Press "Enter" to skip to content

ЕСМ со тужба до Управен суд спречува објава на информации за јагленот и мазутот

Електрани на Северна Македонија ја тужи Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, бидејќи два пати позитивно одлучи, новинарите на ИРЛ да ги добијат сите договори за набавка на јаглен и мазут за енергетски кризната 2021 и дел од 2022 година. Судењето во Управниот суд е закажано на 26 март.

Известува: Бојан Стојановски; Графика: Лука Блажев

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) поднесе четири барања за пристап до информации од јавен карактер до државната Електрани на Северна Македонија. ЕСМ наместо да одговори, одлучи да ја тужи Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Државни Електрани сметаат дека споделувањето на деловни информации од нивната работа со граѓаните, можело да доведе до кризно менаџирање на компанијата. Во меѓувреме ЕСМ доби нов директор. Но Васко Стефанов, само ја продолжи праксата на неговиот претходник Васко Ковачевски, преку судски пат да проба да ги скрие од граѓаните набавките направени во друштвото кога во Македонија се купуваше јаглен и мазут во услови на кризна состојба во еден од клучните сектори – енергетиката.

ИРЛ на 16 март 2022 година побара информации од АД ЕСМ. Користејќи го правото на пристап до информации од јавен карактер до енергетската компанија упативме четири барања:Наместо одговор во законски утврдените 20 дена, ЕСМ одлучи да не одговори на барањата за пристап до информации од јавен карактер. ИРЛ се жалеше до Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Жалбата беше усвоена, а Електрани на Сeверна Македонија беа задолжени да одговорат на барањата кои новинарите на ИРЛ ги доставија до нив. Но наместо одговор, ЕСМ целосно го одби пристапот, бидејќи информациите содржеле деловни тајни за кои нема јавен интерес да бидат споделени со медиуми.Електрани само за да  не ги споделат информациите, од кого купиле јаглен за РЕК Битола и Осломеј, од кого купувале мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, кому ТЕЦ Неготино ја продавал произведената струја, кои фирми продавале струја на државни Електрани, бараат Управниот суд да донесе времена мерка за да не се објават информациите. Но на 28 јули 2022 година предлогот на ЕСМ е одбиен како неоснован.

 

По речиси две години откако новинарите на ИРЛ побараа Електрани на Северна Македонија да ги сподели договорите за набавка на јаглен и мазут за 2021 и дел од 2022 година, ЕСМ сè уште не одговорил на барањата за пристап до информации од слободен карактер. Наместо пристап до наведените склучени и веќе исплатени договори, ЕСМ ја тужи Агенцијата бидејќи одлучила во полза на ИРЛ и донела одлука дека Електрани мора да ги дадат сите барани информации. Рочиштето во Управниот суд е закажано на 26 март.

Од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер за ИРЛ објаснуваат дека зачестила праксата, да се тужи нивната институција.

„Апсурдно е да се поведуваат тужби од страна на првостепен јавен орган против одлуката на второстепен јавен орган. Наместо тоа, првостепените јавни органи – иматели на информации, треба информациите од јавен карактер проактивно да ги објавуваат на своите веб страници“, велат од Агенцијата за ИРЛ и додаваат дека непостапувањето на државните органи го отежнува навременото добивање информации а тужењето на Агенцијата е негативна појава која треба да се коригира.

Минатата 2023 година, против Агенцијата за заштитата на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, поднесени се осум тужби, од кои две се од општините Охрид и Струга. 

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »