Press "Enter" to skip to content

Луѓето во Зајас копнеат по канализација, но ќе добијат грандиозен парк

Ќе се гради со општински и државни пари, а изведувач е фирма на пријател на лидерот на ДУИ Али Ахмети. Документите кои што ги прибра ИРЛ покажуваат дека власта со леснотија доделила половина милион евра на проект испишан на половина страница, со апсурдни образложенија и многу промашени букви. Градоначалникот Фатмир Дехари тврди дека предлогот бил на жителите, но жителите велат дека не сакаат парк, туку пристап до основните сервиси како пат, вода, канализација и болница. 

Известува: Лила Караташева/Илустрација: Лука Блажев 

Општините во Македонија се во многу лоша состојба најчесто поради долгови и тоа претставува проблем за да се инвестира и во основна инфраструктура. Кичево е една од тие општини – должи 1.219.480 евра, а во буџетот за минатата и оваа година не предвиделе враќање на основниот долг, туку само камати. Најприоритетни проблеми во општината, и според надлежните и според граѓаните, се канализацијата, водоснабдувањето, дотраените улици, депониите и огромниот број на кучиња – скитници. 

Кога пред повеќе од една година, на петти април 2022 година Бирото за регионален развој ќе распише повик за поддршка на развојот на општините, 22 општини ќе бараат излез за дел од своите проблеми во трката за дел од 1,8 милиони евра. Овие пари се предвидени за спефицичен развој на општините. 

Промашени приориети

Архитектурата на Зајас е првиот сигнал дека влегувате во иселеничко село. Од една страна се издигнуваат големи и нови куќи, претежно празни. Тие се градени со пари на дијаспората, а се „живи“ само на лето кога стотици семејства, претежно од Швајцарија и Германија, доаѓаат во Македонија. Летните денови ги користат за свадби, одмор и средби со малкуте останати роднини и пријатели. 

Тоа им паѓа тешко на луѓето. Првиот човек на којшто наидовме барајќи ја куќата на најславниот жител на Зајас, претседателот на ДУИ Али Ахмети, беше еден од неговите соседи. 

Сам легнувам, сам станувам, сам јадам“. Ајдар Емаини не ја криеше својата тага поради тоа што сите негови блиски го напуштиле селото. „Надвор е тишина, не се слушаат деца, нема веќе деца“. Емаини има сопруга, но таа мора да живее во Швајцарија со децата затоа што е болна, а во близина нема болница во којашто таа може да се лекува. 

Емаини е еден од жителите на Зајас кој не гледа потреба да се трошат пари на непотребен парк. 

„Зошто се губат пари за џабе? Канализација и болница немаме. Има сиромашни луѓе кои немаат што да јадат, немаат пари ниту да купат леб“, вели Ајдар Емаини кој живее во близина на Ахмети. 

Дека проблемите со основна инфраструктура во кичевско се приоритетни ќе потврди и самиот Ахмети за време на кампањата на локалните избори во 2021 година. 

„Ова е блескав мандат и вие ќе блеснете затоа што само во процесот на Зелената агенда, агендата на животот, проектирана е цела фекална канализација и завршена е во сите сфери. Се очекува конечниот епилог, работите да почнат по цена од 15 милиони евра и овде во нашите села и нашиот град да не смрди“, рече Али Ахмети пред локалните избори во 2021 година.

Една година подоцна, првиот позначаен проект ќе биде нешто сосема неочекувано – рекреативен парк во Зајас од половина милион евра.

Тендери и пријатели

На петти април 2022 година, Бирото за регионален развој распишува тендер за специфичен развој на општините и селата. Меѓу 22 проекти од различни општини е проектот за рекреативниот парк во Зајас. Идејата е позитивно оценета од Комисијата од Министерството за локална самоуправа и одобрена од Советот за регионален развој во кој членуваат 11 министри. Останатите општини аплицирале со проекти за подобрување на инфраструктурата и канализацијата. Општина Кичево е единствената општина со идеја за изградба на рекреативен парк. 

Паркот вреди 487 илјади евра од кои 260 илјади евра ќе бидат покриени од Бирото, а влог од 227 илјади евра ќе даде Општина Кичево. За да ги добијат парите од Бирото, локалната самоуправа пополнила апликационен формулар во кој објаснува на кој начин паркот ќе го подобри квалитетот на живот на граѓаните, како ќе се подобри животната средина, како ќе се подобрат условите за економски развој и точен број на населението кое ќе има корист од паркот изразено во проценти. 

Интегрална верзија на формуларот кој Бирото за регионален развој го оценил како детален и уредно пополнет документ од службите на Општина Кичево.

Договорот за изградба на паркот е потпишан на трети април лани. На тендерот учествувале вкупно пет фирми – „Линди“, „Перпарими ДООЕЛ“, „АС Сењак“, „Инсталација“ и „Еуроинвест Медиу“ од Зајас која што го добива тендерот затоа што понудиле најниска цена.  

Сопственик на фирмата „Еуроинвест Медиу“ е Генци Медиу. Неговиот татко, Гарип Медиу е близок пријател на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. На социјалните мрежи и Генци и Гарип споделуваат фотографии со Ахмети од вечери и митинзи, но велат дека пријателството не им помага кога аплицираат за тендери во општината и дека од политиката немаат корист. 

Таткото на сопственикот на компанијата „Еуроинвест Медиу“, Гарип Медиу на вечера со Али Ахмети. Извор: Фејсбук профил на Гарип Медиу.

Само во последните две години, фирмата на пријателите на Ахмети добила тендери од  1,7 милиони евра од државни зделки со Општина Кичево. Два од проектите се финансирани и со пари од Бирото за регионален развој.

Едниот проект е за изградба на потпорен ѕид во селото Колари каде што е роден директорот на Бирото, Рамиз Реџепи. Вториот проект е за изградба на рекреативниот парк. Реџепи основно образование завршил во училиштето во село Зајас.

„Не сум се заложил лично за проектите да бидат позитивно оценети. Ми беше мерак да се направи потпорниот ѕид во Колари. Кажав во општината дека ќе има таков проект и им реков да аплицираат, но не се мешав во оценувањето ниту за паркот во Зајас, ниту за проектот во Колари “, вели Размиз Реџепи за ИРЛ, директор на Бирото за регионален развој. 

Видео сторија: 


 Паркот е непотребен за жителите на Зајас

Првата локација на која се упати тимот на ИРЛ во Зајас беше местото каде веќе се гради рекреативниот парк. Низ селото експресно се рашири веста дека дека дошле новинари од Скопје.

Веднаш, пристигна сопственикот на фирмата „Еуроинвест Медиу“ Генци Медиу заедно со неговиот татко Гарип Медиу. Разговорот го започнаа со објаснување дека во постапката за избор на фирма која ќе го гради паркот нема ништо спорно. Како жители на Зајас рекоа дека не се среќни што во селото ќе има парк, а ќе останат без болница и со нерешени проблеми со водоснабдувањето, канализацијата и струјата. 

„Ако зборувам како селанец кој живее овде, воопшто не треба да го има овој парк. Има примарни работи кои треба да се завршат. За паркот немаме луѓе, нема деца кои ќе играат таму“, вели Генци Медиу кој го гради рекреативниот парк во Зајас. 

Тој посочи дека 80 отсто од селаните кои застануваат на градилиштето за да се информираат што ќе се гради во сред село се незадоволни од идејата и не сакаат да има парк додека не се реализираат ветувањата за основни и пристојни услови за живот. 

Во разговор со ИРЛ, Генци Медиу рече дека не знае чија е идејата да се гради парк од половина милион евра во селскиот атар. Градоначалникот на Кичево Фатмир Дехари два пати дошол да види како напредува изградбата на паркот. Во двата наврати се фотографирал, но Медиу не го прашал зошто се одлучил да го гради паркот, бидејќи такви прашања, како што вели тој, не смеат да се поставуваат. 

Градоначалникот Фатмир Дехари во посета на селото Зајас по повод отпочнување на изградбата на рекреативниот парк. Во описот на фотографиите, Дехари го опишува паркот како вредна инвестиција за жителите и младите од овој крај. Извор: Фејсбук профил на градоначалникот Фатмир Дехари.

Додека бевме во Зајас, првиот жител кој го сретнавме како поминува покрај паркот беше Мазлам Нуредини кој е пензиониран професор. И Нуредини како клучен проблем ја посочи каналзиацијата во селото. 

„Од градоначалникот е ветено дека ќе се направи канализацијата, но во моментов работите не се започнати. Имаме вода ама ни застанува, системот за водоснабдување е направен пред 50 години“, раскажува Нуредини кој не е задоволен ниту од состојбата на улиците ниту од струјата. 

За проблемите со улиците низ селото се пожали и еден од соседите на Али Ахмети, Ајдар Емаини заедно со својот брат морал да ја поплочува улицата пред неговата куќа бидејќи била каллива и непроодна. 

Тимот на ИРЛ во Зајас се задржа четири часа. Репортерите на улиците во Зајас не сретнаа ниту еден млад човек кој би можел да одговори дали вистински има потреба од паркот. Пензионерите на кои наидовме рекоа дека речиси сите млади одамна заминале во странство и нема да ги најдеме во селото. 

Од 267 илјади евра за паркови во Кичево, 227 илјади се за паркот во Зајас

На седницата на Советот на општина Кичево, на 27 декември 2022 година на дневен ред е ставен предлог буџетот на општината за 2023 година. На оваа седница е утврдено дека 227 илјади евра од општинската каса се резервирани за паркот во Зајас, а само 40.000 евра остануваат за изградба на три паркови во Кичево кои се уште не се направени. 

Советници од ДУИ во Кичево ја поздравуваат идејата на градоначалникот Фатмир Дехари за изградба на паркот во Зајас зашто селото имало потреба од инвестиции. 

Советниците од ВМРО – ДПМНЕ на седницата посочуваат дека со парите кои се наменети за еден парк во Зајас може да се изградат десет паркови општина Кичево. 

„Не сум против изградбата на паркот, но приоритет треба да бидат основните потреби, а дури после луксузот“, вели советникот Лазе Јакимовски од ВМРО – ДПМНЕ. 

Според податоците на Министерството за образование во основните училишта во Кичево се запишани 3423 ученици кои се уште немаат никаков парк. Во основното училиште во Зајас, годинава учат 287 ученици вкупно во сите паралелки. 

Последниот попис на населението покажува дека за 20 години, бројот на жители во Зајас е преполовен. Во 2002 година во Зајас живееле 4713 луѓе, но во пописот во 2021 попишани само 2567 жители. Луѓето од Зајас велат дека дури и оваа бројка е намалена затоа што и во последните две години многу од младите заминале во држави во кои ќе можат пристојно да живеат и да се развиваат. 

Инвеститорите не знаат кога ќе го завршат паркот, но жителите на Зајас знаат дека без разлика кога ќе биде готов паркот, тој нема да го развие селото, ниту да ги врати нивните синови, ќерки и внуци. 

ДОКУМЕНТИ

ПРЕЗЕМИ ДОКУМЕНТ

Договор со Еуроинвест

Договор за проектот за паркот Зајас

Записник од седница на совет за буџет за паркот

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.