Обвинети се вкупно шест лица, а против 33 е поднесен предлог да платат парична казна. Обвинението доаѓа по истражувањето на ИРЛ кое откри неколку десетици граѓани кои биле измамени. Нивните лични податоци биле ставени на фалсификувани лични карти и во нивно име биле земани брзи кредити.
Александра Денковска Гоцевска
Јавното обвинителство денеска поднесе обвинение за шест луѓе кои ги мамеле граѓаните и во нивно име земале брзи кредити. Тие се гонат за продолжени кривични дела Фалсификување исправа, Злоупотреба на лични податоци и Компјутерска измама со ги оштетиле граѓаните за над три милиони денари.
Против 33 лица, пак, е поднесен Предлог за издавање на казнен налог за кривично дело Компјутерска измама, што подразбира само парична казна.
„Намерата на обвинетите им била за секој од нив да прибават противправна имотна корист. Четворица од нив со вакви дејствија во периодот од февруари 2023 година до јуни 2024 година, како вкупна последица ја оствариле последицата на потешко кривично дело односно прибавиле вкупна имотна корист во износ од 2.509.808 денари која е значителна. Останатите во текот на 2022 и 2023 година со поединечни дејствија во помал износ прибавиле противправна имотна корист во вкупен износ од дополнителни 659.500 денари“, соопштија од Обвинителството.
Инаку со истрагата беа опфатени вкупно 43 лица, но за четири од нив јавниот обвинител донел решение за запирање на истрагата. За двајца не биле обезбедени докази дека учествувале во оваа измамничка шема, а двајца во меѓувреме починале.
Обвиненијата доаѓаат година и седум месеци откако Истражувачката репортерска лабораторија го објави документарниот филм Украдени животи.
Истрагата за измамите со брзите кредити Обвинителството ја отвори во април минатата година откако ИРЛ објави дека организирана група подига пари од финансиските друштва за брзи кредити преку изработка на лажни лични карти. Меѓу обвинетите е и Димитар Кратовски кој се појави во истражувањето на ИРЛ и лице вработено во Фондот за здравствено осигурување кое обезбедувало податоци за потенцијалните жртви на измамите.
Истражувањето на ИРЛ се фокусираше на случајот на Марија Костовска чиј идентитет беше украден. Групата изработила фалсификувана лична карта со нејзините податоци и потоа со неа сосема друга жена, која бил дел од измамата, аплицирала и добивала пари од друштва за издавање брзи кредити. Костовска и понатаму во Кредитното биро е запишана како должник, а земените 146 илјади денари подоцна со камати и провизии двојно се зголемија.
ИРЛ откри и други граѓани кои групата ги измамила на сличен начин. Нивните лични податоци биле ставени на фалсификувани лични карти и во нивно име биле земани брзи кредити.
Истражувајќи го случајот на Марија Костовска и нејзиниот украден идентитет, ИРЛ откри дека зад измамите стоеле добро организирани лица. Утврдивме дека освен преку фалсификувани лични карти, граѓани станувале мета на измама и преку фиктивни вработувања во компании што ги отворале измамниците за лицата да бидат во работен однос, што е олеснителна околност за да се добие брз кредит.
Новинарите на ИРЛ прегледаа стотици документи и разговараа со десетици лица и адвокати во обид да пронајдат повеќе жртви и да откријат кој и на каков начин ги правел измамите.
На почетокот на истражувањето, пред новинарите воопшто да откријат како функционирале овие измами, дојдовме до контакт со Димитар Кратовски кој во улога на „укажувач“, сакаше да ни објасни како функционира системот на измами со брзи кредити преку украдени идентитети и фалсификувани лични карти.
Кратовски во интервју за проектот „Редакција“ на ИРЛ рече дека никогаш не бил вклучен во вакви измами, туку оти познава луѓе кои го правеле тоа.
Во нашето истражување првично тој имаше улога на таен извор со заштитен идентитет. Ни рече дека најчесто податоците за измамите се обезбедуваат од државни институции, а измамниците имаат свои луѓе и во комерцијалните банки.
Но, потоа откривме дека токму Кратовски имал улога во компании каде што фиктивно биле вработувани граѓани за да станат кредитоспособни за подоцна да бидат злоупотребени и го објавивме неговиот идентитет.


















