Press "Enter" to skip to content

Граѓаните против коцкарската индустрија: Како македонската влада стана зависна од коцкање

Дури и апатичните и безнадежни граѓани со интерес ја следеа борбата помеѓу граѓанското движење против коцкањето и коцкарските корпорации. Интересот на јавноста беше очекуван – трансформацијата на урбаниот пејзаж, во кој доминираат казина, обложувачници и таканаречени продавници за пари, веќе подолго време ги вознемирува и најотпорните на она што се перцепира како дневна политика. Движењето, кое се роди во Мала Речица, а ги освои симпатиите на сите граѓани во земјата, од барањата кон властите едвај излобира една несуштинска промена – измени во Законот за игрите на среќа со кои казината и обложувачниците ќе мораа да се оддалечат на 500 метри од училиштата и градинките. Но, и една козметичка промена како оваа наиде на силен отпор во казино-индустријата. Реакциите беа толку интензивни што дури и ризикот да ги загубат симпатиите на своите гласачи во Тетовско на прагот на претстојните сè понеизвесни избори не ја премисли ДУИ да дели нови лиценци. Најпосле, законот не се донесе, а корпоративното влијание ги победи граѓаните во институциите на системот.

Автор: Давид Илиески

Клучни наоди

  • Коцкарската индустрија во Македонија пораснала за повеќе од 40 проценти за помалку од една деценија, а пораснал и бројот на зависници од коцкање. Првпат е забележан и нагорен тренд на жени зависници. Ова се должи на слабите регулативи спротивни на европските закони. И покрај драматичната експанзија на казината и обложувачниците, не постои национална стратегија за ублажување на штетите врз граѓаните и општеството.

  • Министерството за финансии регистрирало трипати помалку ВЛТ-апарати од оние на пазарот, со што ги прекршиле законските одредби за евиденција – активност замислена да помогне да се креираат политики кои треба да ги заштитат потрошувачите, но и да се заштити државата од финансиски ризичен капитал. 

  • Државата работи во спротивност со европските практики за заштита на регулативата од политички и корпоративни влијанија. Наместо независен регулатор, Министерството за финансии врши двојна улога – издава лиценци, креира закони, собира приходи и истовремено врши надзор.

  • Досега ниту еден лобист или лоби-организација не се пријавила во регистарот на Државната комисија за спречување на корупцијата. Напорот за измена на регулативите за игрите на среќа ѝ овозможи на јавноста минимален увид во лобирањето на казино-индустријата. Ова истражување првпат дава поглед во односите помеѓу корпорациите, нејзините поддржувачи во Европската Унија и нивниот однос со македонската држава.

Таа ноќ, како и многу други ноќи исполнети со алкохол и комар, четворицата пријатели се сретнаа во локалното казино во центарот на Скопје. Но, вечерта ќе заврши фатално кога помеѓу нив ќе избие тепачка. „Почнаа да викаат и да се туркаат“, вака започнува сведоштвото што ќе го прибележи македонската полиција. Еден од вмешаните во еден момент ќе извади пиштол и ќе го застрела пријателот. Епилогот ќе биде со смртни последици. Според полицискиот билтен дистрибуиран до локалните медиуми, убиството се случило поради неплатени долгови.

Скопје никогаш не бил град познат по честите огнени престрелки, па затоа не е невообичаено што инцидентите со фатален исход редовно се споменуваат во медиумите. Типичните протагонисти во овие приказни се најчесто мажи кои убиваат или се убиени поради врски со организираниот криминал. Но, жртвата на тепачката не се вклопува во овој стереотип. Според описот на полицијата, станува збор за 46-годишен жител на главниот град. Неговото убиство е дел од бранот криминал поврзан со растечката коцкарска индустрија која тврди дека работи во рамките на законот.

„Чувар во казино нападнат со нож во Куманово“; „Избоден маж во тепачка во казино во Радовиш“; „Полицијата уапси дилер на кокаин пред казиното во Тетово“; „Банда нападна маж во казино во селото Могила“; „Разбојници упаднаа во струшко казино“. Насловите на интернет-порталите кои беа анализирани во период од еден месец во 2023 година сведочат дека паралелно со растот на казино-индустријата расте и стапката на криминал и прекршоци, често од тешки размери. Македонското Министерство за внатрешни работи тврди дека нема прецизни податоци за кривични дела поврзани со казина. Но, дури и површно пребарување на насловите во изминатите две години сугерира дека секој месец полицијата реагира на шест до десет инциденти во кои се вклучени казина.

Ако ги проверите речниците или енциклопедиите, казината се опишани како „објекти во кои се одржуваат одредени видови игри на среќа, најчесто се наоѓаат во хотели, луксузни ресорти или во рамки на бродови за крстарење“. Но, македонските коцкарници не се ништо налик гламурозните објекти на француската ривиера или швајцарските Алпи. Овде терминот „казино“ се употребува поприлично великодушно за да се опфатат стотиците скромни и главно неугледни објекти.

Типичното македонско казино оперира во мали комерцијални простории, често сместени во резиденцијални згради или близу маалските кафулиња и маркети. Единствената асоцијација со казината од Монте Карло или Лас Вегас е начинот на кој македонските казина се рекламираат. Нивните излози проектираат слика на гламур сличен на филмовите за Џејмс Бонд, a на билбордите има тркала од рулет, спортски автомобили и примамливи жени во коктел-фустани. Но, штом влезете внатре, ве пречекува една помалку егзотична реалност: локални мажи внесени во екраните на автоматите.

Коцкарскиот сектор ужива победничка серија во Северна Македонија. Од малите градови како Македонски Брод до запуштените станбени блокови на границите на градот Скопје, автомат клубовите и обложувалниците значајно го трансформираа урбаниот пејзаж. | Фото: Арбнора Мемети

Паралелно со експанзијата на овие објекти, забрзано се шири и онлајн пазарот со нови лиценци за управување со онлајн веб-страници за коцкање и дистрибуција на современи слот-машини со висока технологија. Секторот денес е речиси двапати поголем отколку што беше пред десет години – а, сепак, силите што ја поттикнуваат оваа трансформација во голема мера ја избегнаа контролата.

Големите играчи во индустријата и двигатели на коцкарскиот бум не се од Скопје, туку од Европската Унија – клубот на кој Македонија се стреми да му се придружи. Најголемите корпорации кои се активни во македонскиот казино-сектор се австриските фирми „Новоматик“ и „Казинос Австрија“. Она што го прави привлечен македонскиот пазар е слабата регулатива, значајно различна од онаа во нивните матични држави. Ако ги прашате нив, ќе ви речат дека тие го помагаат развојот на локалниот пазар. Тоа беше и причината поради која го нападнаа владиниот план за ревидирање на законите за коцкање нарекувајќи го нефер, неостварлив и демагошки.

Покрај австриските корпорации, лиценци имаат и десетици помали играчи – домашни и регионални. Сите оперираат во законска средина карактеристична по слабата имплементација на регулативите и слабиот надзор од страна на државата. Постојат и сомнежи дека дел од казино-индустријата овозможува перење пари и даночно затајување од организирани криминални групи. Проблематично е и скриеното лобирање на индустријата врз државата. Нема ниту мерки за заштита на граѓаните од потенцијалните физички и економски штети што можат да ги претрпат доколку ѝ се препуштат на забавата со комар. Насилството, нередот и заплашувањето се нуспроизводи.

Илузии и очај 

„Цел живот излегувам во овој град, едно 20 години, и никогаш не било вака страшно“, вели Мирко, главен келнер во луксузен скопски ресторан кој сакаше да остане анонимен поради страв за својата безбедност. Како компулсивен коцкар, Мирко опиша еден мрачен свет во сенка на лихвари, хулигани и дилери на маргините на казино-индустријата.

„Ви кажувам од искуство, речиси е невозможно да се излезе од оваа дупка“, рече тој мислејќи на долговите и на лажната надеж дека казиното е решение за финансиските проблеми. Очајниот коцкар има многу опции за брзо да позајми пари. „Продавниците“ што нудат брзи кредити се погодно лоцирани во близина на казината. Парите може да се обезбедат без да ги напуштите просториите на казиното – со аплицирање за заеми преку телефон или со разговор со чуварите на казината – лица што често не се професионалци, туку луѓе во сојуз со лихварите. Вработените во казината опишаа ситуации во кои ваквите чувари ги ангажирале под присила за наводно да ги штитат од локални хулигани – класичен рекет под плаштот на наводната заштита каде што „заштитниците“ истовремено се и хулиганите од кои треба да се одбраните.

Многу често, зависноста од коцкање е придружена со злоупотреба на супстанции. Казината служат бесплатен алкохол, а на улиците има развиена наркомрежа за достава на кокаин – дрогата никогаш не била поевтина и полесно достапна. „Овде има болно трио“, рече Мирко. „Алкохол, дрога и коцкање – еден порок ве вовлекува во друг“, додаде тој. Многу млади низ градовите, во недостиг на квалитетна културна и забавна понуда, казината ги избираат како места за своите вечерни излегувања. „Можете да одите во ноќен клуб и да ги потрошите сите ваши пари или можете да отидете во казино и да си кажете покрај забавата и бесплатните пијалаци можеби и ќе освоите пари“, раскажува Мирко, според кого вака многу млади стануваат зависни од коцка.

Македонската влада не обрнува внимание на општествените проблеми предизвикани од индустријата. Експертите за јавно здравје велат дека државата не собира никакви податоци за проблемот и нема национална стратегија за справување со зависностите од коцкање. | Фото: Арбнора Мемети

Растот на коцкарската индустрија предизвика реакции кај граѓаните, а некои од нив отидоа подалеку од само критики на социјалните мрежи. Во текот на последната деценија во Полошкиот Регион се појави граѓанско движење кое се обидува да го спречи влијанието на индустријата. Антикоцкарското движење се бори да им се забрани на казината и обложувачниците да оперираат во резиденцијални населби и во близина на градинки и училишта. Нивната долгогодишна борба првпат донесе одреден успех кога овие барања се најдоа во предлогот за измени на Законот за игрите на среќа. Активностите на движењето ја вознемирија индустријата која потенцијално може да се соочи со затворање или преместување на стотици мали маалски казина и спортски обложувачници.

Иако измените еднаш поминаа во парламентот, претседателот на државата Стево Пендаровски му стави вето на овој закон и го врати на повторно гласање, тврдејќи дека не бил соодветно дебатиран во парламентот. Но, минатата недела измените не поминаа на второто гласање затоа што власта не го обезбеди потребното мнозинство. По ова, исчезнува и надежта дека овие амандмани некогаш ќе станат закон, ако се земат предвид актуелните прокоцкарски ставови и на власта и опозицијата

Дури и да се донесеа измените на Законот за игрите на среќа, веројатно немаше да го имаат посакуваниот ефект. Предложените амандмани содржат оскудни одредби за решавање на проблемот со коцкањето. Ова се однесува и на неговиот најконтроверзен елемент – забраната за работа на казина и обложувачници на 500 метри од образовни објекти. Законот не предвидува како ќе се спроведе оваа забрана, не постои анализа која ценела колку објекти се блиску до образовни установи ниту, пак, е познато дали оваа мерка ќе влијае на намалување на штетите од оваа индустрија врз граѓаните.

Македонија е позната по проблеми со спроведување на законите, не само во коцкањето. „Проблемот започнува во фазата кога се пишуваат законите“, вели Владимир Георгиев, поранешен член на Државната комисија за спречување на корупцијата. „Партиите и работните групи кои пишуваат закони и амандмани ја разгледуваат работата од чисто теоретска перспектива“. Често, вели тој, „недостига сеопфатна анализа за тоа како законите ќе функционираат во пракса – или дали воопшто би функционирале… Имаме случаи кога земјата има усвоено закони, но нема ресурси, човечки или финансиски, да ги спроведе“.

Парламентарните избори во 2017 година беа проследени со надеж дека конечно ќе се случат значајни политички промени. Оние во 2021 година минаа во сенка на ковид-пандемијата со минимални очекувања фокусирани на излез од кризата. Но, овогодинешните избори во мај како никогаш досега ги следи чувство дека основите на демократијата се скршени. Апатијата е на рекордно високо ниво, особено кај младите. Неуспехот да се заузди коцкарската индустрија не е најгорливото прашање за граѓаните кои секојдневно се соочуваат со лошо економско управување, хронична корупција и административна дисфункционалност. Ова го истакнува јазот меѓу оние што владеат и оние врз кои се владее – обичните граѓани. Без разлика кој ќе победи на изборите, коцкарската индустрија ќе ја продолжи својата победничка серија.

Случајни активисти 

Пред помалку од една деценија сликата на полно казино спроти селско училиште беше незамислива за македонското општество. Џемал Абдиу, жител на доскорешно село, а денес приградската населба на Тетово, бил шокиран кога во 2016 година се најавило отворањето на првото казино во Мала Речица. Казиното требало да се отвори спроти неговата куќа, сместена во мала, тесна и мирна улица карактеристична по семејниот соседски живот. Воден од својата секојдневна работа во воспитно-поправен дом, Абдиу имал длабока слика за тоа како едно казино би можело да влијае на порастот на малолетничкиот криминал – тој секојдневно комуницира со проблематични млади кои наместо затвор добиле шанса за реинтеграција.

Абдиу секој ден патува од Мала Речица на своето работно место во воспитно-поправниот дом, маршрута која му дава можност прецизно да ги следи промените во урбаниот пејзаж на градот кој е дом на повеќе од 20 казина – најголемиот број по Скопје. На влезот на Тетово ќе ве пречекаат билборди кои рекламираат џекпот и ветувања за инстант-милионери. На главната улица, заглавена од низа паркирани возила, се чини дека секој петти дуќан е или казино или обложувачница.

„Тетово има повеќе од доволно коцкарници“, рече Абдиу, кога се сретнавме во локалното кафуле. „Млад човек што постојано се соочува со примамливи знаци за казино лесно може да падне во стапицата на коцкање“, додаде тој.

Џемал Абдиу | Фото: Давид Илиески

Абдиу е во доцните педесетти години. Остава впечаток на мирен и добронамерен граѓанин. Упатувајќи се кон масата, тој размени топли зборови и со другите клиенти во кафулето каде што се сретнавме. Ни раскажа дека лично гледа како животите на младите можат да бидат исфрлени од колосек поради навиката за коцкање, па затоа и идејата за казино во неговото соседство толку многу го вознемирила. Нему му се придружија и други истомислениците во кампањата против развојот на казината. „Тоа беа тешки години за нас – сите имавме други работни места. Но, продолживме затоа што бевме обземени од каузата“, рече тој за раните денови на активизмот.

Абдиу на почетокот на движењето успеал да мобилизира голем дел Општината. На петицијата се потпишале околу 800 граѓани – движењето уште првиот ден ја доби поддршката на речиси секој трет жител на Мала Речица. Поддржано од влијателни личности од заедницата, движењето го оспори проектот за казино во населбата борејќи се со Општината и локалните судови. Членовите на движењето организираа протести и јавни уметнички инсталации за да се истакне грдата страна на коцкањето.

Toj и неговите колеги сфатиле дека владее широко распространета нелагодност поради проширувањето на индустријата за коцкање. Во 2018 година ја пренесоа својата кампања на национално ниво. Движењето против коцкањето отвори своја фејсбук-страница, дистрибуираше соопштенија за медиумите и организираше прес-конференции.

Барањата на Антикоцкарското движење го привлекоа вниманието на политичарите во Скопје. Владата тогаш му вети на движењето дека ќе направи напори да го спречи негативното влијание на коцкарскиот сектор со измени на Законот за игрите на среќа. Потеклото на движењето веројатно одигра важна улога за тие да добијат поголема видливост. Тетово е традиционален центар за политичките активности на етничките Албанци во Северна Македонија, а Општината ужива имиџ на изборна награда за различните партии кои тврдат дека го претставуваат малцинството. Најмоќната од овие партии, позната по својот акроним ДУИ, во тоа време ја контролираше и Општина Тетово, во која спаѓа и Мала Речица – местото каде што се наоѓа седиштето на партијата уште од нејзиното основање.

Едно од неколкуте казина распроредени на главната улица во Тетово каде што се одвива значаен дел од културно-социјалниот живот во Општината. / Фото: Арбнора Мемети

Но, ДУИ се најде под притисок од страна на ривалските партии на етничките Албанци кои ги поддржаа целите на движењето за борба против коцкањето. Со приближувањето на парламентарните избори во 2020 година, ДУИ ја повтори поддршката. Партискиот шеф Али Ахмети изјави дека ќе му се придружи на Џемал Абдиу „на фронтот“ и ги повика оние што профитирале од коцкањето да стојат настрана од училиштата и населените места. Со оглед на високата концентрација на училишта и казина во градовите, теоретски може да принудат стотици казина и обложувачници целосно да затворат или да се преселат на локации надвор од градот.

Коалицијата на СДСМ и ДУИ беше реизбрана на парламентарните избори во јули 2020 година. Абдиу и неговите колеги активисти имаа добра причина да се надеваат дека некои, ако не и сите нивни барања, на крајот ќе се преточат во закон. Нивната кампања во Мала Речица постигна победа, која на крајот спречи да се отвори маалското казино. На национално ниво, Антикоцкарското движење обезбеди недвосмислена поддршка од претставниците на етничките Албанци во Владата. Во прилог на власта не одеше и фактот дека во соседни Косово и Албанија веќе се зајакнуваа законите под притисок на граѓанските движења – информации што им беа лесно достапни на граѓаните од Македонија.

Во 2018 и 2019 година Албанија и Косово донесоа закони со кои се забранува казино-индустријата. „Се чинеше дека сè ни оди од рака“, се присетува Абдиу. „Навистина мислевме дека Владата и партиите се подготвени да соработуваат“, додава тој. Абдиу вели дека во првичните разговори со нив тие биле подготвени да поддржат и поголеми зони на рестрикции – казината да се оддалечени најмалку три километри од училиште или градинка. „Навистина имавме надеж“, рече Абдиу.

Драматична експанзија

Според извештајот на „Глобал индустри аналист“ (Global Industry Analysts), издавач за истражувања на пазарот со седиште во САД, во 2022 година светската индустрија за коцкање била проценета на 747 милијарди американски долари. Ако индустријата беше држава, ќе се рангираше над Полска и под Швајцарија во однос на бруто-домашниот производ (БДП). Уделот на индустријата е најголем во најбогатите економии во светот. Земјите како што се САД, Австралија, Јапонија, Канада и Обединетото Кралство се наоѓаат на врвот на табелите во лигата за коцкање. Корпорациите кои се активни на овие пазари ја предводат дигиталната револуција која го поттикна растот на индустријата. Предвидувањата се дека таа ќе вреди еден трилион долари до 2030 година.

Во рамките на овој глобален пазар, Северна Македонија е мала риба. Заедно со Босна и Херцеговина и Косово, државата е меѓу најсиромашните во регионот. Невработеноста е висока, младите се очајни да емигрираат, администрацијата се распаѓа, корупцијата е неконтролирана, а сонот за влез во ЕУ згаснува.

За разлика од другите држави, се чини дека намерите на Македонија за отворање на вратите на индустријата беа водени од желбата да се привлечат туристи. Има неколку казина во луксузни хотели во Гевгелија, каде што доаѓаат посетители од Грција, но ни тие не се Малта или Монако. Домашниот пазар не е особено голем за овој тип коцкање. Со население од помалку од два милиони жители, Македонија може да се спореди со европски град со средна големина како што е Виена, но со значително помала потрошувачка моќ. Од повеќе од 1 000 места за коцкање во Македонија, повеќето се мали спортски обложувачници и автомат-клубови.

Сепак, коцкарската индустрија ги најде вистинските услови за експанзија во државата. Според официјалните статистики, нејзиниот удел во бруто-домашниот производ на земјата е зголемен за 40 проценти за помалку од една деценија. Во 2021 година, последната година за која беа достапни податоци, коцкарската индустрија учествува со 4,58 проценти во БДП. Уметничкиот и забавниот сектор, кој е покорисен за општеството, придонел со само 0,85 проценти во истата година, додека спортот и рекреацијата имале само 0,39 проценти учество. Овие сектори се проследени со мизерни државни инвестиции.

Уште повпечатлив е растот на придонесот на коцкарската индустрија во државната каса. Парите се слеваат од даноци собрани во стотици обложувачници и автомат-клубови, како и од давачки кои компаниите ги плаќаат за лиценците. Според податоците обезбедени од Министерството за финансии, во 2022 година Владата заработила речиси 88 милиони евра од индустријата. Во 2018 година оваа бројка била 61 милион евра. Со други зборови, придонесот на коцкарскиот сектор за македонската држава пораснал за околу 45 проценти за пет години.

Овие бројки не го вклучуваат профитот од директното учество на државата во коцкарската индустрија. Државната лотарија не само што и самата организира игри на среќа, како лото и томболи (грепки), таа има и мнозински удели во јавно-приватни партнерства со странски фирми кои работат со онлајн игри на среќа и терминали за видеолотарија познати како ВЛТ – замена за традиционалните автомати за коцкање.

Една влада може да има добри причини да се впушти во бизнисот со коцкање. Вакви се размислувањата на професорот по јавно трговско право на Универзитетот од Грац и експерт за регулација на коцкањето во Австрија, Стефан Штор. Меѓу тие причини е и можноста државата како директен учесник подобро да ги контролира штетите врз општеството. Теоретски, може да ѝ се дозволи на државата да извлекува приходи директно од индустријата и истовремено да ја минимизира штетата за коцкарите преку државна контрола врз пазарот на коцкање.

„Нема едно решение. Секогаш треба да размислувате за рамнотежата помеѓу заработката од една страна и заштитата на коцкарите од друга страна“, рече професорот Штор.

Влада на Република Северна Македоноја наспроти локално казино. / Фото: Арбнора Мемети

Но, експертите како Џевдет Хајредини сметаат дека Македонија има нарушена рамнотежа. Тој го критикува фактот дека државата се потпира на економските придобивки од коцкањето и тврди дека секоја добивка е далеку поголема од загубите. „Индустријата не нуди додадена вредност за земјата, таа не произведува ништо“, вели Хајредини, првиот македонски министер за финансии во независна Македонија во периодот од 1992 до 1994 година.

Нарушена рамнотежа

Побаравме од Владата одговори дали инвестирала во какви било активности за справување со општествените последици од коцкањето, но оттаму не одговорија на ова прашање. На веб-страницата на Државната лотарија на Македонија пишува дека јавната институција има потпишано меморандум за соработка со Универзитетската клиника за психијатрија и со Психијатриската болница „Скопје“, позната како Бардовци. Таму ги упатуваат граѓаните да се обратат за „стручна помош доколку имаат проблеми со прекумерно коцкање“.

По обидите да ја добиеме помошта претставувајќи се како зависници од коцкање, како и по разговорите со надлежните лица од болницата, заклучокот е дека упатството на Државната лотарија е едноставно лага.

На повеќекратните повици на еден од броевите за помош во Психијатриската болница „Скопје“ одговараа збунети вработени. Никој од вработените во Психијатриската болница не беше свесен дека нивната институција треба да им помогне на проблематичните коцкари. Некои службеници дури и го исмејуваа репортерот што се претстави како коцкар. „Ако имаш пари, оди искоцкај се вечер и дојди утре“, беше еден од одговорите. Службеникот дури побара да му кажеме во кои казина се коцкаме, затоа што и тој самиот одел „на апарати“. Други, пак, не упатија во одделението за алкохоличари со назнака „таму да си ја пробаме среќата“, затоа што во Бардовци не постои одделение специјализирано за лекување зависници од коцкање.

Директорот на Универзитетската клиника за психијатрија, втората болница оставена како контакт на веб-страницата на Државна лотарија, беше зачуден кога го прашавме за деталите на оваа соработка. Тие, за разлика од болницата во Бардовци, работат со пациенти со овој тип зависност, но немаат посебно одделение. Тие тврдат дека националниот оператор на лотаријата не ја поддржува нивната работа, и покрај тоа што првично изразиле интерес да го сторат тоа. Откако го потпишале меморандумот, никогаш повторно не се појавиле за да им кажат како оперативно ќе ги спроведат активностите за помош.

„Тие рекоа дека ќе помогнат со некоја иницијатива за зависниците од коцкање, но тоа никогаш не се случи“, рече Стојан Бајрактаров, директор на Универзитетската клиника за психијатрија. „Јас дури и заборавив на тој меморандум за соработка бидејќи никогаш не беше спроведен од нивна страна“, додаде Бајрактаров. Директорот беше вознемирен кога разбра дека нивните телефони биле оставени на веб-страницата на Лотаријата. „Ова може да се сфати и како злоупотреба од нивна страна“, рече тој.

Славица Арсова, раководителка на дневната болница при Универзитетската клиника за психијатрија, рече дека целта на меморандумот со Државната лотарија била да се создаде систем за справување со проблематичните коцкари, како и спроведување работилници за вработените во секторот за коцкање – но ништо од тоа не се остварило. Арсова рече дека не верува дека државата има стратегија или инвестиција на национално ниво насочена кон справување со зависноста од коцкање.

Неодамна, според бројот на пациенти примени на психијатриската клиника, тие забележувале пораст на зависници од коцкање. Арсова вели дека особено е зачудена од порастот на жени кои пријавиле проблеми со коцкањето. „Беше невообичаено затоа што најчесто мажи се тие што имаат тенденција на вакви зависности“, вели Арсова. Според неа, тоа може да се должи и на агресивната маркетинг-пракса жените да се таргетираат со ваучери за бесплатно играње во казина.

Типичен амбиент за казино во Македонија – сместено помеѓу маалска самопослуга и аптека, во семејна резиденцијална зграда – феномен што предизвикува револт кај граѓаните. | Фото: Арбнора Мемети

Дополнително, се верува дека секторот за коцкање е подложен на перење пари бидејќи Владата не им распределува доволно финансиски и човечки ресурси на даночните и полициските власти за да можат да ги спроведуваат законите. Во извештајот на Европската комисија од 2023 година се вели „треба да се направи повеќе“ за да им се помогне на овие институции да се справат со перењето пари и финансискиот криминал.

Без соодветен надзор, казината може да станат магнет за организираните криминални групи. Под маската на „добивки“ и „загуби“ оваа индустрија често дејствува како неформален банкарски систем преку кој може да се прикријат или прикажат пари стекнати на нелегален начин. Последниот меѓународен извештај за државата, која и онака нема волја да се справува со криминалот и корупцијата, е поразителен во однос на оваа индустрија.

Во извештајот од 2023 година на телото за мониторинг надгледувано од Советот на Европа наречено Манивал (MONEYVAL) се предупредува дека македонските казина се ранливи на преземање од подземјето. Извештајот нотира дека државата не поставила препреки за организираниот криминал, па и тој може да оперира со свои казина – често преку лажни сопственици кои фигурираат само на хартија. Извештајот ги критикува и даночните власти поради бавноста во спроведувањето на новите системи за следење на тековите на пари во индустриите за коцкање и недвижности.

Државната комисија за спречување на корупцијата во јули 2023 година спроведе проверка за да утврди како се регулира начинот на исплата на добивки во казината и обложувачниците. Нејзината анализа покажала дека начинот на исплата на добивки претставува ризик од корупција, односно дека тие се недоволно јасни и не се прецизно уредени. „Законот им дава дискреционо право на приредувачите на игри на среќа сами да ги донесат правилата на игри на среќа, во кои, меѓу другото, треба да наведат и начините на исплатата на добивките,“ пишува во извештајот на ДКСК.

Задачата за регулирање на коцкањето ја има Министерството за финансии, орган кој ги собира и приходите од индустријата во форма на даноци и надоместоци за лиценци. Ова претставува конфликт на интереси и ваквиот начин на регулација е во спротивност со европските пракси кои имаат цел да ја заштитат регулативата за коцкање од политичко и корпоративно влијание. Во Обединетото Кралство, дом на некои од најлибералните закони за коцкање во светот, регулаторот е независно државно тело, одговорно пред јавноста, кое се наоѓа надвор од министерскиот систем.

„Тоа претставува потенцијален конфликт на интереси доколку регулатор е и министерството што ги носи законите“, рече Владимир Георгиев, поранешен член на Антикорупциската комисија. „Дури и да нема независно регулаторно тело, треба да има добри независни инспекции“.

Од македонската влада во оскудните одговори доставени до новинарите тврдат дека тие се бореле против перењето пари според постојната законска рамка. Во одговорот испратен од прес-служба на Владата се вели дека фирмите што аплицирале за лиценца за казино биле проверени и имале обврска да докажат потеклото на капиталот. Повеќето прашања не беа одговорени, а и оние што беа навидум одговорени содржеа празни бирократски фрази и цитати од членови на закони.

Проширување на полето за борба

Традиционалните слот-машини се сметаат за револуцијата на коцкањето и главниот виновник за глобалната експанзија на овој бизнис обезбедувајќи поедноставна и попристапна алтернатива за игрите со карти и рулетот. Коцкарот би платил за да врти три или повеќе полиња, обично со илустрации на овошје. Ако сите полиња се совпаднат во низа штом престанат да се вртат, коцкарот добива исплата. Додека овие традиционални апарати нуделе само еден тип игра, интерфејсот на екранот на новите генерации слот-машини може да понуди разновидни игри – од покер до популарни анимирани карактери и виртуелни форми на традиционалните „овошки“. Многу од овие уреди ги генерираат своите шанси на самото место. Сепак, ВЛТ-машините позајмуваат елементи од мрежниот свет на онлајн игри. Познати и како „видеослотови“, терминалите се поврзани со систем во кој шансите ги одредува централен компјутер.

Дигитални слот машини во локално казино во Скопје. / Фото: Арбнора Мемети

Македонија влезе на пазарот со ВЛТ-машините во 2014 година, како мнозински акционер во компанијата Државна видеолотарија на Македонија. Партнер на државата стана реномираната „Казинос Австрија“, коцкарска корпорација со седиште во Виена. Јавно-приватното партнерство ќе продолжи да ужива речиси децениски монопол проширувајќи го пазарот за ВЛТ со илјадници нови терминали низ целата земја. Приходите на компанијата пораснале за повеќе од 160 проценти помеѓу 2018 и 2022 година.

Партнерството започна за време на поранешната влада предводена од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Заедничкото вложување се совпадна со мерките за спречување на Македонците да се коцкаат на странски веб-страници. Владата тогаш рече дека нејзиниот потфат ќе обезбеди милиони евра приходи од коцкање да останат во земјата.

Истражувањето на порталот „Нова ТВ“ во 2016 година покажа дека сопствениците на Државната видеолотарија не биле целосно транспарентни. Покрај уделот на „Казинос Австрија“ и државата, повеќе од 30 проценти од компанијата беа во сопственост на офшор компанија регистриран во Лугано, Швајцарија. Уделите подоцна беа преземени од друга анонимна компанија регистрирана во Дубаи. Офшор компаниите се користат често за да се прикријат пари стекнати од корупција и криминал, како и вистинските сопственици зад одреден бизнис. Истражувањето на „Нова ТВ“ овие компании индиректно ги поврза со фирми блиски до поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков и неговиот кумашин, бизнисменот Јордан Камчев – денеска и двајцата под санкции на САД поради корупција.

Испративме прашања од „Казинос Австрија“ со цел да добиеме коментар за нивниот потфат во Македонија, како и за нивните вистински партнери. Компанијата одговори дека тие направиле скрининг на своите меѓународни партнери со цел да се осигурат дека се во согласност со интернационалниот водич за транспарентност и веродостојност. Во одговор пратен од директорот за комуникации на „Казинос Австрија“, Патрик Минар, се вели „компанијата работи со најголема можна одговорност“. Од компанијата во дописот тврдат дека тие имплементираат строги процедури за превенција од перење пари во Македонија. Но, признаваат дека стандардите на кои се обврзани во нивната македонската компанија се пониски поради постојната македонска регулатива која „не ги исполнува стандардите од повеќето држави во Европската Унија“.

Формирањето на Државната видеолотарија за време на мандатот на ВМРО-ДПМНЕ беше критикувано од страна на СДСМ, а опозицијата потфатот го опишуваше како криминален. На власт дојде со ветувања за борба против корупцијата, криминалот и перењето пари. Но, по преземањето на администрацијата во 2017 година, значајно ги надгради „достигнувањата“ на претходниците во коцкарската индустрија. Коалицијата предводена од СДСМ и ДУИ во 2023 година најави формирање четири заеднички вложувања со приватни компании за онлајн коцкање и ВЛТ-апарати. Потегот го правдаше како разбивање на монополот на Државната видеолотарија. Веќе се формираат нови друштва со заедничко вложување за онлајн коцкање, но само една од нив ќе работи со ВЛТ-апарати. Тоа е компанијата наречена „Ново ВЛТ“ која има за цел да ја прошири инфраструктурата за коцкање во земјата со стотици нови видеолотариски терминали.

И во оваа компанија државата го има мнозинскиот удел преку националниот оператор за лотарија, Државната лотарија. Нејзин партнер повторно е австриска фирма: коцкарскиот гигант „Новоматик“ со седиште во Гумполдскирхен, Австрија. „Новоматик“ е една од најголемите компании во глобалната коцкарска индустрија. Произведува технологија за коцкање, како што се најновите автомати за игри на среќа, а оперира и со казина низ голем број земји. Компанијата е добро вмрежена во Виена и Брисел. Контроверзиите дека „Новоматик“ има силно лоби дури и во европските институции се подгреваа повеќе од една деценија, кога европски функционер јавно ги обзнани своите акции во „Новоматик“ во својот анкетен лист. Станува збор за поранешниот извршен директор на „Новоматик“, Јоханес Хан, кој се искачи до највисоките ешалони на европските институции и стана комесар за проширување на ЕУ одговорен да ја надгледува политиката на Брисел кон земјите кандидати за членство, меѓу кои и Македонија. Медиумите во тоа време известуваа дека постојат индиции дека лобито на „Новоматик“ на Западен Балкан оди преку популарниот комесар Хан.

ВЛТ-апарати во обложувалница до маалски маркет во Општина Чаир. / Фото: Арбнора Мемети

Компанијата „Новоматик“ вработува повеќе од 20 000 луѓе низ светот, а неодамна беше рангирана како втор највреден австриски бренд – веднаш зад енергетскиот пијалак „Ред бул“ (Red Bull) и над синџирот супермаркети „Шпар“ (Spar). Во Австрија фирмата беше во центарот на скандалите кога се појави аферата наречена „Ибица гејт“ која ја собори владата на десниот популист Себастијан Курц. Во фокусот на наводите беше тврдењето дека фирмата потплатувала политичари за да добива лиценци. Во тајно снимени и протечени разговори може да се слушне гласот на поранешниот австриски канцелар како вели „’Новоматик’ ги плаќа сите“. Заменик-канцеларот подоцна ќе ги повлече зборовите тврдејќи дека ова го изјавил во алкохолизирана состојба. „Новоматик“ негираше каква било злоупотреба. Фирмата во своето соопштение експресно ги отфрли обвинувањата дека давала поткуп и тврдеше дека нејзините операции се одвивале исклучиво преку законски и транспарентни процедури.

Во Македонија договорот на Владата со „Новоматик“ го потпиша директорот на националната лотарија Перпарим Бајрами, кого медиумите често го идентификуваа како соработник на Артан Груби, потпретседател на ДУИ и актуелен вицепремиер во Владата. Именувањето на Бајрами мина со низа скандали и медиумите сугерираа дека со неговите 26 години и никакво искуство во секторот тој ја добил позицијата благодарение на партијата. Бајрами не одговори на повеќекратните барања за коментар за оваа приказна.

Неговото назначување дојде по реконструкцијата на Владата во 2020 година, кога на ДУИ ѝ беше доделена контрола врз Министерството за финансии, институцијата што дава лиценци и собира приходи од коцкарската индустрија. Во времето на новиот министер за финансии Фатмир Бесими, индустријата продолжи да се шири. Се доделија нови лиценци за онлајн и електронски игри на среќа, а деловните објекти на веќе лиценцираните казина и обложувачници постојано се збогатуваа. Ниту министерот за финансии Фатмир Бесими не одговори на нашите барања за коментар.

Иронично, заменик-претседателот на ДУИ, Артан Груби, изјави дека ќе се бори за граѓаните на кои им пречи растот на индустријата сугерирајќи дека нивната поддршка за движењето против коцкање продолжува. „Сакам казината и обложувалниците да се дислоцираат од центрите на градовите бидејќи секоја втор објект е или казино или обложувалница“, рече Груби во интервју за „360 степени“ во февруари. „Јас дури би ја поддржал нивната целосна забрана, ние би гласале за тоа како партија“. Груби ја обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека го блокирала донесувањето на измените на законот, но на второто гласање, кога измените паднаа, недостигаа гласови од владејачкото мнозинство.

Лидерот на движењето Џемал Абдиу денес се запрашува дали политичкиот естаблишмент искрено сакал да им помогне на граѓаните да се справат со овој проблем. „Никој од нив не се бореше вистински за измените на законот за коцкање“, рече тој. Се чувствува разочаран зошто додека Владата им ветуваше дека ќе го заузди секторот, истовремено ги здружи силите со операторите на казина за уште поголема експанзија.

„Велите дека сите овие години се борите да ги изгласате амандманите, а во меѓувреме заменувате една форма на коцкање со друга. Ние како движење сме против секаков вид коцкање“, вели Џемал Абдиу кој додаде дека е длабоко разочаран од сите партии, но и од претседателот Стево Пендаровски поради неуспехот да ги донесат измените на Законот за игрите на среќа.

Граѓаните против коцкарската индустрија, 0:1

Додека Владата го продлабочува партнерството со коцкарската индустрија, контурите на овие релации се магливи. Тоа е затоа што прописите за лобирање се слабо спроведени – исто како и многу други прописи во Северна Македонија. Пред речиси три години, Антикорупциската комисија отвори регистар на лобисти со цел нивното влијание да биде потранспарентно. Меѓутоа, досега ниту еден лобист или лоби-организација не се пријавил во регистарот, вели поранешниот член на Комисијата, Владимир Георгиев. Вината, рече тој, е кај државните органи кои се и цел на лобирање: тие не успеаја да спроведат суштински контроли. „Ова ја оневозможува јавноста да препознае кој врши влијание врз извршната и законодавната власт и за каква цел“.

Напорот за измена на регулативите за коцкање, сепак, на јавноста ѝ даде минимален увид во лобирањето на казино-индустријата, нејзините поддржувачи во Европската Унија и нивниот однос со македонската држава.

Кога првпат беа предложени нацрт-амандманите, тие предизвикаа бурни реакции од страна на индустријата. Во серија заканувачки соопштенија дистрибуирани преку маркетинг-агенции низ повеќе медиуми, тие ја обвинуваа владата дека е неевропска, популистичка и дека ваквиот потег ќе биде штетен за економијата. Токму гигантот „Новоматик“ ја предводеше медиумската војна против измените. Во соопштението за медиумите од мај 2021 година компанијата тврдеше дека предложените измени ќе создале хаос, илјадници луѓе ќе ги загубеле работните места и ќе го поттикнале развојот на нелегално коцкање. Предлогот за оддалечување на казината од училиштата и градинките, пак, компанијата го опиша како неостварлив и чист популизам.

„Новоматик“ ја повика државата да разгледа алтернативни форми на регулација што ќе ѝ овозможат да ги одржува „постојните буџетски приливи“. Фирмата предупреди дека со предложените измени на законот државата ќе загубела милиони евра приходи од операторите на игрите на среќа. „Новоматик“ понуди дури и да ѝ помогне на Владата да ги преработи предложените измени на законот.

„Подготвени сме со свои правни експерти активно да се вклучиме во изготвување нови законски измени, кои би се правеле транспарентно и со вклученост на сите засегнати страни“, се вели во соопштението.

Ја прашавме Владата дали ја прифатила понудата на „Новоматик“. Оттаму не одговорија на нашите прашања. Ги прашавме и во „Новоматик“ дали Владата ја прифатила нивната понуда. Фирмата не одговори директно на прашањето. Во одговорот испратен од раководителот за комуникации на фирмата, Александра Линдлбаер, пишува: „фирмата работи во различни држави во согласност со највисоките и најстроги стандарди за усогласеност и заштита на играчите“, кои се „континуирано надлегдувани од независни тела“.

Реклама на Адмирал, бренд на Новматик, на автобуска станица во центарот на Скопје. / Фото: Арбнора Мемети

Реакцијата против предлог-амандманите дојде и од владата на Австрија, домот на најголемите играчи во македонскиот коцкарски сектор. Во пролетта минатата година, тогашниот австриски амбасадор во Скопје, Георг Вуцас, напиша две писма до македонската влада и парламентот, при што предупреди дека предложените закони ќе му наштетат на угледот на земјата за заштита на инвеститорите и почитување на принципите на слободниот пазар.

Амбасадорот ги повтори предупредувањата од коцкарската индустрија дека Владата ќе мора да плати голема отштета доколку ги одобри амандманите. Вуцас напиша дека Македонија ќе се соочи со ставање на „црната листа“ како небезбедно место за водење бизнис бидејќи новите закони ќе го покажат нејзиниот неуспех да ги заштити инвеститорите и да ги поддржува принципите на слободниот пазар. Амбасадорот ги бранеше „Новоматик“ и „Казинос Австрија“. Двете австриски компании, напиша тој, го увериле дека ги применуваат највисоките стандарди за заштита на играчите, во согласност со правилата во Австрија и Европската Унија.

Го контактиравме Вуцас за коментар, но тој рече дека нема што повеќе да каже по ова прашање. Но, одговорите на државата Австрија сугерираат дека ставовите на амбасадорот не се ставови на Австрија. Австриското Министерство за надворешни работи се огради од забелешките на амбасадорот. Во одговорот на нашите прашања, портпаролот на федералното Министерство за европски и меѓународни прашања во Виена рече дека поранешниот амбасадор бил опоменат за неговите несоодветни забелешки.

Предложените измени на Законот за игрите на среќа беа нападнати и од внатре во македонскиот политички естаблишмент. ВМРО-ДПМНЕ постојано ги критикуваше предлог-законите тврдејќи дека тие имаат за цел да обезбедат покритие за владините политичари да ги унапредат своите лични интереси во коцкарскиот сектор – обвинение кое владата во заминување го негираше.

Владата инсистираше на тоа дека нацрт-амандманите ќе ги усогласат домашните регулативи за коцкање со стандардите во Европската Унија. Минатата година таа го прикачи „европското знаменце“ на предлог-измените пред да ги достави на расправа во парламентот. Неговата употреба во овој случај ѝ овозможи на Владата да ја заобиколи парламентарната комисијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која спречуваше да се расправа за амандманите во парламентот.

Во февруари оваа годинава измените конечно беа изгласани и потоа доставени до претседателот за да бидат потпишани – најчесто формалност во процесот на носење закони. Сепак, Пендаровски одби да ги потпише амандманите и, наместо тоа, Законот го испрати назад во парламентот тврдејќи дека не бил соодветно дебатиран. Претседателот ја спореше употребата на „европското знаменце“ за измените на Законот и ги повтори критиките упатени од Вуцас. На следното гласање во парламентот, на 14 март, власта предводена од СДСМ и ДУИ не го обезбеди потребното мнозинство од 61 пратеник при повторното гласање на амандманите, дури ни во своите редови. На само неколку недели до изборите исчезнува надежта дека Владата ќе покаже макар минимална грижа за еден длабоко непопуларен општествен проблем.

Ја прашавме Владата дали направила анализа за влијанието на најконтроверзниот аспект од планираните амандмани – забраната за коцкарниците да работат на 500 метри од училиштата и градинките. Портпаролот на Министерството за финансии во одговорот рече дека предложениот закон предвидува преместување на местата за коцкање наместо намалување на нивниот вкупен број. Како резултат на тоа, рече портпаролот, „нема анализа“ во врска со „бројот на места што ќе бидат засегнати“.

Владимир Георгиев, поранешен член на Антикорупциската комисија, вели дека законите што биле усвоени по скратени постапки често да содржат нејаснотии. Во овој случај деталите за правилото од 500 метри, меѓу другото, ќе требаше да се утврдат понатаму преку правилник оставајќи „простор за манипулации и потенцијално предизвикување проблеми со имплементацијата“, вели Георгиев.

Но, проблематична е и имплементацијата на постојните закони. Самата влада не ги почитува регулативите. Министерството за финансии регистрирало трипати помалку ВЛТ-апарати од оние на пазарот, со што ги прекршиле законските одредби за евиденција – активност замислена да помогне да се креираат политики кои треба да ги заштитат потрошувачите, но и да се заштити државата од финансиски ризичен капитал. Во одговорот на нашите прашања, Министерството рече дека во државата во моментов има 1 300 ВЛТ-апарати. Но, бројката обезбедена од австриската „Казинос Австрија“, покажува 4 800 ВЛТ-апарати во Македонија.

Џемал Абдиу е свесен дека предложените амандмани немаше да го решат општественото влијание на коцкањето. Тој на измените гледаше како на прв чекор што ќе овозможи да им се покаже на „големите играчи во индустријата дека не се недопирливи“. Непосредно пред неуспешното гласање, на почетокот на март, функционерите на ДУИ се фотографираа со Абдиу во Мала Речица. Премиерот Талат Џафери и министерот за финансии Фатмир Бесими лично го уверувале дека барањата на движењето не се заборавени. Набргу по оваа средба се покажа дека нивниот збор нема вредност. „Тие постојано даваат ветувања што не можат да ги исполнат“, рече тој. „Кога станува збор за политички агенди, веќе не знаеме кој со кого се коцка. Ние сме само бројка за нив“, додаде Абдиу.

Оваа сторија е направена како дел од програмата „Fellowship for Journalistic Excellence поддржана од Фондацијата Ерсте во соработка со Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН). Уредник на истражувањето е Нил Арун (Neil Arun). Илустрацијата е на Лука Блажев. Редактурата на македонски јазик е на Сашка Цветковска.

Сторијата на албански јазик може да го прочитате на PortaliX
Сторијата на англиски јазик може да го прочитате на Balkan Insight

Повеќе од Меѓународни истражувањаПовеќе теми во Меѓународни истражувања »