Press "Enter" to skip to content

Од грчкиот јаглен што горел во Македонија, парите „исчадиле“ кај Вице Заев во Бугарија

Истражувањето открива како со помош на мрежа од компании и посредници раководството на ЕСМ дозволило државата да купува поскап јаглен со цел некои компании и бизнис-моќници со силни политички врски оваа криза да ја искористат како шанса за сопствено богатење врз грбот на граѓаните кои плаќаа драстично повисоки сметки за струја. Од 2022 година до денес компанијата ЕСМ склучила договори со 11 фирми за набавка на околу 4,6 милиони тони јаглен, за што било договорено нетранспарентно да се потрошат 283 милиони евра. Од една од овие зделки, девет милиони евра завршиле кај бугарска фирма во сопственост на братот на поранешниот премиер Зоран Заев, бизнисменот Вице Заев. 

Известуваат: Александар Јанев и Маја Јовановска
Редактура: Иван Блажевски и Бојан Стојановски
Графика: Лука Блажев и Елена Митревска-Цуцковска

Сè уште незакрепнати од ковид-пандемијата, која силно ги погоди европските држави, континентот во 2022 година се соочи со нова незамислива криза – војна во Украина.

Додека некои во кризата видоа шанса за енергетска транзиција, други овозможуваа кризно профитерство финансирано со буџетски пари преку сектори клучни за државата и граѓаните.

Една таква земја е и Македонија.

Сѐ започна откако во август 2022 година, кога Министерството за економија објави дека ќе се прогласи состојба на енергетска криза во секторот за електрична енергија за да се обезбеди стабилно снабдување за домашните потрошувачи.

Тоа вклучуваше повеќе буџетски пари за државните компании за производство и транспорт на енергија, како што се Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и Македонскиот електропреносен систем-оператор (МЕПСО). Со дополнителните финансии требаше да се обезбедат доволни количини јаглен и нафтени деривати за домашните термоелектрани.

По повеќе од три и пол години управни тужби против државната компанија ЕСМ и Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, кои беа водени од новинарите на ИРЛ поради одбивање да се обелоденат милионски договори за набавка на јаглен, успеавме да откриеме каде завршиле дел од парите.

За време на енергетската криза од 2022 до 2025 година државната компанија склучила договори за набавка на 4,6 милиони тони лигнит, за кои било договорено нетранспарентно да се потрошат над 283 милиони евра.Парите завршиле кај мал број фирми, најчесто наменски и набрзина формирани за да ги добијат тендерите за лигнит. Станувало збор за примамлив бизнис кој предизвикал интерес кај дури 23 компании да достават понуди на огласите на ЕСМ.

Големи разлики во цените

Заобиколувајќи го Законот за јавни набавки, кој дозволува исклучок бидејќи станува збор за набавка на енергија или гориво, преку јавни огласи за РЕК „Битола“ биле склучени 15 договори за набавка на јаглен со единаесет различни компании. Биле склучувани и анекси за промена на количините, местото за набавка и цената.Најголем дел од јагленот доаѓал од Грција, а дел и од Албанија. Помали количини било договорено да се увезат од Бугарија и Косово, a мал дел бил набавен и од македонски рудници.

Цената за РЕК „Битола“ варирала од најниски 45 евра за еден тон лигнит, до највисоки 88,5 евра. Таа се одредувала според енергијата што може да се произведе, а варирала од околу 450 денари до 599 денари за еден гигаџул енергија.

Меѓутоа, овие продажни цени кои се постигнати во договорите со ЕСМ откривме дека значително се разликуваат од набавните цени по кои компаниите го увезувале јагленот од странство.

Според увозните декларации што ги доби ИРЛ од Царинската управа, цените на увезениот јаглен од Грција биле поконкурентни отколку од Албанија. Освен набавната, во цената е вклучен и трошокот за транспорт, па таа се движи од 45 евра за увезен еден тон лигнит од Грција во 2022 година, 41 евро за тон во 2023, до 39 евра во 2024 година.

Од Албанија, пак, каде што се смета дека има покалоричен односно поквалитетен лигнит, но трошокот за транспорт е повисок поради поголемата оддалеченост, просечната цена на еден тон била 47 евра во 2022 година, 54 евра во 2023 и 63 евра во 2024 година.Кон Грција милиони, кон Македонија камиони

Најскап договор за јаглен, по цена од 70 евра за еден тон без вкалкулиран ДДВ, државната компанија ЕСМ склучила скопската компанија „Зобек мининг груп“. Таа беше во фокусот на јавноста на почетокот на годинава, кога Управата за финансиска полиција го замрзна нејзиниот имот под сомнеж дека таму завршувале државни пари од тендери за инфраструктурно уредување што ги добивала од Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ДТИРЗ) додека нејзин директор беше Јован Деспотовски од СДСМ.

Договорот со „Зобек мининг“ бил склучен во септември 2023 година, првично за испорака на 200 илјади тони јаглен за РЕК „Битола“ во рок од една година. Со два анекса количината на испорака била зголемена, прво за 40 илјади тони, па за уште 48 илјади тони, до вкупно 288 илјади тони.

За таа цел компанијата „Зобек мининг“ склучила договор со грчката компанија „Лигниторихиа Ахлада“ која е концесионер на истоимениот рудник за ископ на јаглен, „Ахлада“, во регионот на Лерин, од каде што е набавена целата количина.

Во тој период во грчката јавност се отвори дебата за, како што се велеше, ниската цена по која Македонија увезувала јаглен од овој рудник, па тоа нѐ поттикна да ја истражиме и крајната цена што ја договориле од ЕСМ.

Според официјално соопштение од „Лигниторихиа Ахладас“ пратено до грчкото Министерство за енергетика, а до кое дојде ИРЛ, од овој рудник во 2023 година во Македонија биле продадени 768 827 тони лигнит, по цена меѓу 28-30 евра по тон.

Сопственик на „Зобек мининг“ е македонскиот државјанин Енис Колашинац.

Кога првпат се видовме со него, прво што ни кажа е дека ова е прва негова средба со новинари, иако повеќе медиуми му го споменуваа името кога добиваше тендери од ДТИРЗ, потоа кога се отвори и истрага, но и за набавките на јаглен.

Од увидот на договорите склучени со компанијата „Лигниторихиа Ахладас“ се уверивме дека набавната цена варира од 30 евра за тон во 2023 година до 35 евра за тон годината потоа. Но, Колашинац објасни дека на оваа цена се додаваат и транспортни и логистички трошоци од уште околу 10 евра по тон. Дури и со тоа, сѐ уште имаше голема разлика до договорените 70 евра за тон со ЕСМ.

„Разликата што ја оствари Зобек Мининг како профит е околу 3,2 евра по тон од оваа набавка на јаглен“, ни рече Колашинац.

На втората од вкупно три средби што ги имавме со него тој ни кажа дека морал да ангажира и друга компанија која, меѓу другото, требало да врши ископ на јагленот во грчкиот рудник. Кога прашавме која е таа компанија, ни одговори дека е бугарска.

Државни пари за јагленот завршиле кај Вице Заев

Стануваше збор за компанијата „Гомасидра“, регистрирана во Петрич, Бугарија, во сопственост на Вице Заев, брат на поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев.

„Јас воопшто не знаев која е компанијата. За тоа ме информираа од банката преку која одеа плаќањата откако ги прекинаа сите исплати и ми кажаа да си најдам друга банка затоа што ова е фирма на Вице Заев“, ни рече Колашинац кој патем не крие дека е голем пријател со експремиерот.

Збунувачки беше тоа што во договорот на „Зобек мининг“ со грчкиот рудник воопшто не е спомнато дека друга фирма треба да прави ископ. Во членовите 2.1 и 2.2 пишува: „…продавачот (Лигниторихиа Ахладас) се обврзува да ja стави на располагање потребната количина лигнит за испорака според месечниот распоред. Продавачот се обврзува да ги преземе и плати сите трошоци за товарење на лигнитот.“

Веќе на третата средба Колашинац ни го покажа договорот со компанијата „Гомасидра“, која е регистрирана на иста адреса во Петрич со повеќе други фирми на Заеви, а каде што се наоѓа и компанијата „Пауер ај 8“(POWER i8 Ltd) на сегашниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, а за која ИРЛ веќе пишуваше. Договорот не ни дозволи да го фотографираме, туку само да го прочитаме. Најбитно му беше да се задржиме на членот 4, каде што во детали е опишано кои се обврските на фирмата на Вице Заев.

