Press "Enter" to skip to content

Тајното живеалиште на кичевскиот градоначалник во зградата на сватот на Ахмети

ИРЛ откривa дека Фатмир Дехари живее во стан од 172 квадрати во нов станбен комплекс во Кичево, а не во семејната куќа во селото Србица. Станот се води на фирмата „АС Сењак“ во сопственост на бизнисменот Селаудин Арифи. Фирмата „АС Сењак“ е во топ петте фирми со најмногу тендери од општината, а сопственикот Арифи е во сватовска врска со лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Известува: Маја Јовановска / Илустрации: Лука Блажев

Фатмир Дехари е еден од најмоќните луѓе од Кичево. Тој е актуелен градоначалник на општина Кичево и функционер од кариера кој минатите две децении ги минува на разни високи државни, но и високи партиски позиции во Демократската унија за интеграција која 20 години е дел од извршната власт. Во историјата на градот останал најдолго на градоначалничката функција. 

Десетте години власт со Кичево се проследени со растечко незадоволство од заедницата, како и сè позачестени обвинувањата за негрижа и корупција од страна на опозициските партии и граѓаните – активисти. Како на пример, високо партиско влијание врз доделувањето на јавните набавки. Чест пример во медиумските записи е пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски, нарекуван и кралот на нафтата. Неговата семејна фирма „Пуцко Петрол“ дебело профитира од тендери во институциите каде што раководат партиски кадри на ДУИ. Меѓу нив е и Кичево. 

На хартија, Дехари е редок вид во македонската политика. Во минатите две децении бил именуван на бројни високи функции, но се чини никогаш не ги злоупотребил за да се збогати. Неговиот имотен лист депониран во Државната комисија за спречување на корупцијата е непроменет од 2002 година до денеска. 

И навистина,  документите на институциите кои што бележат податоци за движниот и недвижниот имот покажуваат дека Фатмир Дехари е речиси сиромав градоначалник. 

Селото Србица во кичевско е родното место на градоначалникот Фатмир Дехари и неговото законски пријавено живеалите пред органите на МВР. Извор:Википедија

Репортерите на ИРЛ преку пребарување на јавните списи и интензивна теренска проверка во Кичево откриваат дека градоначалникот незаконски живее во непријавен стан во зграда изградена од страна на сватот на Али Ахмети, што е спротивно на прописите на Министерството за внатрешни работи. Ова откритие отвори прашања за веродостојноста на имотната состојба на градоначалникот и сомнежи за трговија со влијание. 

Скриениот стан 

Според Избирачкиот список Дехари живее во куќа на неговите родители во селото Србица. Има сопруга и три деца. 

За две децении функционерски живот во неговиот имотен лист во Антикорупциската комисија не е променето речиси ништо. Не поседува никаков имот на негово име, ниту пак на неговата сопруга. Како имот на родителите пријавил две куќи од вкупно 210 квадрати, земјоделско земјиште и штала. Живее од градоначалничка плата и скромните примања на неговата сопруга од минимално загарантирана плата во „А.Д. Пошта“.

„Па, ова сум јас. Ова сме ние. Знаат кичевчани како живеам“, вели Дехари.

Според него, ако имало било што сокриено, тоа досега ќе излегло пред јавноста.

„ Значи не е тоа една недела, ќе криеш една недела. Десет години се.“, вели Дехари.

Јавна тајна во Кичево е дека Фатмир Дехари не живее во селото Србица како што официјално пријавил во Државната комисија за спречување корупција. Зградата ја изградила фирмата „АС Сењак“ од Кичево, а вселена е во 2018 година. ИРЛ неколку пати безуспешно чекаше пред објектот да се појави Дехари или неговата сопруга. Неговите соседи не криеја дека комшија им е градоначалникот.

 „Да, тука живее. На првиот кат“, рече за ИРЛ еден од соседите кој има стан во истиот влез. 

Според јавно достапните имотни листови во Катастарот Фатмир Дехари не е станар во објектот.  Станот кој го користи има 172 метри квадратни и се води на фирмата која ја изгради зградата – „АС Сењак“.  

Зградата која ја изгради фирмата „АС Сењак“ и во која стан користи градоначалникот Фатмир Дехари. Извор: ИРЛ

Кичево е мал град, а граѓаните и локалната власт многу брзо открија кои се темите на кои работи тимот новинари од ИРЛ.

Градоначалникот Дехари подготовен го дочека прашањето во интервјуто, зошто крие дека живее во стан во Кичево и зошто овој имот не го пријавил во институциите.  

„Немам ништо посебно. Единствено станот што го земал постариот брат откако се договорил со сопственикот и од моментот кога ќе биде извршена уплата, истиот ќе биде пријавен. Засега постои само усмен договор меѓу брат ми и сопственикот. Ништо друго немам.“, рече Дехари. 

Фирмата „АС Сењак“ во чиј стан живее градоначалникот е во сопственост на кичевскиот бизнисмен Селаудин Арифи. Неговото име не беше познато за пошироката јавност и неговите бизнис операции секогаш беа под радарот на медиумите. Но, сватовската врска со Али Ахмети го популизираше – неговата ќерка е вереница на синот на претседателот нa ДУИ. Компанијата АС Сењак, веќе десет години е меѓу првите пет фирми кои добиваат најмногу тендери од општина Кичево. За осум години оваа компанија склучила договори со градоначалникот Дехари во вредност од 6,5 милиони евра.

Станот кој го користи не е пријавен во Антикорупциската комисија, иако како функционер има обврска да наведе и во случај доколку живее под кирија и колку пари плаќа за наем. 

Според даночниот експерт Павле Гацов, законите кои ја уредуваат оваа област не познаваат термин усмен договор, дури и во случај ако имотот е издаден под закуп. 

„Според Законот за нотаријатот,  во Законот за домување, и Законот за катастар е строго прецизирано дека договорот за закуп треба да биде заведен кај нотар и укнижен во Kатастар.“, вели Гацов цитирајќи членови од сите споменати закони. 

Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска вели дека токму поради вакви случаи, Државната комисија за спречување на корупција инсистира да се донесе Закон за потекло на имот, како системско решение за откривање на начинот на стекнување на имотот.

„Концептот на законот за кој ДКСК се залага е да се воспостави обврска за сите граѓани на РСМ да пријават сè што поседуваат како имот, а не е пријавено, со докази/објаснување за неговото потекло. Сметаме дека не може да се врши конфискација без да се испита потеклото на имотот.“, вели Ивановска.

Управата за јавни приходи по барање на ДКСК или самоиницијативно може да спроведе постапка за испитување на имотната состојба на функционер, службено лице и одговорно лице во институција што располага со државен капитал по повеќе основи. Овие постапки може да се спроведат ако лицето не поднело анкетен лист во Антикорупциската комисија, ако не пријавило промена на имотот, дало невистинити податоци или пак, ако утврди дека неговиот имот или имотот на член на неговото семејство во текот на траење на мандатот, е несзразмерно зголемен во однос на редовните примања. 

Ако во постапката за испитување на имотот не се докаже дека е стекнат со легално стекнати и оданочени приходи, УЈП носи решение за оданочување со персонален данок. Основа за пресметување на данокот е разликата помеѓу вредноста на имотот во време на стекнувањето и докажаната висина на средствата за негово стекнување. Данокот на непријавените приходи се пресметува по стапка од 70%.

Одобрение за изградба на пет ката, зградата има шест ката

Зградата во која што живее градоначалникот се наоѓа во близина на кичевската касарна. Компанијата „АС Сењак“ е сопственик на две градежни парцели од речиси 8000 метри. На едната од нив веќе е изградена зграда. Земјиштето го купила од компанијата „Пуцко Петрол“ во 2011 година, плац кој пак Пуцко Петрол го купил од државата. 

Неколку месеци откако станал сопственик на земјиштето „АС Сењак“ добива одобрение за градба. Предвидено е да се гради објект со подрум, приземје и пет ката. Решението го потпишува претходниот градоначалник на Кичево Благоја Деспотовски од ВМРО – ДПМНЕ. Зградата е завршена во 2018 година и има плус еден изграден кат, спротивно на дозволата за градење. 

Сопственикот Селаудин Арифи вели дека зградата нема вишок катови, а последниот кат, всушност, бил потпокрив. Во разговор со новинарите на ИРЛ, Арифи потврди дека зградата „можеби не е е изградена по стандарди“. Но, според него, не било сторено нешто незаконски.

Вториот објект оваа компанија го гради на земјиште кое бизнисменот Селаудин Арифи го купил на јавно наддавање од општината во 2016 година. За плацот наддавал само тој. Почетната цена била 980 денари по метар квадратен, и како единствен надавач земјиштето го купил за 1078 денари по метар квадратен. За 4278 квадрати платил 4,6 милиони денари (75.000 евра).

Втората зграда започнала да се гради во 2018 година. Како и веќе вселената, во која што живее градоначалникот, има одобрение за пет ката. Објектот се уште не е завршен, а досега се изградени шест ката. За овие два објекти, општината се уште нема констатирано дали се градени согласно одобренијата за градба. 

Бизнисменот Селаудин Арифи одби интервју за ИРЛ

Компанијата „АС Сењак“ е основана во 2000-та година, а сопственик е Селаудин Арифи од Кичево. Во медиумите името на „АС Сењак“ почна да се споменува пред неколку години како фирма која е донатор на ДУИ и добива голем дел од тендерите од општина Кичево за асфалтирање и реконструкција на улиците во општината.

Фокусот го привлече кога Селаудин Арифи направи крупни бизнис чекори. Купи 18 проценти од акциите на фабриката за чоколади „Европа“ и стана претседател на Надзорниот одбор, а летово ги откупи сите акции и стана доминантен сопственик на  „Жито Караорман“. 

Кога медиумите почнаа засилено да истражуваат за бизнис операциите на Селаудин Арифи открија дека неговата ќерка е вереница на Шкумбин Ахмети, синот на лидерот на ДУИ. 

На пребарувачот ГУГЛ, на социјалните мрежи, во медумските архиви нема ниту една фотографија од кичевскиот бизнисмен. Кога новинарите на ИРЛ го побараа Селаудин Арифи немавме надеж дека ќе се согласи на средба. Напротив, за само 15 – тина минути договоривме состанок, а условот беше да дојдеме без камери. 

Се сретнавме во центарот на градот, во „Хотел Кичево“. Разговорот траеше повеќе од еден час, а прашањата до него беа за бизнис, политика, па се до приватните врски со Али Ахмети. 

Селаудин Арифи има 54 години, а во бизнисот е од 2002 година. Не крие дека е пријател со сопственикот на „Пелистерка“ Цветан Панделиски, кого го нарекува „чичко Целе“. За него вели дека му ги отворил вратите на бизнисот на почетоците и чувствувал дека требал да му се оддолжи. И поради тоа кога Панделески беше во домашен притвор тој секој ден го посетувал во неговиот дом.

За себе вели дека не е бизнисмен во рангот на големите олигарси и дека не прави ризични потези. Неколку пати нагласи дека не сака да има никаква врска со политика, а на прашањето за донациите во партиската каса на ДУИ рече дека тој донирал често и за цркви, џамии, социјално загрозени семејства. 

Селаудин Арифи за градоначалникот не кажа лош збор. Го пофали за инфраструктурните проекти, а благо го искритикува дека Дехари не се заложил доволно да се подобри бизнис климата во општината. 

Бизнисменот беше дециден дека Дехари нема стан во зградата што тој ја изградил, но не деманатираше дека можеби првиот човек на општината користи стан во објектот. 

Се согласи писмено да одговори на сите прашања на ИРЛ, но потоа го прекина контактот и повеќе не одговори на телефонските повици. 

Незаконски престој кај дубиозен инвеститор

Министерството за внатрешни работи прецизно одредува како се пријавува ново живеалиште. Доколку градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари сакал да се пријави дека живее во стан на својот брат, до полицијата треба да достави дузина документи. 

Но, тоа е невозможно бидејќи станот го поседува фирмата инвеститор, а не братот.  Ако се верува на зборовите на Дехари, брат му имал само усмен договор за купување на овој стан. Доколку Дехари сака да го пријави живеалиштето, ќе треба да депонира договор од фирмата „АД Сењак“ што може да отвори сомнежи пред јавноста и институциите, 

МВР предвидува дека за промена на адреса во иста општина, треба да се пријави во полиција во рок од осум дена со доказ за обезеден стан за живеење. Доколку не се испочитува прописот, МВР предвидел казна од 100 до 500 евра доколку не се пријави или не се одјави живелаиштето, односно адресата на станот.

„Омилените“ бизнисмени на Фатмир Дехари

Најмногу пари од општинската каса за јавните набавки се одлеваат за капитални инвестиции. Од 2015 година во топ пет фирми кои добивале тендери со највисока вредност најчесто се појавуваат неколку локални компании. 

Опозициската партија Алијанса за Албанците (АА) минатата година во јули го обвини Дехари за кленталистизам и корупција при трошењето на јавните општински пари. Според нив, „АС Сењак“, „Пуцко Петрол“ и „Линди ДООЕЛ“ со години се најголемите корисници на набавките, а сите се блиски до лица на раководни функции од неговата партија ДУИ. Генц Сељмани, претседателот на кичевскиот огранок на Алијанса за АЛбанците рече дека ова е штетно за бизнисот во општината и ја дестимулира конкуренцијата. 

„Во општината има создадено монопол на компании и ни малку нема распределено средства кај помалите компании кои едвај го преживеаја изминатиот период како резултат на пандемијата и ограничувањата и рестрикциите кои беа на сила.“

Дехари се согласува дека тендерите најчесто ги добиваат неколку фирми, но ги отфрла политичките обвинувања дека локалната власт во Кичево фаворизира одредени компании, а секоја тендерска постапка била законска и во транспарентна процедура. 

Ве уверувам дека Комисиите за јавни набавки во Кичево се целосно независни, се темелат на Законот за јавни набавки и фирмите кои имаат добиено тендери се темелат на законот и на најдобрата понудена цена.“, вели Дехари.

Градоначалникот вели дека нема информации дали некои од фирмите или нивните сопственици се донатори на ДУИ. 

ПОГЛЕДНЕТЕ ГО КУСОТО ВИДЕО ЗА ТАЈНИОТ СТАН НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КИЧЕВО ФАТМИР ДЕХАРИ

ДОКУМЕНТИ

ДАТУМ

ПРЕЗЕМИ ДОКУМЕНТ

Анкетен лист на Фатмир Дехари

Заменик министер за внатрешни работи

31.01.2003

Анкетен лист на Фатмир Дехари

Градоначалник на општина Осломеј

 03.07.2009

Анкетен лист на Фатмир Дехари

Градоначалник на Општина Кичево

07.05.2013

Пријавување промена на имот  Градоначалник на општина Кичево

11.06.2014

Анкетен лист на Фатмир Дехари

Градоначалник на општина Кичево

26.01.2018

Анкетен лист на Фатмир Дехари за престанок на функција

Градоначалник на општина Кичево

26.01.2018

Анкетен лист на Фатмир Дехари

Градоначалник на општина Кичево

20.01.2022

Договори за отуѓување и дозволи за градба

Имотен лист - АС Сењак

Договор за отуѓување на парцела

Историјат на промени за парцелите на АС Сењак

Одобрение за градење за парцела 37_3

Одобрение за градење за парцела 37_4

Одобрение за измени на одобрението за градење за парцела 37_10

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.