Press "Enter" to skip to content

Тајните пилоти од аеродромот во Валона

Меѓународното истражување на ИРЛ и партнерите за првпат ги спојува точките во една матна балканско-американска мрежа, откривајќи како изградбата на новиот, стратешки важен аеродром во Валона се преплетува со контроверзни политички фигури и моќни светски милијарди. Додека на терен проектот го реализираат еден балкански олигарх и македонски почесен конзул со полициско досие, зад кулисите преку сложен финансиски триаголник во Малта и Луксембург, се крие кредитна линија од 100 милиони евра. Во неа како клучен инвеститор се појавува компанијата што го води сметководството на приватните саудиски фондови на Џаред Кушнер — зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, чии најавени мега-туристички проекти веќе со месеци ја тресат Албанија.

Известуваат: Иван Блажевски, Бојан Стојановски; Дополнително известување: Кевин Хол; Линдита Чела; Визуализација: Елена Митревска Цуцковска, Лука Блажев

Името на Џаред Кушнер, зет на Доналд Трамп, со месеци  предизвикува масовни протести и т.н. Фламинго револуција во Албанија. Но, покрај планираните луксузни туристички проекти на неговиот фонд „Affinity Partners“ во Албанија, Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) од Скопје и медиумската организација „Штег“ од Тирана открија прикриена меѓународна мрежа за финансирање на изградбата на новиот аеродром кај Валона во која улога имал и македонски почесен конзул во Косово.

Истражувањето открива дека „SEI Investments Company“ — фирмата што го води сметководството на приватните фондови на Кушнер, поддржани од Саудиска Арабија — се појавува како инвеститор во кредитна линија без транспарентна структура во износ од 100 милиони евра за изградба на аеродромот во Валона. Парите се пласирани преку сложен триаголник од новоосновани приватни фондови во Малта и Луксембург,  што оневозможува да се откријат вистинските сопственици. 

Скандaлот добива силна регионална димензија бидејќи една од двете фирми што го градат аеродромот му припаѓа на Валон Адеми, почесен конзул на Македонија во Гњилане, Косово. Адеми ја добил оваа дипломатска функција од македонската Влада и покрај тоа што претходно бил разрешен од Албанија, имал пријави во косовската полиција за закани, а негови семејни фирми биле поврзувани со тендерски нерегуларности. Додека албанското Специјално обвинителство (СПАК) веќе поднесе обвиненија за местење на меѓународниот тендер за аеродромот, истражувањето на ИРЛ за првпат открива врска меѓу финансирањето на аеродромот, фирми поврзани со фондовите на зетот на Трамп и матни балкански политички и бизнис кругови.

Албанија го разрешила, Македонија го преземала

Валон Адеми (38) од Косово има необична кариера – тој транзитира како почесен конзул низ балканските држави уште од своите рани триесетти години иако во јавноста не е познат по никаква општествено значајна работа. 

Откако до 2019 година бил почесен конзул на Албанија во косовскиот град Гњилане, од 2020 истата функција му ја доделила и Македонија, иако официјална Тирана претходно одлучила да ја прекине соработката со него. 

Во дипломатијата почесниот конзул не добива плата за службата и работата е волонтерска. Но, титулата дава институционален печат и пристап до затворени бизнис-кругови и дипломатски настани каде често дел од гостите се владини службеници или бизнисмени. Дополнително, таа носи репутациски придобивки и општествен престиж.

За возврат, преку конзулската функција личноста има обврска да ги промовираат интересите на граѓаните од земјата која ја доделува функцијата во неговата матична земја и да работи на продлабочување на односите на културен, социјален и економски план.  Но, се чини дека младиот почесен конзул од кариера работел на зајакнување на неговите деловни позиции во Албанија. Адеми преку негова фирма  во средината на 2021 година станал со-сопственик на компанија за аеродромски услуги во Албанија кај градот Валона. 

Стратешки важниот аеродром, кој сѐ уште се гради, се наоѓа на сaмо неколку километри од локации каде треба да се градат туристички мега-проекти во близина на лагуната Вјоса-Нарта и островот Сазан. Ќе ги градат фирми поврзани со зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, кој е оженет со неговата ќерка Иванка.

Но, во Албанија од крајот на мај годинава започна т.н. Фламинго револуција, предводена претежно од младите Албанци. На демонстрациите се бара запирање на туристичките проекти, затвор за премиерот Еди Рама и за лидерот на опозицијата Сали Бериша и формирање на трета политичка опција во државата.

Протести во Тирана против најавените инвестиции на семејството на Трамп

Додека јавноста е фокусирана на протестите и проектите на Џаред Кушнер, Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) откри како се кредитира изградбата на аеродромот кај Валона, каде нашиот почесен конзул е еден од главните протагонисти и каква е тамошната врска со семејството на Доналд Трамп.

Почесен конзул е титула која Македонија ја доделува во земји каде ќе се укаже потреба. Таков бил случајот и со Косово. Според упатствата на Министерството за надворешни работи (МНР), лицето кое се предлага за таа функција треба да е докажан пријател и да негува почит и симпатии кон земјава и нејзините граѓани.

Валон Адеми, Фејсбук страница на македонската амбасада во Косово

Бил именуван на таа позиција со решение на Владата на Зоран Заев во декември 2020 година. Го потпишал тогашниот вицепремиер Артан Груби од ДУИ кога министер за надворешни работи беше неговиот сопартиец Бујар Османи.

На 29 декември 2020 година решението за Адеми било објавено во Службен весник на Македонија.

Одлука за именување на Валон Адеми за почесен конзул

Пред да стане почесен конзул на Македонија, Адеми бил почесен конзул на Албанија во Гњилане. Но, тогашниот албански министер за надворешни работи Гент Цакај во јули 2019 година му го прекинал мандатот. Во дописот од албанското МНР до амбасадата на Албанија во Приштина не се наведуваат причините за ваквата одлука.

Но, според истражувачкиот медиум во Косово, Инсајдери, компанијата ALKO-IMPEX General Construction, каде Адеми е еден од ортаците, во Албанија наводно била замешана во неправилности при јавни тендери.

Го има и низ полициската евиденција во Косово. Во февруари 2020 година, неколку месеци пред да стане почесен конзул на Македонија, Адеми бил пријавен во косовската полиција од страна на тогашниот секретар во косовското Министерство за инфраструктура и животна средина, Бетим Речица поради упатени закани кон него и семејството. Преку медиумски партнер во Косово, ИРЛ контактираше со Речица за да ни објасни што се случило, но тој одби.

Година и пол откако престанал да биде почесен конзул на Албанија, Адеми повторно ја добил истата титула, но од Македонија.

Според документите кои МНР во Скопје ги достави до ИРЛ врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, препорака за да биде именуван за наш почесен конзул Адеми добил од амбасадата на Македонија во Приштина и од тогашниот косовски министер за економија, Едмонд Шала.

„Во тој период имавме политика на проширување на мрежата на почесни конзули, па до сите наши амбасади беше упатено барање да предложат соодветни кандидати. При изборот не се оценува само што направил кандидатот во минатото за билатералните односи, туку пред сè неговиот потенцијал да придонесе во иднина“, појасни за ИРЛ тогашниот министер за надворешни работи Бујар Османи. 

Но, од МНР ни рекоа дека во периодот пред 2020 година, кога почнала процедурата за Адеми, државава немала амбасадор во Приштина. 

Подолг временски период Амбасадата на Република Северна Македонија во Република Косово беше раководена од вршители на должност“, ни рекоа од министерството.

Вршителите на должност биле назначувани од редот на вработените во МНР, упатени на мандат или испомош во амбасадата.

Исчезнати се документите на  МНР за именувањето на Валон Адеми

Папката која ИРЛ ја доби од МНР за процесот за назначувањето на Адеми е речиси празна. Во неа имаше само фотокопија од објавеното решение во Службениот весник. Една недела подоцна службите успеаја да пронајдат уште четири документи:

Според Упатството при водење постапка за именување на почесни конзули на државава во странство, донесено во 2008 година и по кое се водела постапката за Валон Адеми, МНР во неговото досие би требало да поседува документи или докази најмалку за следното:

  • да е докажан пријател или негува почит симпатии кон Република Македонија и граѓаните на Република Македонија.
  • да има државјанство на државата домаќин, со постојано место на живеење и адреса на идното седиште на конзуларното претставништво.
  • вообичаено да работи на територијата на конзуларното подрачје.
  • да не е постар од 70 години.
  • да не е осудуван за кривични дела за кои е предвидена казна затвор од најмалку шест месеци, за кривични дела во врска со неговата службена дејност или друго кривично дело што го прави недостоен за извршување на функцијата почесен конзул.
  • да е афирмирана личност во областите на своето професионално делување.
  • да има влијание во јавниот, политичкиот, стопанскиот или културниот живот на државата домаќин.
  • да го владее службениот јазик на државата домаќин; пожелно е, меѓутоа не е задолжително, да го знае македонскиот јазик.
  • да е финансиски обезбеден, од сопствени извори или преку спонзорства од приватни или државни субјекти во државата домаќин, во покривањето на буџетот на конзуларното претставништво.
  • да има услови да обезбеди соодветни конзуларни простории за вршење на конзуларните функции.
  • да исполнува и други услови неопходно потребни за нормално функционирање на конзуларното претставништво (опремување и сл.).

Во МНР вакви материјали за Валон Адеми не најдоа, а не ни одговорија на прашањата дали иницирале внатрешна истрага и дали Адеми е сѐ уште почесен конзул.

ИРЛ го праша поранешниот министер Османи врз основа на какви документи било одлучувано за Адеми имајќи предвид дека актуелно во МНР недостасува голем дел од документацијата за него?

Предлозите поминуваат низ редовната постапка на проверка во соодветните служби и доколку ги исполнуваат условите се доставуваат до Владата, која ја носи конечната одлука за именување“, ни изјави Османи.

ИРЛ побара средба со Адеми, но не добивме одговор. Пративме и прашања на електронската пошта на неговата компанија „2A Group“ во Косово, но ниту оттаму не добивме одговор.

Конзулот влегува во бизнис за аеродром

Речиси паралелно со процесот на официјализирање на конзуларниот статус добиен од Македонија, Валон Адеми водел и друга комплексна операција.

Влегол во процедура за учество на тендер за добивање на 35 годишна концесија од Албанија за изградба и управување на нов аеродром кај туристичкиот приморски град Валона.

Ортак во потфатот му е еден од најбогатите Албанци во светот, Беџет Пацоли, бизнисмен и поранешен претседател на Косово.

Компанијата Mabco Constructions SA во сопственост на Пацоли и 2A Group семејната фирма на Адеми имале договор за заеднички настап на тендерот.

Само една недела пред Адеми да стане почесен конзул на Македонија, на 22 декември 2020 година бил потпишан и привремен договор за конзорциум со турската YDA Insaat Sanayi Ve Ticaret Anonim Sirketi. Таа имала искуство за менаџирање на аеродроми, што бил еден од клучните услови за фирмите на Адеми и Пацоли да бидат конкурентни на тендерот.

Во 2021 година конзорциумот составен од фирмата 2А Group, Mabco constructions SA и турската YDA Insaat Sanayi Ve Ticaret Anonim Sirketi, ја доби 35 годишната концесија од албанското Министерство за инфраструктура за изградба и менаџирање на новиот аеродром.

Но, сега пет години подоцна, неизвесно е кога ќе заврши неговата изградба. Причина за тоа е судска постапка која ја поднесе токму нашиот почесен конзул.

Кредит од 100 милиони евра од Луксембург преку фонд од Малта

Сѐ започнало откако во 2018 година албанската Влада до Парламентот поднесе предлог-закон за турскиот конзорциум Cengiz Construction – Kalyon – Kolin Construction да го гради аеродромот и да се заобиколи потребата од меѓународен тендер. 

Ова предизвика реакција на Европската Комисија која потенцираше дека е клучно јавните набавки во Албанија да се спроведуваат врз база на недискриминација. На почетокот на 2019 постапката беше запрена, а во декември истата година беше објавен тендер за 35 годишна концесија на аеродромот во Валона, на кој беше избрана понудата на споменатиот конзорциум.

За да се финансира изградбата на аеродромот, Mabco Constructions SA и 2A Group прво земале кредит во 2023 година од албанската Banka Kombëtare Tregtare (BKT) во вредност од 56 милиони евра. За него Mabco на Беџет Пацоли како залог дал еден свој хотел и фабрика за цевки.

Поточно, како хипотека биле дадени Swiss Diamond Hotel (залог проценет на 33 милиони евра) и IMK Pipe Factory преку Mabetex Holding (залог проценет на 42 милиони евра).

Потоа во 2025 година Mabco склучил нов договор со друг заемодавач за кредитна линија од 100 милиони евра. Во овој договор не учествувала компанијата на Адеми, 2A Group.

Но, наместо повторно да земе банкарски кредит, овој пат во Mabco одлучиле пари да побараат преку приватен фонд, односно преку издавање обврзници. Тоа се хартии од вредност кои ги купуваат инвеститори и со тоа го финансираат кредитот.

Во овој случај тоа било сторено преку Delphos Securities SARL, фонд во Луксембург кој бил основан на 04 ноември 2024 година, односно само пет месеци пред земањето на кредитот.

За него ИРЛ откри дека го формирала Fondazione Delphos фондација од Малта непосредно пред склучувањето на договорот за кредитната линија со Mabco Constructions SA.

Фондацијата во Малта пак, била регистрирана на 16 септември 2024 година, односно на само два месеца пред да го основа фондот во Луксембург.

Јавноста не може да дознае кој е сопственик на Fondazione Delphos затоа што Малта, која е членка на ЕУ, нема јавно достапен регистар со детали за вистинските крајни сопственици (UBO) на фондациите.

Како што предвидува Граѓанскиот законик на Малта кој ги уредува фондациите, здруженијата и другите видови правни организации, тие податоци може да им бидат достапни само на малтешките национални даночни институции, на органите за спречување на перење пари и за спречување на финансирање тероризам.

FUNDAZIONE DELPHOS MALTA REGISTRATION

Инаку, во договорот меѓу Mabco и Delphos Securities SARL влегла и компанијата VIA, која во документот се води како „дополнителен позајмувач“. Но, ИРЛ откри дека во документот нема печат од VIA, ниту потпис од нејзиниот управител во тоа време.

VIA Credit Delphos 1 и 2

И покрај ова, од компанијата на Пацоли — Mabetex Group, матична компанија на Mabco Constructions, тврдат дека VIA не е страна во кредитниот договор.

„VIA никогаш не била, не е и нема да биде страна во договорот за финансирање со Delphos”, напиша Mabetex Group на својот Фејсбук профил, по одржувањето на Генерално собрание на партнерите на VIA на 18 јуни 2026 во Тирана.

Поранешен виш функционер од европска банка со глобални операции за ИРЛ кажа дека не може да сфати зошто Mabco Constructions избрала да земе ваква кредитна линија преку фонд поврзан со Малта и Луксембург – со значително повисока камата – наместо преку конвенционална комерцијална банка.

Зборувајќи под услов на анонимност поради неговата поранешна висока функција изворот нагласи дека веројатно постои регулиран споредбен договор меѓу заемодавачот – во овој случај Delphos Securities SARL – и инвеститорите во фондот.

„Сосема е можно да постои дополнителен интерен договор меѓу фондот и еден или сите сопственици на обврзниците, во кој детално се утврдени односите меѓу нив и луксембуршкиот фонд. Според таков договор, фондот можеби им ги отстапува своите права врз хипотеките или пак станува збор за нешто сосема поинакво“, изјави тој за ИРЛ.

ИРЛ побара средба со Беџет Пацоли, но и од него не добивме одговор. Дополнително по електронска пошта пративме прашања до Mabco, до управителите на Delphos Securities SARL од Луксембург, до компанијата Promethean на Малта која е наведена како сметководствено биро на Fondazione Delphos (за која нема контакт адреса) и до Delphos во Вашингтон. Им поставивме повеќе прашања барајќи одговор за нивната улога во кредитирањето и изградбата на аеродромот во Валона.

ИРЛ не доби одговори од никого. Единствено нѐ контактираа од компанијата Promethean на Малта. Ни побараа да им го дадеме текстот каде што се споменува Fondazione Delphos. ИРЛ тоа го одби затоа што не е новинарски етички и професионално да споделуваме материјал кој сѐ уште не беше објавен. Повеќе не нѐ контактираа.

Инвеститор во кредитот, фирма што го работи сметководството за зетот на Трамп

Но, кои се всушност инвеститорите кои купиле обврзници, односно ја финансирале кредитната линија од 100 милиони евра?

Delphos Securities SARL обврзниците преку кои требало да ги собере потребните 100 милиони евра ги понудила на продажба во април 2025 година.

Купопродажбата била спроведена преку американска фирма, открива документ од Комисијата за хартии од вредност и берзи на Соединетите Американски Држави (SEC).

Во него стои дека во обврзниците (bonds) инвестирале тројца инвеститори. Нивниот идентитет во документот не е јавно достапен, односно не е наведено дали се правни или физички лица.

Но, ИРЛ најде кои се двајца инвеститори во кредитот. Остатокот од понудата бил наменет за неамерикански купувачи.

Потврдивме дека американскиот инвестициски фонд GMO Trust, преку својот посебен фонд за пазари во развој (GMO Emerging Country Debt Fund) е еден од купувачите на обврзница во вредност од 17,5 милиони евра. Долгот треба да се врати до 2035 и има камата од 7,63%.

Дојдовме и до уште еден од инвеститорите. Во документ од Комисијата за хартии од вредност и берзи на САД од есента 2025 година е наведено дека и американскиот инвестициски фонд SEI Institutional Investments Trust во листата на инвестиции кај земји во развој го посочува луксембуршкиот фонд Delphos Securities SARL.

„SEI Institutional Investments Trust“ е купувач на обврзница и досега учествувал со 2,7 милиони евра во кредитната линија од 100 милиони евра за аеродромот во Валона.

И овој долг треба да се врати до 2035 година, а пријавената годишна камата изнесува 7,625%, речиси исто колку и каматата што ја добил GMO Emerging Country Debt Fund.

Но, она што подоцна го забележавме беше уште поинтересно.

SEI Institutional Investments Trust е дел од фондовската фамилија на SEI Investments Company.

ИРЛ откри дека SEI Investments Company го води сметководството на шесте приватни фондови на Affinity Partners на Џаред Кушнер, која работи под своето регистрирано правно име A Fin Management LLC.

Конкретно, во документ поднесен од страна на A Fin Management LLC до SEC на 22 март 2026 година, SEI Investments Company е наведена како надворешен администратор — фирма одговорна за сметководството и административното управување на нивните шест фондови.

SEI Investments Company наведена како администратор на A Fin Management LLC на зетот на Доналд Трамп

Според пријавата, три од шесте фондови се регистрирани на Кајманските Острови.

Дојдовме и до втора потврда дека SEI Investments Company ја врши таа функција за компанијата на Кушнер во извештај на истражувачката платформа newstracks.com каде се обработува финансирањето на неговата компанија од страна на Јавниот инвестициски фонд на Саудиска Арабија (Public Investment Fund – PIF).

SEI Investments Company наведена како администратор на A Fin Management LLC на зетот на Доналд Трамп

ИРЛ прати електронски прашања до Affinity Partners и до SEI Investments Company за да побараме потврда и други детали за овие информации, како и прашања поврзани со кредитната линија. Но, ниту една од нив не ни одговори.

Инаку, туристичкиот проект на Кушнер во Албанија доби катарски партнери, како што објави американскиот весник Њујорк Тајмс. Станува збор за компанијата Khayyat, дел од катарската бизнис-групација UCC Holding со седиште во Доха.

Таа им припаѓа на браќата Ал-Хајат, Рамез и Мохамед. Освен што му се придружија на Кушнер во проектот на Сазан, истовремено купија и приватни парцели на брегот, во близина на лагуната Вјоса-Нарта, токму спроти Сазан.

Двата туристички проекти се структурно поврзани со Кушнер преку заедничка корпоративна архитектура.

Имотно-правните проблеми кои се појавија поради купувањето на парцелите кај лагуната подоцна ја иницираа Фламинго револуцијата во Тирана која сѐ уште трае.

Дел од документацијата користена во истражувањето:

ДОКУМЕНТ

ПРЕЗЕМИ ДОКУМЕНТ

Vlora International Airport (VIA) наведена како „дополнителен позајмувач“ во договорот за кредитна линија од 100 милиони евра

Детали за фондот Delphos Securities SARL во Луксембург

Договорот за концесија на аеродромот во Валона

Договорот за кредитна линија од 100 милиони евра меѓу Mabco Constructions и DELPHOS Securities SARL

Инвеститорот SEI наведен како администратор на фондовите на фирмата на Џаред Кушнер - Affinity Partners (A FIN MANAGEMENT)

Копија од регистрацијата на фондот во Малта

Решение за именување на Валон Адеми за почесен конзул на Македонија во градот Гњилане во Косово

Тројца инвеститори во кредитната линија за аеродромот во Валона

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.