истражувачките стории на ИРЛ за шпионскиот софтвер „Предатор“:

Шпионскиот софтвер „Предатор“ нелегално се правел во Скопје додека надлежните замижувале

Како класифицирани документи на македонските и грчките разузнавачки агенции завршија во рацете на креаторите на шпионскиот софтвер Предатор