Што е ИРЛ
Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) е непрофитна медиумска организација чие што известување е фокусирано на корупција, криминал и добро владеење. Формирани сме во 2017 година со поддршка на „Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција“, водечка медиумска организација чиј партнер во Македонија е ИРЛ. Тимот на ИРЛ е препознатлив по женското лидерство, инвестициите во млади лидери и иновативните медиумски продукти.
Нашата единствена стратегија за максимизирање на влијанието на истражувачкото новинарство се гради преку вклученост на повеќе и поинакви професии: нашиот тим го чинат репортери, истражувачи, филмски работници, ИТ експерти и визуелни уметници. ИРЛ е единствената организација во Северна Македонија којашто е фокусирана на домашен и меѓународен организиран криминал и висока корупција. Приказните на нашите репортери се објавувани во најреномираните светски медиуми како Гардијан (The Guardian), Базфид (BuzzFeed), Зидојче Цајтунг (Süddeutsche Zeitung), Њујорк Тајмс (New York Times), Пропублика (ProPublica), Шведскиот јавен сервис (SVT) и други.
Зошто го создадовме ИРЛ
ИРЛ се основаше поради потребата од независна платформа каде што новинарите и креативните професионалци ќе можат да се изразат слободно и да известуваат за важните општествени проблеми без притисокот кој го носат длабоко присутните политички и корпоративни влијанија. Во последните десет години значаен дел од традиционалните и дигиталните медиуми станаа средство за пресметка помеѓу разни групи на организираниот криминал и разузнавачки служби од домашни и странски центри што дополнително правејќи ја нашата работа невозможна во постоечките капацитети. По смената на власта во 2017 година, дел од нашите новинари ги препознаа негативните трендови во медиумите кои во поголем број наместо кон реформи се насочија кон промена на центарот на влијанија. Без средства и поддршка од домашните донатори, но наоружани со силна волја, храброст и пријатели во OCCRP одлучивме дека е време за нов концепт на медиумска организација посветена на приоритетните реформски процеси – затоа во фокусот на нашето известување се неправдите и корупцијата, но и соработката со граѓаните чиишто пријави сочинуваат најголем дел од нашата продукција.
Нашата визија
Општество во коешто демократијата и правдата, и животот и благосостојбата на луѓето нема да бидат под постојана закана од криминал и корупција.
Нашиот тим
Тим на ИРЛ не се само новинарите, туку сите луѓе кои ќе ни помогнат да ја произведеме најдобрата можна приказна, раскажана на најдобриот можен начин. Тимот на ИРЛ се води од принципот на емпатија. Уште од камено доба приказните се средството преку коешто луѓето се поврзуваат, комуницираат, градат и негуваат емпатија и грижа за заедницата. Веруваме дека само добро раскажаните продукти успеваат да ги вклучат граѓаните во процесите на борба за промени за она што на сите ни е важно, а не само на малкумината со пари, моќ и влијание. Добрите истражувања не значат и добри приказни. Понекогаш во неповрат оди повеќемесечна, па и повеќегодишна истражувачка работа само затоа што недостасува добра презентација на фактите и аргументите. Ваквите истражувања немаат влијание и не можат да му служат на јавниот интерес. Ние се стремиме нашата работа да биде разбрана од сите, а не само од мал привилегиран круг на експерти, бизнис поединци, политичари и академици. Водени од оваа стратегија за максимизирање на импактот, создадовме тим којшто вклучува репортери, истражувачи, уредници, проверувачи на факти, уметници, режисери, продуценти, аудио и видео монтажери, фотографи, камермани, веб-дизајнери, илустратотори и тимот за социјални медиуми и вклученост на граѓаните, кои ќе помогнат во промовирање на готовиот продукт за граѓаните да добијат брза и разбирлива информација и да се организираат за промени на ефикасен начин според нивните убедувања и разбирања на проблемот. Дополнително, ИРЛ се грижи за вклученоста на жените, младите и социјално ранливите групи: нашите новинари се луѓе кои мора да застапуваат различни заедници.
Што е истражувачко новинарство?
Истражувачкото известување e новинарство од високо значење за граѓаните фокусирано на информации кои од различни причини се скриени од јавноста и од новинарите. Има карактеристики на добро известување: искрено, бестрашно и поткрепено со несоборливи докази.
Поради ова, овој тип на известување бара одредени дополнителни специјализирани вештини што обично не им требаат на дневните репортери, вклучувајќи и детално разбирање на јавните записи, вештини за следење на парите и нетранспарентните финансиски трансакции, вештини за анализирање големи количини на информации и пронаоѓање на онолку извори колку што е потребно за да се најдат специфични документи или докази.
Ретко е едноставно. Најдобрите приказни отплеткуваат комплексни ситуации и сè раскажуваат на начин на кој обичниот читател ќе може да ги разбере. Токму поради фактот дека често се занимаваме со комплицирани прашања многу луѓе со пари и влијание не сакаат откритијата да бидат јавно обелоденети што го прави овој тип на известување експоненцијално потешко и поризично од редовното известување.
Нашите стандарди
ИРЛ има цел да произведе најдобри можни продукти за најсложените теми кои ќе креираат известување на коешто луѓето ќе можат да му веруваат. Поради ова, минуваме многу време во испитување и имплементација на најдобрите практики што ги следат најдобрите светски организации и новинари. Нашите стандарди се спој од стандардните процеси на Меѓународниот проект за известување на организиран криминал и корупција и нашите сопствени концепти кои ја прават ИРЛ една од водечките организации во мрежата од аспект на иновациите во продуктите. Нашиот успех е препознаен и во мрежата и денес луѓето на ИРЛ помагаат во создавање на нови влијателни медиуми во комплицирани региони во светот како Балтикот, Африка и земјите од Пацификот, што не прави единствена организација на Балканот којашто „извезува“ знаење и вештини во сферата на медиумите.
Резултатот од присвојувањето на најдобрите меѓународни практики и на тестирањето на домашни модели е следниов пакет од стандарди: принципот на правичност, точност, јасност, длабочина, служба, вклученост на граѓаните, право на одговор, почит и застапување и посветено комуницирање со граѓаните.
Правичност
Во концептот на ИРЛ не постои баланс, но постои правичност. Ниеден ниеден новинар не може да биде вистински објективен, но ние мора да се обидеме да сме максимално фер и објективни. Правичноста подразбира дека ИРЛ вклучува многу гледишта во своите приказни. Им дозволуваме на оние кои се нападнати да се бранат. Не дозволуваме анонимни напади кои подразбираат објавување на документи за коишто јавноста не е информирана од каде доаѓаат и како се стекнати.
Новинарите на ИРЛ работат на тоа да ги држат сопствените пристрасности надвор од сториите. Приказните да бидат темелни, умерени во тонот и да ги вклучуваат сите факти или детали што би влијаеле на читателите, дури и информации што се спротивставуваат на тезата на нашите приказни. Ние секогаш се обидуваме да бидеме избалансирани во нашето известување; сепак ова НЕ значи давање еднаква тежина, позиција и длабочина на сите мислења. Мислењата коишто содржат лаги и полувистини се фактчекирани пред да се презентираат пред јавноста. Никој не смее да го злоупотребува јавниот простор под плаштот на лажниот баланс. Правичноста подразбира одговорност од сите страни вклучени во известувањето.
Јасност
ИРЛ работи напорно за да ги направи своите приказни јасни и концизни. Нашата публика е секојдневна популација, а не само елити, академици или инсајдери. Тоа значи дека нашите новинари не претпоставуваат дека сите ја знаат заднината на полемиките или идентитетот на луѓето за кои пишуваме. Давањето контекст значи дека дури и најобичниот читател може да ги следи и разбере сложените проблеми за кои пишуваме, а исто така да не чувствува дека се разговара за нив. Ние користиме едноставни зборови и јазик. Пишуваме добро организирани приказни со почеток, средина и крај. Избегнуваме мудрување и себепромоција. Работиме на целосно разбирање на нашите теми затоа што ако не ги сфатиме, читателите нема да не разберат. Ние им кажуваме јасно што знаеме и што не знаеме.
Длабочина
ИРЛ троши многу време и ресурси потребни за нашите репортери вистински да ги разберат разновидните и тешки теми. Нашата цел не е само да ги истражиме случаите, туку и да им помогнеме на граѓаните целосно да ги разберат проблемите за да можат да формираат мислења за важни работи.
Служба
ИРЛ го препознава фактот дека медиумите имаат крупна и исклучително важна улога во општествените процеси и одговорност кон својата публика. Поради ова, нашиот тим вложува многу за да ги идентификува потребите на граѓаните, да ги претстави нивните интереси и да го изрази нивниот глас. Колку и да е тешко, ние целосно ги обелоденуваме фактите коишто ги пронаоѓаме за време на нашата работа, без разлика колку тие информации би биле тешки, срамни или болни за државата, поединците или одредена организација. Луѓето секогаш имаат право да знаат што се случува. Водиме грижа да ги минимизираме потенцијалните штети, но никогаш по цена на вистината. Работата на нашите новинари е преку врвни известувања кои ќе ги прикажат вистинските и реални состојби да го помогнат секојдневието на граѓаните во Македонија и надвор и сметаме дека тоа е врвниот патриотски чин и врвната служба на еден граѓанин на светот кој се грижи каде и како живееме. Поради ова, за нашите приказни често се консултираме со граѓаните, а се стремиме повеќе од половина од нашето известување да се базира на граѓански пријави за криминал и корупција.
Фокус на продуктот
Новинарството е исто така бизнис којшто има за цел да продаде одреден продукт. Граѓаните мора да сакаат да го купат тој продукт. Нашиот тим креира приказни коишто читателите или гледачите сакаат да ги читаат и, најважно, можат да ги разберат. Ние создаваме и известуваме за приказни коишто им се важни на обичните луѓе, а не на милионерите и политичарите. Нашиот типичен муштерија е таксист, студент, учител итн. Поради тоа, создаваме медиумски продукти или приказни коишто иако се темелат на тешки и комплицирани теми, ние на граѓаните им објаснуваме точно како функционира системот. Користиме специфична наративна структура, одлични раскажувачки техники, задолжителна визуелизација поткрепена со одлично дизајнирана графика и привлечни и квалитетни видеа.
Независност
Истражувачката репортерска лабораторија е поврзана со Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција како еден од нивните медиумски центри и партнери во Југоисточна Европа. ИРЛ нема и нема да негува релации со кој било ентитет од земјава и надвор којшто има за цел да влијае врз независноста на медиумите за свои лични интереси. ИРЛ нема врски со политички партии, бизнис корпорации и криминални групи коишто се почесто интервенираат финансиски и тајно во одредени медиумски групации со цел да влијаат на нивните политики на штета на мнозинството. Нашиот тим постојано работи со колеги од целиот свет со различен етнички, географски и културолошки бекграунд. Немаме никаква политичка цел или амбиција освен да ги едуцираме граѓаните за да можат ефективно да учествуваат во политичките, економските и социјални процеси.
Почит
ИРЛ користи цивилизиран и умерен тон во своето известување. Веруваме дека медиумите имаат одговорност да не предизвикуваат насилни емоции кај публиката, тренд кој постојано го сведочиме. Што значи тоа? Во нашите приказни не ги навредуваме луѓето, не користиме жаргони, сарказам или двосмислени забелешки и коментари. Презентираме информации во директен манир поддржани од документи и интервјуа.
Заложби
ИРЛ го чинат луѓе коишто бестрашно се заложуваат за правото на слобода на говор, транспаренти институции и слободен пристап до јавни информации без разлика дали ги браниме нашите права или правата на другите. Нашите членови се и активисти, членови или волонтери во различни тела кои ги застапуваат овие права.
Етика
Нашите новинари се држат до највисоките етички стандарди. Тие не ја залажуваат јавноста, не ги презентираат фактите погрешно, не земаат пари за приказни и не им се закануваат на изворите. ИРЛ не плаќа за информации, а новинарите на ИРЛ не примаат подароци во каква било форма од луѓето кои се или можат да бидат предмет на истражувања и не одат на корпоративни патувања со цел да се избегне конфликт на интерес. Новинарите на ИРЛ смеат да прифатат пијалак од извор во висина не поголема од пет евра. ИРЛ не прима пари за нарачани стории од никого, без разлика колку тоа се чини релевантно. Новинарите на ИРЛ секогаш се стремат да се фер во известувањето. Тоа започнува со стартот на истражувањето на начинот на којшто изворите и предметите на приказната се третирани за време на собирањето на информации. Граѓаните заслужуваат извори кои се целосно независни, кредибилни и доверливи. ИРЛ нема да користи анонимни извори, освен во ретки случаи кога тоа е целосно оправдано.
Нашиот импакт
Во овие пет години, нашиот мал, но посветен тим објави над 80 значајни проекти кои со својот уникатен раскажувачки пристап направија разлика во животот и секојдневието на сите граѓани на Северна Македонија. Нашите приказни предизвикаа различни институционални домашни и меѓународни реакции , иницираа судски процеси, постапки пред обвинителството и Антикорупциската комисија, како и иницијативи за промени во институционалните протоколи, но и законодавството. Само во 2021 од казни изречени по едно истражување на ИРЛ се собраа 515 илјади евра во буџетот на републиката, што е двојно повеќе од буџетот на ИРЛ за истата година. Други наши стории помогнале да се спаси културното наследство или довеле до рушење на нелегално изградени објекти.
Често поставувани прашања
Кој ве плаќа?
Истражувачка репортерска лабораторија е непрофитна граѓанска организација која се финансира од грантови на независни донатори кои се внимателно одбрани да бидат непристрасни, односно донатори кои ни даваат целосна слобода при изборот на теми и лица кои ќе ги истражуваме.
ИРЛ е основана со иницијална финансиска помош и поддршка на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција (Organized Crime and Corruption Reporting Project).
Другите наши донатори се делат на донатори кои ни помагаат да функционираме и постоиме и ги покриваат нашите основни трошоци, како на пример фондацијата Sigrid Rausing Trust од Велика Британија, како и донатори кои ги помагаат нашите главни продукти и ни овозможуваат да се развиваме како Кралството на Холандија коешто заедно со нашиот партнер Македонската радио-телевизија го поддржаа најпопуларниот проект на ИРЛ – документарните истражувачки филмови „Редакција“. Имаме и такви донатори кои краткорочно ни финансираат активности кои се значајни, а за коишто во моментот немаме доволно средства. Таква е активноста со локалните истражувања којашто ја поддржа Амбасадата на САД преку малите грантови за демократија. Дополнителна помош во мали донации до 5,000 евра сме добиле и од Европската организација истражувачко новинарство за Европа којашто понекогаш покрива помали трошоци за одредени истражувања кои се покажале поскапи од првично замисленото.
Зошто ви требаат донации од граѓани?
Во изминатите неколку години сме имале истражувања и стории кои биле наградувани и на кои се работело темелно и посветено, но граѓаните не се запознаени со голем дел од тие истражувања, поради тоа што не сме имале доволно финансиски и човечки ресурси за да создадеме продукт кој ќе го привлече вниманието на пошироката јавност. Тука е и нелојалната конкуренција којашто не создава оригинални и одговорни содржини со што во огромната медиумска хиперпродукција тешко е да се создаде место за вистината. Со тоа и импактот од овие истражувања бил далеку помал од импактот кој го имаа документарните филмови на серијалот „Редакција“. Продуктот „Редакција“ помогна важните информации побрзо да стигнат до граѓаните и ни покажа дека работата за јавниот интерес мора да е квалитетна ако сакаме да се избори со девијациите во општеството. Разликата помеѓу истражување што предизвикало значајни општествени промени и истражување кое предизвикало само одреден број на реакции е во квалитетот, односно ресурсите кои се инвестирале во тоа истражување. Ние имаме визија, цел и посветено работиме на борбата против корупцијата. Во тој процес се вклучени обучени и талентирани истражувачи, филмски работници, дизајнери, уметници и технолошки експерти. Она што ни недостасува е финансиска поддршка за да произведеме истражувања кои ќе допрат до што е можно поголем број на луѓе и кои на граѓаните ќе им го обезбедат главниот збор.
Луѓето кои ги истражуваме честопати имаат неограничен број на ресурси со кои можат да ја водат својата битка, но ние ја имаме поддршката на граѓаните, што е најмоќното оружје во борбата против корупцијата. Малите донации од граѓани имаат огромен потенцијал да одиграат важна општествена улога и да им ги вратат медиумите на оние за кои постојат, односно граѓаните да си ги вратат медиумите во свои раце.
Зошто не се финансирате од реклами?
Рекламите честопати се обид за влијание врз уредувачката политика на медиумите, а во трката по кликови, медиумите повеќе се фокусирани на сензационалистички и клик-бејт наслови, наместо на вистинити информации.
Најскапо платени реклами имаат оние медиуми кои се најчитани, без да се земат предвид сите други критериуми кои еден добар медиум треба да ги исполни, како вистинитост, правичност и објективност. Притоа, кога бизнисмените ги финансираат медиумите, тогаш тие директно или индиректно ја диктираат и содржината. Досега многупати во нашите истражувања сме се соочиле со недостаток на информации во медиумите за моќни политички фигури, бизнисмени и олигарси. Тоа е така поради фактот што истите овие луѓе преку платеното рекламирање ги финансираат медиумите и им овозможуваат непречено да работат. Токму затоа, ние во ИРЛ сметаме дека малите донации имаат огромен потенцијал да ги вратат медиумите во рацете на граѓаните. ИРЛ не е против поддршка од бизнисот, но е против поддршка која подразбира да не известуваме за нивните операции доколку се открие дека тие се спротивни со интересите на граѓаните.
Како одбирате за што ќе истражувате?
Кога бираме теми кои ќе ги истражуваме, не се водиме според тоа што е во моментот актуелно, туку важните приказни ги правиме актуелни, давајќи им поширок контекст и значење. Темите кои се предмет на нашите истражувања се теми од областа на корупцијата, криминалот и доброто владеење. Секоја тема која ќе ја одбереме мора да има широк јавен интерес и да засега голем број од граѓаните или пак социјално маргинализирана група. Најголем дел од нашите приказни поттекнуваат од пријави кои граѓаните ни ги испраќаат за неправди, криминал или корупција. Дел од процесот на одлуки зависи и од тоа колку ќе не чини да направиме одредено истражување затоа што има и такви истражувања кои се недостапни или потешки за работа поради ресурсите кои што ги побаруваат, затвореноста на институциите или непознавањето на одредени теми на експертско ниво кои побаруваат и консултанти.
Зошто не правите епизоди на „Редакција“ почесто и на повеќе теми?
