Press "Enter" to skip to content

Судијката не пријавила дека е тетка на адвокатот на „Фероинвест“ во спорот за парите за модуларните болници со државата

Сватовската врска меѓу судијката Благица Ѓошевска и адвокатот на „Фероинвест“, Ратко Ѓорѓиевски доведе до откажување на денешната пресуда во случајот каде фирмата-ќерка на „Фероинвест“, ЕМС, го тужи Министерството за здравство за неисплатени три модуларни амбуланти. Од друга страна министерството бара договорот да се прогласи за  ништовен бидејќи по пожарот во Тетово склучиле незаконски анекс со којшто сумата се зголемила. Основниот суд Скопје 2 ќе одлучува дали предметот ќе го врати од почеток. 

Известува: Лила Караташева

Во конкретниот судски процес компанијата „ЕМС“, фирма-ќерка на „Фероинвест“, бара да ѝ се исплатат 1,2 милиони евра за изградени три модуларни амбуланти, додека пак, министерството бара да се поништи договорот, бидејќи по пожарот во модуларната болница во Тетово бил потпишан незаконски анекс за да се подобрат безбедносните стандари на објектите, а со тоа се зголемила и сумата.

Овој предмет преку судскиот систем бил распределен кај судијката Благица Ѓошевска, која е во роднинска врска, односно тетка на Мери Младеновска – Ѓорѓиевска правен застапник на „Фероинвест“ во повеќе судски спорови и сопруга на Ратко Ѓорѓиевски, адвокат во конкретниот предмет каде „Фероинвест“ го тужи Министерството за здравство.

За оваа роднинска врска до денот на пресудата не реагирала ниту судијката, ниту адвокатот, ниту пак државниот правобранител кој ги застапува интересите на државата, во случајов на Министерството за здравство.

Ратко Ѓорѓиевски освен што е правен застапник на „Фероинвест“, тој беше поставен и на позицијата управител во периодот кога Кочо Анѓушев беше вицепремиер за економски прашања во Владата на Зоран Заев.

Адвокатот Ратко Ѓорѓиевски, правен застапник на ЕМС и „Фероинвест“ ; фото: Макфакс

ИРЛ ги контактираше сопружниците адвокати за да ја провериме информацијата за нивната роднинска врска со судијката. Во краткиот телефонски разговор со Мери Младеновска – Ѓорѓиевска рече дека не сака да зборува за предмети кои таа лично не ги води и одби да одговори дали судијката Ѓошевска е прва братучетка на нејзиниот татко.

Сопругот адвокат, Ратко Ѓорѓиевски на прашањето дали судијката е тетка на неговата сопруга, а со тоа тој е во сватовска врска со неа категорично одговори „Не“.

Мери Младеновска – Ѓорѓиевска, поранешен министер за правда, а сегашен правен застапник на „Фероинвест“ и сопруга на адвокатот Ратко Ѓорѓиевски; фото: Преземена од zenskimagazin.mk

Новинар на ИРЛ денеска беше присутен во Основниот граѓански суд каде требаше да се прочита пресудата. Откако судијката Благица Ѓошевска им соопшти на присутните дека пресуда нема да има и дека ќе се чека судот да одлучи дали ќе го врати предметот на почеток со друг судија, новинарот ѝ пристапи и ја праша дали е точно дека е во роднинска врска со адвокатот Ѓорѓиевски, на што таа одговори потврдно. 

„Точно е дека Мери Младеновска-Ѓорѓиевска ми е внука. Но, јас сметав дека нема судир на интереси бидејќи внука како роднинска врска се смета за четврти – петти степен. Сум имала друг судски предмет каде што сум имала роднинска врска и таму на мое барање е направено изземање. Тука сметам дека не е таков случајот, но да видиме што ќе одлучи судот“, одговори судијката Ѓошевска.

Судијката Благица Ѓошевска; фото: Фејсбук

ИРЛ на 31 октомври испрати прашања и до Државното правобранителство дали знаеле или дали утврдиле во текот на постапката дека судијката има роднинска врска со адвокатот. Оттаму ни одговорија дека Државното правобранителство не можело да знае за роднински врски, туку според Законот за парнична постапка тоа требало да го пријави самата судијка. 

„Веднаш по приемот на вашите прашања, надлежниот државен правобранител до Претседателот на Основниот граѓански суд во Скопје поднел барање за изземање на судијата по електронски пат, а на ден 3 ноември 2023 година барањето го доставил до приемното одделение во Основниот граѓански суд во Скопје“, велат од Државното правобранителство.

Од Основниот граѓански суд  каде што се суди овој предмет ни одговорија дека судијката не пријавила судир на интереси.

„Наведениот судија не го известил судот за постоење на конфликт на интереси во наведениот предмет, како и дека за секој предмет поединечно судиите треба да ги имаат во предвид одредбите од член 64 од Законот за парнична постапка, при постапувањето по истите“, се вели во одговорот од Судот. 

Посочениот член од Законот за парнична постапка предвидува дека судија или судија-поротник не може да ја врши судската должност ако странката или законскиот застапник или полномошникот на странката му е роднина по крв во права линија до кој и да е степен, а во странична линија до четврти степен, или му е брачен другар, вонбрачен другар или роднина по сватовство до втори степен, без оглед дали бракот престанал или не.

Проектот за изградба на модуларни болници почна во мандатот на министерот Венко Филипче, кога беа изградени 19 ковид болници низ цела Македонија. А, потоа со истата техничка документација и истите услови се распиша тендер за изградба на десет модуларни амбуланти во Скопје. Двата тендери ги добија фирми на господинот Кочо Анѓушев. Во двете постапки претседател на комисијата за јавни набавки беше Вања Андонова. 

Кога се случи пожарот во модуларната болница во Тетово на 8 – ми септември 2021 година, во завршна фаза беа три амбуланти во Скопје. Документите кои ИРЛ ги објави во документарниот филм „Убиство во Тетово“ покажаа дека објектите не нудат минимални безбедносни стандарди од пожари и целиот проект по трагедијата е стопиран. Постои и допис од фирмата изведувач „ЕМС“ до Министерството за здравство испратен една недела по пожарот во кој самоиницијативно бара да се подобрат стандардите за заштита од пожари. Министерот Филипче одобрува дополнителен буџет и незаконски склучува Анекс на договорот со кој се зголемува цената и се пролонгира рокот за изградба на објектите. 

Наследникот на Филипче, Беким Сали, спроведува интерна истрага која треба да даде одговори дали тендерската постапка за замена на старите скопски амбуланти била спроведена законски и дали при изградбата биле запазени сите безбедносни стандарди. 

Изготвен е ревизорски извештај во кој се утврдени сериозни пропусти во проектот за амбулантите, а директна одговорност се лоцира во дејствијата на министерот Филипче, неговата советничка Вања Андонова и изведувачот „Енерџи Меинтененс Солушнс“. Министерот Сали не ги исплаќа фактурите, ниту го раскинува договорот. Овој проблем го наследува актуелниот министер Фатмир Меџити. 

На 13 јули годинава Меџити изјави дека имал средба со претставници на компанијата „Брако“ на која се договориле спогодбено да ги исплатат парите.

„Тоа е веќе судски процес и имаше многу камати. Седнавме со сопствениците од компанијата, се договоривме да ги тргнат каматите, спогодбено да се исплати тој износ, тоа што имаат изградено, тоа што е во ред, а за другото да се тргнат од тоа што го бараат. Тоа го поминавме на Влада, како информација и за тоа добивме поддршка“, изјави тогаш Меџити. 

Но, по објавата на истражувањето „Убиство во Тетово“ владата ја смени одлуката и реши да завршат сите судски постапки. 

„Претходниот министер има нарачано ревизија и таа е доставена до Владата заедно со документите кои што се однесуваат на неплатените модуларни болници и сметам дека врз основа на сите тие документи и Владата ќе одлучи. Мој став е дека врз основа на сите документи за плаќањето на останатите ќе може да биде извршено кога ќе завршат сите правосудни постапки“, изјави на 17 август премиерот Димитар Ковачевски.

На последното рочиште државната правобранителка на прашање на судијката дали се водат други постапки за модуларните амбуланти одговори дека нема такви информации. За модуларните амбуланти кои ги градеше „Брако“ има предистрага која ја води Јавното обвинителство за борба против организиран криминал и корупција. Отворена е веднаш по пожарот, во септември 2021 година, и се уште е во фаза на предистрага. 

За пожарот во Тетово донесена е првостепена пресуда за непочитување на здравствени протоколи и загрозување на животот на пациентите со која беа осудени условно двајцата поранешни директори на болницата во Тетово. Обвинителството поднесе жалба до Апелациониот суд во Гостивар кој треба да закаже јавна седница. 

Доколку не сте го гледале документарниот филм „Убиство во Тетово“, го споделуваме на линкот подолу

 

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.