Press "Enter" to skip to content

Урбани атентатори: Како еден посредник, еден градоначалник и неколку бизнисмени го променија Тафталиџе

Од 2007 до 2015 година во македонското Собрание се направија 104 измени на клучните закони за градење. Преку државно спонзорираните проекти во градежниот сектор за само една деценија, градот радикално се трансформираше. Секој нов урбанистички план овозможуваше неконтролирано градење од една мала моќна група со пари и пријатели во политиката. Промените не беа во функција на подобрување на животот на граѓаните. Политичарите кои одлучуваат на ова секогаш имаат еден одговор: Се’ е според законите. Таков е случајот со Тафталиџе. Низ пребарувањето на стотици документи во државните институции и дигиталните архиви, тимот на ИРЛ открива како во само пет години се изградија таканаречените бетонски чудовишта во населбата Тафталиџе. Во оваа приказна главните карактери се познати имиња од бизнисот со пари и пријатели во медиумите и политиката. Еве како се случи трансформацијата на нашиот град преку примерот на Тафталиџе.

ИРЛ тимот го подготови овој мултимедиален проект составен од пишана сторија, визуелизирани податоци и објаснувачко истражувачко видео

Денот е 05 јануари, ден пред Бадник. Годината е 2016. Веста дека советниците на општина Карпош одржуваат седница на празник, за многумина беше изненадување. Но, ова е најважната седница во историјата на општината.

На предлог на градоначалникот Стевче Јакимовски, летото 2015 пристигнува нов детален урбанистички план. Со него се предвидени големи зданија на атрактивни локации во населбата Тафталиџе. Протестите на граѓаните немаат големо влијание врз одлуките на мнозинството советници од партиите ВМРО ДПМНЕ и ГРОМ. Опозицијата ќе ја напушти седницата.

„Се прашуваме дали можеби тајмингот на донесување на овие два ДУП-а беше специјално одбран во ваков момент кога граѓаните почнуваат веќе да го палат бадниковите огнови? Да бидат протнати овие два ДУП-а без некаква поголема медиумска покриеност и без граѓаните?! Можеби сето ова е вака направено за да се избегне реакцијата на засегнатите граѓани?“, изјави советникот од СДСМ и коалицијата Владимир Кироски откако излегоа од салата на Советот.

На Бадник градот ќе го добие новиот урбанистички план. Се отвора теренот за агресивната и масивна градежна офанизива која ќе следи во наредните 3 години. Но, целата операција почнува многу порано.

Необичен дар

Годината е 2003. Десет лица поднесуваат барање за денационализација на имот на територијата на општина Карпош. Имињата не значат ништо во јавноста. Марија Басарова, Славка Наскова, Цветанка Костадиновска, Василка Ѓоршиевска, Нада Комленац, Јордан Ѓорѓиевски, Александар Трајковски, Славко Ѓорѓиевски, Љубица Добревска и Софка Трајковска бараат земја на многу локации во Карпош. На некои парцели веќе има изградено објекти, бензиска, болница, но неколку илјадници хектари им се враќаат на наследниците на национализирниот имот.  Најголем дел од овие парцели се во населбата Тафталиџе. Токму на овие парцели подоцна ќе се изградат бетонските чудовишта, како што ги нарекуваат граѓаните. Имотот е во рацете на овие лица.

Во 2011 година почнуваат промени во сопственоста, односно сопствениците на парцелите им ги подаруваат своите делови на нивните наследници. Клучните промени се случуваат од 2014 до 2017 година, кога во сопствеништвото влегуваат фирмите „Орманче“, „Пирамида инженеринг“, „Амари ред“ , Петар Мишиќ и Благоја Трајковски. Според сведоштвата на бизнисмени вклучени во изградбата на Тафталиџе, а кои со нас разговара под условот на анонимност, овие луѓе и фирми имаат улога на посредници меѓу сопствениците на имотот, општината и големите градежни компании. Посредниците се оние кои ги пронашле правилните парцели за изградба на згради од овој габарит. Тие ги убедиле сопствениците на имотот да им препишат само еден мал дел од својот имот, а за возврат им ветиле дека од нивните парцели ќе направат градежен рај во кој тие ќе добијат свој дел. Најголем дел од овие договори се договори за дар или подарок.

Такви подароци добива и лицето Петар Мишиќ.

ИРЛ подготви видео со кое на граѓаните се стремиме да им објасниме на едноставен и раскажувачки начин што се случило во Тафталиџе и кои последиците. Ако го гледате видеото, не заборавајте да ја прочитате оваа приказна до крај.

Посредникот донатор

Петар Мишиќ не и е познат на македонската јавност. Но, неговата репутација меѓу бизнисимените е беспрекорна.  Според податоците од договорите кои ИРЛ ги побара од Катастарот, може да се види дека е роден во 1984 година. Не може да се најде на социјалните мрежи, ниту пак на телефонот на неговата фирма „Орманче“. Тој има уште една фирма за консултански услуги која ја основал во 2015 година – фирма Биро за консултански и услужни дејности ТП Дуке-Мишиќ.

Неговото име може да се најде само на списокот на донатори на партијата ГРОМ на Стевчо Јакимовски во 2015 и 2018 година. Тој добил и станови во секоја од зградите кои се изградиле на овие парцели. Новиот ДУП за Тафталиџе ја претворил семејната куќа на неговата мајка Борка Мишиќ во 8 катна зграда. Се наоѓа веднаш до основното училиште „Јан Амос Коменски“ и ја затвора целосна старата руска зграда зад неа која е три ката пониска. Во оваа зграда стан има неговата мајка и фирмата „Аполо инжинеринг“, каде Мишиќ бил вработен до 2015 година.

Дел од бизнисмените кои сега веќе ги имаат изградено своите чудовишта во Тафталиџе, за ИРЛ потврдија дека мистериозниот Петар Мишиќ е оној кој прв им приоѓа. Тој им ветувал брзо градење и “посредување за градежни дозволи”. Ова се правело уште пред да се промени деталниот урбанистички план, а продолжило и потоа.  За возврат, фирмата на Мишиќ со договор за цесија добивала пари и станови во име на сите првични сопственици на имотот. Бизнисмените го опишуваат како “паметен и спремен”, со претприемачки дух.

“Момчето бeше многу спремно, но ниту ни бараа ниту сме дале денар за мито”, вели еден од бизнисмените за ИРЛ.

Ова се фазите кои им овозможија на мала позната група на влијателни бизнисмени и политичари комплетно да го променат изгледот на Тафталиџе.

Помрднете ја стрелката лево-десно за да видите пред и потоа од уништувањето на Тафталиџе

Првиот багер на Зоран Азманов

Бизнисменот Зоран Азманов во Тафталиџе ја изгради најголемата зграда, која има 13 ката, 470 станови и деловен простор. Таа локација била и првата подготвена за влез на багерите. Кога минатата недела со Азманов се сретнавме во канцелариите на неговата фирма „Настел“, тој не пречека спремен со папки документи.

“Ги чувам при рака зошто постојано ми доаѓаат разноразни инспектори”, вели тој и кажува дека истите документи им ги покажал и на истражителите од Финансиската полиција.

„Замислете, мене сакаат да ме осомничат дека сум бил инспиратор на некакво злосторничко здружение. За Тафталиџе нема случај“, отсечно вели Азманов.

Земјиштето каде што е изграден станбениот комплекс се протега на две парцели. Порано било државно, во сопственост на ЈП за управување на објекти за спорт и имало статус на зеленило. Со денационализација парцелите им се вратиле на сопствениците, оние истите споменати во погорниот дел на ова истражување. Во 2014 на дел од парцелата сопственик станува Амари ред ДООЕЛ и добива пренамена во градежно земјиште. А, во другата влегува фирмата „Пирамида инженеринг“ и станува сопственик заедно со уште три лица. Со документи за сопствеништво летото 2015  тие му ги нудат на продажба двете парцели за околу 1,1 милион евра и му најавуваат дека ќе иницираат донесување на нов урбанистички план за Тафталиџе.

„Јас од нив ги купив парцелите. Договорот беше ако издејствуваат да се донесе нов ДУП, тогаш ќе добијат плус станови во објектот и договорена сума на пари.“ – објаснува Азманов.

Зоран Азманов, сопственик на НАСТЕЛ

Неколку дена по донесување на ДУП-от кај Азманов доаѓа Петар Мишиќ, кој настапува во улога на посредник помеѓу сопствениците кои ја продале земјата и Азманов и сите понатамошни договори ќе одат преку него. „Настел“ дозвола за градба добива во мај 2016 година. Зградата почнува да се гради, а во ноември 2017 година Петар Мишиќ отвора фирма „Орманче ДООЕЛ“. Азманов добива инструкции становите и парите кои произлегуваат од договорот за компензација на сопствениците да ги префрли на име на „Орманче“.

„Тоа бил нивен интерен договор меѓу сопствениците и Петар Мишиќ. Јас имав обврска да ги обештетам сопствениците и тоа го сторив. Како после ги делеле становите тоа не беше моја работа“, рече Азманов.

Во 2017 година „Орманче“ завршува со загуба од 1360 евра, а во 2018 година вкупните приходи и се 877.000 евра или чиста добивка 720.000 евра.

Азманов ги продаде останатите станови во огромниот станбен комплекс, но Тафталиџе за него не е завршена приказна. Случајот се уште е отворен во Финансиската полиција и Обвинителството за гонење на организиран криминал.

Ванчо Чифлиганец

Сопственикот на „Адора“, Ванчо Чифлиганец е вториот на кого му пристапува Петар Мишиќ. За разлика од земјиштето кај „Настел“ во овој случај и Петар Мишиќ е еден од сопствениците на парцелата. И Чифлиганец се согласи да зборува за случајот „Тафталиџе“. И неговите договори и документи се во Финансиската полиција.

Канцелариите му се во првата зграда што ја изградил кога ја стартувал „Адора“. Се наоѓа во комплексот познат како МИДА, зад Машинскиот факултет во Скопје.

„Јас не сум дал ни еден денар мито, ниту пак некој барал нешто од мене“, веднаш почна да објаснува богатиот бизнисмен.

Чифлиганец потврди дека Петар Мишиќ во „Адора“ доставил понуда уште пред да се донесе ДУП-от и склучиле преддоговор, со кој сопствениците му продале дел од парцелата. Договорот се склучува официјално по носењето на ДУП-от. Откако општина Карпош го изгласа планот, со непосредна спогодба од државата ја купуваат и околната земја по цена од 470.000 евра со цел да се оформи парцела за изградба на станбена зграда. А, потоа поднесува барање за градежна дзовола. Сите сопственици на парцелата се обештетени со станови и пари. Вели дека Мишиќ не добил ништо повеќе од она што му следувало согласно договорот.

„Адора нема исплатено никаков паричен надомест на друштво за консултански услуги на лицето Петар Мишиќ“ – вели Чиглифанец.

На 6-ти јули 2016 „Адора“ добива дозвола за градба која е завршена за две години. Чифлиганец веднаш до пазарчето во Тафталиџе ја изгради зградата „Дајмонд“ во која има 136 станови, 99 паркинг места и 1.097 м2 деловен простор.

И Чифлиганец и Азманов се пожалија дека тоа било последниот објект кој што го изградиле. Чифлиганец од 2002 година досега има изградено над 30 станбени објекти, со 3.000 станови најголем дел во Скопје, и околу 200 во Охрид и Струмица, како и 300 деловни објекти. Со носталгија се потсети на времето кога за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ имал над 500 вработени, а сега рече тој, бројот е тродупло намален.

Ванчо Чифлиганец, споственик на Адора заедно со Годпосдин Господин Стефан

Ивица Георгиевски

Во декември 2016 година уште една фирма добива дозвола за градба во Тафталиџе. БИСИ на Ивица Георгиевски, поранешен директор на Агенција за спорт и млади и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ. Во историјатот на промени на неговата парцела не се појавува ниту еден од тајфата на Мишиќ. Георгиевски земјиштето го купил на 29 февруари 2016 година од фирмата ПМД-КОМ ДООЕЛ чиј управител е Марк Прекпалај по цена од 240.000 евра. Во мај ја оформува целата парцела откупувајќи земја од државата со непосредна спогодба и доплаќа уште 334.000 евра. БИСИ дозвола за градба добива на крајот на 2016 година. Оваа зграда неодамна е завршена и становите се нудат на продажба.

Пред заминување од функцијата во октомври 2017 година, Јакимовски дозвола за градба во Тафталиџе дал и на други фирми. На 31 август 2017 година дозвола добиле три фирми – „АК Инвест“ и и “Хелга компани“ од Тетово, како и „ТК Инженеринг“  од Скопје за изградба на станбена зграда и деловен објект.

Сопственик на Пирамида Инжинеринг е Благоја Трајковски, сопственик на уште две фирми Инвест Градба Инеженеринг и Омега Констракшн. Партнер на Благоја Трајковски во Инвест Градба Инеженеринг му е Ѓоко Менковски кој во 2013 година е избран за член на Извршен одбор на ГРОМ. Во истата оваа зграда на Пирамида Инженеринг бил сместен и штабот на партијата ГРОМ.

И покрај големите инвестиции на Благоја Трајковски, двете негови фирми Пирамида Инженеринг и Инвест градба од почетокот на 2019 година се во стечајна постапка.

Ивица Георгиевски, споственик на БИСИ заедно со Александар Николовски

Се’ е легално и ништо не е легално

Властите во вакви интервенции секогаш се оправдуваат со законите. Тие се оние кои ја гарантираат легалноста. Истражувањето на ИРЛ ќе покаже дека всушност донесувањето на деталниот план било само последната фаза од масивниот план кој всушност го скроил Јакимовски заедно со контроверзни ликови кои се во улога на „граѓани“, мистериозни фирми и моќни бизнисмени. Теренот бил однапред подготвен со менување на законите.

Се променија три клучни закони од 2007 до 2015, тоа е законот за градење, за градежно земјиште и просторно планирање. Се воведоа нови плански документации кои беа спротивни на Уставот. Деталните урбанистички планови ги прeдлагаат приватни лица оти и тоа се смени и со законите и се укинаа институциите кои претходно го правеа истото. Така се овозможи продор на интересите на поединци во креирањето на планот за Градот.

“Приказната дека се’ е легално не е точна. Се’ е нелегално, затоа што нелегалноста се протега низ акти оти самите закони се неуставни. Ова е вистинска мафија сокриена во државните институции и тие се инспираторите и креаторите”, вели професорот од Архитектонскиот факултет Мирослав Грчев.

Неуставна операција за опасна интервенција

Поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски одби да разговара со новинарите на ИРЛ, бидејќи, како што ни пренесе неговиот адвокат “имал попаметна работа”.

„Ниту општина Карпош некогаш узурпирала зеленило, ниту ќе узурпира. Ниту квадрат зеленило, ниту тревка на граѓаните ќе им фали, затоа оние што се подготвени да наседнуваат на лагите на СДСМ ги охрабруваме да продолжат да си живеат во својот лажен свет“, вака Стевчо Јакимовски зборуваше кога се носеше ДУП-от.

Стевчо Јакимовски, поранешен градоначалник на Општина Карпош

Една година по носењето на ДУП-от, на 6-ти септември 2017 година невладината организација О2 поднесува иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на ДУП-от. Уставниот суд почнува постапка за оценување во декември истата година, но потребни им се повеќе од шест месеци за да утврдат неправилности во постапката. За дури на 20 јуни 2018 година да се донесе одлука за укинување на ДУП-от поради тоа што Општина Карпош не објавиле еколошки план на својата веб страна.

Ова не значеше мораториум на градбите. Поголем дел од градежните активности во Тафталиџе веќе се завршени. ДУП-от кој и овозможи на градежната мафија да изврши окупација на населбата, не се укинува поради неговата содржина, туку поради постапката во која е донесен. Уставниот суд и до таму има надлежности, но вистинскиот проблем е во тоа како и за чиј бенефит бел скроен овој ДУП.

Откако еден детален урбанистички план ќе ги помине потребните процедури во Општината, истиот треба да биде одобрен од Град Скопје и Министерство за транспорт и врски. Ова одобрување значи проверка од страна на комисија во Градот за дали истиот ги исполнува параметрите на ГУП-от и е во согласност со сообраќајниот капацитет. Но, оној за Тафталиџе, онака како што бил скорен, не бил во согласност со параметрите на Генералниот план. Во одредени делови драстично го надминувал бројот на жители кои може да се сместат на оваа површина. И покрај ова истиот бил потпишан и одобрен од надлежните во двете институции.

Парцелите кои (засега) се спасија од семејството на Енвер Малиќи

Наследниците на големиот имот вратен со денационализацијата добиле парцели и на други локации во Карпош. Но, не сите парцели добиле и маркица за градба. Јакимовски веќе не е градоначалник, а локациите стојат нечепнати.

Една ваква локацијата се наоѓа веднаш до Катастарот. И ова земјиште е вратено со денационализација во 2006 година на истите десет наследници. Во 2011 година почнуваат да склучуваат договори за подарок или продажба. И овде како крајни сопственици се фирмата „Орманче“ на Петар Мишиќ, но идеален дел од парцелата има и уште една фирма. СМС ШОПС ДООЕЛ чиј сопственик е зет за ќерка на заменик – градоначалникот на Скопје, Евнер Малиќи.

Во моментов на оваа парцела се наоѓаат монтажни објекти или лимени конструкции во кои има сместено перална за коли и мала локална кројачница. Градежни активности сеуште нема затоа што дел од парцелите сеуште се во сопственост на државата. Но, дел од сопствениците на овие микро бизниси велат дека лица од градежните компании веќе им пристапиле со обид за договор.

Сличен ваков случај може да се забележи и на земјиште веднаш до Драмскиот театар, како и на местото на старата Пошта на Партизанска, која беше урната пред неколку години. СМС Шопс преку истите наследници станува сопственик, но и на овие локации маркица за градба се уште нема.

Истражувачката репортерска лабораторија за ова истражување пребаруваше стотици документи низ државните архиви. Клучните докази можете да ги погледнете на следниве линкови. 

ОБЈЕКТ

УРБАНИ АТЕНТАТОРИ

ДОКУМЕНТАЦИЈА

СИМНИ ДОКУМЕНТАЦИЈА

АДОРА ИНЖЕНЕРИНГ

  • Договори за отуѓување на земјиште

  • Имотни листови

  • Историјат на промени на земјиште

  • Технички опис

БИСИ

  • Договори за отуѓување на земјиште

  • Имотни листови

  • Историјат на промени на земјиште

АПОЛО ИНЖЕНЕРИНГ

ОРМАНЧЕ ДООЕЛ

Петар Мишиќ

  • Историјат на промени на земјиште

  • Тековна состојба и финансиски извештаи за Орманче Дооел

НАСТЕЛ

  • Историјат на промени на земјиште

  • Технички опис

  • Тековна состојба

СМС ШОПС

  • Договори за отуѓување на земјиште

  • Имотни листови

  • Историјат на промени на земјиште

  • Финансиски извештаи

ТК Инженеринг

Хелга компани

АК Инвест

Пирамида Инженеринг

  • Историјат на промени на земјиште

  • Тековни состојби

  • Технички опис

Денационализација

 

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.