Press "Enter" to skip to content

Со платена пропаганда Жан Митрев заплашувал сведоци и вршел притисок на обвинителството

Јавното обвинителство денеска лиферуваше невообичаено соопштение. Реагира за начинот на известување на медиумите за текот на судењето за случајот Жан Митрев. Обвинителството во процесот препознало дека преку платена пропаганда се шират лажни вести  и се заплашуваат сведоци. За докторот, според обвинителството, навиваат и истакнати правници кои го аналазираат обвинителството, а не биле ниту на едно судско рочиште.

Известува: Маја Јовановска;  Илустрација: Лука Блажев 

Основното јавно обвинителство Скопје денеска реагираше за начинот на известување на дел од медиумите за текот на судскиот процес во кој обвинет е кардиохирургот Жан Митрев и неговата клиника. Во соопштението пишува дека од почетокот на судскиот процес, преку медиуми во кои се рекламира болницата „Жан Митрев“, се забележуваат обиди да се врши притисок врз сведоците и врз предметниот јавен обвинител за да се дискредитира обвинението.

„Наведените објави се неверодостојни, односно не одговараат на вистинскиот тек на судската постапка и на содржината на исказите дадени пред судот, а дел од сведоците реагираат дека им предизвикуваат вознемиреност и ги чувствуваат како форма на притисок.“, пишува во денешното соопштение.

Во оркестрираниот напад, обвинителството алармира дека се вклучени и правници кои јавно го дискредитираат обвинението и застануваат во одбрана на обвинетиот. 

„Одговорноста за изнесување ставови во врска со текот на судска постапка е уште поголема за претставници од стручната правна фела, кои во конкретниот случај коментираат и заземаат став во корист на обвинетиот со произнесување околу докази кои се уште не се изведени пред судот, а без притоа воопшто да присуствуваат на судските рочишта“, соопшти обвинителството. 

Соопштението на обвинителството следува по медиумските објави по судското рочиште кое се одржа на 1 – ви април. На судењето не беше ниту еден новинар од медиумите кои објавија текстови истиот ден и во кои известуваа што се случувало во судницата. На рочиштето имаше само по еден новинар од ИРЛ и новинарот Горан Момироски, кој се претстави дека известува за АЛФА Телевизија и порталот Експрес. 

Објави на медиуми од рочиштето одржано на 1-ви април, каде не присуствуваа репортери од наведените портали

Што го предизвика обвинителството да реагира

По судското рочиште во понеделникот, неколку медиуми известија дека обвинението доживеало дебакл и дека треба да биде повлечено. Ниту еден од тие медиуми немаа свој репортер кој известува од судењето, иако во текстовите објавени на нивните портали тие дури цитираа и изјави од сведокот доктор Љупчо Стојковски чиј исказ влезе само во судскиот записник. И на крај сите констатираа дека според одбраната обвинението треба да биде повлечено. 

Наредниот ден, ставот на одбраната го засили, професорот по кривично право на Правниот факултет во Скопје, Гордан Калајџиев, кој објави статус на Фејсбук со наслов „Ватерло за обвинителството во случајот против Жан Митрев!“. Правната анализа на професорот е објавена, иако тој никогаш не бил во судница за непосредно да ги слушне ставовите на обвинителството и одбраната, како и исказите на сведоците на дел од семејствата кои изгубија свои блиски верувајќи дека хемофилтрацијата лечи КОВИД 19. 

„Од самиот почеток на судењето не ми беше јасно како без вештачење ЈО ќе докаже дека методата на хемофилтрација била помалку ефикасна од она што докторот не им го ветувал, туку го објаснувал на ТВ. Клучниот “доказ” на Јавното обвинителство сега е квазивештачењето на комисијата на Министерство за здравство кое процесно и не може да биде доказ затоа што е мислење, кое нема да може да се тестира пред судот што ЗКП изречно го забранува“, напиша професорот Калајџиев.

ИРЛ направи анализа на сите вести објавени на информативни интернет портали, а кои се поврзани со доктор Жан Митрев и неговата болница. Од почетокот на судскиот процес голем дел од медиумите каде се рекламира приватната болница „Жан Митрев“ објавуваат текстови за да го минираат обвинението и евентуалната вина на докторот. 

ИРЛ обезбеди докази дека готови текстови со наслов и содржина им се испраќа од ПР одделот на болницата, во кои се дискредитираат доказите и сведоците на обвинителството, се објавуваат лажни информации со цел во јавноста да се создаде мислење дека докторот не вршел измама на пациенти со методот хемофилтрација за време на ковид пандемијата. 

Пропаганда маскирана во новинарство

Кардиохирургот Жан Митрев во рекламниот дел на македонските медиуми се вклучи по објавата на истражувачкиот филм „Нечиста крв“ на ИРЛ во јули 2022 година. Целта не беше само да ги рекламира услугите на болницата, туку преку медиумите почна агресивно да објавува информации за да ја минира истрагата на скопското Јавно обвинителство за незаконски користен метод за лекување на ковид пациентите – хемофилтрацијата. А, истовремено вршеше хајка против новинарите на ИРЛ клеветејќи ги дека се дел од оркестриран напад кон болницата со цел доктор Митрев истата да ја продадел на албански бизнисмен. 

Изворот на вакви текстови се два интернет портали: Експрес.мк и Вечер.мк. Првиот формално е во сопственoст на Катерина Златановска Попова – кариерен советник, а во кој како колумнист и соработник е ангажиран Горан Момироски – уредник на емисија во Алфа Телевизија. Вториот е во сопственост на Јаков Павловиќ Латас, син на поранешниот  уредник на Сител, Драган Павловиќ Латас, а главен уредник на Вечер.мк е Ивона Талевска. Текстовите од овие два интернет портали откако ќе бидат објавени, се споделуваат и во други медиуми каде се рекламира болницата „Жан Митрев“.

„Откако јавноста го слушна обвинението, и откако ги слушна и сведоците од кои нема непосредно оштетени туку интерес им е да ги земат назад парите платени за лекување пред се на свои блиски, а особено кога се виде дека во гужвата некој од Албанија преку холандски фонд сака набрзина да ја купи клиниката Жан Митрев стана јасно дека тука се работи за организиран рекет и профитирање со злоупотреба на обвинителството и судството.“, пишува во текст објавен на порталот Вечер.мк на 26 септември минатата година. 

Текстовите се „спакувани“ во форма на анализа со авторски коментари, но никогаш не се потпишани со име и презиме.

„На 17 јули 2022 година беше објавен документарен филм против Клиника Жан митрев, за шест месеци подоцна обвинителството за покрене обвинение за измама со што започна организирана хајка против Клиника Жан Митрев и кардиохирургот Жан Митрев.“, пишува на 19 декември 2023 година во текст на Експрес.мк од анонимен автор. 

Кардиохирургот Митрев и работата на неговата приватна болница редовно се дел од медиумските вести. Дел од нив се поврзани со здравствените услуги кои ги нуди болницата, па дури и за тоа како пациентите во болнички услови, го одбележале Бадник како да се дома. 

За маркетингот на болницата „Жан Митрев“ од пред неколку месеци е ангажирана агенцијата „Елемент ПР“. Сопственичката Татјана Лопарски вели дека имала добра соработка со болницата пред неколку години и минатата година повторно ја обновиле. 

„Елемент ПР е задолжен за изготвување на стратегија за кампањи поврзани со работата на болницата, кои се видливи и во јавноста преку закуп на промотивни банери и текстови поврзани со кампањите.“, вели сопственичката на Елемент ПР Тања Лопарски.

На месечно ниво за реклама медиумите добиваат од 200 до 250 евра од болницата „Жан Митрев“. Но, наместо од ПР агенцијата сите вести стигнуваат од официјалниот е – маил од маркетинг секторот на болницата. 

Во договорот не се дефинирани бројот на текстови кои треба да ги објават. Лопарски вели дека изборот на медиумите не го врши според нечии желби, туку според тоа кој медиум каков резултат има во однос на импресии и лица кои го посетиле сајтот за некоја кампања.  

„Нема никаква корелација на рекламните банери, изборот на медиуми и текстовите што се објавуваат за работата на болницата или судскиот спор. Сакаме да посочиме дека има медиуми што имале банери по неколку месеци токму поради нивните добри перформанси во однос на публиката, а немаат објавено ниту еден текст поврзан со Жан Митрев. Или пак има медиуми кои немаат закуп, а сепак има текстови.“, изјави сопственичката на Елемент ПР.

Но, освен вестите поврзани со услугите кои ги нуди болницата, од „Жан Митрев“ до медиумите стигнуваат и други информации кои немаат никаква врска со дејноста. ИРЛ обезбеди докази од два различни медиуми за да утврди на кој начин маркетинг одделот на „Жан Митрев“ ги дистрибуира текстовите кои треба да бидат објавени. 

Мејловите имаат наслов, подготвен текст и фотографии.

Испратени дописи до медиумите од е-маил адресата на Маркетинг одделот на болницата Жан Митрев

Потоа овие текстови дел од медиумите во кои се рекламира приватната болница интегрално ги споделуваат на своите интернет сајтови. Со истиот наслов и содржина, без да ја проверат веродостојноста. Ретко кој од медиумите ја назначува веста дека е комерцијална објава. 

Комуникологот Сеад Џигл вели дека станува честа пракса да се објавуваат прикриени платени содржини а медиумите постапно се развиваат во огласни табли не само на маркетинг агенциите, туку на секој кој е подготвен да плати. 

„Наспроти легалниот и легитимен модел на маркетинг огласување и спонзорирање во Македонија и регионот се развива паралелен систем на тргување со интереси кој полека се заканува домашните медиуми да ги трансформира во еден вид супермаркети за пропагандни содржини и лица кои треба да ѝ се продадат на јавноста.“, вели Џигл за ИРЛ. 

Според него, овој притисок новинарите да бидат паравани за чист маркетинг и некакви колпортери на пи ар и на пропагандни производи е многу загрижувачки процес кој уште повеќе ја поткопува довербата во медиумите. 

„Се користат техники за манипулација со чувствата и свеста на граѓаните, селективно се објавуваат и спинуваат информациите, се подметнуваат дезинформации и лажни вести, се искривува или преобликува перцепцијата за настани и личности според интересите на овие групи и нивните агенди.“, вели Сеад Џигл.

Улогата на експертите во пропагандата

Во анализираните објави за Жан Митрев во медиумите, само едно име се јавува како коментатор на правниот дел од судскиот предмет против докторот и неговата болница. Тоа е професорот по кривично право на Правниот факултет во Скопје, Гордан Калајџиев. 

Професорот на случајот „Жан Митрев“ досега му посветил неколку колумни, а честопати своите ставови ги објавува и на неговиот Фејсбук профил. Во сите написи тој нагласува дека процесот е монтиран дека нема доволно докази и дека е производ на медиумски линч. 

Професорот чија специјалност е кривичното право, во колумните користи медицински изрази и во детали ја брани ефикасноста на хемофилтрацијата при лекување на ковид пациенти, како и за интрахоспиталните бактерии во болниците.

ИРЛ испрати прашања до професорот Гордан Калајџиев дали тој е правен советник на Жан Митрев за судскиот предмет, дали има увид во документите на одбраната бидејќи во детали ги објаснува аргументите на обвинетиот и кои се неговите мотиви да коментира случај кој се уште е во судска постапка. Наместо одговор на прашањата, тој испрати десетина СМС пораки.  

„Баш сте безобразни. Ме ставате во позиција нешто да се правдам што и зошто сум напишал. Бог да чува. Со мотивите секогаш може да се шпекулира, и со моите и со вашите, поважно е дали тоа што се тврди е издржано. Крајниот суд ќе си го кажат судот и јавноста. Глупаво е да ме замолчувате со закани и дисквалификации“, одговори Калајџиев на прашањата на ИРЛ.

Калајџиев додава дека со години наназад давал мислење за актуелни правни прашања и бил сигурен во неговото знаење, иако се разбира не бил безгрешен. Професорот во пораките нѐ советува дека не можело да правиме непријатели од сите што не се согласувале со нас. Во последната СМС порака професорот ја завршува комуникацијата со тон на помирување.  

„Јас и немаше да ве коментирам да немаше вакво чудно обвинение. Ако сум бил нешто престрог извинете.“, пишува на крајот професорот Гордан Калајзиев.

Доктор Жан Митрев и неговата приватна болница се обвинети за кривично дело „Измама“. Јавното обвинителство – Скопје по шестмесечна истрага собра докази дека кардиохиургот со умисла ги доведувал во заблуда пациентите кои се лекувале од КОВИД 19 дека методот хемофилтрација е безбеден и ефикасен лек против вирусот. Казната за ова кривично дело е затвор од една до десет години. Обвинението се темели на 283 сведоци, на кои лекарот треба да им врати 1,6 милиони евра.

Следното рочиште продолжува на 8 – ми април, кога во судница треба да сведочат, сведоци на предлог на обвинителството.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.