Тајкунот од Северен Кипар, Халил Фаљали, беше убиен во 2022 година. Осомничен е дека основал нелегална онлајн обложувачка империја. Долгогодишниот сметководител на Фаљали, Џемил Онал, за глобалната новинарска организација ОЦЦРП раскажа како функционирал бизнисот. Според Онал, во целата глобална обложувачка империја имало мрежа и во Македонија каде што теренци биле и лажни турски студенти. Групата наводно имала помош во Скопје од турскиот почесен конзул Ајдован Адемоски и од синот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Биљал Ердоган
Известуваат: Иван Блажевски, Сашка Цветковска, Кира Залан, Том Сток, Ајлин Елчи, Џулијан Боничи, Ерик Багдасарајан, Линдита Чела, Давид Давидсон, Маја Јовановска, Бојан Стојановски, Алина Тогоева, Стас Ивашкевич, Хенк Вилием Смитс, Ема Рајт, Џејкоб Борг, Марго Фаран, Јана Мичкевиќ
Графика: Лука Блажев
Халил Фаљали бил познат по својот раскошен животен стил и врски со високопрофилни политички фигури од Турција и Северен Кипар. Кога во февруари во 2022 година неговиот конвој бил пресретнат на еден селски пат, а тој изрешетан со автоматско оружје, меѓународната полиција по првпат ќе ги разбере големината и опсегот на операциите на дотогаш анонимната севернокипарска мафија. Стратегиска позиција во овој криминал имала Македонија. Во ексклузивни разговори од затвор во Холандија, меѓународниот Проект за известување за организиран криминал и корупција (ОЦЦРП) и неговите партнери, меѓу кои и ИРЛ, сметководителот на Фаљали открива наводни детали за операциите во светот, вклучително и во Македонија.
Сиромашни милионери
Двајца сопружници во Штип биле пријавени како невработени и примале социјална помош. Но, и покрај тоа, имале луксузен возен парк: „ауди А7“, „порше хибрид“, „мерцедес блутек“ и „мини уан Д“.
Имале и мотоцикли „пијаџо“, „кавасаки нинџа“ и четирицикл „сузуки“. Ваква слика затекнала полицијата кога на 28 ноември 2024 година влегла на нивниот имот во градот и ги привела. Бил најден и половина килограм златен накит.
Сопружниците биле осомничени дека од 2020 до 2024 година преку глобалната интернет-мрежа без лиценца приредувале онлајн игри на среќа.
Клиентите морало да бидат турски државјани. Нелегално остварените приходи ги примале во криптовалути. Ги претворале во долари или евра, па ги пренесувале на електронски паричник, сопственост на менувачница за размена на криптовалути. Оттаму ги подигнувале во готовина.
По приведувањето, обвинителството веднаш побарало да бидат притворени.
Но, на ова апсење во Штип му претходел еден друг важен настан. На 1 200 километри на југоисток, на островот Кипар, поточно во меѓународно непризнатата Турска Република Северен Кипар, на 8 февруари 2022 година во заседа со огнено оружје бил убиен Халил Фаљали. Официјално, бил успешен бизнисмен и добротвор. Но, зад сцената се чини дека раководел со глобална мрежа на незаконско онлајн обложување.
Преку неа се переле пари од трговија со дрога и се корумпирале политичари во Турција и Северен Кипар. Јавноста не можела ниту да претпостави дека зад завесата значаен дел од неговиот криминален бизнис бил управуван и од мрежа во Македонија.
Фаљали долго успевал да остане недопирлив, иако заедно со неговиот брат Хусну уште во 2015 година во САД биле обвинети за перење пари од трговија со дрога. Обвинението било отфрлено еден месец по убиството на Фаљали.

При сведочењето, агентот на американската Администрација за борба против дрогата (DEA), Фаљали го опишал како водач на „голема организација за трговија со дрога и оружје“.
Но, вистинските размери на неговата мрежа за обложување сега почнаа да излегуваат на виделина. Неговиот поранешен главен сметководител, Џемил Онал (41), почна јавно да објавува наводни детали од мрежата. Нагласува дека сè што правел го правел по барање на неговиот шеф, сега веќе покојниот Халил Фаљали.
Џемил Онал – од сметководител на Фаљали до затвореник во Холандија
Џемил Онал (роден во јануари 1984 година) вели дека му бил финансиски директор на Халил Фаљали од крајот на 2013 година до ноември 2021 година, напуштајќи го бизнисот неколку месеци пред неговиот шеф да биде убиен. Во 2018 година Онал бил обвинет од турските обвинители за наводно перење пари за криминална организација која се занимавала со нелегално онлајн обложување. Во јануари 2023 година, по барање на Турција, Интерпол издал црвена потерница во која Онал е опишан како еден од мозоците за убиството на Фаљали. Бил уапсен во Холандија во декември истата година и оттогаш е во затвор. Тврди дека не бил замешан во убиството на Фаљали. Се бори да не биде екстрадиран во Турција со тврдење дека таму може да биде таргет поради информациите што ги знае за мрежата на неговиот поранешен шеф. Токму за да покаже дека знае детали зборуваше со новинарите.
Онал изминативе шест месеци разговараше со новинари на глобалната новинарска организација ОЦЦРП (Проект за известување за организиран криминал и корупција), чиј партнер во Македонија е Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).

Како што тврди Онал, работењето на нелегалниот онлајн бизнис во Македонија почнало во 2016 или 2017 година.
„Тоа беше пред пандемијата“, се сеќава поранешниот сметководител на Фаљали.
Мрежата на нелегалниот бизнис во Македонија, според она што го тврди, упатува на наводна вмешаност на синот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Биљал Ердоган, и на студенти од Меѓународниот балкански универзитет во Скопје.
„Биљал Ердоган ги надгледува операциите таму. Овој универзитет му припаѓа нему“, уверува Џемил Онал.
Но, тој тврди дека во мрежата е вмешан и почесниот конзул на Турција во Скопје. Станува збор за угледен стопанственик од македонскиот бизнис со хотели, маркети и трговија.
„Ајдован Адемоски во Македонија е личноста која таму им помага. Ѝ помага на групата Фаљали“, додаде Онал во разговор со новинарите.
Фаљали во Македонија, глобален онлајн бизнис за обложување
Халил Фаљали беше драматично убиен со 16 куршуми од „калашников“. Напаѓачите поставиле заседа на локацијата каде што поминувал неговиот автомобил. На место починал неговиот возач, а Фаљали сè уште бил жив кога пристигнала брзата помош. Подоцна во болница им подлегнал на повредите.
Но, свирепата егзекуција беше главна вест само на островот и во Турција. Во Македонија оваа информација помина речиси незабележано, само како кратка вест од светот.
Ретко кој би помислил дека зад неа се крие потенцијално голема глобална криминална сторија чии нишки се протегаат сè до Македонија.
Токму од оваа точка почнува да се открива поврзаноста меѓу настаните од Северен Кипар и скриените мрежи на нелегалното онлајн коцкање кои преку различни механизми се ширеле во регионот, вклучително и кај нас.
На 24 јануари 2025 година Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата од Скопје официјално поднесе обвинение против уапсените сопружници од Штип за приредување игри на среќа без лиценца и за перење пари.
Прашавме во Јавното обвинителство дали имаат индиции оти овие лица биле дел од глобалната мрежа на убиениот Халил Фаљали?
„Постојат индиции што покажуваат поврзаност со споменатото лице“, одговорија за ИРЛ од Јавното обвинителство на 7 февруари 2025 година.
Матни пари преку турскиот електронски систем за плаќање „Папара“
Слично на легалните интернет-обложувалници, страниците на групата Фаљали нуделе онлајн игри во живо, дигитални слот-машини и спортско онлајн обложување – приспособени на јазикот на целната публика и претставени со впечатлива графика. Коцкарите можат да плаќаат со кредитна картичка и криптовалути или преку различни онлајн платформи за плаќање, како турската „Папара“ (Papara) на која може да се отвори сметка само со турски лични документи.
Според извештајот на турската владина организација МАСАК (Одбор за истраги за финансиски криминал) што функционира во рамките на Министерството за финансии на Турција, Халил Фаљали бил активен во нелегално обложување.
Како што ИРЛ можеше да види во извештајот, вкупно 125 816 лица биле идентификувани во првата фаза од овој случај за перење пари. Трагата води од турска банкарска апликација, преку турски банки, онлајн криптопаричник и повлекување пари. Специфичноста на измамата е брзината на трансферите, па истражителите сметаат дека процесот е автоматизиран. Трансферите се вршеле за 60 секунди откако ќе стигнат на секоја од сметките.
Корисниците можат да отворат сметка преку апликацијата на „Папара“ користејќи телефонски број или електронска адреса. За првата верификација е потребно да се внесат име, презиме и е-адреса, по што корисникот добива линк за потврда.
За уплата, прием или испраќање пари неопходно е да се верификува сметката со лична карта. Потребна е нова турска лична карта со чип и телефон со НФЦ, односно технологија за близок трансфер на податоци меѓу два уреда слично на блутут. Корисникот, исто така, треба да додаде професија и да направи фотографија од себе.
Откако сметката ќе биде верификувана, може да се поврзе со „Папара“ за директно повлекување средства – и банкарската и „Папара“ сметката мора да бидат на исто име.
Парите можат да се примаат и испраќаат од други корисници на „Папара“, преку број на сметка или телефонски број. Исто така, верификувани корисници на „Папара“ можат да испраќаат пари на ИБАН-сметки.
За затворање на сметка не смее да има преостанати средства на неа. Сметката може повторно да се отвори со проверка на лична карта.
Движење на парите во групата на Фаљали преку „Папара“
На „Папара“ се отвора сметка. Големи суми пари од нелегалното обложување се префрлаат на сметката во мали износи. Овие суми потоа се испраќаат на различни „Папара“ сметки.
Во просек, од 250 до 300 различни лица комуницираат со една сметка. Трансферите не следат одредена патека, а износите обично се делат меѓу повеќе лица. Големите суми обично се префрлаат од два до три пати.
По овие трансфери, износите акумулирани во сметка на „Папара“ се испраќаат на различни банкарски сметки. „Папара“ сметките се затвораат во рок од 2 часа до 2 дена по нивното отворање.
Вкупно се идентификувани 1 535 банкарски сметки, поврзани со 1 299 физички лица и 23 правни субјекти.
Дополнително, 218 лица (со вкупно 223 сметки) имаат криптопаричници на кои префрлиле т.н. фиат-валута. Потоа конвертирале фиат-валута во криптовалута и ја испратиле на различни паричници (вкупно 3 498 паричници).
Додека некои корисници повлекле пари од паричниците (можеби за да ги вратат во процесот на перење), други испратиле криптовалути на повеќе паричници што му припаѓале на Фаљали и неговите соработници.
Играчите, привлечени од агресивно рекламирање и дарежливи бонуси, можеби дури и не сфаќаат дека се обложуваат на нелегална платформа.
Во случајот со Фаљали, компаниите зад овие страници прикажувале лиценци за коцкање добиени од државата Курасао.
Со години оваа карипска островска држава им дозволуваше на четири локално лиценцирани компании да издаваат и „субинтернационални лиценци“ на други оператори.
Од ќелијата во холандскиот затвор, Џемил Онал во неколку разговори со ОЦЦРП долги 20 часa, од август лани па сè до почетокот на февруари 2025 година, ги сподели важните детали како функционирала нивната криминална мрежа, вклучително и во Македонија, и кој сè е наводно замешан во неа.
Всушност, Онал тврди дека нелегалната империја на Фаљали за обложување и игри на среќа глобално генерирала по најмалку 80 милиони долари секој месец. Од почетокот на нелегалниот бизнис досега, според извештаи на турската финансиска истрага, биле заработени 1,4 милијарда долари.
Покрај тоа, Онал тврди дека лично организирал трансфер на околу 15 милиони долари месечно во „спонзорски“ плаќања, главно на официјални лица во Турција и Северен Кипар. Голем дел од овие пари биле испорачани во готовина, додека некои трансакции биле организирани преку трговија со злато и девизни менувачници, што го отежнувало нивното следење.
Групата оперирала во Северен Кипар, Турција, Кипар, Украина, Белорусија, Албанија, Ерменија, Грузија и Македонија, со дополнителни компании во Малта, Обединетото Кралство и други држави. Во секоја од овие земји, Фаљали имал моќен партнер што му обезбедувал заштита. Кај нас, според Онал, тоа бил синот на турскиот претседател, Биљал Ердоган, за кого тврди дека има универзитет во Скопје – Меѓународниот балкански универзитет.
И во Македонија „Папара“ интернет-казина со лиценци од Курасао
Онлајн платформата за коцкање bonusesfinder.com има своја македонска верзија која нуди уплати преку турскиот платежен систем „Папара“.
39 казина „Папара“
- 22BET Casino
- Melbet Casino
- Win Win Bet Casino
- Megapari Casino
- Casino Slot
- BetUnlim Casino
- GenzoBet Casino
- Winstoria Casino
- И многу други…
Повеќето од овие казина поседуваат лиценци од државата Курасао, исто како во случајот на Фаљали. На гореспоменатата веб-страница на македонски јазик се наведува: „Казината со платената услуга ‘Папара’ се онлајн обложувалници кои им овозможуваат на играчите да вршат депозити и повлекувања преку популарниот е-паричник ‘Папара’. Овој начин на плаќање е познат по својата безбедност, лесна употреба и брзина.“
Македонско-турските односи, Фондацијата „Ускуп“, Меѓународниот балкански универзитет
Модерните односи меѓу Македонија и Турција се пријателски. Тие се карактеризираат со блиски политички и економски врски од македонската независност во 1991 година. Во 1992 година Турција беше втората држава во светот, после Бугарија, која ја призна Македонија како независна и постојано ја поддржуваше нејзината евроатлантска интеграција. Тоа во децениите потоа изгради уверување во Скопје дека Анкара има искрени односи кон Македонија.
Економски, турските инвестиции во Македонија надминуваат 1,2 милијарда евра, главно во текстилната индустрија, градежништвото и енергетиката. Турските компании се меѓу најголемите странски инвеститори кои придонесуваат за отворање нови работни места и економски развој. Билатералните односи во годините наназад се одржуваа и преку културна соработка и заеднички проекти, зацврстувајќи ја врската меѓу двата народа.
Во еден таков дух на соработка во 2006 година беше основана и Фондацијата „Ускуп“ (Ускуп е турскиот назив за Скопје). Оваа фондација потоа ќе го формира и Меѓународниот балкански универзитет (МБУ). Во основањето на фондацијата учествуваа турски бизнисмени, но и политичари, некои од нив блиски до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот.
Според официјалните податоци што ги доби ИРЛ од Централниот регистар во Скопје, меѓу седумте основачите на Фондацијата „Ускуп“ е и Ремзи Гур, државјанин на Турција кој живее во Лондон. Тој, според многу турски извори, е близок соработник на претседателот Ердоган. Ремзи Гур потоа е избран и за член на Управниот одбор на Фондацијата, заедно со уште 4 други лица, турски и македонски државјани.
Две години потоа, односно во 2008 година, беше основан МБУ. Во него најголемиот број студенти се млади од Турција. Семејството Ердоган никогаш не ја криело поддршката и за фондацијата и за универзитетот. Постојат повеќе потврди за средби на лица од фондацијата и универзитетот со Реџеп Таип Ердоган, но и со неговиот син Биљал.
Во своите разговори со новинарите, затворениот Џемил Онал повеќепати тврдеше дека Меѓународниот балкански универзитет во Скопје е во сопственост на Биљал Ердоган. „Тоа е негов универзитет“, ни велеше Онал нагласувајќи дека токму Биљал бил локалната заштита за бизнисот на Фаљали во Македонија.
„Биљал Ердоган ги надгледува операциите таму. Локалната заштита гарантира дека сè функционира без проблеми. Компаниите често се регистрираат под имиња на универзитети, посебно под ТУРГЕВ (TÜRGEV), организација поврзана со Неџмедин Биљал Ердоган. Кога Биљал Ердоган ја посетува Македонија, дури и претседателот го пречекува на аеродром“, вели Онал.
Сепак, во документите за основање и на двете правни лица не се споменува името на Биљал Ердоган, иако тој има тесна соработка со МБУ. Како што може да се види и на самиот интернет-портал на универзитетот, на 27 декември 2023 година тој учествувал на панел-дискусија во организација на МБУ.
Во декември 2023 документирана е посета на Биљал Ердоган на просториите на новиот Иновативен центар (Innox) на МБУ во зграда на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје.
Според документите до кои дојдовме, видовме дека со Одлука на Фондацијата „Ускуп“ за основање на МБУ од 2008 година, тој е формиран како самостојна високообразовна установа. Според членот 15 од Одлуката, покрај школарината и разни други приходи, универзитетот може да се финансира и преку донации.
Преку Законот за пристап до информации од јавен карактер ИРЛ од Министерството за правда побара и доби список на домашни донатори на универзитетот од 2020 до 2024 година. Во нив може да се види дека тој добил пари од реномирани и угледни компании, државни фирми и банка.
Во овие документи немаше записи за донациите од странство, но ИРЛ дојде до потврда дека надлежните државни органи во земјава добиле сомнителни информации поврзани со странското финансирање на Меѓународниот балкански универзитет.
Пред ковид-пандемијата одредени активности преземале Управата за финансиско разузнавање (УФР) и поранешната Дирекција за безбедност и контраразузнавање (ДБК) пред да се трансформира во Агенција за национална безбедност (АНБ).
Иранец – перач на пари со адреса во „Капитол мол“ во Аеродром
Според тврдењата на Џемил Онал, групата на Фаљали нелегално заработените пари ги подигала во кеш. Потоа ги користела услугите за перење пари и на група со која раководело лицето Реза Зараб (Reza Zarrab, алијас Риза Сарраф – Riza Sarraf). Станува збор за лице со државјанства на Иран, Азербејџан, Турција, но и на Македонија. Презимето Зараб го носат неговите родители.

„Абдула Хабани и Биљал Хабани, кои беа со Реза Зараб, ја вршеа работата на Фаљали. Со други зборови, тимот на Реза Зараб работеше за Фаљали. Биљал Хабани е многу близок партнер на групата на Фаљали, на семејството. Биљал Хабани е баран од САД и од целиот свет како десна рака на Реза Зараб“, објасни Онал за новинарите.
Пред групата на Фаљали да почне со своите активности во земјава, ИРЛ откри дека во јули 2015 година Зараб основал компанија во Македонија. Се викала „Брилијант инвест интернешнл“ (Brilliant Invest International).
Две недели по основањето на сметката на компанијата во НЛБ Скопје биле префрлени 650 000 евра, што одговара на основачкиот капитал. Средствата биле испратени од личната сметка на Зараб во „Гаранти банк“ (Garanti Bank) во Истанбул.
Според документите, целта на „Брилијант инвест“ била да инвестира 15 милиони евра во изградба на „Дабл три бај Хилтон“ (DoubleTree by Hilton), нов хотел со пет ѕвезди во Скопје. Во бизнис-планот поднесен до македонските власти било наведено дека партнер-инвеститор во проектот требало да биде „Стоун бриџ хотел“ (Stonebridge Hotel) ДОО Скопје, кој исто така требало да инвестира 15 милиони евра.
Македонскиот бизнисмен и почесен конзул на Турција во Скопје, Ајдован Адемоски, е еден од четворицата сопственици на „Стоун бриџ хотел“.
Бизнис-планот до кој дојдовме има само шест страници и содржи основни информации за инвестицијата.
Но, подоцна од глобалната хотелска корпорација „Хилтон“ преку е-пошта за ОЦЦРП информираа дека никогаш не чуле за „Брилијант инвест“ или за лицето Реза Зараб во контекст на изградба на „Дабл три бај Хилтон“ во Скопје.
Сепак, есента на 4 ноември 2015 година Зараб си добил македонски пасош. Неговото барање било одобрено токму врз основа на предложената инвестиција на „Брилијант инвест“ во хотелот „Дабл три“.
ИРЛ откри дека Зараб добил македонски пасош само три недели по поднесувањето на документите врз основа на предложената инвестиција на „Брилијант инвест“ во хотелот „Дабл три“. Имено, членот 11 од Законот за државјанство овозможува странец да добие наше државјанство ако инвестира најмалку 400 000 евра и да вработи најмалку 10 лица на неопределено време во период од најмалку една година.
Откако Зараб станал македонски државјанин, добил и право да гласа. При пребарување во Избирачкиот список на Државната изборна комисија на Македонија, ја најдовме адресата на која тој се водел во Македонија, но под името Риза Сарраф.

Тоа е булевар „Јане Сандански“ 71А, 53-4. Оваа адреса одговара на „Капитол мол резиденс“ (Capitol Mall and Residence). Станува збор за комплекс од апартмани и трговски центар во Скопје.
Во Агенцијата за катастар „Капитол мол резиденс“ се води како сопственост на компанијата „Сити плаза“ ДОО. Управител на „Сити плаза“ ДОО е Даниела Адемоска, сопруга на Ајдован Адемоски.
Но, веќе во март 2016 година Зараб беше уапсен во САД под обвиненија за учество во меѓународна криминална организација, заобиколување на американските економски санкции против Иран, како и за перење пари.
Инаку, во истата зграда на адреса булевар „Јане Сандански“ 71А-2, 63 најдовме дека се води и лицето Реџеп Сулејман Оздил, турски државјанин кој бил на повеќе функции во Меѓународниот балкански универзитет, а актуелно е директор на Фондацијата „Ускуп“.
Студенти за кол-центри, а почесен конзул „за завршување на процедурите“
Некои од студентите во МБУ работат во Македонија за време на студиите. Некои како келнери во чаршија, други во тукашни фирми на нивни роднини од Турција или нивни македонски турски роднини. Но, имало и студенти што работеле во некаков кол-центар.
Во разговорот со ОЦЦРП, Џемил Онал изјави дека од кол-центар во Македонија секојдневно се следат сметките, балансите и приходите од коцкањето. Користењето на студенти од Турција за овој глобален нелегален бизнис, додаде тој, не било случај само во Македонија, туку и во други земји каде што оперирала групата на Фаљали.
„Партнерите го контролираат процесот преку автоматизирани системи. Тимот во Македонија го покрива и италијанскиот пазар“, вели тој.
ИРЛ успеа да стапи во контакт со две лица кои порано биле вработени во универзитетот. Тие ни рекоа дека според кажувања на дел од студентите, кол-центарот се наоѓа во близина на МБУ. Имињата на нашите извори, по нивно барање, нема да ги објавиме.
Според она што ни го пренесе едниот од нив, некои од студентите работеле на давање услуги за корисници (customer services), а се барало задолжително да се знае турски јазик.
Нашите соговорници не знаеја точно да ни кажат што се работело во кол-центарот, но едниот од нив се сети на имињата на тројца студенти. Некои доцнеле наутро на часови, спиеле во своите автомобили на паркингот пред универзитетот.
„Кога ќе ги прашав зошто се уморни и зошто спијат на паркингот, тие ми велеа: ‘Казино, пари, пари!’“, се сеќава нашиот соговорник.
Според тврдењата на затворениот сметководител на групата на Фаљали, Џемил Онал, кол-центарот во Македонија работел 24 часа во неколку смени. Во него секојдневно доаѓале над 100 лица кои работеле на одржување на нелегалниот бизнис.
„Да објаснам вака… во македонската канцеларија има еден Јасин, има девојка по име Ајбике, секоја нивна група има 13 вработени. Ако кажеме 13 луѓе по 3, тоа се 36. Ако 36 по 3, тоа се 90-108… Значи, само во Македонија има околу 108 луѓе“, ни откри Онал.
И второто поранешно вработено лице во МБУ ни кажа дека се сеќава оти имало студенти кои работат во кол-центар.
„Многу од нив, кога се тука, работат додека студираат. Некои во кафулиња, други во разни турски фирми, а некои ни велеа дека работат и во некаков кол-центар. Имав еден студент, многу често спиеше на час. Кога го прашав зошто спие, ми рече дека цела ноќ работел во кол-центар. И по 12 часа“, ни рече нашиот извор.
Го прашавме Онал во затворот во Холандија на кој начина Меѓународниот балкански универзитет во Скопје е релевантен за бизнисот на семејството Фаљали во Македонија?
Ни појасни дека странец може полесно да работи во Македонија ако има дозвола за студентски престој. На тој начин македонските власти немало да им ги постават прашањата на кои вообичаено мора да одговорат странците кои бараат работна дозвола.
„Тоа е турскиот Балкански универзитет таму. Универзитетот им дозволува на студентите слободно да работат, без никој да ги праша кои се и зошто се тука. Тие велат: ‘Ние сме студенти, имаме студентски дозволи и документи’. Но, тие не одат на училиште, туку работат за компанијата за обложување“, ни рече Онал.
Според него, дел од логистиката наводно доаѓала од почесниот конзул на Турција во Скопје, Ајдован Адемоски, кој, како што рече Онал, се познавал со сопругата на сега веќе ликвидираниот Халил Фаљали, Озге Фаљали.

„Тој наоѓа канцеларии за нивниот персонал, се занимава со работни дозволи, студентски дозволи и ги завршува официјалните процедури брзо. Може да се каже дека е како посредник. Тој ѝ е познаник на Озге. Тој ѝ помага на групата на Фаљали“, ни рече Онал за Адемоски.
За овие обвинувања ОЦЦРП и ИРЛ пратија прашања до Адемоски. Освен за ова, го прашавме да ни објасни како Реза Зараб добил адреса во „Капитол мол“ во Скопје, за детали поврзани со фирмата на Зараб и за тоа дали познава некои од лицата наведени во истражувањето, меѓу кои Халил Фаљали и неговата сопруга Озге, како и неколку други прашања. Откако Адемоски не одговараше, ИРЛ во средата на 12 февруари 2025 година телефонски исконтактира со неговата сопруга Даниела Адемоска. Ни рече дека не се во Македонија и оти не знае за какви прашања станува збор.
„Надвор сме и не сме во можност да одговориме. На здравствени прегледи сме во Турција. Не сме во можност да одговориме во следните 10 дена. Веќе 10 дена сме тука“, ни рече Адемоска.
Ѝ појаснивме дека е важно и апелиравме сепак да ги погледнат прашањата. На нејзино инсистирање да кажеме за што станува збор, наведовме дека станува збор за лични прашања до нејзиниот сопруг, дали познава некои лица, како и за случувања поврзани со Северен Кипар.
„Северен Кипар? Не знам за тоа,“ ни возврати Адемоска, но нагласи дека ќе пробаат да видат за што се работи.
По разговорот, ИРЛ по вторпат на Ајдован Адемоски, а сега и на неговата сопруга, им ги прати истите прашања.
Следниот ден таа преку апликацијата за комуникација „Вибер“ ни прати реакција, но не и детални одговори на нашите прашања:
Адемоска: „Почитувани, ниту јас, ниту нашата компанија немаат никаква врска со наведените лица …“
ИРЛ: „Велите ’јас’… но прашањата се однесуваат на г-ин Адемоски.“
Адемоска: „Во име на сопругот пишувам и мое исто зошто нашиот бизнис е фамилијарен … Немаме никакви деловни врски со тоа лице, ниту ги познаваме доленаведените некои лица, ниту пак сме слушнале за нив …“
ИРЛ: На кое лице мислите?
Адемоска: „Риза Зарап, а другите не сме слушнале во нашиот живот.“
ИРЛ: „Сте немале заеднички бизнис-план со Зараб за хотелот ‘Дабл три’?“
Адемоска повеќе не одговори.
ИРЛ не може да ги потврди тврдењата на Онал за наводната инволвираност на Биљал Ердоган во дејствата кои ги наведува. Во повеќе наврати и во повеќе организации во Турција, ИРЛ бараше контакт од Биљал Ердоган за да му поставиме прашања и да добиеме коментари од него. Во Институтот за историја на науката во исламот „проф. д-р Фуат Сезгин“ и Одделот за историја на науката не најдовме електронска пошта или телефонски број кои би нѐ поврзале со него. Не најдовме таков контакт ниту во организацијата ТУРГЕВ.
Во Меѓународниот балкански универзитет ИРЛ праша дали господинот Биљал Ердоган има некаква сопственост, како што тврди сметководителот на Фаљали, Џемил Онал? Дали МБУ некогаш добил или добива финансиски донации од Биљал Ердоган или, пак, од институции каде што е тој член?
Одговор не добивме.
Од Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата во Скопје нè информираа дека за случајот во Штип и за групата на Фаљали се води меѓународна истрага и не може да се споделуваат детални информации.
Целиот разговор со Џемил Онал за нелегалниот бизнис во Македонија:
Прашање: Објасни ни, која беше твојата улога…
Одговор: Јас бев финансиски директор. Бев задолжен за сите финансии. Во мојот случај со Интерпол, кога пристигна документот овде, ме споменаа како лице одговорно за сите финансиски работи на Фаљали. Исто така, во документот испратен од турската полиција сум наведен како финансиски директор на групата на Фаљали. Во документот испратен од турската полиција сум наведен како финансиски директор на Халил Фаљали. Бидејќи веднаш по апсењето од Интерпол бев испратен во затвор, Интерпол не ја испрати истражната документација на мојот дом. Ми ја испрати во затвор. Ја имам кај мене. Таа е со мене во затвор.
Прашање: Во Македонија дали го познавате човекот по име Ајдован Адемоски?
Одговор: Да, Ајдован Адемоски во Македонија е личноста која таму им помага. Тој наоѓа канцеларии за нивниот персонал, се занимава со работни дозволи, студентски дозволи и ги завршува официјалните процедури брзо. Може да се каже дека е како посредник. Тој ѝ е познаник на Озге (сопругата на Халил Фаљали н.з.).
Прашање: Кому му помага? На групата на Фаљали?
Одговор: Точно така. Тој ѝ помага на групата на Фаљали. Колку што се сеќавам, овој човек е поврзан со еден од пријателите на Озге од Лондон. Тој им помага преку таа врска. Во еден момент овој човек или некој од неговите роднини живеел во Обединетото Кралство. Тој ѝ помага на Озге, на групата на Фаљали, преку Озге.
Прашање: Дали се запознале преку Реза Зараб?
Одговор: Веројатно не. Еве, како можеби се случило: Постои разменувач на валути во Обединетото Кралство управуван од Иранец по име Амин, кој ѝ е пријател на Озге. Тој се занимава со трансфери на пари и можеби врската се остварила преку него.
Онал: Од 2017-2018 година Македонија служи како центар за подготовка на студенти за работа во странство. На пример, наместо некој директно да оди во Белорусија, каде што можеби би имал проблеми, прво оди во Македонија за да се приспособи на животот во странство. Таа служи и како резервен центар за решавање на проблемите со интернет и серверски врски во места како Кипар. Во Македонија тимот управува и со „Папара“, систем за кредитни картички и плаќања, кој е широко користен во Турција.
Прашање: Која е улогата на Биљал Ердоган (синот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган н.з.)?
Одговор: Биљал Ердоган ги надгледува операциите таму (во Македонија н.з.). Локалната заштита гарантира дека сè функционира без проблеми. Компаниите често се регистрираат под имиња на универзитети, посебно под ТУРГЕВ (TÜRGEV), организација поврзана со Неџмедин Биљал Ердоган. Кога Биљал Ердоган ја посетува Македонија, дури и претседателот го пречекува на аеродром.
Прашање: Значи, Биљал е во бизнис со Фаљали?
Одговор: Се разбира. 50 отсто од сите наши приходи во канцеларијата во Македонија одеа во TÜRGEV (организација за образование на млади во Турција каде што член на Генералното собрание е Биљал Ердоган н.з.). Ако побараше 100 отсто, ќе му дадевме 100 отсто. Мораме да му дадеме сè што ќе побара. Инаку, не можеш да водиш бизнис во Турција, во Кипар… Неколку месеци пред Биљал Ердоган да присуствува на церемонијата на дипломирање на овој универзитет, бил на вечери, се среќавал со дипломците и со Управниот одбор. Овој универзитет му припаѓа нему.
Прашање: Каква е улогата на Меѓународниот балкански универзитет?
Одговор: Универзитетот функционира како стратегиска алатка за добивање студентски дозволи за работа. Овие дозволи овозможуваат лицата да работат без надзор бидејќи студентите законски имаат право да работат во Македонија.
Прашање: Компании?
Одговор: Во Македонија има неколку компании поврзани со овие операции, но конкретни имиња не ми се познати. Во Македонија сметките се следат дневно за да се пратат балансите и приходите од коцкањето. Партнерите го контролираат процесот преку автоматизирани системи. Тимот во Македонија го покрива и италијанскиот пазар. Тие управуваат со корисничката поддршка, сметките и поддршката за платформи како „Гранд бет“ (Grand Bet).
Онал: Кога канцелариите во Македонија, Белорусија и Ерменија заработуваат пари, тие пари доаѓаат на Кипар преку менувачници. Групата со „Папара“ е во Македонија.
Прашање: Каде се наоѓа групата за „Папара“?
Одговор: Во Македонија. Во Македонија го користат овој систем. Ги собираат парите преку комесари, преку Биљал Хабани и Абдулах Хабани. Тие пари доаѓаат на Кипар во готовина преку менувачници. Кога тие пари ќе пристигнат на Кипар, кога Озге Фаљали или Халил Фаљали ќе земат физички 50 милиони долари и ќе одат во банка и ќе речат: ‘ќе депонирам 50 милиони долари’, а бидејќи нема закон, банката не може да ги праша: ‘од каде ви се парите?’ Како? Преку менувачници. Преку посредници.
Прашање: Дали се влезени на италијанскиот пазар?
Одговор: Не постои нешто таму… На пример, „Гранд бет“. Во „Гранд бет“ може да се пристапи од каде било во светот. Ако му се пристапи од Италија, се прикажува италијанскиот софтвер. Кога сакате да контактирате со поддршката во живо и да депонирате пари, тимот во Македонија зборува италијански. Тие ги уредуваат сметките.
Прашање: Кога првпат почнаа во Македонија?
Одговор: Македонија… пред пандемијата.
Прашање: Дали беше 2016 или 2017 година?
Одговор: 2017 или 2018 година.
Прашање: Дали кажа дека тоа беше првото место од каде што почнаа да испраќаат студенти? Дали е тоа точно?
Одговор: Зеки Демирдеш. Тој моментално е раководител на финансии, покрај Озге. Зеки Демирдеш има грчко-кипарски пасош. Освен Зеки Демирдеш… Зеки Демирдеш патува во Дубаи, Македонија, Белорусија, Ерменија секоја недела. Луѓето што се со него прават резервации заедно во исто време.
Прашање: Може ли да ми каже повеќе за Онур Јилдиз?
Одговор: Онур Јилдиз е мојот втор човек. Таткото на Онур Јилдиз е во Турската Република Северен Кипар. Кипарската армија е под турската армија. Таткото на Онур е штабен полковник во турската војска во Северен Кипар, во командата на безбедносните сили. Тој е одговорен за внатрешните работи на Кипар.
Кога не сакав да патувам во странство или не ми се патуваше, го праќав Онур Јилдиз. Го испративме Онур Јилдиз во Украина, Македонија… Што друго? Прашај ме, ќе ти кажам.
Прашање: Дали е сега во Малта?
Одговор: Океј… Утку прво отиде во Малта. Малта веќе беше еден од центрите за овој бизнис. Потоа го испративме Утку во Македонија. Го испративме и во Албанија. Утку можеше слободно да патува затоа што имаше европска виза. Отиде во Македонија, таму ја работеше работата со обложувањата. Се сеќаваш кога реков дека банкарските сметки беа отворени во Македонија… грешка, во Малта. Отиде во Малта во тоа време, тоа е точно.
Прашање: Мислев дека Македонија е „Папара“.
Одговор: Да, „Папара“ има канцеларија, тоа е точно.
Прашање: Тоа значи банкарски сметки?
Одговор: Не, „Папара“ е посебна работа. Банкарска сметка е посебна работа. „Папара“ е посебно.
Прашање: Значи, исто така отворале банкарски сметки од Македонија, не само „Папара“?
Одговор: Да, да, секако. Точно така. Да објаснам вака. Во македонската канцеларија има еден Јасин, има девојка по име Ајбике, секоја нивна група има 13 вработени. Ако кажеме 13 луѓе по 3, тоа се 36. Ако 36 по 3, тоа се 90… 108 (пресметува напамет). Значи, само во Македонија има околу 108 луѓе што работат во финансии.
Прашање: Овие 108 во Македонија кои работат на финансиите – дали работат во канцелариска зграда? Или каде се сместени 100 луѓе?
Одговор: Не се сите заедно. Има 3 групи, како што реков, по 16 луѓе по 3. Има 3 одделни канцеларии, но работат во 3 различни смени. Има оние што работат наутро, попладне и навечер, како и оние што работат од ноќ до утро. Во Македонија има центар за повици (call-center). Тој центар повикува луѓе од Италија. Луѓе што живеат во Македонија им се јавуваат на луѓе што се коцкаат во Италија, како и на оние што се коцкаат во Македонија и Словенија.
Онал: Абдула Хабани и Биљал Хабани, кои беа со Реза Зараб, ја вршеа работата на Фаљали. Со други зборови, тимот на Реза Зараб работеше за Фаљали. Биљал Хабани е многу близок партнер на групата на Фаљали, на семејството. Биљал Хабани е баран од САД и од целиот свет како десна рака на Реза Зараб.