Press "Enter" to skip to content

На работ: Пандемски погреб на системот и социјалната држава

Податоците кои ги обработи ИРЛ покажуваат дека многу брзо расте бројот на новозаболени од Ковид 19, додека бројот на оздравени не се зголемува доволно брзо за да се ослободат доволно кревети за новите пациенти кои треба да бидат хоспитализирани. Бројот на мртви во сегашниот бран во споредба со првиот пролетен бран кога имаше построги мерки е до пет пати повисок.

Денот е четврток, 12 ноември. Бројот на болни расте побрзо од бројот на оздравени. Но, пред модуларната болница на државната клиника „Мајка Тереза“ во Скопје е необично тивко. Магла од типичниот загаден скопски воздух се разлева околу болницата и не можете ништо да видите ако не се приближите до прозорците. Се слушаат гласови.

„Прозорците треба да бидат отворени, не ги затворајте,“ извикуваат медицинските лица однатре. „Ајде, ајде, добро, сатурацијата се качува“, се слуша болничар којшто ги бодри пациентите. 

Роднини носат ќебиња и прекривки за блиските. “Им студи, но мора постојано да проветруваат заради вирусот”, раскажуваат роднините пред болницата кои оставаат и вода, овошје и сокови за болните. Сестрите се растрчани, а истовремено мора да се грижат и за болните.

Медицински персонал му пружа нега на болен од Корона вирус во модуларната КОВИД болница во Скопје; Фото: Дајана Лазаревска

На Инфективната клиника во Скопје и во модуларната болница нема место за нови пациенти. Во овие две болници во моментов се лекуваат 161 пациент. Од вчера повеќе место нема ниту во градската болница 8-ми септември, ниту во болницата Козле. Скопските капацитети се полнат со пациенти и од другите региони, раскажуваат лекарите.

Koj ќе преживее, ќе раскажува

Педесетгодишен жител од Штип кој престојува во болницата во ИРЛ ја пријави неговата лична емоционална борба со Ковидот што се одвива на инфективното одделение во Штип.

„Некогаш не влегува лекар или болничар ни по 12 часа. Не дека те забораваат, нема луѓе, нервозата е страотна“, раскажува тој во телефонскиот разговор со новинарите додека ја чека сопругата да му донесе вода и витамини.

Но, приказната за која што разговаравме покажува сурова реалност – шансите за преживување се зголемуваат доколку имате повеќе пријатели и пари.

Тој немал примено кислород цели два дена. Дијабетичар е и во болницата доаѓа со компликации. Откако едвај успева да биде примен, брзо ги сфаќа последиците од системското три децениско уништување и ограбување на здравствениот систем”

„Два дена немав кислород примено. Некогаш нема кислород, но најчесто нема персонал за да ти даде нега дури и да има ресурси. Семејството, како сите овде, се труди да помогне, се борите да дишите, едноставно чувствувате како ве снемува полека. Тоа се страшни моменти, сакаш да живееш“, нашиот соговорник ова го раскажува и со вина и со гнев во гласот.

Екипата на ИРЛ со помош на колегите од дописничката мрежа на ЗНМ направи обиколка и низ регионалните болници.

„Ситуацијата е сериозна“, вели директорот Ален Георгиев од штипската болница од источниот регион каде што состојбата е една од најкритичните во земјата. 

Терасите под собите на инфективното одделение во Штип се единствениот контакт на болните од Ковид 19 со надворешниот свет. Со помош на јажиња и пластични корпи го земаат она што им го носат роднините. Блиските им носат се’, од облека до овошје и витамини, па и лекови.

Надежите се во поставувањето на модуларните болници во Штип и Кочани со кои што би се добиле дополнителни 72 кревети, но нивното поставување доцни. Наместо во септември веројатно ќе бидат поставени кон крајот на годината.

Фотографии од инфективното одделение на штипската клиника во кое што се лекуваат тешко болните заразени од Ковид 19; Фото: ИРЛ

И двата Ковид центри на истокот веќе еден месец се на граница на исполнетост на капацитетите. Во Штип има 65 кревети, 55 во рамки на постојното инфективно и нервно одделение, каде се сместуваат потешките пациенти и 10 во рамки на кожното одделение наменето за хоспитализација на полесните случаи.

Сите директори на клиники со кои што разговаравме се загрижени. Ситуацијата е драматична и во клиничката болница во Тетово. Речиси насекаде. Но, во Скопје, се чини дека е најлошо. Кревети повеќе нема.

„Пред неколку денови околу 14 пациенти беа со многу лоша клиничка слика, а дополнителни 25 беа на кислородна подршка, тоа говори дека сега ситуацијата е многу посериозна од првиот пролетен бран на вирусот“, вели директорот на клиничката болница во Штип.

И тој, како и повеќето директори со кои што разговаравме се загрижени од драматичниот раст на новозаболени. Прашањето кое си го поставуваат сите е: Ќе издржи ли системот? 

Прогнозите за италијанско сценарио во догледна иднина

ИРЛ се обрати во МАНУ со претпоставка дека тие имаат доволно податоци, и статистички и истражувачки, кои што би ни помогнале да откриеме во каква состојба е здравствениот систем и со што допрва ќе се соочува.

„За да знаеме дали системот ќе издржи треба да оперираме со точни и прецизни податоци од сите институции. Треба да знаеме како се подготвуваат мерките и кои се капацитите, од луѓе до опрема и број на кревети. Потребен е сериозен интердициплинарен пристап. Јас тоа не го гледам овде“, вели помлад истражувач во МАНУ којшто сакаше да остане анонимен.

На 18 април оваа година ИРЛ се обрати до повеќе институции, меѓу кои и Владата, со надеж дека располагаат со различни податоци како демографски профили на заболените од првиот бран или проекции базирани на статистика во однос на планирањето на мерките, но и друга статистичка дата која што би ни помогнала да разбереме каде се движи кризата со пандемијата и кои се најпогодените категории граѓани. За второто, податоци не постојат.

Користејќи ги дневните државни билтени за корона вирусот со бројот на заболени, оздравени и починати, како и податоците на Министерството за здравство за расположливи легла, тимот на ИРЛ подготови компаративни прегледи на бројот на починати, новозаболени и оздравени. Ги земавме последните 25 дена од есенскиот, втор бран, и ги зедовме најлошите последователни 25 дена од првиот, пролетен бран.

Полесни мерки, повеќе мртви: Есенскиот бран до пет пати повеќе жртви по ден од пролетниот

Податоците кои ги обработи ИРЛ покажуваат дека многу брзо расте бројот на новозаболени, додека бројот на оздравени не се зголемува доволно брзо за да се ослободат доволно кревети за новите пациенти кои треба да бидат хоспитализирани.

ИРЛ ги анализираше сите мерки од почетокот на прогласувањето на пандемијата до 12 ноември, четврток. Во анализираните два периода од по 25 дена, може да се види дека бројот на мртви во пролетниот бран бил драстично помал во однос на сегашниот бран.

На овој графикон е прикажано движењето на бројот на овозоразарени и новозаболени по ден. Со сина боја е вториот, есенски бран. Со зелена боја е прикажана кривата на првиот пролетен бран.

Главната разлика во мерките е карантинот. Денот со најголем број жртви во првиот бран бил 14 април кога имало 6 мртви. За споредба, во вториот бран имало 30 мртви на 10 ноември или пет пати повеќе мртви од најлошиот ден во првиот бран. Разликата е во мерките. За време на денот кога имало најмногу заразени во првиот бран во април, на сила биле полициски час и викенд карантин, односно 16 април. Тогаш имало 107 новозаблени, а на сила беше најдолгиот карантин од пета дена, во пресрет на Велигден. За споредба, на 11 ноември е денот кога имаме најмногу новозаразени во есенскиот бран, односно 1321. Тоа е 12 пати повеќе заразени од првиот бран и во ситуација кога мерките се олабавени и не вклучуваат карантин и полициски час.

Ако се вклучи и факторот број на тестирања, тогаш ситуацијата се менува на полошо и во деновите кога навидум има помалку позитивни.

На пример, на втори ноември имало 565 новозаразени. Навидум, оваа бројка е речиси два пати помала од онаа на 11, кога има најмногу заразени. Но, вкупниот број на тестови на 2 ноември е три пати помал од тестовите кои се направиле на 11 ноември.  Но, 43 проценти од тестовите биле позитивни, што е највисок процент во есенскиот бран. Колку за споредба овој процент е пет пати поголем од средната вредност од процентот на позитивни резултати од вкупниот број на тестови во првиот бран, кој што изнесува 8 проценти. Во вториот оваа вредност е 32 проценти.

На овој графикон се е прикажано движењето на бројот на мртви од Ковид 19 по ден. Темносивата боја го означува вториот, есенски бран, додека светлосивата боја ги означува бројките од првиот бран

Време за наплата: Последиците од клиенталистичкиот децениски негуван систем

Дополнителен проблем е и фактот што повеќето болници од другите региони, иако би требало да можат да ги третираат потешко болните пациенти, тие ги праќаат во Скопје.

Гордана од Делчево единствен спас за свој близок роднина видела во Скопје. Тој лежел на штипското инфективно одделение и иако добивал терапија, ништо не се подобрувало. Морале да го носат во Скопје.

„Фаќавме врски, затоа што нема место во Скопје. Стигна доцна и си умре“, раскажува Гордана чијшто роднина починал минатата недела. 

Асс. Д-р спец. Никола Брзанов кој што е и претседател на Клубот на Млади Лекари вели дека освен факторот на недостаток на персонал и ресурси, големо влијание има повеќедеценискиот вкоренет клиентализам и непотизам во изборот на медицински персонал. Последиците се особено впечатливи во време на пандемијата во помалите центри надвор од Скопје, кога за прв пат регионалните болниците се ангажирани со поголем капациетет.

„Човечкиот фактор ја има главната улога во негата на критично болните пациенти”, вели Брзанов којшто низ годините минати на Ургентниот центар постојано се соочувал со стравотни случаи на пациенти кои се носат од внатрешноста надвор од сите протоколи на менаџмент и транспорт на критично болен пациент.

„Во значаен дел од капацитетите во внатрешноста не им се пружаат ниту најосновните интервенции, кога ни ги носат во Скопје веќе е или предоцна или прелошо. Секој ден гледам толку многу одземени животи и здравје поради негрижа од незнаење. Секако дека постојат исклучоци, но исклучоцоте само го потврдуваат правилото”, вели Брзанов и додава дека лошата нега во болниците од внатрешноста е последица на долги декади на лоши политики. „Сега едноставно се е видливо и нема бегање од соочување со грешките“, вели тој.

Ковид кризата покажа дека  болнциите во внатрешноста не се подготвени да одговорат на предизвикот што го носи, ќе заклучи Брзанов.

„Другиот проблем е што здравствениот систем доцни повеќе од една деценација во рефоррми за организирање на здравствената заштита или регионализација. Тоа значи создавање на соодветни регионални установи кои што ќе можат да ја пружат истата нега како и скопскиот клинички центар“, дури и да треба да дежураат лекари од Скопје што во многу случаи е попрактично од транспорт на пацинетите до Скопје. 

Начинот на селекција на кадрите без мерит во тие клинички болници, начинот на работа низ годините наназад, отстувотот на инвестици и и лоши политики е причината зошто сите пациенти се препраќаат во Скопје. Сега Скопје, каде што има и најмногу заболени, е преплавено”,  вели тој.

Проблеми има и со организацијата. Најголемиот предизвик е сите да добијат соодветна нега, а да не стасаат до болница. Власта јавно не признава, но впечатоците дека нема доволно кадар ги споделуваат и лекарите.

Пандемијата како шанса за квалитетни идни лекари, но на решенијата никој не мисли

Клуб на млади лекари е организација со повеќе од 1,000 членови. Велат дека тие самите можат да понудат квалитетни студенти кои што ќе помагаат во лекувањето.  Досега единствено знаат дека 40 студенти биле ангажирани да прават телефонски епидемиолошки анкети на ковид болните.

„Најдобрите треба да се искористат да работат директно со пациенти и да им помагаат на лекарите и на тој начин конечно да добијат вистинска пракса и стажирање, затоа што досегашниот начин на стажирање заради лошата поставеност на системот не го добива вистинскиот стаж. Вака ќе добиеме поподготвени лекари со поголема самодоворба кои што надминале пандемија. И на крајот на краиштата корист од ова ќе имаат граѓаните кои умираат и пред да дојдат во болница затоа што не им е пружена навремена нега“, вели асс.д-р Брзанов. 

Трка со времето

Повеќе доктори и повеќе сестри, навремени тестови и подобри државни болници можеби ќе ја спасеа мајката на Маја Павловска. Многу од граѓаните со повеќе пари, лесно доаѓаат до тест и квалитетна терапија, а доколку е потребно и болничка нега. Но, една третина од вработените во земјава треба да ја потрошат цела своја плата само за основната терапија и еден контролен тест доколку се Ковид позитивни.

Маја Павловска од Скопје не успеа навреме да и обезбеди место на нејзината мајка во болница. Таа почина пред неколку дена, а постхумно беше дијагностицирана како позитивна на корона. 60-годишната скопјанка добила термин за тестирање дури за четири дена од првите симптоми на вирусот. Чекајќи да се тестира во државните лаборатории нејзината состојба се влошува, но во болниците не наидува на помош бидејќи нема позитивен тест.

„Не навремените тестирања се главниот проблем бидејќи без позитивен корона тест, пациентот не може да биде хоспитализиран. По влошувањето на нејзината состојба започна и нашето талкање низ здравствениот систем кој можеби нема посветено големо внимание за суспектните пациенти,“ вели Маја Павловска. Нејзината и приказната на многу граѓани читајте ја утре. Вториот дел од оваа длабинска анализа се осврнува на социјалниот аспект во справувањето со Ковид 19 пандемијата.

Втор дел наскоро: Пандемски подем на профитерите: Здравје за богатите, смрт за сиромашните

Водечки репортери: Дајана Лазаревска, Лила Караташева
Уредник и координатор: Маја Јовановска, Сашка Цветковска
Дата тим и визуелизација: Дајана Лазаревска, Елена Митревска
Илустрација: Лука Блажев

Забелешка за транспарентност и достапност на институции: Оваа сторија се базира на јавни информации кои што ги собира Министерството за здравство и ги објавува во дневните билтени. За време на работата на приказната, службите надлежни за односи со јавност беа достапни во обезбедување помош при проверка на фактите бидејќи и мали грешки во податоците и можеле да ја доведат јавноста во заблуда. 

ВАЖНО: Додека земјите и владите ширум светот се борат да ја спречат пандемијата на коронавирусoт, има и такви криминални и моќни групи кои со поддршка корумпирани владини службеници стекнуваат корист од проблемите со кои се соочува светот и Македонија. Ние ги покриваме оние кои се обидуваат да имаат корист од затворање на граници, недостиг на стоки, одложени судски постапки и други нарушувања предизвикани од оваа глобална пандемија. Следете ги нашите истражувања за пандемијата овде.

Поврзани приказни:

Маски со лажни сертификати за заштита од корона завршиле низ болниците во Македонија, ОЛАФ води меѓународна истрага

КРИК СРБИЈА: Директорот на белградската болница „Дедиње“ набавил несигурни Ковид-19 тестови од македонски бизнисмен осомничен за криминал

 

 

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.