Press "Enter" to skip to content

Кичевска болница: Маратон на лажговци и корумпирани тендери

Кичевската болница е најдолгото политичко ветување на сите министри за здравство од доцните 80ти години. Објектот кој требаше да ги згрижи пациентите од Кичево остана само празно бетонско здание. Последниот договор го склучила фирма од Зајас „Инсталација“ која наплатила 3 милиони евра, но не ги довршиле работите во предвидените рокови. Надзорот над изградбата го вршела компанијата „Евро консалтинг“, во која еден од сопствениците Бранислав Димитријевиќ беше обвинет за измама во Ерменија. Истата компанија врши и надзор врз изградбата на автопатот кој го гради Бехтел и Енка. 

Известува: Дајана Лазаревска; Илустрација: Лука Блажев

Горан Петревски од Кичево бил мало дете кога започнала изградбата на кичевската болница. „Сега имам дете од 17 години и уште не е направена оваа болница“, подналутено коментира Петрески кого го сретнавме во кругот на објектот којшто треба да претставува медицински центар на Кичево. 

Како и многумина кичевчани, и Петрески се чувствува измамен од сите досегашни власти оти ветувањето за нова кичевска болница е старо три децении. „Сите само лажат, лажни ветувања”. 

Граѓаните од Кичево и кичевско повеќе од три децении чекаат нова болница. 

За прв пат проектот за нова болница во Кичево е започнат  далечната 1989, а можеби и 1985 година. Поради неуосгласените или непостоечките архиви на институциите, ИРЛ не можеше да утврди која од овие години го означува почетокот на градењето на најдолгиот проект во историјата на државата. Во меѓувреме, граѓаните мора да се лекуваат во дотраениот и субстандарден медицински центар на кој му недостига основна инфраструктура и опрема. Кичевчани воглавно се задоволни од лекарите во центарот, а реалните пречки да добијат квалитетна грижа ги лоцираат во отсуството на услови и oпрема за достојно, а често и елементарно лекување и дијагностика. 

Фото: Медицински центар во Кичево.

Но, ефектите од негрижата и корупцијата во здравството имаат вистински последици по животот и здравјето на кичевчани. Олга Алексова е една од жртвите на некадарноста на лидерите во здравствениот систем да ги реализираат проектите од клучен јавен интерес.

„Денес ќе бев со два бубрега, а сега сум со еден“, раксажува Алексова којашто е дел од пациентите коишто не можам да добијат навремена дијагностика затоа што постојано се препраќани во Скопје, каде што напливот на пациентие од цела држава едвај може да го издржи скопскиот клинички центар. 

Само во последниве 10 години се променија пет министри за здравство – речиси сите од различни партии. Сите, без изклучок јавно ветуваа завршување на објектот наменет за нова кичевска болница. 

„Започнаа работите на доизградбата на новата Општа болница во Кичево. Верувам дека со вака интензивна работа со која започна втората фаза, за најмногу 18 месеци ќе биде целосно завршен новиот објект”, рече поранешниот министер за здравство Венко Филипче во декември 2021 година. Истото ветување го имал дадено и неговиот татко Илија кога министерувал од 1994 до 1997 година. Идентичното ветување дадоа и неговите колеги кои го наследија – Беким Сали и Фатмир Меџити. 

Објектот наменет за новата болница е речиси изграден, но повеќе години стои празен и неопремен.

Објектот е толку запуштен, што доколку болницата треба да се рестартира, ќе се појават одново веќе еднаш платени трошоци. Од објектот веќе се украдени бакарни кабли за кислород чијашто вредност Министерството за здравство ја цени на половина милион евра. Зградата нема класично обезбедување и покрај тоа што ова не била првата кражба од болницата во изградба. Кога ИРЛ беше во Кичево објектот го обезбедуваше само еден чувар. 

Министерството за здравство не знае колку пари потрошиле за болницата

ИРЛ испрати прашања до Мистерство за здравство во чија надлежност и одговорност е изградбата на кичевската болница. Од Министерството за здравство не знаеја да одговорат колку вкупно пари ги чини гараѓаните овој нереализиран проект, од неговите првични најави во осумдесеттите години на минатиот век. 

Кога ја посетивме неизградената болница, наидовме само на чуварот и на неколку мали кучиња во кругот на објектот обраснтат со трева. Празни ѕидови, недовршени инсталациски работи и остатоци од градежен шут.

Од вкупните трошоци за болницата, министерството за здравство има евиденција за само 9,3 милиони евра. На прашањето на ИРЛ колку оваа незавршена болница досега ги чини граѓаните, добивме увид во договори и анекс на договорите само од 2014 година. Министерството обајснуваше дека договорите од пред десет години е сè што имаат поврзано со изградбата на овој објект и затоа не може да се утврди колку пари од буџетот досега се потрошени. ИРЛ го пребаруваше и Државниот архив, но и во Архивот на Скопје и во регионалното одделение на Архивот во Охрид немаше вакви документи бидејќи никогаш не биле доставени од Mинистерството за здравство. 

Проект за тоа како треба да изгледа болницата во Кичево. Извор: Министерство за здравство

Според договорите на веб страницата на јавни набавки, до сега се потпишани договори во вредност 9,3 милиони евра, со фирмата Инсталација увоз – извоз Исмаил ДООЕЛ од Зајас. Првиот договор со министерството го склучиле во јули 2014 во износ од над 3,3 милиони eвра, кога министер за здравство беше Никола Тодоров, а последниот објавен склучен договор е од јануари 2021, во вредност од над 5,7 милиони евра во време кога министер беше Венко Филипче.

Еден од соработниците обвинет за измама во Ерменија – фирмата тука добила договор од Филипче за надзор и ревизија на кичевската болница

Според достапните податоци, во проектот учество во два наврати земала и фирмата Евро Консалтинг ДОО од Скопје, еднаш како стручен надзор во 2021, а еднаш како ревизор на основниот проект во 2018 година. Тендер за новата кичевска болница добила и фирмата Давос Инвест ДООЕЛ како дел од стручниот надзор на проектот во 2014 година.

Инсталација, фирмата изведувач на кичевската болница, според податоците во централниот регистар е фирма основана кон крајот на 1999 година, а како сопственик се појавува Исмаил Исеини. Оваа фирма според достапните податоци на Бирото за јавни набавки, од 2012 година до сега, преку тендери склучила договори со повеќе државни и јавни институции во вкупна вредност од околу 43 милиони евра. 

За разлика од Инсталација, која не е многу споменувана низ медиумите, за фирмата која врши надзор над изградбата на кичевската болница, фирмата Евро Консалтинг ДОО Скопје се пишувало многу.  Медиумите во септември 2021 година извесутвале за Бранислав Димитријевиќ, еден од сопствениците на Евро Консталтин и неговото бегство од Ерменија по обвинение на Ерменија за кривично дело измама од голем обем. Тамошните власти го обвинуваат за незаконско работење при спроведувањето на проектот патен коридор Север – југ во периодот од 2009 до 2018 година. Евро Консалтинг е позната и по нејзиното учество во конзорциумот што треба да го врши надзор на изградабта на коридорите 8 и 10 на Бехтел и Енка. Во минатото оваа фирма вршела надзор и на голем дел од објектите во криминалниот проект Скопје 2014.

Откако службите исплатиле три милиони евра, Меџити реши да го раскинува договорот и да бара нов изведувач 

На самиот крај на годината, на 11 декември Министерството за здравство потврди дека договорот со Инсталација, фирмата изведувач на болницата, е раскинат, ќе се активира банкарската гаранција и ќе се бара нова фирма да го доврши објектот. 

Инсталација има наплатено пари, но болницата е далеку од готова. Меџити освен раскинувањето на договорот, ќе поднесе и кривична пријава за фирмата од Зајас.  

На само четири дена пред Нова година, министерот Меџити на брифинг со новинарите, даде помалку контрадикторна изјава. Иако во официјален одговор од Министерството за здравство за ИРЛ, стои дека на фирмата Инсталација за двата договори и се исплатени околу три милиони евра, Меџити пред новинарите изјави дека Инсталација десет години не била исплатена и дека државата и е должник.

Видео сторија: Маратон на лажговци и корумпирани тендери 

Ничиј приоритет, ничија одговорност

Изградбата на болницата не секогаш била меѓу приоритетите на владите низ годините, а и кога се градело, како во случајот со тендерот од 2014 година, се ангажирале дубиозни компании – потфрлиле и градителите и надзорот, но отчет за парите никој од надлежните на барал. Во разговор со ИРЛ, поранешниот министер за здравство, Имер Селмани, раскажа дека во периодот кога тој бил министер, од 2006 до 2008 година, објектот не се градел.

„Јас кога дојдов како Министер, тој објект беше започнат објект многу, многу порано и многу години немаше никакви активности. Во периодот 2006 до 2008 година, односно 2007 – 2008 година, таму не се направени градежни активности,” изјави за ИРЛ Имер Селмани кој е лекар и поранешен министер за здравство од редовите на Демократската партија на албанците (ДПА).

Здравство како ресор беше под владение и на Демократската унија за интеграција (ДУИ). Бујар Османи беше министер од 2008 до 2011 година. ИРЛ се обиде да го контактира за да го прашаме зошто кичевската болница не се изградила во текот на неговиот мандат, но до објавување на овој текст тој не одговори на нашите повици и пораки. Ниту поранешниот министер Венко Филипче не сакаше да разговара за кичевската болница и за тоа дали некој барал отчет од изведувачот и надзорот. 

Арбен Таравари, актуелниот претседател на Алијанската за Албанците, ја извршуваше функцијата министер за здравство во првите 100 дена од владата водена од СДСМ во 2017 година. Тој за ИРЛ изјави дека имало застој во работите и разговарал со посочените компании, но потоа брзо ја напуштил функцијата и не знее што се случува во моментов. 

„Не тераа како што треба. Знам дека беа назад со работите. Се видовме со надзорот и изведувачот, побаравме што побрзо да тераат со работа“, рече Таравари. 

Граѓаните се разочарaни и лути на политичарите кои ги лажат со децении. Немаат надеж дека нивниот проблем ќе се реши и дека конечно ќе добијат достоиствен медицински третман во соодветни болнички услови.

 “Катастрофа. Катастрофа невидена е една болница да се гради од осумдесеттите, вели Фери Касани кој е еден од жителите на Кичево којшто се чувствува измамен од државата којашто не може да му обезбеди ниту минимум стандардни за болничко лекување. 

Докторите работат во субстандарни услови

Мединскиот центар во Кичево  или општата кичевска болница, дели простории со Центарот за јавно здравје. Кога ќе влезете во болницата, ве пречекува оштетен под, стари прозорци, клупи и инвентар. Во најстариот објект, како што ја нарекуваат “жолтата зграда”, се сместени специјалистички амбуланти. Низ ходниците каде пациентите чекаат за преглед ќе наидете на стара инсталација и шуштење од струјни кабли. 

Докторите и сестрите ни се жалеа дека има чести електрични споеви поради старата инсталација, па често остануваат без струја. По ѕидовите има флеки од поранешни поплавувања, а по ординациите можеа да се забележат и стари кумбиња за греење.

 

„Ние се трудиме како здравствени работници да излеземе во пресрет на сите барања на пациентите, меѓутоа за жал работиме во субнормални услови, посебно во специјалистичко – консултативниот дел или старата жолта зграда”, објаснува во разговор за ИРЛ директорот на болницата , доктор Станко Трпевски.

Болничкиот кадар брои околу 220 вработени од кои 40 се доктори. Има четири одделенија – хирургија, интерно одделение, педијатрија и гинекологија каде има и лежечки пациенти, а другите се специјалистичко – консултативни односно амбулантски оддели.

“Имаме стари згради, немаме доволно простор, двајца лекари работат во иста амбуланта. Во моментов одделенијата каде што имаме лежечки пациенти, односно кревети, можеби ги задоволуваат стандардите до некаде, меѓутоа работиме во ненормални односно субнормални услови за работа на една здравствена установа.”- oбјансува директорот Трпевски.

Сведоштвата на докторите говорат за лошите услови во кои работат со пациентите. Често се принудени поради лошите услови да ги препраќаат пациентите во околните болници или во Скопје.

“Да, тоа е многу често. Има и дирекно упатување од матичните гинеколози во другите болници, познавајќи ги условите во оваа болница.” – изјави за ИРЛ доктор Владимир Кижески, еден од двајцата гинеколози кои останале да работат во кичевската болница откако двајца доктори отишле во пензија.

Тимот на ИРЛ мина речиси цел ден во старата болница во Кичево. Медицинскиот кадар не испрати со апели до надлежните конечно го исполнат ветувањето. На заминување, забележавме дека вработените задолжените за вршење лабораториски анализи не се вратиле на своите работни места откако утрото беа принудени да затворат поради тоа што во зградата снема вода. Тој ден кичевчани не можеа да добијат ниту основна здравствена услуга како лабораториска анализа, а медицинскиот кадар беше спречен да ги прими пациентите

ДОКУМЕНТИ

ПРЕЗЕМИ ДОКУМЕНТ

Договор со „Инсталација“  - 2014 година

Договор со „Инсталација“  - 2021 година

Државен Архив - Решение по барање за слободен пристап

 

Корекција: Овој текст беше корегиран во 13:00 часот на 22 февруари 2024 година по барање на компанијата Евро Консалтинг ДОО Скопје. Во првичната верзија пишуваше: „Фирма обвинета за измама во Ерменија добила договор од Филипче и за надзор и за ревизија на проектот кој никако да стане болница“. По реакција на фирмата дека во Еременија е обвинет еден од соработниците/сопствениците реченицата е промената со: „Еден од соработниците обвинет за измама во Ерменија – фирмата тука добила договор од Филипче за надзор и ревизија на кичевската болница“.

 

 

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »
Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.