Press "Enter" to skip to content

Поткаст: Долг е патот на институциите за ред во здравството

По објавување на документарниот филм „Нечиста крв“, ИРЛ сними поткаст „Разговор во Редакција“ во кој гостуваа министерот за здравство Беким Сали и директорката на Фондот за здравствено осигурување, Магдалена Филиповска Грашкоска. Тие дадоа институционални објаснувања на обвинувањата од пациентите и доказите на ИРЛ за несигурното и неетичко лекување на КОВИД пациентите во приватната клиника „Жан Митрев“. Зборуваа  и за незаконското одлевање на пари од Фондот за здравство во приватната болница за кардиоваскуларни операции и интервенции. 

Во поткастот „Разговор во Редакција“ сe емитуваше специјално издание на епизодата „Нечиста крв“ во кое се истражи случајот на семејството Сарагинови од Велес и децениските злоупотреби на државниот буџет и парите на пациентите од страна на клиниката „Жан Митрев“. 

Семејството Сарагинови во битка со „Жан Митрев“ и со институциите

Семејството Сарагинови од Велес е едно од многуте кои за болницата „Жан Митрев“ и за нејзиниот сопственик, низ годините во медиумите слушале само позитивни работи. Затоа, по прележаниот Ковид 19 во 2021 година, кога како последица на болеста, Сашо Сарагинов добива запушување на коронарните артерии, семејството се одлучува да го хоспитализира „кај најдобриот“ доктор. 

„Отидовме во неговата болница, затоа што е голем стручњак. Се гледа на телевизија, се рекламира.“, раскажа за ИРЛ сопругата на Сашо, Жанета Сарагинова. 

Докторите во „Жан Митрев“ ја исклучиле можност да се реши проблемот со помала интервенција и вградување на стентови, туку веднаш предложиле бај – пас операција на срцето. На 9 април 2021 година доктор Жан Митрев ја извршил операцијата. Тогаш почнува битката на Сарагинови и со Жан Митрев и со институциите. Сашо Сарагинов по операцијата бил во вегетативна состојба. Жан Митрев кој го оперирал пациентот, во ниту еден момент не почувствувал лекарска обврска да поразговара со семејството и да објасни што се случило. 

„21 ден мојот сопруг немаше дијагноза. Која е вистината?“, раскажа Сарагинова.

Во текот на лекувањето во болницата „Жан Митрев“ еден од докторите и’ сугерирал на Жанета Сарагинова да му дадат на нејзиниот сопруг имуноглобулини. Лековите чинеле 513.000 денари (8.400 евра) и таа била уверена дека лекарствата се дел од лекувањето на нејзиниот сопруг и потоа ќе бидат наведени во отпусното писмо од болницата со што ќе може да ги рефундира парите Фондот за здравство.

„Од клиниката ме повикаа дека ми изготвиле потврда за примен лек. Отидов таму и во документот прочитав дека е даден по барање на семејството. Тоа значи дека Фондот нема да ги рефундира средствата“, вели Сарагинова.

Фондот за здравство отвори постапка и побара објаснување од болницата и од лекарите кои биле надлежни за лекувањето на Сашо Сарагинов. Верзијата на „Жан Митрев“ е дека лековите биле дадени на инсистирање на Жанета Сарагинова. 

Директорката во Фондот за здравствено осигурување, Магдалена Филиповска Грашкоска, во поткастот обелодени дека случајот Сарагинов пред неколку дена добил разрешница, но не во корист на Жанета, туку на „Жан Митрев“. 

„За жал, во текот на минатата недела е постапено по барањето на семејството од подрачната единица каде што е доставено барањето за рефундација, меѓутоа решението е негативно. Од причина што нема потврда од здравствената установа дека на препорака на медицинскиот персонал, односно на препорака на болницата е дадена таа терапија“ изјави Грашкоска. 

Добриот имиџ на „Жан Митрев“, фатален за Слободан Буклески

Во покастот гостин беше и Томислав Буклески од Скопје, чиј родител Слободан Буклески, по три зафати изведени во рок од шест дена, меѓу кои и извршена бај – пас операција, пред еден месец почина во клиниката „Жан Митрев“. Случајот е многу сличен со тој на Сарагинов. 

73 годишниот скопјанец Слободан, кој бил во добра физичка состојба, но со мало запушување на крвните садови кои го хранат мозокот со крв, таканаречените каротиди, семејството решава да го хоспитализира во според нив, „најдобрата“ клиника за кардиохирургија. Целта им била да го подобрат квалитетот на животот на Слободан и да не се грижат во иднина, кога тој ќе стане повозрасен, дека ќе треба оперативно да се интервенира. Но, работите во болницата се одвивале експресно. Здравјето многу брзо му се нарушило, а семејството експресно и без прашање до болницата ги подмирува скапите услуги и сметки кои ги добивало од „Жан Митрев“.

„Евидентно беше дека постојат многу организациски пропусти во болницата. Многу одлуки се носеа брзо и беа контрадикторни. Преизбрзано се донесе одлука да покрај интервенција на двете каротиди во рок од шест дена се направи и бајпас операција“, раскажува синот Томислав Буклески. 

По операцијата пациентот не се буди од кома два дена, а на семејството никој не му кажува дека Слободан доживеал мозочен удар. Потоа бил подложен на третманот хемофилтрација на крвта. 

„Наредниот ден добиваме информација дека треба да се прави хемофилтрација заради енормно покачени инфективни параметри. Татко ми влезе во болницата од инфектолошки аспект чист“, вели неговиот син. 

По првата хемофилтрација, се намалува инфекцијата. Но, по еден ден се врши и втора хемофилтрација поради нова инфекција. И тоа е последната интервенција. Слободан Буклески, починува.

Кога Томислав пристигнува во болницата да го земе телото на татко му и да го погреба, службеник  од клиниката му дава напишана изјава во негово име која тој треба само да ја потпише. Потпишаната изјава е услов да се подигне телото од „Жан Митрев“.

„Во свое име и во име на најблиското семејство неотповикливо изјавувам дека не дозволувам да се изврши медицинска обдукција на телото на покојниот и покрај објаснувањето на овластеното лице за потреба од медицинска обдукција. Исто така изјавувам дека немам и во иднина нема да имам никакви забелешки и други побарувања во врска со лекувањето на покојниот“, пишува во изјавата која Томислав Буклески не ја потпишал. 

Томислав Буклески се обрати во ИРЛ по објавување на документарниот филм „Нечиста крв“ и во име на правдата за неговиот родител одлучи да ја раскаже семејната сага која се уште е многу болна и многу свежа.

Сали ветува нови закони за да се заштитат пациентите

Министерот Беким Сали кој на функцијата е назначен на 16 јануари 2022 година, признава дека клучниот Закон за заштита на пациентите никаде не се спроведува и не се почитува. 

Тој рече дека почнал процедура за измена на Законот за правата на пациентите и на Законот за здравствена заштита за да се вратат ингеренциите од Лекарската комора кај министерот со цел случаите кај кои има сомневања за лекарски грешки, да не се затајуваат и да имаат брз епилог. 

Министерот Беким Сали откри дека за време на пандемијата и тој го изгубил неговиот татко и целосно ги разбира семејствата кои сведочат во „Нечиста крв“ за начинот на лекување на ковид болните. 

„Документарниот филм го доживеат многу емотивно. Татко ми беше во добра здравствена состојба, но почина за само 20 дена од позитивниот тест. Почина во државна здравствена институција.“, рече Сали.

Министерот изјави дека здравството постои за пациентот, а не за министерот, ниту за здравствените работници. Само тогаш законите и институциите ќе бидат во функција на  заштита на правата на пациентите. 

„Јас не штитам никого. Моментално сум на возраст од 44 години и за 10, 15 години и јас ќе бидам постар човек кој што ќе има потреба од здравствена услуга и од здравствена институција која што ќе пружи квалитетна и навремена услуга“., изјави министерот Сали.

Поткастот на Редакција по епизодата „Нечиста крв“ се емиуваше на 22 јули на првиот канал на МРТВ, а сведошвата на Сарагинови и Буклески и разговорот со министерот и директорката на ФЗОМ можете да ги гледате на ЈуТјуб каналот на ИРЛ.

Во документарниот филм „Нечиста крв“, редакцијата на ИРЛ откри дека во клиниката „Жан Митрев“ кај многу пациенти се појавуваат опасни интрахоспитални бактерии, кои што не се пријавуваат кај надлежните институции. Се откри и дека во екот на КОВИД пандемијата, во 2020 и 2021 година, во клиниката се спроведувале клинички испитувања за да се утврди дали хемофилтрацијата е добар метод за лекување, при што ниту пациентите, ниту нивните семејства, ниту државните институции не биле информирани и не дале дозвола за ова. Од клиниката „Жан Митрев“ велат дека немало клинички испитувања и дека се преземени сите мерки за спречување на интрахоспитаните инфекции и дека е работено според законите и протоколите во државава. 

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »