Берат Дехари, функционер од кариера и обожавател на вицепремиерот Артан Груби е единствениот од кандидатите кој најави борба со корупцијата во медиумите. На прашањето дали бил ангажиран во штабот на ДУИ за локалните избори во 2021 година одговори скептично и изрази сомнеж дали ИРЛ воопшто е медиум.
Известува: Лила Караташева; Илустрација: Лука Блажев
Мандатот на сегашниот состав на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) истекува на осми февруари догодина. Нивната проактивност и напредокот во борбата во корупцијата беше признаена во извештаите на Европската комисија. Дома беа мета на постојани политички напади. Најостар критичар на ДКСК беше првиот вицепремиер Артан Груби. Политичари дури се одлучуваа и на необичен потег – тужеа член за клевета за откритија соопштени на јавна седница. Од денеска започнуваат интервјуата нa кандидатите за нови членови на ДКСК.
Разрешени судијки, актуелни директори, ревизори, партиски поддржувачи и симпатизери, адвокати се дел од оние кои одлучија да конкурираат за место во Државната комисија за спречување корупција (ДКСК). 42 кандидати поминаа низ првиот филтер на административна проверка од Комисијата за селекција. Од нив треба да изберат шест члена и претседател најдоцна до 8 – ми февруари, бидејќи тогаш завршува мандатот на актуелниот состав на Антикорупциската комисија. Ново избраните членови ќе треба да бидат независни во борбата против корупцијата, нивна должност ќе биде да спречуваат судир на интереси и да креираат мерки кои ќе ги зајакнат институциите и системот на функционирање во државата.
Клучен критериум за потенцијален избор на кандидатите кои конкурират за место во ДКСК е да имаат најмалку шест години искуство во случаи кои откриваат криминал и корупција и не треба да биле на функција во партии.
Кој сака да биде антикорупционер
Споредбено со 2019 година, интересот за да се стане член на ДКСК сега е намален. Тогаш имаше над 70 пријавени кандидати, а филтерот на селекција за да се дојде до интервју за работа во ДКСК го поминаа 57 лица. На новиот оглас од годинава пристигнаа 57 пријави, а за шест места член во Антикорупциска плус претседател ќе се бира помеѓу 42 апликанти. Интервјуата се вршат во Собранието а кандидатите ќе одговараат на прашања од невладиниот сектор и пратениците од Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Истражувачката репортерска лабараторија (ИРЛ) направи увид во сите 42 биографии на кандидатите кои сакаат да бидат дел од новиот состав на ДКСК. Над 150 страници откриваат какви квалификации поседуваат лицата кои конкуриираат за седум места во Антикорупциска. Преовладуваат кфалификации како познавање на „Интернет експлорер“, „Мајкрософт Офис“, нотирање раководни позиции во извршната власт, но и често користење на терминологијата „обуки“ без да се прецизира дали тие се поврзани со гонење висок облик на криминал и корупција.

Еден од кандидатите за член на ДКСК е Берат Дехари, човек кој не и познат на јавноста.Кариерата му започнува во 2006 година, а работни ангажмани му се во владини институции. Првото работно искуство на 24 години му било во Владата. Потоа работел како шеф на кабинет на Михајло Маневски во министерството за правда во владата на ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ. Бил и инспектор во инспекторатот на Министерство за економија. Берат Дехари низ годините постојано напредувал во државната служба. Бил заменик директор на Финансова полиција и заменик директор на Национални шуми. Неговиот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“, освен лични фотографии, открива дека Берат Дехари често споделува содржини од првиот вицепремиер Артан Груби и од јавните настапи од Али Ахмети, претседател на Демократската унија за интеграции (ДУИ).

Освен телевизиските настапи од позиција на заменик директор на Национални шуми и на финансова полиција, името на Дехари може да се види и во локални медиумски написи за локалните избори во 2021 година. Како што пишува локалниот веб портал Гостивар прес, Берат Дехари бил дел од локалниот изборен штаб кој ДУИ го формирал во Гостивар.

Истата година, Дехари на социјалната мрежа „Фејсбук“ споделува статус во кој пишува дека „Ветерот на победата доаѓа“. На статусот со хаштаг ги има напишано иницијалите на вицепремиерот Артан Груби, кој откако ДКСК почна да ги истражува функционерите на ДУИ изрази сомнеж во капацитетот на сегашниот состав на Антикорупциската комисија. Груби, јавно говореше дека членовите ‘не ги бива’. Груби зборуваше дека ДКСК има добра улога, но потенцираше дека ќе почека некој нов состав за да покаже некакви резултати“.

Иако фотографиите на Берат Дехари откриваат блискост или наклонетост кон ДУИ, тој за ИРЛ првично негираше дека има врска со политика. Откако го прашавме како бил ангажиран во штабот на ДУИ за локалните избори во 2021 година, Дехари одби да одговори за партискиот ангажман, сомневајќи се дали ИРЛ воопшто е медиум, новинарот кој го бара е новинар, со дополнителна експликација дека може секој да го побара телефонски и да му се претстави како новинар.
„Државата е мала и фотографии се наоѓаат со секого, а пријателствата се безгранични. Каузата албанска е поголема, драга новинарке“, рече Берат Дехари.
Негова клучна цел била да спречи младите да си одат од државата. Смета дека проблемот со корупцијата не е само во политиката туку и во медиумите.
„Јас лично имам замерки и во медиумите. Не значи дека е тоа за одредена информативна куќа, но имам некои сознанија кои се вознемирувачки“, порача кандидатот за член на ДКСК, Берат Дехари.
Кандидат за член или претседател на ДКСК е и Оливер Лукароски. Лукароски моментално е помошник директор во одделот за криминалистичка полиција во Бирото за јавна безбедност (БЈБ).

Лукароски за ИРЛ објасни дека моментално работи на повеќе области како разрешувања на случаи за трговија со дрога, борба против корупцијата, убиства и посочи дека има големи резултати.
„Многу е стресна работата, треба да си постојано присутен на работа. При крајот на секоја кариера се чувствува потреба да се отстапи работата на некој друг човек со свежи сили. Некогаш треба детално да се посветиш само на една област“, вели Лукароски.
До 2016 година, Лукароски работел како заменик командир, виш инспектор за сообраќај и инспектор на криминалистичка полиција. Овие функции ги извршувал во Прилеп. Но, откако Оливер Спасовски стана министер за внатрешни работи, ангажманите на Лукароски се префрлаат во Скопје. Првите четири години тој работи како советник за правни работи на Спасовски.
Лукароски вели дека никогаш не членувал во партија туку бил симпатизер, но заедно со министерот Спасовски често одел на митинзите организирани од Социјал демократскиот сојуз (СДСМ).
Две разрешени и една актуелна судијка, конкурираат за ДКСК

Една од кандидатките за иднии антикорупционери е разрешената судијка Татјана Михајлова. Од 2009 до 2021 година таа работи во Кривичниот суд во Скопје. Прво е истражен, а потоа судечки судија. Во декември 2016 година назначена е за в.д претседател на Кривичниот суд, а само четири месеци подоцна поднесува оставка. Беше судијка која започна да го суди случајот „Шамари во Центар“ каде обвинет беше пребеганиот Никола Груевски а судењето никако не можеше да започне повеќе од една година. Михајлова се пријави на огласот за член во ДКСК затоа што смета дека на државата и е потребен рестарт во сите области.
„За да ги промениме работите треба да почнеме од самите себе и да си ја подигнеме свеста. Цело време зборуваме за европски стандарди, а состојбите ни се на нулта точка“, вели Михајлова.
Во 2021 година Судскиот совет ја разреши Михајлова со образложение дека работела нестручно и несовесно како и за прекршување на Судскиот деловник во врска со системот за автоматска распределба на судските предмети (АКМИС). За нејзиното разрешување, Михајлова се уште води постапка во Судот. На огласот за член во ДКСК се пријавила последниот ден откако направила целосна лична анализа и увидела дека заслужува да биде дел од Комисијата.
„Премногу размислував дали да се пријавам, но решив дека треба да ги исчистам црните дамки од себе и да зборувам за неправдата која ми беше направена“, рече Михајлова.
Славица Андреевска е актуелна судијка. Донесе ослободителна пресуда за трговците на кинески производи од брендот „Слимлајн“, и покрај бурните реакции од јавноста која стравуваше дека ќе станат жртви на овие диетални производи. Оваа супстанца е забранета за употреба во Соединетите американски држави (САД) и во Европа поради штетите кои ги предизвикува врз човековото здравје. Обвинението против „Слимлајн“ беше за измама поради тоа што продавале лажно декларирани суплементи кои им биле достапни за конзумирање на повеќе жени и малолетни девојчиња.
Ја прашавме судијката кој е нејзиниот мотив за да се кандидира за член или претседател на Антикорупциската комисија и дали смета дека во Комисијата ќе може повеќе да придонесе отколку во Судот.
„Ако сум се пријавила за член, тоа сигурно нешто значи и нешто кажува“, рече Андреевска, но не одговори што значи нејзиното кандидирање бидејќи смета дека не треба да зборува пред интервјуто.
Поранешната судијка Маја Малахова по втор пат се кандидира за член на Антикорупциската комисија. Во својата кариера освен како судијка работела и како претседател на Комисијата за жалби по јавни набавки. На оваа позиција Малахова остана десет години.
На интервјуата кои кандидатите ги имаа во 2019 година, Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации која беше член на Комисијата за селекција ја праша Малахова од каде доаѓа нејзиниот антикорупциски имплус и желба за борба и за справување со корупција, кога како прв човек на Државната комисија за жалби по јавни набавки не зборувала или укажувала на корупција туку ја затворила комисијата од јавноста.
Според Махалова, оваа комисија немала ниту една црна дамка.
Во 2002 година Малахова, беше разрешена како судија поради нестручно и несовесно работење. Малахова тогаш објаснуваше дека сите обвинувања против неа се неточни и дека нејзиното разрешување е политичка хајка.
Малахова вели дека нејзиното разрешување е политичко и дека доколку не ја разрешеле, до сега ќе била претседателка на Врховен суд. Таа смета може да ја спречи корупцијата бидејќи во Комисијата за жалби по јавни набавки десет години работела на предмети кои се врзани со можни елементи на корупција.
„Мислам дека немам шанси да бидам избрана и дека изборот ќе биде политички, а јас политички не сум определена. Не ме сакаат затоа што си ја работам работата“, вели Маја Малахова за ИРЛ.
Поранешниот пратеник на СДСМ, Борис Кондарко кандидат за ДКСК
На листата од 42 кандидати е и Борис Кондорко актуелен член на Државната изборна комисија (ДИК) на предлог на СДСМ. Во 2013 година дава оставка како претседател на ДИК. Потоа работи како адвокат во адвокатска канцеларија Никола Кондарко до 2018 година. Од 2018 година е член на Државната изборна комисја. Кондарко бил пратеник на СДСМ во два мандати, од 2002 до 2006 година и од 2006 до 2008 година.

Тој не сакаше да зборува зошто се кандидира за член или претседател на ДКСК пред да помине неговото интервју во Собранието.
Кандидат за член и претседател на ДКСК е и Рамадан Исмаили кој од 2006 година до сега, работи како советник за заштита на уставните и законските права на граѓаните во народното правобранителство.
Исмаили верува дека како член или претседател во Антикорупциската комисија ќе придонесе повеќе во борбата против корупцијата отколку како советник во правобранителството.
„Сум бил на обуки. Во биографијата не ги наведов, но сега скоро бев на обука во Велес за надзор врз Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Бевме на разни тренинзи и семинари. Немам багаж од политика, кристално сум чист и мислам дека ќе дадам голем придонес“, вели Исмаили за ИРЛ.
Во биографијата, Исмаили навел дека има одлично познавање од Микрософт офис и Интернет експлорер.
Мандатот на сегашниот состав на антикорупционери истекува на 8 – ми февруари. Собранието го распиша огласот за избор на нови членови пред 16 дена. Списокот на кандидатите кои ги исполнија првичните услови беше објавен пред два дена.
Од денеска до 25 ноември, Комисијата за селекција ќе ги интервјуира кандидатите.
Во Комисијата за селекција на кандидатите членуваат Никола Додов кој е претставник на Здружението за поттикнување и промоција на информатиката и назначен за член во Советот на соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор за областа медиуми и информатичко општество. Снежана Камиловска Трповска – претставник на Македонски центар за меѓународна соработка Скопје, назначена за член на Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор. Јован Андоновски – заменик народен правобранител номиниран од Народниот правобранител како и пратениците Фаница Николовска и Кастриот Реџепи.
Според Законот за спречување на корупција и судир на интереси, Комисијата за селекција во рок од три дена по интервјуата треба да направи ранг – листа на кандидатите. Потоа листата треба да ја достави до Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието која има рок од два дена најдобро рангираните кандидати да му ги предложи на Собранието.
Во случај Комисијата за избори и именувања да не ја утврди листата во утврдениот рок, Собранието треба да гласа поединечно за секој од кандидатите кои ги исполнуваат условите. Но, доколу и Собранието не успее да избере претседател и членови на ДКСК, постапката за избор почнува од почеток.
Законот за спречување на корупција и судир на интереси не предвидува продолжување на мандатот на стариот состав доколку во утврдениот рок не се изберат нови членови.
ИСПРАВКА: Овој текст беше променет во 14:45 часот. Реченицата „Минатата година Лукароски се кандидираше и за директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), но не беше избран“ беше отстранета откако кандидатот на интервјуто во Собранието кажа дека таа информација не е точна. ИРЛ претходно се повика на медиумски извештаи на телевизијата 24 вести кои неговото име го објавуваа како можен кандидат за таа позиција.
ИСПРАВКА: Овој текст беше променет во 18:43 часот. Реченицата: „Михајлова ќе остане запаметена како судијка која го осуди новинарот Томислав Кежаровски на 4 години затвор.“ е отстранета бидејќи не е направена дополнителна проверка, а информацијата беше пренесена од телевизиски извештај од телевизијата Алсат и порталот Слободен печат. Исправката ја објавуваме по реакцијата на г-ѓа Татјана Михајлова која укажана на грешката. Редакцијата на ИРЛ жали доколку ненамерно ѝ нанесе штета на г-ѓа Михајлова.