Press "Enter" to skip to content

Обвинителка од колегиумот на Јовески за тетовската модуларна болница избрана за негов привремен наследник

Обвинителката Соња Симовска беше дел од стручниот колегиум од обвинители којшто го состави Љубомир Јовески. Таа, исто како и другите обвинителите, ценела дека не мора да се бараат причините за пожарот, туку гласала да се гонат болницата, докторот и директорот. 

Известува: Бојан Стојановски

Соња Симовска е нов в.д. републички обвинител. Со девет гласа „за“, Советот на јавни обвинители ја избра да ја врши функцијата, но не подолго од шест месеци. Речиси без дебата и само со пофални зборови од членовите од телото која ја избра, Симовска ќе го замени досегашниот републички обвинител Љубомир Јовевски на кого му истече мандатот и оди во пензија. 

Со кусо резиме за нејзиниот професионален ангажман во обвинителството и без информации на кои предмети работела во текот на кариерата, почна и заврши денешната седница која не траеше повеќе од дваесетина минути. Четири од деветте присутни членови на советот одлучија да кажат по некој збор за Симовска, главно посочувајќи ја како професионалец со капацитет да го менаџира обвинителството, без притоа да дојде до внатрешен раскол во институцијата. 

„Чесен човек и професионалец, ја поддржувам“, рече Влатко Георгиевски, член на Советот на јавни обвинители. 

 

„Има авторитет. Нема да има раскол во обвинителството додека не се именува нов обвинител“, посочи Антонио Јолевски член на Советот на јавни обвинители. 

Заменик претседателот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети, кој претходно беше Народен правобранител на предлог на Демократската унија за интеграција (ДУИ), за Соња Симовска рече дека има капацитет да се носи со функцијата која и ја доверуваат. 

„Сметам дека предлогот е добар и не грешиме да ја поставиме на функцијата додека Собранието не избере нов републички обвинител“, посочи Меџити и додаде дека Соња Симовска е солиден познавач на кривично правната материја. 

Соња Симовска беше единствен кандидат за вршител на должноста – републички обвинител. Ја предложи претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриеска. Дополни дека Симовска била приправник во скопското обвинителство, па потоа обвинителка во Основното јавно обвинителство Скопје. Во 2009 напредувала во Вишото јавно обвинителство Скопје и таму работи до 2021 година. На почетокот на 2022 година станува дел од републичкото обвинителство. 

Покрај скромните општи информации за нејзината кариера, претседателката на Советот на јавни обвинители посочи дека станува збор за вистински професионалец со менаџерски способности. На прашање, дали пред и официјално да ја изберат Соња Симовска, членовите на советот се договориле да ја поддржат, Душица Димитриеска објасни дека освен јавни седници имаат и колегиуми, но не одговори зошто останатите осум републички обвинители не ги исполнуваат условите за в.д. шеф на републичкото обвинителство.

„Ги познаваме. Ја следиме нивната работа“, одговори Душица Димитриевска, претседателка на Советот на јавни обвинители.

Соња Симовска е релативно непозната за пошироката јавност но добро позната во обвинителските кругови. Истражувачката репортерска лабораторија на 13 август го објави документарното истражување „Убиство во Тетово“ за начинот како изгоре модуларната болница во Тетово и притоа живи изгореа 14 ковид пациенти во објектот. Повеќе од две години од трагедијата, обвинителството за гонење организиран криминал и корупција сè уште истражува како и зошто настрадаа 14 лица. Меѓу другото тимот на ИРЛ откри дека на колегиум било одлучено кој да одговара за ужасот кој се случи на осми септември 2021 година. 

„На 11 мај 2022 година Државниот обвинител свикува колегиум, на кој присуствуваат десет обвинители и едногласно носат одлука кои лица ќе бидат обвинети. Со состанокот раководи државниот Јавен обвинител Љубомир Јовески, а одлуката едносгласно ја носи заедно со основните обвинители Бесир Алиу, Ханефи Амети, Зорица Павловиќ и Дејан Петрески. За обвинението гласаат и Ислам Абази од вишото гостиварско обвинителство, јавните обвинители Ацо Колески, Соња Симовска и Мустафа Хајрулаху и Наталија Тасевска од вишото обвинителство во Скопје“, се откри во документарното истражување.  

Меѓу обвинителите, на колегиумот е и обвинителката Соња Симовска, која сега е избрана на привремена раководна позиција во Републичкото обвинителство. 

Мандатот на Љубомир Јовески завршува во понеделник на 25 декември, од кога Симовска и официјално ќе ја преземе функцијата. Против Јовески во Собранието има и интерпелација. Седум пратеници од БЕСА, Алтернатива и Демократското движење, посочија дека Јовески должи објаснување, поради сомнеж за начинот на кој се водела постапката и одлуката да се гонат трети лица, само за несовесно постапување во службата, но не и да се истражат вистинските причини како модуларната болница изгоре за само неколку минути а со неа гореа и живи луѓе. 

Инаку кандидати за Републички јавен обвинител се, Фатиме Фетаи, Љупчо Коцевски и Лидија Раичевиќ. Нивните кандидатури, Владата ги испратила до Советот на јавни обвинители – институција која треба да даде позитивно или негативно мислење и да ја извести Владата. Потоа предлозите, Владата ги испраќа во Собранието, а пратениците треба да го изберат новиот републички обвинител.

Доколку не сте го гледале документарниот филм „Убиство во Тетово“, го споделуваме на линкот подолу

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »