Press "Enter" to skip to content

Кој го нагрди Кичево

Во Кичево често се гради спротивно на одобренијата или без одобрение. Општината, обвинителството и полицијата знаат што се случува, но никој не презема ништо. Тоа е така затоа што преовладал економскиот интерес на локалните моќници од Кичево, поддржан од општината преку партиски и семејни врски. Преку семејни врски во општината ИРЛ ги открива виновниците за бетонската трагедија која го снајде градот.

Известува: Александра Денковска; Графика: Лука Блажев

Сместен во западниот дел од државата, Кичево за повеќето луѓе е само транзит зона на патот до туристичкиот град Охрид. За оние пак, за кои Кичево е предодреден да биде дом, е место кое веќе ја губи својата перспектива. ИРЛ живееше еден месец со кичевчани со цел поблиску да се запознае со проблемите што ги мачат граѓаните, но и новинарите директно да ги слушнат проблемите кои ја кочат функционалноста на овој град. Една таква појава е агресивната бетонизација и непланска урбанизација на градот. ИРЛ мапираше десет проблематични градби кои или се целосно изградени на диво без никакви процедури, или пак имаат нелегално доградени катови.

Додека ги истражувавме овие градби и нивните инвеститори, откривме дека кога се градело на диво, помагале и семејните врски оти Кичево е мал град. Токму ваквата поврзаност им го олеснилa патот на лукративните инвеститори полесно да ги изградат своите диви градби. На итрите бизнисмени кои одлучуваат да градат незаконски им се спротивставува само еден градежен инспектор кој треба да ги лоцира и урне нелегално доградените или изградени објекти на територијата на цела општина Кичево.

Случај број 1 – Семејни врски

Вјолца Абази е раководителка на секторот за урбанизам во Општина Кичево. Таа е вработена во општинската служба повеќе од 10 години и нејзината задача е да ги разгледува барањата за одобренија за градби, да ги одобрува проектите или истите да ги отфрли доколку не се испочитувани законските прописи.

Нејзиниот сопруг пак, Газменд Фејза е архитект – проектант вработен во фирмата „Оникс плус“ во која од декември 2023 година е и управител. ИРЛ утврди најмалку шест градби каде Фејза се јавува како проектант, но и застапник на барањата за одобренија за градба што неговата сопруга Вјолца Абази ги одобрила.

ИРЛ побара мислење од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за конкретниот случај. Оттаму потврдија дека судир на интереси постои, особено што службеник кој е на висока позиција има можност да ги контролира успесите на проектите на член од семејството, во случајов сопруг. Абази како службеничка требала сама да го пријави судирот на интереси и да се изземе од предметите каде застапник е нејзиниот сопруг, но тоа не било сторено.

„Ваквата состојба претставува можност за влијание на приватниот интерес на службеното лице Вјолца Абази вработена во Општина Кичево врз непристрасно вршење на јавните овластувања/службените должности, односно доведување во состојба на судир на интереси и постапување спротивно на законски утврденото начело на интегритет“, пишува во мислењето на ДКСК.

Сопружниците Фејза и Абази велат дека не постои никаков судир на интерес во нивниот случај. Проектантот Фејза во изјава за ИРЛ рече дека тоа што неговата сопруга е раководителка на секторот на урбанизам не значи дека неговите проекти имаат повластувања, ниту дека инвеститорите со кои тој соработува имале некакви олеснувања во постапката.

Ист став има и Абази, која рече дека досега никој не се пожалил на нефер третман при издавање на одобренија за градба. Таа тврди дека сите постапки без оглед кој ги поднесува се разгледувани и работени во согласност со сите рокови.

„Тоа што Газменд ми е сопруг не влијае никако за неговите проекти да се одобруваат побрзо или пак да се одобрат доколку се некомплетни“, рече Вјолца Абази за ИРЛ.

Во сите шест барања за одобрение за градба што Газменд Фејза ги застапувал пред својата сопруга, како инвеститор се јавува кичевското семејство Ајроја, односно таткото и синот, Ваит и Шаип Ајроја. Фамилијата Ајроја меѓу кичевчани е позната по бизнисот со менувачници преку фирмата „Ваит комерц 95“, но од неодамна имаат основано и две градежни фирми, „Ваит и Пупи компани“ и „АА инвест“.

Специфично за градежната пракса на Ајроја е тоа што проектите и целата документација е подготвувана за изградба на семејни куќи, но подоцна на терен наместо куќи никнуваат згради. Ова е противзаконски, бидејќи градат спротивно на она што им го одобрила општината. Кривичниот законик во членот 244 предвидува дека секој којшто гради без одобрение за градба или пак спротивно на одобрението за градба ќе се казни со казна затвор од три до осум години.

Ваков е случајот со пет од шесте градежни објекти на ова семејство.

Единствената градежна инспекторка вработена во Општина Кичево, Александра Силјаноска, извршила вонреден инспекциски надзор над овие објекти. Во записниците утврдила дека е градено спротивно на одобренијата за градба и донесено е решение со кое се задолжува инвеститорот да ги отстрани објектите, но тоа не е направено.

„На дел од катастарската парцела изградена е станбена зграда спротивно на одобрението за градење кое е издадено од општината и се однесува за изградба на станбена куќа со катност од подрум, приземје, два ката и потпокрив“, се вели во еден од записниците на градежната инспекторка.

Последниот пак, шести објект наместо да биде индустриска зграда со приземје и еден кат како што било предвидено во документацијата, таа има еден кат повеќе. Инспекторката и во овој случај утврдила дека не е испочитувано одобрението за градба.

„На дел од катастарската парцела која е во сопственост на Шаип Ајроја изградена е индустриска зграда спротивно на одобрението за градење“, пишува во записникот.

На сите овие проекти, барањата на одобренијата за градба ги застапува проектантот Газменд Фејза и проектантското друштво „Оникс Плус“. Но, неговите проекти биле искористени за општината да ги издаде одобренијата за градба, а потоа инвеститорите Ајроја граделе според сопствената замисла и наместо куќи изградиле згради.

Освен што противзаконски е да се гради спротивно на одобренијата за градба, ваквите објекти може да претставуваат и безбедносен ризик. Директорот на Институтот за земјотресно инженерство и сеизмологија, Влатко Шешов, појаснува дека кога некој сака да гради мора претходно да достави соодветна документација за истото и општината да направи проверка. Ова важи и за првично добивање на одобрение за градба, но и доколку некој сака да направи измени во проектот и да гради нешто друго. Тој смета дека самоволното однесување и злоупотребата која некои инвеститори ја прават може да има кобни последици.

„Ако проектот кој го одобрила општината се однесува на објект од два ката, а некој без никаков дополнителен проект изградил пет ката, со тоа ја загрозува и безбедноста на објектот и на тие што живеат во него. Ваков објект без сите потребни документи не може да се запише ни во катастар. Недозволиво е да се случуваат вакви работи“, вели Шешов.

За дел од објектите на семејството Ајроја решенијата за отстранување на објектите се направени откако тие веќе биле изградени, но има решенија за отстранување кои се донесени додека дел од објектите сè уште биле во изградба. Но, инвеститорите не ги испочитувале ниту едно од овие решенија. Друга законска можност за отстранување на дивоградбите е општината на тендер да избере фирма за отстранување на бесправно изградени објекти, но и тоа досега не е направено.

ИРЛ телефонски ги побара Ваит и Шаип Ајроја. Ниту еден од нив двајцата не сакаше да ни одговори на нашите прашања. Испративме и смс пораки во кои прашавме зошто градат објекти за кои немаат одобренија за градба, зошто ги плаќаат проектите од Фејза кога не градат по нив, што ќе прават со објектите кои им се заведени како дивоградби и за кривичните пријави што се поднесени против нив, но одговор не добивме.

СЛУЧАЈ 2 – Син на општинска службеничка изградил дивоградба од 250 метри квадратни

Семејните конекции користени за да се заобиколи законот и да се гради на диво не завршуваат. ИРЛ откри уште еден случај на користење на фамилијарни врски во општината. Додека новинарите беа во Кичево, открија дека на магистралниот пат кој води кон Охрид, од левата страна е изградена куќа – дивоградба од 250 метри квадратни. Сопственик е Џевдет Сулејмани, син на Љуљзиме Сулејмани, која пак е вработена во општинската администрација. Госпоѓата Сулејмани во еден период од нејзината кариера била и секретарка на актуелниот градоначалник Фатмир Дехари, а подоцна е префрлена во Секторот за финансии каде сè уште работи. Нејзиниот син Џевдет, кој живее во Виена, успеал да ја изгради куќа на диво без ниту еден документ. Општината, нему никогаш не му издала одобрение за градба. Куќата се наоѓа на земјиште кое изнесува 600 метри квадратни и е во сопственост на Џевдет Сулејмани. Оваа парцела во катастарот е заведена како земјиште со овоштарници.

Куќата од 250 метри квадратни е изградена без одобрение за градба.

Градежната инспекторка Александра Силјаноска и во овој случај утврдила дека ова е дивоградба и донела решение објектот да се отстрани.

„Станбен објект со површина на габарит од околу 250 метри квадратни и катност приземје еден кат и потпокрив изграден без одобрение за градење“, пишува во записникот.

ИРЛ стапи во контакт со мајката Љуљзиме Сулејмани која е вработена во општината и со Џевдет Сулејмани. Првично, госпоѓата Сулејмани тврдеше дека е на состаноци и дека ќе нè контактира подоцна што не се случи, а синот инвеститор не одговори на повиците од новинарите.

Случај 3 – Три спорни објекти во близина на полициската зграда

Главната артерија на Кичево е булеварот „Ослободување“ и речиси е невозможно да се минува низ градот без да се движите по оваа улица. Полициската станица се наоѓа на левата страна на булеварот кога се движите кон плоштадот, а наспроти неа во 2021 година е изградена нова зграда. Во овој објект, кој според одобрението за градба треба да има приземје и два ката е сместено и кафулето „Манор“, сопственост на семејството Хајдини. Зградата е изградена со два ката повеќе од она што е пропишано во одобрението за градба. Инвеститори на објектот се Албиан и Нешат Хајдини.

Последните катови на зградата се изградени без одобрение за градба.

Кога почнала изградбата на објектот, браќата Хајдини граделе според одобрението за градба. Но, откако ја изградиле зградата и го затвориле објектот, одлучиле да го тргнат покривот и нелегално да доградат уште два ката. Градежната инспекторка донела решение за уривање на двата ката кои се дивоградба, но досега тие не се отстранети.

ИРЛ телефонски контактираше со инвеститорот Албиан Хајдини и тој не упати прашањата да ги поставиме на неговиот адвокат, но не ни одговори ниту на прашањето кој е неговиот адвокат.

На 100 метри пред овој објект пак, има уште еден монтажен објект поставен на државно земјиште во чии рамки функционира билијард клуб. „Предатор“ изграден на 180 метри квадратни. Овој објект е залепен до семејна куќа, а земјиштето под куќата е во сопственост на Мелиса Ќазимоска. Таа е и еден од сопствениците на фирмата „Схотерс клуб“ која е сопственик на клубот „Предатор“. Градежната инспекторка од општината при инспекциски надзор утврдила дека „Предатор“ узурпира државно земјиште и наложила Ќазимоска да го отстрани, но тоа до денес не е направено.

Објектот „Предатор“ без никакво одобрение е поставен на државно земјиште.

Зад билијард клубот „Предатор“ се наоѓа уште еден габаритен објект со вкупна површина од околу 800 квадрати во чии рамки функционира шиша – барот „Клауд 9“. Сопственост е на семејството Реџепи, односно синот Рахман и таткото Џемаил Реџепи. Џемаил Реџепи меѓу кичевчани е познат по угостителскиот бизнис и бизнисот со продажба на мебел „Рома“. Земјиштето врз кое е изграден „Клауд 9“, Реџепи го купил во 2006 година од приватни сопственици. Со овој купопродажен договор Реџепи станал сопственик на 30 отсто од парцелата на која се наоѓа „Клауд 9“, а остатокот го докупил преку окрупнување на парцелата од државно земјиште.

За дел од објектот Џемаил Речепи добил одобренија за градба во 2009 година, но останатиот дел од објектот го изградил на диво. Сепак, Реџепи ја искористил законската можност за легализација на диво – изградениот објект.

Иако, по документација за овој објект се изгледа чисто и законски, проблематично е тоа што со доградбата на овој објект, оневозможено е функционирањето на станарите кои живеат во зграда зад овој објект. Отежнат е пристапот за амбулантно или пожарникарско возило, затворен е видикот на повеќето станови, а узурпиран е и паркингот на жителите кои живеат во станбената зграда.

Дел од објектот е изграден без одобрение за градба.

Станарите кои живеат зад „Клауд 9“ веќе трета година се борат и со институциите и со инвеститорот Реџепи да најдат заеднички јазик и да може да функционираат.

„Во летните периоди не се живее. Музиката е гласна и трае до раните утрински часови. Не можеме да седиме на нашите тераси бидејќи објектот е многу блиску, исто како гостите од барот да ни се влезени дома“, вели Марио Димитриевски, кој живее во зградата зад овој објект.

Тој кажа дека станарите се организирале, потпишувале и петиција, а ги известиле и институциите како народен правобранител, полиција и општинските служби, но досега само народниот правобранител им одговорил дека го примил нивниот допис.

По поплаката од граѓаните, градежната инспекторка Александра Силјаноска направила вонреден инспекциски надзор над објектот на Реџепи. Таа утврдила дека на дел од парцелите без одобрение е изградена доградба на станбен објект.

„По извршениот увид на лице место од страна на овластениот градежен инспектор, констатирано е дека вака изградениот објект ја загрозува животната средина и ги попречува предвидените активности од страна на Општина Кичево, односно го загрозува јавниот интерес“, пишува во записникот.

Во решението пишува и дека нема да изрече опомена до инвеститорот, туку наредува да се отстрани доградбата. Доградбата на овој објект сè уште не е отстранета, а последниот договор меѓу Реџепи и општината за откуп на речиси 300 квадрати земја е склучен по донесувањето на решението за отстранување на доградбата.

Сите надлежни институции ги знаат кичевските дивоградби

За сите овие случаи каде нелегално се изградени објекти, бесправно се доградени дополнителни ката од предвиденото или е узурпирано државно земјиште се донесени решенија за отстранување на објектите. Според законските прописи инвеститорите треба сами да ги отстранат објектите, а доколку тоа не го направат, општината преку фирма избрана на тендер треба да ги отстрани нелегалните објекти. Досега, ниту инвеститорите ги отстраниле објектите, ниту општината.

Дополнително, за сите овие проблематични објекти кои ИРЛ ги мапираше се поднесени и кривични пријави од страна на СВР – Охрид под чија надлежност е полицијата во Кичево. Обвинителството сè уште за сите овие пријави води предистражни постапки.

Градоначалникот Фатмир Дехари, кадар на Демократската унија за интеграција (ДУИ) кој десет години е на власт во Кичево вели дека е свесен за проблемот со дивоградбите и злоупотребата на процедурите. Тој, овие проблеми ги лоцира во три сегменти: дека долго време како општина немале градежен инспектор, законската можност за легализација на дивоградби и тоа што многу дивоградби се изградиле во време на изборни кампањи кога биле деконцентрирани општинските служби.

„Не се некои суштински аргументи, но тоа се работи што се случуваат. Но, сепак, ние немаме такви кои преку мускули и сила градат бесправно“, заклучи Дехари.

Тој кажа дека општината нема склучено договор со фирма за уривање на дивоградби, но имале фирма која ја ангажирале доколку имало потреба.

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.