Press "Enter" to skip to content

Хероите од нашето маало: Моника Костовска-инспектор за работнички права од Крива Паланка

Во време на корона кризата, проблемите кои настанаа во економијата се прекршија врз грбот на работниците. Бланко спогодбени откази, намалена плата, прекувремено работење, исплата на плата под минимално дозволената се само дел од проблемите со кои се справуваат работниците во земјава по воведувањето на вонредната состојба.

Моника Митровска Костовска е инспекторка во Државниот инспекторат за труд во Куманово и е надлежна за контрола на работодавците и за почитување на работничките права во целиот Североисточен регион. Таа вели дека за време на корона кризата до неа стасуваат многу жалби од работниците од Североистокот.

„За жал, пандемијата со Ковид 19 не погоди сите нас, но најмногу здравјето на луѓето и економијата, а со тоа и работниците како дел од системот на понуда и побарувачка на разни видови на производи на пазарот на трудот. До нас пристигнуваат поплаки од работниците најмногу во делот на безбедно вршење на работата,заштитата на нивното здравје и живот, потоа откажувањето на договорите за вработување од страна на работодавачите, исплатата на плата и придонеси за задолжително социјално осигурување, користењето на годишниот одмор, како и непридржување до мерките и препораките на Владата на Р.С.Македонија од страна на работодавачите воопшто“ – вели Костовска.

Општините во Североисточниот регион

Моника Митровска Костовска работи како трудов инспектор шест години. Вели дека во Североисточниот регион најмногу на удар се работниците кои работат во преработувачката индустрија. Процентот на вработени во индустријата во Североисточниот регион е 30%, главно сконцентрирани во преработувачката индустрија во општините Куманово (77 %) и Крива Паланка (74%).

 „Кога станува збор за работниците од Североисточниот регион, јас би ја издвоила преработувачката индустрија како сектор каде што најмногу се прекршуваат работничките права, а пред сè текстилната и чевларската индустрија, затоа што таму концентрацијата на работниците е најголема, меѓутоа ова не треба да значи дека и во останатите сектори како што се: трговијата, угостителството, градежништвото итн. нема прекршувања на правата на работниците“, објаснува инспекторката.

Костовска е една од ретките инспектори за кои можат да се слушнат пофални зборови од работници. Една од ретките која зборува отворено дека газдите ги кршат работничките права. Во држава во која владеат (не)законите на локалните шерифи и политичките моќници, таквите изјави и ставови можат да се протолкуваат единствено како храбри, особено за чиновничка која работи во државна администрација и која живее во мала општина како Крива Паланка.

За Митровска Костовска слушнавме од граѓаните на Крива Паланка, додека тимот на ИРЛ престојуваше таму како дел од проектот „Мобилни редакции“. Баравме херој од нашето маало, а тие ни ја посочија трудовата инспекторка како професионалец во заштита на правата на работниците.

За најзината работа често може да се прочита во медиумите, а таа може и да се види на трибини и дебати во која работниците и синдикатите дискутираат за работничките права.

„На денешнава трибина на „Текстилијада“ беа посочени токму добрите примери меѓу невладините и институциите. Трудовата инспекторка од Крива Паланка, Моника Митровска-Костовска, која беше посочена дека си ја работи работата на терен, вели дека претставки од работниците има од сите сектори, а најмногу од текстилниот и кожарскиот сектор“, може да се прочита во медиумите доколку се побара името на трудовата инспекторка.

Моника Митровска Костовска (во средина) на дебата за работничките права

Во текстилната индустрија многу од вработените работат на црно, без договори за вработување, со работно време над законски утврдените часови, минимален или никаков годишен одмор. „Ситуацијата е доста алармантна, секојдневно имаме поплаки, секојдневно сме на теренот“, сведочи Митровска Костовска.

Еден од најголемите индустриски капацитети во Североистокот кој вработува многу луѓе од Крива Паланка и околните села е рудникот „Тораница“. Лани таму загина рудар, а двајца беа повредени, за кои дури по извршениот увид трудовата инспекторка Митровска Костовска констатираше дека станувало збор за вработени со договори на определено време на три месеци. Работниците се плашат синдикално да делуваат, бидејќи стравуваат дека договорите нема да им бидат продолжени.  Таа вели дека ги разбира работниците кои се плашат да зборуваат за нивните притисоци и злоупотреби од страна на сопствениците, но ги охрабрува тоа да го пријават до Државниот инспекторат.

„Многупати до сега имам кажано дека работниците се плашат отворено да разговараат за нивните работнички права. Постојано апелирам дека ние сме таа инстанца каде што прво треба да се обратат, без да мислат дека ние ќе ги осуетиме нивните работнички права и ќе ја злоупотребиме нашата положба. Ние не сме во можност навреме да дознаеме за секое прекршување на работничките права, затоа работниците се тие кои треба први да реагираат. Тие имаат можност и синдикално да се организираат, со што би биле посилни во остварување на нивните права. Сè дотогаш, ние сме тука да ги заштитиме и да им покажеме дека ништо не вреди повеќе од нивниот труд и нивното достоинство“, апелира Костовска.

Кога ја прашавме за пофалните зборови за нејзината професионалност кои доаѓаат од работниците и од невладините организации, дали од друга страна наидува на притисок од сопствениците на фирмите, таа вели:

„Се подразбира дека убавиот збор секогаш влијае позитивно, без разлика во кој контекст е кажан, но и без тоа јас работата секогаш би ја вршела, исто како и до сега. Ние секојдневно се соочуваме со разни видови на проблеми, кои се трудиме да ги надминеме работејќи професионално и чесно. Не можам да кажам дека имам притисоци од бизнис секторот, а пристапот при вршење на нашата работа е клучен момент овде“, ни изјави Костовска.

Работничките права во Република Северна Македонија се загарантирани во Уставот во членот 32.

„Секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Секој вработен има право на соодветна заработувачка. Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат“. 

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »