Press "Enter" to skip to content

Смрт во најава на реката Дошница: Сопственикот на „Спортлајф“ сака да гради две мали хидроцентрали

Додека реките пресушуваат, проектите со малите хидроцентрали за кои постои мнозински отпор кај граѓаните продолжуваат.  Нов „таргет“ на овој лукративен бизнис е планината Кожуф. Сопственикот на кладилниците „Спортлајф“ Ѓоко Стерјоски сака да гради две мали хидроцентрали на еколошки чистата река Дошница. 

Известува: Ивана Настеска, Пелагија Младеновска

Трендот на малите хидроцентрали треба да престане и државата да се пренасочи на енергија од сонце и ветер, изјави пред една година тогашната министерка за животна средина Каја Шукова. Најави ѝ дека се изработува нов Закон за природа, во кој е предвидена забрана за издавање на концесии за мали хидроцентрали во заштитените подрачја. Една третина од одобрените стотина елоборати за мали хидроцентрали се во заштитени подрачја. 

На малите хидроцентрали се противат и граѓани и екоактивисти, а Комитетот на Бернската конвенција при Советот на Европа побара од Македонија да се раскинат сите одобрени и планирани мали хидроцентрали во заштитени подрачја, како и оние надвор од нив, кои може да влијаат на заштитените зони. Комитетот побараа и да се забрза репрогласувањето на Националниот парк Маврово и да се донесе Законот за заштита на природата. 

Но власта се смени, а малите хидроцентрали се најдоа и во партиската и во програмата на владата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Христијан Мицкоски, кој дојде на власт по изборите на 8 мај 2024. А сè уште не се финиширани ниту репрогласувањето на Националниот парк Маврово, ниту Законот за природата.

Во изборната програма, ВМРО-ДПМНЕ вели дека ќе продолжи со политиките за промоција на изградба на мали и микро хидроцентрали за производство на струја, но дека ќе го минимизираат влијанието врз животната средина. А и Владата во својата програма за работа наведува дека е планирана изградба на мали хидроцентрали. 

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во минатото и самиот беше дел од концесионерите на мали хидроцентрали. 

На чело на Министерството за животна средина, пак, е коалицискиот партнер во Владата од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити. Во одговор за ИРЛ, тој вели дека нема да се дозволи градење на нови мали хидроцентрали во заштитени подрачја, а за оние што се во некоја фаза на изградба ќе се постапува согласно законската рамка и законските обврски. 

Најавениот Закон за природа, со кој може да се стави крај на малите хидроцентрали во заштитените подрачја, сè уште се усогласува меѓу секторите во Министерството за животна средина, а потоа ќе биде презентиран пред јавноста и поставен на Електронски национален регистар на прописи (ЕНЕР), ни одговорија од Одделот за комуникации во Министерството. 

За тоа дали со новиот закон ќе биде предвидена забрана на издавање на нови концесии за мали хидроцентрали во заштитени подрачја, од Министерството велат дека „конечната верзија ќе се дефинира откако ќе поминат сите фази на усогласување“.

Малите хидроцентрали како обновлив извор на енергија ги промовираше владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски и Али Ахмети од ДУИ уште во 2012 година. По повеќе од деценија се покажа дека алармот на екологистите и екоактивистите за последиците од овие проекти бил оправдан. Реките пресушуваат, а животинскиот и растителниот свет неповратно се уништува.

И покрај сите предупредувања дека малите хидроцентрали носат бенефит само за инвеститорите, проектите продолжија со несмален интензитет на реализација и со владите на СДСМ, предводени од Зоран Заев и Димитар Ковачевски заедно со Али Ахмети. 

Ако се суди по програмите на сегашната влада, и во иднина ќе се градат мали хидроцентрали. 

Малите хидроцентрали одличен спој на бизнис и политика 

Бизнисот со мали хидроцентрали е привлечен оти инвеститорите  имаат загарантирана откупна цена на произведената струја за 20 години и лесно може да подигнат кредит за да изградат објектите во името на зелената енергија. Па затоа во бизнисот со мали хидроцентрали низ годините се вклучија многу политичари, бизнисмени па дури ичленови на нивните семејства.

Ѓоко Стерјоски е бизнисмен чии компании се вклучени во прехранбената индустрија, но најпрепознатлив е по бизнисот со спортските обложувалници под брендот „Спортлајф“. Сепак, неговото име не ѝ е толку познато на пошироката македонска јавност, бидејќи тој никогаш не бил медиумски експониран. Покрај дводеценискиот бизнис со спортските игри на среќа и прехранбената индустрија, Стерјоски е важен играч и во бизнисот со обновливи извори на енергија, особено со малите хидроцентрали (МХЕЦ).

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) мапираше најмалку пет мали хидроцентрали каде Стерјоски преку неговите семејни фирми се јавува или како инвеститор или како изведувач на малите хидроцентрали.

Документацијата што ИРЛ ја обезбеди од јавни списи и преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, а се однесува на повеќе проекти за мали хидроцентрали, покажува дека фирми на семејството Стерјоски соработуваат со семејните компании на поранешниот вицепремиер за економски прашања во владата на СДСМ, Кочо Анѓушев, и поранешниот министер за животна средина и екс – градоначалник на Кочани од СДСМ, Љубомир Јанев.

Компаниите на Стерјоски, Анѓушев и Јанев успешно соработуваат кога е во прашање бизнисот со малите хидроцентрали. Во проектите кога Стерјоски е инвеститор, дел од елаборатите ги изработуваат фирми на Анѓушев, а за надзорот над изградбата е ангажирана компанијата на поранешниот министер за животна средина од СДСМ, Љубомир Јанев. 

Таков е случајот со малата хидроцентрала на Мала Река во Кочани. Таму инвеститор е фирмата ДИС Енергија на Стерјоски, проектант е фирмата Аквават на Анѓушев, изведувач е Ј.Е.С Глобал во сопственост на сопругата на Ѓоко Стерјоски, Јасминка Стерјоска, а надзорот го врши Концепт ЕУ на Јанев. 

Љубомир Јанев, беше министер за заштита на животна средина и просторно планирање од 2002 до 2004, во времето на СДСМ предводен од Бранко Црвенковски. Тогаш малите хидроцентрали уште не беа во мода. Анѓушев, пак, беше вицепремиер за економски прашања од 2017 до 2020, во времето на СДСМ предводен од Зоран Заев. Анѓушев и неговите фирми се лидери во бизнисот со мали хидроцентрали, поседувајќи ја секоја петта мала хидроцентрала во Македонија. Според Годишниот извештај на Регулаторната комисија за енергетика за работата во 2023, во земјата има 115 мали хидроцентрали, а групацијата на Анѓушев, Феро инвест, на својата веб-страница наведе дека има удел во 25. 

Табла од градилиште на Мала Река кај Кочани

Хидроцентралата на Мала Река сега е во изградба. Кочанските екоактивисти од „За здрав живот во Кочани“ со години протестираа и бараа да сопре реализацијата на овој проект, бидејќи стравуваат дека реката и животинскиот свет неповратно ќе се уништи

Според нив, институциите не го запираат овој проект со оправдување дека ќе треба да платат висока цена за обештетување на инвеститорот.

Управителот на фирмата концесионер, ДИС Енергија, Влатко Тоневски, во одговор за ИРЛ вели дека за оваа мала хидроцентрала ги обезбедиле сите документи, а дека веќе добиле и согласност за приклучок на електродистрибутивната мрежа.

„Во однос на негодувањата на активистите сакаме да укажеме дека при изградбата на овој енергетски објект запазени се сите стандарди за градење согласно издадените одобренија и согласности, а констатираните пропусти од страна на надлежните органи во фазата на изградба се отстранети без последици за животната средина“, вели Тоневски.

Соработката на ДИС Енергија на Стеријоски и на Концепт ЕУ на Јанев продолжува, за што сведочи одлуката на Регулаторната Комисија за енергетика (РКЕ) од 15 јули 2024, кога е издадена лиценца за малата хидроцентрала Шталковска. Лиценцата ја доби ДИС Енергија, а надзорот го извршила фирмата Концепт ЕУ.

Во случајот, пак, кога Анѓушев е ко – инвеститор, каков што е примерот со малите хидроцентрали на Жировничка Река во Националниот парк Маврово, компанија во сопственост на сопругата на Стерјоски, Јасминка Стерјоска се јавува како изведувач, а за надзорот повторно била ангажирана фирмата на Љубомир Јанев.

Конкретно за малата хидроцентрала на Жировничка Река со референтен број 6 инвеститор е Хидроген енерџи груп, конзорциум составен од Хидроген груп на Предраг Чемерикиќ и Феро инвест на Кочо Анѓушев. За оваа мала хидроцентрала, како изведувач се јавуваше фирмата Ј.Е.С. Глобал во сопственост на Јасминка Стерјоска, сопругата на Ѓоко Стерјоски. Надзор на изградбата требаше да биде фирмата „Концепт ЕУ“ во сопственост на поранешниот министер за животна средина, Јанев.

За оваа мала хидроцентрала, како и за уште една планирана на Жировничка Река (референтен број 5) каде инвеститор е повторно конзорциумот Хидроген енерџи груп, пропадна договорот за изградба. 

Една од причините е и случајот што Секретаријатот на Бернската конвенција при Советот на Европа го отвори против државава со препорака да се напушти идејата за изградба на хидроцентрали во Националниот парк Маврово. Во моментов, инвеститорот Хидроген енерџи груп и Министерството за животна средина водат постапка за раскинување на договорот за концесија и откако ќе биде финализирана ќе се знае дали и колку пари ќе треба државата да му плати на инвеститорот како обештетување.

Стерјоски пак, е директен инвеститор на малата хидроцентрала на Рибничка Река со референтен број 7, исто лоцирана на територијата на Националниот парк Маврово. Договорот за концесија е потпишан во 2015 година меѓу конзорциумот Актуел енерџи груп (составен од ЏСП Актуел на Ѓоко Стерјоски и Ј.Е.С Глобал на неговата сопруга) и Министерството за животна средина. Подоцна концесијата за оваа МХЕЦ е пренесена на конзорциумот со име Глобал енерџи, составен од истите фирми на Стерјоски и сопругата.

Зафатот на вода за оваа мала централа требаше да биде на реката Дагон, која е во заштитена зона во Националниот парк. И покрај препораката од Бернската конвенција да не се градат овие зафати во Националниот парк Маврово, инвеститорот Ѓоко Стерјоски не се откажува.

Тој, предлагаше зафатот наместо на река Дагон да биде на Танушка Река и притоките, а од Министерството за животна средина одговорија дека ново решени не е одобрено и дека не добиле мислење од Националната установа „Маврово“.

Од ЏСП Актуел посочија дека со новата техничка документација се напушта една од трите траси на зафатите, а машинската зграда која останува непроменета веќе се гради. 

„Остануваме на ставот дека овој енергетски капацитет треба да се изгради, бидејќи во фазата на обезбедување на потребната документација добиени се сите позитивни мислења од институциите. Не постои причина зошто овој енергетски капацитет не би се градел а со изградбата ќе се запазат сите еколошки стандарди и норми“, велат од ЏСП Актуел.

Инаку, оваа мала хидроцентрала влегуваше во заштитена зона според последната Студија за валоризација на природните вредности на Националниот парк Маврово изработена во 2012 година.   

Во меѓувреме Министерството за животна средина во соработка со НП Маврово, Глобал Конзервација и Македонско еколошко друштво ја дополнува Студијата за ревалоризација на природните вредности на Националниот парк Маврово. Меморандумот за соработка е потпишан уште пред година и половина, но процесот сè уште не е завршен. 

„Изготвувачот на студијата е во завршна фаза на изработка на истата. Во најскоро време се очекува да биде доставена до Министерство за животна средина и просторно планирање, за да може да се отпочне постапка за прогласување на Маврово за заштитено подрачје во категорија Национален парк“, ни одговорија од Одделот за комуникација на Министерството. 

Со Студијата треба да се дефинираат надворешните граници и да се зонира НП Маврово. 

 Бизнис моделот со МХЕЦ во Маврово, пресликан и на Кожув

Бизнис комбинациите за изградба на исплатливите мали хидроцентрали, инвеститорите ги ископираа и на планината Кожув. Ако Паркот Маврово е заштитена зона, Кожуф е локација која не е под заштита на државата. Загарантираниот откуп на струја произведена од малите хидроцентрали е примамлива за инвеститорите да градат објекти на реките во овој дел од Македонија без ограничувања, бидејќи планината не е прогласена за Национален парк. Но идејата, реките да се користат за производство на незначајна количина на струја, не им се допадна на мештаните кои уживаат во природните богатства на планината Кожуф.   

Минатата година, стотици екоактивисти од Кавадарци, Гевгелија и Демир Капија во јавноста предупредија дека во срцето на планината Кожув на една од најчистите реки, Дошница, се планира изградба на две мали хидроцентрали. За намерата да се гради, активистите ќе дознаат од седница на Советот на Општина Кавадарци каде едногласно, без никакви забелешки, советниците изгласале дека тие два проекти ѝ се потребни на општината и на граѓаните. 

ИРЛ, повикувајќи се на Законот за информации од јавен карактер, ја обезбеди документацијата за МХЕЦ Баров Дол и Папрад. Во овие две МХЕЦ повторно инвеститор е Ѓоко Стерјоски, а Љубомир Јанев е проектант, иако од самиот старт при подготовка на документациите за овие две МХЕЦ во игра биле други компании. 

Она што може да се забележи е дека во 2019 година се формира конзорциумот Хидро Дошница составен од Де-ка Кавадарци, Агро-Солар од Росоман и Ресурс ЛДТИ од Кавадарци. За управител е назначен Даниел Лалков од Кавадарци, воедно и сопственик на Ресурс ЛДТИ. Тој ги обезбедува потребните документи за инвестиција во двете мали хидроцентрали Баров дол и Папрад на река Дошница. Откако е подготвена речиси целата документација, Лалков и Ресурс ЛДТИ заедно со ДЕ-ка Кавадарци се повлекуваат од конзорциумот Хидро Дошница. 

На нивно место, во јули 2023 година влегува компанијатана Ѓоко Стерјоски и сега, според промените во Централниот регистар, конзорциумот го сочинуваат Агро-Солар и ЏСП Актуел, за управител е именуван Влатко Тоневски, а во тековната состојба на вистински сопственици е впишан Ѓоко Стерјоски.

Документацијата покажува дека на едниот содружник, Агро – солар, кој е должник на Управата за јавни приходи во моментов му се запленува имотот, но и уделот кој го има во Хидро Дошница. Според Законот за концесии и јавно приватно партнерство еден од условите при потпишување на договорите за концесија за користење на вода за малите хидроцентрали е услов компаниите да се со чисти финансиски сметки и да не се должници кон УЈП. 

Тоневски за ИРЛ рече дека ЏСП Актуел како втор содружник има право да го откупи уделот на Агро-Солар се со цел да не се наруши преземената обврска во однос на изградбата на малите хидроцентрали.

Двете мали хидроцентрали сè уште не се градат, бидејќи се чека одговор на барањето за одобрение за градба што го поднеле до надлежната локална самоуправа – во случајот Општина Кавадарци.

 Ако не сме ние, ќе биде некој друг

Барањето за одобрение за градба во име на Хидро Дошница не го поднел инвеститорот, туку го поднел поранешниот министер за животна средина од СДСМ, Љубомир Јанев од Концепт ЕУ. Тој, во овој проект се јавува како проектант.

Јанев во телефонски разговор со ИРЛ, рече дека државата е таа која ги овозможува овие проекти. Се согласува дека тие не се секаде оправдани.

„Ние тука настапуваме од технички аспект, како проектант или како надзор. Државата го овозможува тоа, ако не сме ние ќе биде некој друг. Се согласувам дека не секогаш се оправдани овие проекти, но државата е таа која треба да ги спречи од старт“, рече Јанев во телефонски разговор со ИРЛ.

Говорејќи генерално за владиниот проект со малите хидроцентрали, Јанев смета дека до фазата на изградба инвеститорите ги почитуваат процедурите и законските обврски, но смета дека потребно е да има повеќе контроли откако тие ќе се пуштат во употреба. Посебно нагласува дека треба да се контролира дали се почитува биолошкиот минимум на реките, кој инвеститорите го имаат како обврска.

Управителот на Хидро Дошница, Тоневски тврди дека тие се еколошки одговорна компанија и дека во моментов прават ревидирање на проектната документација со цел оптимизација на работите кои треба да се изведуваат на терен и минимизарање на влијанието на градбата врз животната средина. 

Во однос на соработките меѓу Стерјовски, Анѓушев и Јанев во бизнисите со малите хидроцентрали, од ЏСП Актуел велат дека изборот на соработници и партнери го вршеле исклучиво преку анализа на понудите и условите, а ја бирале најдобрата понуда.

„Сите наши проекти се реализираат согласно строгите законски прописи и норми и немаат ниту една дамка што се однесува до почитување на стандардите. Впрочем, ова е нешто што при вашата темелна медиумска анализа сте можеле да го утврдите. Нашата отвореност за соработка со медиумите и со институциите се темели токму на фактот што компаниите работат професионално и согласно законите“, ни одговорија од ЏСП Актуел. 

Тресонечка река кај село Тресонче каде е изградена мала хидроцентрала

Академик Матевски – Нема ништо обновливо кај малите хидроцентрали

Академик д-р Владо Матевски целиот свој работен век го посветил на изучување, анализирање, изработување на трудови од областа на ботаниката и макотрпно ги поминал сите скалила до титулата академик. Тој е добар познавач на вегетативните богатства во земјава. Учествувал и во повеќе домашни и странски студии за валоризација на природните вредности меѓу нив и во Студијата на Националниот парк Маврово од 2012 година.

Според него, изградбата на мали хидроцентрали под закрила на „обновлив извор“ на енергија е контрадикторен, бидејќи реките и биодиверзитетот неповратно се уништуваат со што терминот „обновливо“ тука е неприменлив.

„Ние сме сите свесни дека не би можеле целата територија на Македонија да ја заштитиме и да ја претвориме во еден музеј, меѓутоа, треба да се направи еднаш еден вистински исчекор во почитувањето на мислењето и предлозите кои доаѓаат од стручната и научна јавност пред започнување на одредена активност која се однесува на вакви груби интервенции во природата“, појаснува академик Матевски.

Бенефит немаат ниту граѓаните, бидејќи производството на струја од малите хидроцентрали е незначајно во однос на реалната потреба, а ова го покажа и обемниот извештај на Државниот завод за ревизија објавен пред три години. Таму беше нотирано дека во периодот од 2012 до 2020 година, државата не се фокусирала на стратешките цели за производство на електрична енергија, туку активностите биле насочени кон изградба на мали хидроцентрали.

Трендот на мало учество во вкупното производство на струја продолжува и во следните години, па според годишниот извештај за 2023 на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), малите хидроцентрали учествуваат со 4,07 отсто во вкупното производството на електрична енергија. 

Научната фела против, екологистите ќе го бранат Кожуф од мали хидроцентрали

Во меѓувреме, пак, градоначалниците на општините Гевгелија, Кавадарци и Демир Капија, Андон Сарамандов, Митко Јанчев и Лазар Петров, заедно со осум еколошки и планинарски здруженија на граѓани и со поддршка на професори од Природно-математичкиот факултет, започнаа иницијатива за прогласување на планината Кожуф за Национален парк.

Екоактивистите и еколозите уште минатата година во септември организираа протестен собир преку кој порачаа дека и покрај тоа што државата дозволи да се изградат стотина мали хидроцентрали, тие нема да дозволат да се градат двете планирани на Кожуф. Доколку е потребно планината ќе ја бранат и со жив штит.

„На последниот еколошки бисер, планината Кожуф, повторно му се заканува катастрофа. Пред шест години ја спасивме од рударската мафија, сега треба да ја спасиме од енергетската мафија. Македонските тајкуни прибавиле дозвола за изградба на две хидроелектрани на реката Дошница“, реагираа уште минатата година од граѓанската иницијатива „Спас за Гевгелија“.

На иницијатива за прогласување на Кожуф за Национален парк, потписник е и академик Владо Матевски и тој изречно е против изградба на малите хидроцентрали во Маврово и на Кожуф. Појаснува дека иако Кожуф сè уште не е формално – правно заштитена зона, уште во Стратегијата за биолошка разновидност и акциски план од 2004 година е предвидено прогласување на Национален парк Кожуф – Ниџе.

Тој вели дека по течението на Дошница на Кожуф има повеќе ендемски и реликтни растителни видови. Во овој простор за првпат е пронајден и Демиркапискиот различник (Centaurea demirkapiensis Micev) кој претставува нов вид за науката. Тие наоѓалишта, напоменува академик Матевски, треба да имаат посебен третман во заштита, бидејќи со евентуалното негово исчезнување неповратно би се изгубил уникатниот генофонд на овој вид.

„Имајќи ја предвид само дел од ботаничката разновидност со која располага долината на реката Дошница, тој простор треба да биде поштеден од изградба на мини хидроцентрали или кои и да било други интервенции, од коишто користа е безначајна во однос на штетата која би се направила“, појаснува академик Матевски.

 

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.