Press "Enter" to skip to content

Судовите го вратија на работа докторот „тик-токер“ кој снимаше пациентки на тетовска гинекологија

Докторот анестезиолог Ваљтон Дервиши кој незаконски снимаше и емитуваше пациенти и колеги во живо на „Тик Ток“, со нова судска пресуда и со пет пати помала казна, се враќа на работа во Клиничката тетовска болница.

Лекарската комора сега нема основ да му ја одземе лиценцата на 7 години како што одлучи претходно. ИРЛ открива како преку серија процесни механизми, повторени постапки, преквалификации на делата и формални правни празнини, од пример за институционална одговорност, случајот премина во пример за институционално повлекување.

Известуваат: Маја Јовановска, Александра Денковска Гоцевска

Пред три години анестезиологот Ваљтон Дервиши од тетовската болница беше уапсен со лисици, осуден од јавноста и претставен како редок пример дека институциите конечно реагираат кога лекар ќе ја злоупотреби довербата на пациентите.

Докторот не само што незаконски снимал пациентки и колешки на гинекологија, туку дел од снимките ги емитувал во живо на својот профил на „Тик-Tок“. Тогашниот директор на болницата го пријавил случајот во полиција, по што Дервиши веднаш беше приведен и му беше одреден притвор.

Само еден месец подоцна, тој призна вина за кривичните дела „Несовесно работење во службата“ и „Неовластено снимање“. Основниот суд во Тетово му изрече казна затвор од 15 месеци, а Лекарската комора, иако привремено поради тековните судски процеси, му ја одзеде лиценцата на седум години — најстрогата дисциплинска мерка што може да ја добие еден доктор кај нас.

Со помош на повторено судење, нови нотарски изјави на дел од жртвите и серија судски одлуки во Тетово и Гостивар, затворската казна на Дервиши беше намалена на три месеци, а дел од делата беа преквалификувани. Тоа му овозможи да ги избегне законските пречки за повторно вработување и да побара враќање на лиценцата.

„Јас згрешив, признав вина, не сум знаел дека снимам. Немав никаква намера. Седумнаесет години работев таму и никогаш не сум побарал ниту еден денар да ми платат за прекувремена работа. Само за да врви работата“ изјави докторот Ваљтон Дервиши за ИРЛ.

Анализата на ИРЛ на правосилните пресуди на Основниот и Граѓанскиот суд во Тетово и Апелацискиот суд во Гостивар сугерираат дека ни судиите, ниту обвинителите не завршиле темелна и ангажирана работа за да го заштитат јавниот интерес. За докази во повторената постапка се прифаќале нотарски изјави од вработени доктори во тетовската болница кои сведочеле дека тој бил добар колега и дека тоа што го направил не сметале дека е нешто сериозно.

Извор: Јутуб канал на Телевизија 21 

Нема правен основ: Како институциите чекор по чекор го затворија случајот

Во Лекарската комора постапката против д-р Ваљтон Дервиши формално сè уште не е завршена. Од Комората објаснуваат дека обвинителот во Судот на честа на комората иницирал постапка за повреди на Кодексот на медицинската деонтологија, по што биле одржани повеќе главни претреси. Во првостепената постапка на докторот му била изречена мерка времено одземање на лиценцата за работа во траење од седум години. Но, одлуката никогаш не станала правосилна.

Дервиши поднел жалба и доставил нови докази, по што Второстепениот совет на Судот на честа ја уважил жалбата и предметот го вратил на повторно одлучување.

Во повторената постапка, одбраната доставила нова пресуда од Основниот суд во Тетово со која првичната казна затвор од една година и три месеци била намалена на три месеци, во кои веќе бил пресметан и притворот. Дополнително, судот не изрекол забрана за вршење професија.

По разгледување на новите околности, во Лекарската комора повторно се одлучувало за статусот на докторот и наместо седумгодишно одземање на лиценцата, била изречена мерка времено одземање на лиценцата во траење од шест месеци.

И на оваа одлука Дервиши повторно поднел жалба, а постапката сè уште трае.

„Бидејќи со правосилна судска одлука на докторот не му е изречена мерка за забрана за вршење професија, а постапката за повреда на Кодексот на медицинска деонтологија што ја води Лекарската комора не е правосилно завршена, Комората во моментов нема правен основ за да ја одземе лиценцата за работа на д-р Дервиши“, велат од Лекарската комора.

Токму формулацијата „нема правен основ“ денес е клучната реченица во целиот случај.

Наместо оштетена пациентка, обвинителот го повикал за сведок нејзиниот сопруг

После првата пресуда од 15 месеци затворска казна, доктор Дервиши обезбедил нотарска изјава од пациентка која била дел од неговото видео објавено на „Тик-Tок“ во која таа се откажала од негов кривичен прогон и од барање отштета.

Во изјавата која пациентката Бесмира Шерифи Рамани ја нуди како нов доказ во прилог на докторот е наведено дека таа воопшто не ни била повикана да сведочи на суд, а наместо неа обвинителот го повикал нејзиниот сопруг кој воопшто не се појавувал на снимките.

Обвинителството се согласило на ново судење, а Кривичниот совет на судот во Тетово составен од судиите Хасан Асани, Јордан Велковски и Садула Идаири одлучил дека сведочењето на пациентката може да доведе до ослободување на обвинетиот. Поради тоа дозволиле судската постапка да се повтори.

Јавниот обвинител направил преквалификација на кривичните дела, па наместо да се гони за дело за кое е предвидена казна која се движи од шест месеци до пет години, во второто судење лекарот бил обвинет за кривични дела каде што минималната казна е три месеци, а максималната шест години.

Со преквалификација на делото, со минималната казна од три месеци докторот не може да биде избркан од работа, ниту пак да му биде привремено одземена лиценцата.

Судењето било закажано на 27 јуни 2024 година, а дотогаш докторот обезбедил уште три нотарски изјави од негови колешки, кои исто така биле неовластено снимани, дека се откажуваат од кривичен прогон. Судија и обвинител и во повтореното судење се Назиф Илијази и Башким Хисени, но пресудата овој пат е целосно во корист на докторот.

За првото кривично дело „Несовесно работење во службата“ казната е намалена од една година на само три месеци затвор, додека за второто дело „Неовластено снимање“ од пет месеци се преиначува во парична казна од 250 евра.

Доктор Ваљтон Дервиши беше уапсен во април 2023 година
Доктор Ваљтон Дервиши беше уапсен во април 2023 година

Казната од три месеци затвор му ги отвори вратите од болницата

Според Законот за работни односи вработен може да добие отказ ако со правосилна одлука му е забранета дејноста или има изречено казна затвор подолга од шест месеци. Лекарот анестезиолог, иако осуден, не спаѓа во ниту една категорија. Па, почнува паралелна битка и во граѓанскиот суд во Тетово против болницата и во Лекарската комора за враќање на лиценцата.

Во тужбата до Граѓанскиот суд во Тетово, пишува дека отказот не бил законски, бидејќи претходно работодавецот морал да поведе дисциплинска постапка. Дополнително, во решението за отказ не било наведено конкретно во што се состои прекршувањето на работниот ред и дисциплина, ниту било наведено која деловна, службена или професионална тајна ја оддал докторот.

На 30 октомрви 2025 година судот носи пресуда со која го поништува решението за отказ на Дервиши и ја задолжува болницата да го врати на работа. Судиите од Граѓанскиот суд во Тетово се повикуваат на одлука на Врховниот суд од 2016 година, во која пишува дека не постои повреда на работниот ред и дисциплина со неовластено соопштување на деловна тајна доколку претходно работодавачот во посебен акт не определил кои факти, исправи, податоци и документи се прогласени за деловна тајна. Болницата донела таков Правилник на 18 април 2023 година, четири дена откако се случил инцидентот со „Тик-Ток“ снимката.

Болницата се жалела на пресудата до Апелацискиот суд во Гостивар, но на 31 март годинава го губи спорот. И со тоа болницата ги искористува сите правни механизми за судска битка против лекарот инфлуенсер.

Последната надеж болницата ја гледа во ревизија пред Врховниот суд. Тие сè уште не постапиле по одлуката.

„Во однос на евентуално враќање на работникот на работа, установата ќе постапува исклучиво согласно закон, судските одлуки и важечките прописи, водејќи сметка пред сè за заштитата на пациентите, професионалните стандарди и нормалното функционирање на здравствената дејност. Дополнително, установата ќе ги разгледа и сите законски основи и околности кои се релевантни за понатамошниот работно-правен статус на лицето“, изјави за ИРЛ правниот застапник на болницата, адвокат Дарко Котески.

Дервиши се враќа на работа и со активна лекарска лиценца, бидејќи Лекарската комора во моментов нема правен основ повторно да му ја одземе.

Три години по апсењето, докторот кој стана своевиден симбол на институционална реакција против злоупотреба во здравството, чека повторно да се врати на работа во тетовската болница.

„Јас имам правосилна пресуда и чекам да ме викнат на работа. Поминаа повеќе од две недели, а сè уште немам никаков одговор од болницата. Не знаете низ каква голгота поминав. Без никаква намера и без никаква цел го направив тоа“, вели Дервиши.

Од Основниот суд во Тетово објаснуваат дека предметот бил квалификуван на начин што овозможил поблага санкција бидејќи ниту оштетените колеги, ниту пациентката не се приклучиле кон кривичен прогон и не побарале оштета.

Дополнително, оштетените воопшто не биле сослушани во судница затоа што обвинетиот ја признал вината во целост. Според законот, во таков случај фактичката состојба се смета за утврдена и не се повикуваат сведоци.

Од Обвинителството велат дека пресудата ја сметаат за законита и соодветна на околностите во случајот.

Така, предметот што почна со апсење, јавен шок и пораки за нулта толеранција кон злоупотреба на пациенти, преку лавиринт од жалби, преквалификации и нотарски изјави заврши со пресуда која докторот го враќа на работа.

Само пет одземени лиценци во период од 15 години

Во изминатите 15 години до Судот на честа при Лекарската комора биле поднесени осум пријави, а од нив за пет биле изречени дисциплински мерки. Изречените мерки се движат од поблаги казни како опомена, времено одземање на лиценца, па се до трајно одземање на лекарската лиценца. Според законските прописи постои и опција за јавна опомена на доктор, но досега таа не била изречена.

Според Законот за здравствена заштита трајно одземање на лиценца може да се изврши само доколку се донесе правосилна судска одлука. Во Македонија од 2010 до јуни 2025 година се одземени само пет лиценци.

Од 2022 до 2025 година до Лекарската комора биле поднесени вкупно 225 претставки од пациенти, членови на семејства на пациенти и институции.

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.