Press "Enter" to skip to content

Камионот на озогласениот пржински инвеститор гази по ДУП, ред, закон, право, жители и почит

Пркосните жители од слепата уличка во Пржино денеска му послаа бело платно на инвеститорот кој до нивните куќи гради станбен комплекс од четири четирикатници. На платното долго 50 метри со црни букви е испишано: Ред, ДУП, закон, право, жители, почит. Камионот помина низ нивната улица до градилиштето по платното, а жителите со дрон го снимија „погазувањето“ врз сите зборови кои значат правда и правна држава.

Минатата недела инвеститорот почна да го расчистува теренот за изградба на четири четирикатници високи по 10 метри. Станбениот комплекс ќе биде сместен на врвот на две слепи улички во населбата Пржино во општината Кисела Вода. Жителите на улицата „Пржино“ веќе две години водат битки со институциите и со инвеститорите. Но, не успеаја да ја спречат изградбата на шеснаесетте станови во нивното маало.

 

ИРЛ со своите мобилни редакции ја следи оваа јалова борба на жителите кои се чувствуваат осамени и измамени од локалната власт во Кисела Вода. Попусти беа сите нивни жалби до општината и до Министерството за транспорт и врски, бидејќи на крајот инвеститорот доби дозвола за градба.

Процедурата е почната уште во 2016 година кога Советот на Кисела Вода го носи контроверзниот ДУП и дозволува изградба на четири станбени куќи. Сопственик на земјиштето и ко-инвеститор е Љупчо Продановски, сопруг на Мери Проја Продановска, која и самата гласала за носење на ДУП-от во време кога била советник во општина Кисела Вода. Продановска сега е на раководна позиција во Инспекцискиот надзор во Државниот пазарен инспекторат.

Минатата недела жителите на улицата „Пржино“ се обидоа со жив штит да го спречат почетокот на градењето, но не успеаја да му го попречат патот на багерот. Беше повикана и полиција за да ги отстрани возилата на локалците и да и’ се расчисти пристапот на механизацијата. Вториот инвеститор на објектите, заедно со Продановски е фирмата „Топ метал“ чиј сопственик вчера влезе во вербален дуел со соседите откако дознал за белото платно кое му го постилаат за негов пречек.

Градоначалникот на Кисела Вода Филип Темелковски за време на целата оваа борба на неговите сожители стои отстрана и вели дека Деталниот план е донесен од претходната власт.

Погледнете ги сите стории на ИРЛ за немоќните жители на малата слепа уличка, за моќните инвеститори и за (не)функционирањето на институциите кои ги плаќаат граѓаните.

Последно истражување

Дел 1 На работ: пандемски погреб на системот и социјалната држава

Дел 2 Пандемски профитерски поход: здравје за богатите, смрт и трауми за сиромашните

Поврзани стории

Бетонизација на Пржино: Итриот инвеститор, кутриот градоначалник

Жители на Пржино со жив штит и полициско присуство ја бранеа улицата од инвеститорски багер

КРИК СРБИЈА: Директорот на белградската болница „Дедиње“ набавил несигурни Ковид-19 тестови од македонски бизнисмен осомничен за криминал

Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »