Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, поднесе оставка од функцијата и ја депонира до Собранието. Изнуденото повлекување следува откако Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција пред една недела поднесе обвинение против неа во рамки на предметот „Адитив“ кое се однесува на две кривични дела – оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
Известува: Маја Јовановска
Димитровска е обвинета дека ја искористила позицијата и на еден од обвинетите во „Адитив“ – дирекоторот на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ му давала информации кои му биле од интерес и не смеела да ги сподели. Така и нанела штета на истрагата која ја водело Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција а сите предмети кои се воделе во ДКСК а се однесувале на набавката на адитив против згура и троска во термоцентралите РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј биле отфрлени и комисијата не детектирала коруптивни елементи.
„Таа преку својот службен телефон и апликациите Вибер и Ватсап му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот ‘Адитив’, службени белешки за отворање на предмет и распределба на член на ДКСК, одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот на обвинетиот и на неговото семејство.“ се дел од доказите врз основа на кои Обвинителството покрена обвинение против Димитровска.
Второто кривично дело за кое е обвинета претседателката на ДКСК, а за кое јавноста не знаеше дека воопшто е под истрага, е компјутерски фалсификат. Димитровска се здобила со безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации откако ревизор во Државниот завод за ревизија и го положил испитот наместо неа и таа неосновано добила пристап до национални класифицирани информации со степен – државна тајна.
Случајот „Адитив“ го обелодени Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), а се однесува на набавката на хемиски препарат против созадавање на згура и троска во котлите на РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј. По објавувањето на истражувањето, Јавното обвинителство отвори предмет по допрен глас во кој веќе се обвинети 31 физичко и пет правни лица.
Меѓу обвинетите се и шест поранешни директори во Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски кој е во бегство, Васко Стефанов, Пеце Матевски, Ардијан Муча, Данчо Стојановски, како и поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ.
Инаку престанокот на функцијата претседател или член на ДКСК е пропишан во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересот, според кој, функцијата престанува пред истек на мандатот во случај – да поднесе оставка, трајно ја изгуби способноста за вршење на функцијата, што го утврдува Собранието, е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или настапи негова смрт. Престанокот на функцијата член или претседател на ДКСК го констатира Собранието.
Лани ИРЛ објави две истражувачки стории како фирмата „Бреинкоде“ без никакво искуство во хемискиот бизнис им продала на државните електрани адитив неколку пати поскап од неговата вистинска пазарна вредност и како високо позиционирани лица во власта ѝ овозможиле да добие пристап до милионските тендери на ЕСМ. Екстракцијата на податоци од телефоните на обвинетите откри директна комуникација помеѓу поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ и претседателката на ДКСК во оставка Татјана Димитровска. По сознанијата дека имало контакт а на Стојановиќ му се оддавале службени документи, обвинителството го одзема и нејзиниот телефон преку кој дополнително откри дека во нејзино име тест за пристап до инфорамции со безбедносна класификација полагал нејзин поранешен колега од Државниот завод за ревизија каде таа работеше.
За сторијата ИРЛ ја доби наградата на ЗНМ (Здружението на новинарите на Македонија) за најдобра истражувачка сторија за 2024 година.









