Press "Enter" to skip to content

Истрагата за „Нечиста крв“ во лер, криво е морето

28.07.2022

По документарниот филм „Нечиста крв“ голем број граѓани секојдневно носат преставки до Лекарската комора со барање за ревизија на Ковид лекувањето во болницата Жан Митрев, но и за други приватни и државни клиники. И Лекарската комора и другите надлежни институции со слични оправдувања за спориот тек на надзорите и истрагите: на некој му треба време, на други проблем им се одморите. 

Надлежните институции се уште немаат конкретни одговори за јавноста во врска со откритијата во истражувачкиот документарен филм „Нечиста крв“, преку кој Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) обелодени низа недоследности во лекувањето на пациентите како и финансиски малверзации со Фондот за здравствено осигурување.

ИРЛ откри дека кај многу пациенти кои се лекувале во приватната клиника „Жан Митрев“ се појавуваат интрахоспитални инфекции кои не биле пријавувани до надлежните, а  за време на ковид-пандемијата се нудел неодобрен и непроверен третман, а се правеле и клинички испитувања за да се утврди дали хемофилтрацијата како метод е корисна во лекувањето на пациенти со ковид. Притоа, ниту пациентите, ниту нивните семејства, ниту државните институции не биле информирани дека третманот не е докажан бидејќи верувале во агресивните реклами на клиниката која третманот го нудела како единствен спас.

Речиси две недели по објавувањето на откритијата за кои ИРЛ пред јавноста понуди и докази, од институциите бараат повеќе време за да ги спроведат стручните надзори.

Пораките што министерот за здравство Беким Сали ги упати во јавноста дека никој не е недопирлив и дека случајот со клиниката „Жан Митрев“ ќе се расчисти докрај, почнуваат да спласнуваат.

Според одговорите што ИРЛ ги доби од Министерството за здравство, Лекарската комора, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и Агенцијата за лекови МАЛМЕД фомирани се повеќе стручни комисии и работни тела и сите во рамките на своите надлежности ќе треба да изготват записници кои треба да ги достават до Министерството, а потоа тие да бидат доставени и до Владата.

Но, ИРЛ не доби одговори до кога е рокот на овие стручни комисии и работни тела да ги завршат  надзорите, ниту кој поименично членува во овие тела. Во повеќето институции се правдаа со одморите и недостаток на персонал.

Од Министерството за здравство велат дека формирана е комисија за да утврди дали хемофилтрацијата како метод се користела во случаи каде имало индикација за тоа или не, како и комисија за интрахоспиталните инфекции.

„Во овој момент комисиите за стручен надзор се уште активно работат и прават увид во фактичката состојба. Во комисиите членуваат стручни лица од соодветните области од МЗ, ДСЗИ и МАЛМЕД, надзорот е се уште во тек и по негово завршување стручна комисија ќе даде финално објаснување кога се користел методот, врз основа на доставената документација од клиничката болница ‘Жан Митрев’“, велат од Министерството за здравство, но нема појаснување  дали клиниката има определен рок  во кој таа треба да ја достави потребната документација до стручните комисии.

Министерството за здравство не ги открива членовите на комисијата.

Лекарска комора: Ни треба време

Од Лекарската комора за ИРЛ кажаа дека периодов се соочуваат со зголемено барање за стручни надзори, а потврдија дека е формирана комисија за стручен надзор за случајот со лекувањето на Никола Брезев. Комисијата е составена од седум лекари со различни специјалности и во моментов ја прибира потребната документација.

Лекарската комора пред два дена преку соопштение бараше разбирање од јавноста дека не можат да одговорат со очекуваната динамика, бидејќи во комисиите членуваат лекари вработени во здравствените установи кои се ангажирани со поголем интензитет на работните места.

Од Центарот за јавно здравје – Скопје, институција во која прва треба да пристигне информацијата доколку во некоја здравстена установа се појават интрахоспитални инфекции, воопшто не се огласи во јавноста по објавувањето на документарецот.

Претставник од оваа институција немаше ниту на прес-конференцијата свикана од министерот за здравство Беким Сали.

Зекири од Центарот за јавно здравје одмара, сега на потег била Бухова

ИРЛ телефонски го контактираше директорот на ЦЈЗ Бесим Зекири, кој рече дека е на одмор и дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат сега ќе треба да утврдува зошто интрахоспиталните инфекции не биле пријавувани. Тој кажа дека тие направиле вонредни инспекции уште пред неколку месеци кога новинарите на ИРЛ го контактирале за интервју за документарецот, но тогашните контроли не откриле недоследности во клиниката „Жан Митрев“.

Скопското јавно обвинителство иако отвори истрага по допрен глас, засега не излезе со информации за текот на истрагата. И од оваа институција замолија за трпение поради сензитивноста на случајот и годишните одмори. Освен нивната истрага по допрен глас, во обвинитилеството веќе имало кривични пријави од граѓани од Македонија и Косово. За ИРЛ тие тврдеа дека постапувале, но не е јасно како со оглед на тоа дека ниту една жртва односно подносител никогаш не била повикана да даде изјава или контактирана на било каков начин.

„Нечиста крв“ денеска беше предмет на дискусија и на пратеничките прашања во Собранието. Пратеникот од редовите на ВМРО – ДПМНЕ, Бојан Стојановски, поставувајќи прашање до премиерот Димитар Ковачевски рече дека овој случај е класично затајување на системот во кој се вмешани неколку институции.

„Не е возможно за ваков скандал да не знаеле институциите“, рече Стојановски.

Премиерот Ковачевски со сличен наратив како и останатите здравствени институции надлежни во овој случај повтори дека формирани се стручни комисии и доколку дојдат до сознанија кои алудираат на одредени неправилности, ќе бидат процесуирани согласно законската регулатива на државата.

 

 

 

 

Повеќе од Ковид-19Повеќе теми во Ковид-19 »
WordPress Lightbox Plugin