Во договорот за трговско застапување, „Зобек мининг“ се обврзал дека за секој продаден тон јаглен ќе ѝ исплати на „Гомасидра“ по 47 евра, што е повеќе отколку цената на чинење на самиот јаглен, што е од 40 до 45 евра со транспорт.

За возврат, „Гомасидра“ се обврзала:„...во име и за сметка на налогодавецот Зобек, ќе постигнува договори за купопродажба на јаглен со трети лица, навремено ќе го известува и ќе се грижи за неговите интереси; потоа обезбедување работни простории во непосредна близина на местото на утовар; обезбедување опрема и неопходна механизација; калибрирање на јагленот согласно бараната гранулација; доколку е потребно десулфуризација до потребното ниво на сулфур; отпрашување на јагленот до прифатливо на пепел; и организирање брз и непречен утовар на јагленот и брзо и непречено пристигнување на крајната дестинација иако превозот на јагленот, во смисла на ангажман на возила и транспортни трошоци, е обврска на налогодавачот и тој самиот си ја плаќа“.

Меѓутоа, со овој трошок кон „Гомасидра“, за „Зобек мининг“ да биде профитабилен, јагленот требало да го продава за најмалку 90 евра по тон, зашто по договорената цена од 70 евра немало бизнис-логика да влегува во оваа зделка.

Кога го прашавме Колашинац за оваа пазарна нелогичност, ни рече дека не значи оти сѐ што е напишано во договорот со „Гомасидра“ е исплатено.

Меѓутоа, според податоците за реализираните договори (испорачана количина и исплатена сума) од ЕСМ, договорот со „Зобек мининг“ вреден 20,3 милиони евра за производство на топлина бил исцрпен со помала количина покалоричен јаглен од предвидените, односно 244 илјади тони, така што реализираната просечна цена по тон скокнала до 82,5 евра.

За Вице милиони, за Филипче ауди“

За разликите во цената објаснување ни даде и сопственикот на „Гомасидра“, Вице Заев, кој писмено одговори на нашите прашања. Тој вели дека цената од 47 евра по тон во договорот била наведена како горна граница, но на крајот, како што тврди, му биле исплатени помалку.

За постигнување поголем квалитет на јагленот, согласно бараните стандарди на крајниот купувач, исплатени се по 37 евра по тон, изјави Заев за ИРЛ.

Тој ги потврди обврските наведени во договорот за подготовка на јагленот согласно спецификацијата на купувачот (ЕСМ), што вклучувало калибрирање, десулфуризација, отпрашување, утовар и вагање, како и логистичка поддршка при транспортните процеси.

Според пресметките на оваа сума и вкупната испорачана количина јаглен, произлегува дека „Гомасидра“ од оваа зделка инкасирала околу 9 милиони евра. Деталниот преглед од годишните сметки на „Зобек мининг“ покажува дека вакви милионски суми расходи се евидентирани во ставките „услуги со карактер на материјални трошоци“ и „останати расходи од работењето“.

Но, за разлика од Колашинац, кој тврдеше дека воопшто не знаел која компанија е ангажирана за ова, Заев ни рече: „Со ‘Зобек мининг груп’ сме долгогодишни деловни соработници во повеќе стопански области преку правни субјекти регистрирани во Македонија.“

На прашањето какво искуство има неговата фирма „Гомасидра“ во оваа индустрија, Вице Заев одговори:

„Во деловната активност со енергетски ресурси Гомасидра има искуство со јагленот во Грција, Романија и Бугарија. Бизнис-ориентацијата на Гомасидра се ЕУ и пошироко. Во Македонија сѐ уште не сме имале таков предизвик.“

И финансиските извештаи на „Зобек мининг“ покажуваат дека државните зделки им донеле солиден профит. Во 2023 година компанијата прикажала профит од 3,7 милиони евра, што е за 78% повеќе отколку годината претходно, меѓутоа во 2024 година фирмата била во загуба од 940 илјади евра.

Инаку, фирмата „Гомасидра“ е отворена на 1 јуни 2017 година, наменета за меѓународен транспорт, шпедиција, рентакар, како и продажба и издавање на недвижен имот. Вице Заев е единствен сопственик, а до мај 2021 година управител заедно со него бил и Трајче Заев, негов прв братучед и деловен партнер. На истата адреса фирми имаат Венко Филипче, како и Трајче и Бобан Заеви.

Фирмата „Зобек гроуп“ ДООЕЛ Скопје е основана на 1 ноември 2010 година. Прв сопственик бил извесен Селам Нуиновски од Скопје. На 15 септември 2021 година фирмата ја купил Енис Колашинац и добила ново име – „Зобек мининг груп“ ДООЕЛ Скопје.

Во текот на 2022, 2023 и 2024 година „Зобек мининг“ добива и пет големи тендери за градежно уредување на зоните од Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони додека директор е Јован Деспотовски. Вкупната вредност на договорите е 25 милиони евра.

На крајот на 2024 година Основното јавно обвинителство Скопје, по пријава од Финансиската полиција, отвори предмет за злоупотреба на службената положба за Деспотовски и уште седум лица од Бирото за јавни набавки и Државна комисија за жалби за добиените тендери на „Зобек мининг“ за ТИРЗ Штип и ТИРЗ Струмица. Обвинителството му го одзеде пасошот на Деспотовски, побара замрзнување на банкарските сметки и имотот на „Зобек мининг“.

Грчката фирма Лигниторихиа Ахладас била концесионер на рудникот Ахлада кој инаку се наоѓа во регионот околу Лерин, до 2023 година. Но, поради финансиски проблеми, во април 2023 година стратешки инвеститор во рудникот станува Митилинеос, ги платил сите долгови на Лигниторихиа Ахладас, а капацитетот за ископ на јаглен нагло се зголемил.

Фирмата - ќерка на Митилинеос, Протергиа, станува главен добавувач на јаглен за ЕСМ.

Компанијата Митилинеос е позната во македонската јавност откако во октомври 2022 година тогашната влада предводена од Димитар Ковачевски донесе одлука за утврдување статус на стратешки инвестиционен проект, за проектот „Митилинеос“ за изградба на гасна когенеративна постројка Скопје AC. Меѓутоа, името на оваа компанија почна да се спомнува како потенцијален инвеститор во земјава уште претходно од страна на претходникот на Ковачевски, Зоран Заев.

Уште во 2019 година, пратставувајќи го како придобивка од Преспанскиот договор, Заев разговараше со Митилинеос за потенцијални инвестиции во земјава.

Во јануари 2024 година, неколку месеци по направената зделка со Зобек Мининг, до Собранието стигна предлог закон со кој се предвиде Митилинеос како стратешки инвеститор да вложи 290 милиони евра во гасна централа, а државата требаше да се обврзе 20 години да ја откупува електричната и топлинската енергија. Освен тоа, требаше и да му помогне на Митилинеос со финансиска поддршка од 17% од инвестицијата односно 50 милиони евра.

Меѓутоа подоцна по бурните реакции на јавноста и самиот министер за економија во тоа време, Крешник Бектеши, којшто го поднесе законот, побара негово повлекување од процедурата во Собранието.

Денес, судбината на овој проект е непозната, иако и новата власт на ВМРО-ДПМНЕ најави потенцијален инвеститор на гасна когенеративна централа во Скопје. Засега не е познато дали Митилинеос и понатаму е во игра или власта потенцијално разговара со некој друг инвеститор.

Поврзаноста на „Зобек мининг“ со опозициската партија СДСМ води и до сегашниот лидер Венко Филипче. Минатата година ИРЛ дојде до фотографија на возило „ауди“ кое за време на предизборната кампања го возеше Филипче, а се водеше на име на фирмата „Зобек мининг“.

Возилото Ауди кое лидерот на СДСМ го користеше додека беше во сопственост на фирмата „Зобек мининг груп“, а денес е во негово владение.

Енис Колашинац потврди дека возилото било земено на лизинг за компанијата, но денес е во лична сопственост на Филипче.

„Боро и Рамиз“ во милионскиот бизнис со јагленот

Не е само „Зобек мининг груп“ исклучок во друштвото на фирми кои за време на енергетската криза увезувале јаглен за потребите на АД ЕСМ. Анализираните договори и лицата што стојат зад десетте компании покажуваат дека повеќето влегле во бизнисот набрзина или без претходно искуство во оваа сфера. Како што новинарите на ИРЛ открија, дел од фирмите биле формирани непосредно пред или по објавата на јавниот повик, а нивните сопственици и управители никогаш дотогаш не биле вклучени во бизнисот со енергија.

ИРЛ ги контактираше раководствата на сите фирми увознички. Но, наместо објаснување за високите цени на јагленот, некои од нив беа нељубезни и не сакаа да говорат за милионскиот бизнис со државната компанија.

Еден од нив е и Аљибер Ибраими од Мала Речица. Тој е сопственик на две фирми кои за време на енергетската криза добиле три државни тендери во вредност од 12,8 милиони евра. Компаниите „Куантум солушнс“ и „Енергија икс“ биле формирани на 29 март и 4 мај 2022 година, непосредно по распишувањето на повикот на АД ЕСМ на 25 март истата година. Регистрирани се на две различни локации во скопската населба Карпош.

Документите од Централниот регистар покажуваат дека Аљибер Ибраими во „Енергија икс“ е содружник со извесна Ана Христовска од Скопје. На 2 јуни и на 21 јуни 2022 година склучиле два договора со ЕСМ во вредност од околу 6,6 милиони евра за набавка на јаглен за РЕК „Битола“. Јагленот го носеле од рудниците „Селенице“ во Албанија и „Ахлада“ во Грција.

Но, веднаш по добивањето на тендерите, од фирмата „Енергија икс“ си заминала Ана Христовска. Својот удел му го продала на Ристо Чокрев од скопската населба Аеродром, поранешен ракометар и дел од раководството на ракометниот клуб Металург. Подоцна од фирмата излегол и Аљибер Ибраими, па сега сопственик на „Енергија икс“ е само Чокрев.

Освен со „Енергија икс“, Аљибер Ибраими на повикот за набавка на јаглен конкурирал и со втората новоформирана фирма „Куантум солушнс“. Во оваа компанија Ибраими бил единствен сопственик кога на 4 јуни 2022 бил склучен договор со АД ЕСМ за набавка на јаглен од рудникот „Ахлада“ за РЕК „Битола“. Два месеца подоцна, во август, содружник на Ибраими во фирмата му станува Лазар Кимов од Кавадарци.

Кога ИРЛ го исконтактира Ибраими и го праша за набавките на јаглен, тој само кусо ни изјави: „Извинете, во гужва сум“, и го прекина повикот.

Инаку, Аљибер Ибраими е сопственик и управител на неколку фирми. Член е и на надзорниот одбор на компанијата за јајца „Везе Шари“ и „Лецкер“. Има сопствеништво и во пет други фирми ќерки за производство на продукти од пилешко и говедско месо.

Извор ЕСМ: Сите реализирани договори за набавка на јаглен за РЕК Битола 2022 – 2024 *Забелешка: Од ЕСМ не успеаја да ги обезбедат податоците за реализираните договори за РЕК Осломеј

Откако ги добиле тендерите во 2022 година од ЕСМ, фирмите „Енергија икс“ и „Куантум солушнс“ оттогаш наваму повеќе не конкурирале на тендери за набавка на јаглен.

Наменски фирми формирани за тендерите

Во 2023 година, додека сѐ уште се чувствуваа последиците од енергетската криза, а сѐ уште беше во тек кризната состојба, беа формирани и други нови фирми за увоз на јаглен. „Никопоулос“ ДООЕЛ од Битола била основана на 20 јуни 2023 година, само два месеца пред да се објави голем тендер од ЕСМ за набавка на јаглен. Веќе во октомври „Никопоулос“ го добива бизнисот и склучува договор за набавка на јаглен во вредност од 10 милиони евра.

Го носи од рудникот „Просилио“ во Грција. Дополнително, во февруари следната година, ЕСМ и „Никопоулос“ склучуваат анекс на договорот за уште 10 000 тони, кои исто така доаѓаат од „Прослио“, со што вкупната вредност на договорот достигнува сума од 11 милиони евра.

Согласно договорената сума и реализираната количина на јаглен, ова станува највисоката цена од 88,5 евра за тон по која ЕСМ ја набавила оваа суровина.

Сопственик на фирмата е Евангелос Никопоулос, грчки државјанин од Лерин, а за управителка во тој период била назначена битолчанката Ивана Алексовска. Таа повеќе не е дел од компанијата. Но, откако стапивме во контакт со неа, таа немаше конкретни одговори за активностите на фирмата ниту за времето кога била нејзина управителка. Разговорот неколкупати го прекинуваше кога новинар на ИРЛ ја прашуваше за мотивот за основање на фирмата и цената на јагленот.

„Одлуките за набавка на јагленот ги правеше одбор во фирмата, односно од каде е најисплатливо да се набавува јаглен. Цената по која е набавуван јагленот не можам да ви ја кажам. Фирмата беше во преговори со АД ЕСМ и беше наменски основана за тој договор“, изјави Алексовска и рече за сите дополнителни прашања да пратиме мејл до компанијата.

Инаку, оваа фирма јагленот го купувала од српска фирма која имала ексклузивни права за набавка од рудникот „Просилио“.

И во овој случај се појавува фирма која всушност има улога на посредник во зделката. Тоа е компанијата „Енерика“ на Николче Спировски, која првично и самата конкурирала на еден од јавните повици на ЕСМ. Но, откако не успеала да договори испорака на јаглен за себе, според нашите сознанија, купила одредена количина јаглен од српската фирма, а потоа му ја препродала на „Никопоулос“, од каде што завршила во ЕСМ.

„Никопоулос“ се поврзува со уште една македонска фирма. Тоа е битолската „Голд санд“ која ѝ давала позајмици на „Никопоулос“. Сопственик на „Голд санд“ е Николче Нечевски, кој, откако се јавивме во „Никопулос“, утредента дојде да се види со нас за да ни објасни во врска со набавките на јаглен бидејќи, како што рече, бил упатен зашто неговата компанија го вршела транспортот.

„Глупо прашуваш, не ме провоцирај!“

Јаглен за РЕК „Осломеј“ кај Кичево носеле помалку фирми, најчесто од Албанија.

Најголема количина било договорено да испорача фирмата „Промет стеел холдинг“ од Скопје со која биле склучени два договора за набавка на 422 330 тони лигнит. Најголем дел од количините оваа фирма се обврзала да ги увезе од рудниците „Обилиќ“ во Косово и „Селенице“ во Албанија, а дел да ги купи и од рудниците во Беровско и Струшко. Двата договори се склучени по цена од 73 евра за тон.

Сопственик на „Промет стеел холдинг“ е Абедин Алиу од Сарај. Фирмата е основана во 2016 година и има неколку подружници. Во сопственост на „Промет стеел холдинг“ е и ресторанот „Актива“ во скопско Визбегово.

Кога новинар од ИРЛ го побара Алиу за да го праша за условите и цената по кои го набавувал јагленот, тој почна дрско да одговара:

„А, што треба? Тебе ли да ти одговорам? Не разбирам што сакаш да постигнеш. Ние тогаш бевме принудени од кај можеме да најдеме јаглен. Глупо прашуваш. Не ме провоцирај“, по што Алиу нељубезно го прекина разговорот.

Бизнисот врви и денес

Годишните потреби од јаглен на РЕК „Битола“ се околу три милиони тони, кои не може целосно да се задоволат од домашните рудници. Се проценува дека дури половина од таа количина се набавува од увоз. Дополнително, уште околу 600 илјади тони јаглен се потребни да се увезат и за ТЕЦ „Осломеј“.

Според склучените договори, истите фирми продолжуваат да ја снабдуваат државната компанија ЕСМ со јаглен и годинава, а директорот Лазо Узунчев вели дека набавките од странство ќе продолжат најмалку следниве две години.

Од почетокот на годинава склучени се нови договори со неколку компании. На 15 јануари со „ЏМП коп интернатионал“ за набавка на 250 илјади тони во вредност од 11,4 милиони евра.

Во новите договори од годинава се појавува и нова компанија, „Енерџи макс“ од Скопје, која се обврзала да испорача 150 илјади тони јаглен за 7,8 милиони евра. Оваа компанија е регистрирана на иста адреса како и „Енерика“ која веќе имала неуспешен обид да склучи договор со ЕСМ претходните години. Сопственици на „Енерџи макс“ се извесни Весна Спировска и Димче Панов.

Последните два склучени договора на ЕСМ за набавка на јаглен се од април и мај годинава за ТЕЦ „Осломеј“. Тие се со фирмата „Рис инженеринг“ за набавка на 100 илјади тони јаглен, вреден околу 6,5 милиони евра, како и договорот со „Хај тауерс“, за истата количина и истата централа, вреден 7,1 милиони евра.

За фирмата „Хај тауерс“ најдовме дека е приватна компанија од Албанија, формирана на 22 февруари 2018 година. Има двајца сопственици – Ергест Дучелари и Газмент Хоџа. Според увидот во бизнис-мрежата во Албанија, регистрирана е за многу дејности, меѓу нив и за преработка и трговија на големо и мало со јаглен, битумен и доломит. Оваа компанија добавувала јаглен и за РЕК „Битола“ кога во мај 2022 година склучила договор за набавка на 480 илјади тони јаглен од Албанија, во вредност од 26,5 милиони евра.

Еден од сопствениците на „Рис инженеринг“, пак, е Исак Туша. Тој претходно кон крајот на 2023 година склучил договор за набавка на јаглен преку друга негова компанија, „ИМИ коп“. Овој договор е во вредност од 9,8 милиони евра, за набавка на 150 илјади тони јаглен од македонскиот пограничен рудник кај селото Живојно, преку компанијата „ЏМП коп“. Таа е во сопственост на Дрилон Ајдини од Арачиново и Панајотис Анастасиадис од Лерин. За „ЏМП коп“ домашната јавност слушна во 2023 година, кога при ископ беа уништени делови од неолитската населба Влахо кај Живојно.

Фирмата „ИМИ коп“ е формирана во 2004 година. Со Исак Туша се сретнавме двапати во неговиот ресторан „Капри“ во скопско Визбегово. Ни рече дека тендерот што го добил во 2023 година за набавка на јаглен за РЕК „Битола“ му бил прв склучен договор со државната компанија, а фирмата претежно му се занимава со градежни работи. Изјави дека договорот не бил до крај реализиран бидејќи бил раскинат од страна на ЕСМ, со образложение дека квалитетот на јагленот бил лош.

Потоа компанијата „ИМИ коп“ покренала тужба против ЕСМ бидејќи јагленот бил искористен, а неговата фирма наводно е во загуба од околу половина милион евра.

Јавното обвинителство со предистраги за јагленот

Од Јавното обвинителство за ИРЛ соопштија дека во тек се неколку предистраги за предмети поврзани со набавките на јаглен. Оттаму нѐ информираа:

Јавните обвинителства постапуваат по ревизорски извештаи кои во еден дел го опфаќаат предметот што го наведувате, но и по одредени други сознанија кои би можеле да се доведат во врска со набавките на јаглен.“

Според раководството на ЕСМ, договорите од изминативе години за набавки на јаглен ги побарале и Финансиската полиција и МВР.

Годишните извештаи на ЕСМ покажуваат дека во кризните 2023 и 2024, двете термоцентрали, РЕК Битола и РЕК Осломеј, произвеле помалку струја отколку што било планирано. Во 2023 година термоцентралите потфрлиле за 10,3% во однос на планираното производство, додека пак во 2024 година, 27,3% помалку од планот.

Ако се анализираат годишните извештаи на ЕСМ последните три години, евидентно е дека има намалување на калоричноста на потрошениот јаглен и за таа цел зголемување на потрошувачката на мазут. Имено, кога јагленот е „посен“, во котлите мора да се прска мазут за да се збогати калоричноста на смесата за горење.

Кога прашавме во ЕСМ да ни дадат објаснување зошто се случило потфрлање на производството и како е тоа поврзано со увозот на јаглен во тие години, актуелниот директор Лазо Узунчев ни одговори дека „постојат сомнежи дека квалитетот на јагленот што се увезувал не секогаш бил согласно декларираната калоричност“.

 


ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА НАБАВКА НА ЈАГЛЕН ОД ЕСМ

РЕК БИТОЛА


2022 година

2023 година

2024 година

РЕК ОСЛОМЕЈ


2022 година

2024 година

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.