Press "Enter" to skip to content

Поткаст: Енергетска криза за граѓаните, политичко-културолошка криза за партиите

Енергетската криза повеќе од една година е составен дел на македонското секојдневие. Политичарите лани не успеаја да го предвидат енергетското цунами, што неминовно придонесе цените на основните производи (леб, млеко, јајца, месо) да пораснат до таа мера за да станат луксуз. Обичните граѓани сметаат дека политиката – пратениците, владејачките и опозициските партии ги изневериле зашто во моментот кога наѕираше енергетската криза лани летото политичарите се занимаваа со локалните избори. Координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Мицевски и Јован Митрески, се гости во последниот поткаст на ИРЛ, каде што одговараат како потфрли Собранието и зошто енергетската криза не ги обедини да изнаоѓаат решенија во интерес на граѓаните туку беше само уште една секојдневна тема за политички караници во парламентот. Гостин во поткастот е и премиерот Димитар Ковчевски. 

Пратениците во Собранието се гласот на народот – оние што треба да овозможат граѓаните нормално да функционираат, но и оние што треба да бидат првите кои ќе ги заштитат од евентуални кризи. Но и енергетската криза во земјава не беше доволен мотив „да се закопаат секирите“, а партиите да покажат макар малку единство во моментот кога треба да ги заштитат граѓаните, во случајов од последиците од енергетската криза. Но и ова не е доволен мотив, а Собранието и понатаму наликува на борбена арена каде што во јавниот дискурс наместо конкретни предлози и решенија преовладуваат ниско ниво на политичка култура, навреди, омаловажувања и задоволување на партиските централи со јавните настапи од собраниска говорница. Дел од поткастот „Разговор во редакција“ се координаторите на парламентарните групи на СДСМ – Јован Митрески и Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ. Двајцата беа единствени дека граѓаните се незадоволни од работата на Собранието во целост и дека сите влади досега потфрлиле во реализацијата на капиталните инвестиции, посебно во енергетиката.

„Очигледно впечатокот е дека таму во Собрание има само кавги, навреди и клевети. Граѓаните во последниот период, од она што го чувствувам, не дека имам некакви анализи или анкети или не знам што, гасат телевизор кога наместо да зборуваме за проблемите ние се навредуваме меѓу себе“, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.

„Се согласувам дека еднакво е незадоволството, но едно мора да расчистиме, дека одговорноста при носењето одлуки и при договарањето на текот на седниците и кои точки ќе бидат на дневен ред е предмет на власта“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски. 

ИРЛ му беше домаќин и на премиерот Димитар Ковачевски. Одговараше како се справувале, како се справуваат и како ќе се справат со енергетската криза, а му беа поставени и прашања што вие граѓаните ги испративте до нас, а немате можност директно да му ги поставите на претседателот на Владата. Ковачевски зборуваше и за зголемениот интерес активни и поранешни политичари да инвестираат и да се испробаат во енергетскиот бизнис – отворајќи фирми за трговија со струја како онаа на Аријанит Џафери, син на политичарот од ДУИ, Муса Џафери, како и одлуката во овој бизнис со полнолетството да влезе Душко Заев, син на поранешниот премиер Зоран Заев. 

„Прашањето по мене е дали сте биле во одреден сектор, според вашето прашање енергетски, каде што нешто сте постигнале, па потоа сте станале политичар, за чиј успех ценат граѓаните, или политиката сте ја искористиле да влезете во одреден сектор, во овој случај енергетскиот“, рече премиерот Димитар Ковачевски. 

Премиерот Ковачевски одговараше и зошто на местото на карго-аердоромот во Штип француската фирма „Акио“ преку стратегиско партнерство ќе гради фотоволтаична централа и зошто тоа не го направи државата. Дополнително, фотоволтаиците ќе се постават на плодно земјоделско земјиште, за кое земјоделците веќе алармираа дека не треба да се употребува за ништо друго освен за земјоделство кога земјава зависи од увоз на храна која може да ја произведува на плодна земја со категоризација А-класа. 

Ковачевски одговори и за упадот на околу 12 илјади правни субјекти од либерализираниот на регулираниот пазар на електрична енергија и одлуката сè повеќе институции да се снабдуваат со струја како и граѓаните, преку субвенционирано производство на ЕСМ. Дополнително, на ова треба да се додадат и околу 100 – на фирми од прехранбената индустрија. Целта, според Ковачевски, е да се намалат цените на основните продукти кои поскапеа дури двојно. 

„Целта е да има намалување на цената на основните прехранбени производи со ставањето на производителите на основни прехранбени производи на вакво снабдување со електрична енергија кај ‘ЕСМ продажба’. За основните и средните училишта непречено одвивање на наставата, за здравствените установи непречено давање здравствени услуги и на водоводните претпријатија за водните пумпи, но не за канцеларии за загревање и држење состаноци, непречено снабдување со вода кај градовите што се снабдуваат со водни пумпи, кои не се снабдуваат со природен пат на водата. Дали ќе значи намалување? Да, целта е да има намалување на цената на прехранбените производи“.

Ковачевски увери дека со мерките со кои се преземаат и со државното производство на струја за прехранбената индустрија од околу 100 евра за мегават-час, очекува намалување на цените, но и уверува дека државата нема да дозволи воено профитерство на грбот на најсиромашните граѓани. 

Поткастот „Разговор во редакција“ се емитуваше на 3 ноември на првиот канал на МРТВ како и на јутјуб-каналот на ИРЛ. Темата енергетика е во фокус на ИРЛ веќе една година, а одлуката новата сезона на поткасти да ја почнеме токму со кризата со струјата е поради оправданиот страв на граѓаните од зимата што доаѓа, цените што секојдневно растат и неизвесноста дали граѓаните ќе можат да преживеат, а воедно и да ги платат скапите сметки за комуналии.

Погледнете го последниот поткаст „Разговор во редакција“

Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »