На Маврово се гради. На хартија куќи, во реалноста зграда. Веќе има и една изградена. Таа требало да биде хотел, но газдата си продаде станови. Во најава се и нови градилишта до ски терените. ИРЛ разговараше со Медат Куртовски, градоначалникот на Маврово, за опасноста од неповратни загуби во име на профитот во Нациоаналниот парк „Маврово“.
Тој вели дека во општината нема доволно туристички легла, а тие се стремат да го развијат туризмот. Прашавме и зошто државата ја продава земјата во националниот парк по цени од евро до пет евра по квадрат.
„Општина Маврово – Ростуше е една од најубавите општини. Ние како локална самоуправа ги правиме сите напори тој имиџ да го задржиме и понатаму, но во исто време сакаме нашата општина да стане познато туристичко место кое што ќе биде посетувано од многу туристи и заради тоа правиме баланс помеѓу она што е и што треба да биде нашата општина“, вели градоначалникот.
За време на старата власт во Маврово, до ски терените се изградила цела зграда којашто требало да биде хотел. Веднаш до нив, новата власт за зафати нова градежна офанзива во Мавово. Се гради уште еден станбен комплекс, но според дозволите тоа се повеќе куќи. Нашата новинарка го соочува градоначалникот со документи, скици и фотографии. На прашањето дали се ова куќи или е голема зграда, тој ќе рече: Големината е само перцепција. Маврово и сега има проблеми со снабдувањето со струја и вода токму поради непланската урбанизација. Новиот габаритен комплекс до самите терени е нова опасност. А во најава се и нови згради. На прашањето дали Маврово ќе го издржи ова, Куртовски ќе одговори: „Верувам дека ќе го издржи“.
„Се гради еден објект којшто мислам дека ќе има сместувачки капацитети. Тоа мислам дека се станови“, вели градоначалникот и потврдува дека градежните дозволи за овој објект, сепак се за куќи. „Од она што јас го имам како информација, се дава поединечна дозвола за секоја парцела и тие стануваат една единица“, вака Куртосвки даде пресек на иронијата со којашто се кроеле и одржувале законите кои од Маврово почнаа да создаваат градилишта.
Погледнете го цело видео интервју:
Ова интервју е дел од проектот „Бетонизација на Маврово”. Тимот од новинари, графички дизајнери и видеографери работеше повеќе од три месеци и собираше и обработи повеќе од 3,000 јавно достапни документи со цел да ја раскаже приказната за рапидната и непланска градежна урбанизација на Националниот парк Маврово. Сите стории и докуметенти погледнете ги овде.