Многу често го добиваме прашањето зошто сите наши истражувања не се епизоди на документарниот серијал „Редакција“. Причината е очигледна, затоа што не секоја приказна може да биде екранизирана и најважно, затоа што немаме човечки ни финансиски ресурси. Нашите документарни филмови кои се правени според највисоките светски стандарди на филмска документаристика, освен што финансиски ја оптоваруваат нашата организација, процесот на изработка на филмско сценарио, снимање и пост-продукција е процес кој во просек трае од 6 до 8 месеци и во кој се вклучени околу 30-тина внатрешни и надворешни соработници. Кога ќе земеме предвид дека само истражувањето на темата е нешто што ни одзема неколку месеци, а понекогаш и години и на тоа ќе ги додадеме и сите продукциски елементи, добиваме процес кој е исклучително скап, долг и макотрпен.
Поради тоа изнаоѓаме други начини да ги презентираме нашите истражувања преку мултимедијален пристап со кратки видеа, интерактивни мапи, инфографикони и посебен раскажувачки пристап кој им додава вредност на истражувањата и ги прави привлечни за широка публика.
Кога станува збор за епизодите на „Редакција“, ве замолуваме да бидете трпеливи и да ги третирате нашите епизоди исто како што ги третирате вашите омилени светски серии за кои понекогаш се чека и до две години за нова сезона, иако тие работат со неспоредливо поголеми ресурси од нашите.
Зошто не пишувате за ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ?
ИРЛ во своите пет години постоење има известувано за апсолутно сите големи политички партии. Не постојат лица, теми, партии или фирми кои се забранети или намерно се одбегнуваат. Во изминатите години поради нашите истражувања сме биле предмет на закани и заплашувања кои претставувале сериозна опасност по животот на нашите новинари. Но, овие закани не нè спречиле да продолжиме да ја работиме нашата работа и истите биле уредно пријавени во Здружението на новинари и во Министерството за внатрешни работи, по што истражувањата си продолжиле по својот нормален тек.
Доколку во моментот не истражуваме за одредена тема поврзана со некоја политичка партија, тоа е затоа што сме процениле дека за темата нема доволно материјални докази и е невозможна да се истражи или во моментот немаме доволно капацитет да ја изработиме поради работа на други теми кои се веќе започнати.
Сите истражувања за активностите на конкретни политички партии може да ги најдете на нашата веб-страна во полето за пребарување со пишување на нивните називи.
Зошто мојата пријава не е обработена?
Нашиот тим брои седумнаесет постојани членови. Од нив, само девет се новинари. Останатите членови од тимот работат на тоа продуктите кои ги произведуваат новинарите да бидат лесно разбирливи, визуелно привлечни и да допрат до што е можно повеќе граѓани со цел да предизвикаат вистински општествени промени.
Деветте новинари ги прегледуваат сите пријави кои стигнуваат од граѓани и одбираат кои ќе бидат обработени според неколку критериуми:
- Дали темата која ќе се обработи ќе биде од широк јавен интерес и ќе засега голем дел од граѓаните;
- Дали темата се однесува на мисијата на нашата организација, односно дали е тема за корупција, организиран криминал или повреди на владеењето на правото;
- Дали темата може да се обработи, односно дали лицето кое пријавило има соодветна документација и доколку нема дали ние сме во можност да дојдеме до докази и извори;
- И најважното – дали во моментот имаме слободен новинар или новинари кои можат да ја истражат темата и да создадат целосен новинарски продукт
Доколку пријавата ги исполнува овие критериуми новинарите започнуваат со истражувањето. Често се случува во текот на истражувањето да е невозможно да се соберат потребните докази, поради тоа што не постојат, не ни се достапни или институциите не соработуваат и ги одбиваат нашите барања за слободен пристап до информации од јавен карактер. Во ваков случај поднесуваме жалба до Агенцијата за слободен пристап, но доколку жалбата е одбиена, во многу случаи каде што истражувањето зависи од побараните документи, може да се случи и да биде трајно закочено. Секое истражување на ИРЛ пред да биде објавено поминува низ темелен процес на проверка на факти. Наводите за кои имаме сознанија, но немаме докази, не се објавуваат.