Press "Enter" to skip to content

Заев со Заев: (Без)опасно танго во владиниот кабинет

Што донесе помпезно најавуваната „метла“? Премиерот Зоран Заев го разреши министерот за финансии и самиот се постави за министер. Она што требаше да биде кадровска „метла“ предизвикува контроверзии. Може ли двоецот Заев-Заев да стаса да одговори и на премиерската и на министерската функција? Кои се проблематичните прашања кои треба да ја држат јавноста будна? Читајте во продолжение.

Економија и живот за сите, ова беше еден од трите фундаменти на програмата за работа на владата на СДСМ којашто новиот премиер Зоран Заев ја претстави во парламентот во 2017 година. Им се обрати и на министрите за да им посочи дека оваа влада нема да е како претходната и тој нема да е семоќен бог од кого што секој ден ќе се чека наредба. Од членовите на кабинетот побара интегритет, а вети автономија.

„Не очекувајте да бидам министер наместо вас. Вам ви ја доверив таа обврска како мандатар и должни сте да ја исполните кон граѓаните. Министерот не е назначен за да го прашува премиерот, туку за да предлага решенија“, рече Зоран Заев.

Денеска, по две години власт, премиерот Зоран Заев самиот се назначи за министер за финансии. Собранието допрва треба да ги прифати неговите предлози. На промотивен настан во Валандово, тој јавно ги кажа имињата на оние министри кои ги опфати долгонајавуваната „метла“ односно реконструкција на кабинетот. Драган Тевдовски заминува, доаѓа Зоран Заев. Во кусите изјави за медиумите кои што беа во многу мал број во Валандово, тој за овој избор рече дека е привремено решение, но не кажа за колкав период. Тевдовски ќе останел да работи со него на советничка позиција.

Драган Тевдовски (лево) разговара со Зоран Заев на седница на Владата/ФОТО: Влада на РМ

Рече дека ветил подобар живот и, сега, кога се решиле стратешките прашања како НАТО, дошло време за остварување на ветеното – раст на економскиот стандард. „Заради економијата“, вака Заев ќе му одговори на новинарот кој го прашува зошто токму тој за министер за финансии.

„Можеби е несекојдневно, можеби е поинакво, но многу работи се случија кои се несекојдневни и поинакви – од паѓањето на режимот до храбрите одлуки кои се донесоа во овој период заради сплотување на народот, заради решавање на крупните прашања со Грција и Бугарија, заради НАТО членството. Сите стратешки прашања се решени пред се заради економскиот стандард на граѓаните,“ рече Заев.

Според него, сега е моментот да се покажат „сериозни перформанси во севкупниот менаџмент на финансиските ресурси во државата“.

Погледнете ја изјавата на премиерот Зоран Заев во која што го објаснува сопствениот избор за привремен министер за финансии дадена денеска/Видео материјалот е преземен од страницата на Владата на РСМ

Истражувачката репортерска лабораторија разговараше со поранешни министри за финансии, поранешни и сегашни раководни лица во финансиските  инстиитуции од Народната банка, приватниот банкарски сектор, универзитетски професори. Некои не сакаа да зборуваат јавно, но сите се грижат за оваа одлука, пред сè поради сериозноста и обемноста на работата во секторот финансии.

Преголема оперативна моќ во еден човек

Поранешниот и прв министер за финансии на Македонија, Џевдат Хајрадини, вели дека денешната вест го шокирала. Тој вели дека од една страна е институција каква што е министерството за финансии којашто е многу сложена и бара сериозна експертиза, а од друга страна, според него постои и концентрација на моќ.

„Самиот премиер ќе биде извршител на Буџетот. Тоа не може да трае долго, тоа не е одржливо и тој ќе мора да се откаже од една таква улога оти во еден човек е концентрирана премногу голема оперативна моќ. Тој е должен Буџетот да го третира како закон, а позициите на буџетот како членови на законот. Ова звучи крајно несериозно, дури и да е привремено“.

Експерти: Не е незаконски, но е проблематично

„Не постои изрична пречка носителот на мандатот воедно да преземе обврска да раководи со ресор, односно министерство. Би било проблематично доколку претседателот на владата одлучи да раководи со повеќе од еден ресор или доколку едно лице, член на владата, се избере да раководи со повеќе од еден ресор. Иако и ова прашање не е прецизно уредено“, вели универзитетескиот професор по административно право Драган Гоцевски во изјава за анализа на порталот 360.

Според Гоцевски, вистинското прашање е обемот на обврските и предизвикот треба да се гледа тука.

Премиер и министер: Логистички (не)возможна мисија

Прашавме кои се обврските на еден министер за финансии и како изгледа неговиот ден. Поранешен менаџер во јавна институција во секторот финансии објаснува дека работата на министерот е доволно сложена и со куп помошници и дека не е изводливо таа да ја врши човек кој во исто време е премиер и има сериозна агенда.

„Треба да се има капацитет и буквално целосна посветеност. Многу луѓе требаат да се дневно посветени за таа работа  и потребен е динамичен и енергичен министер кој се бави исклучиво со тоа и ништо друго. Тоа министерство треба да ги креира главните макроекономсми политики, постојат десетици и десетици институции поврзани со него коишто бараат координација и сериозна работа на дневна основа. Стотици и стотици материјали се добиваат на дневна база  коишто мора да добијат потпис од министерот“, вели нашиот соговорник.

Според експертите, оваа институција е толку сериозна, што ниту три дена не би смеела да остане празна или со вакви решенија.

Поранешниот министер Џевдат Хајрадини вели експертската јавност мора да побара повлекување на Заев од оваа позиција и назначување на сериозен експерт кој што има иксуство и знаење да ја води макроекономската политика на земјата.

„Ова не може да се смета за некаква си метла која заиграла во дворот на владата за да се сределе работите. Тој мора под итно да се откаже од оваа улога. Ова е потценувачки и незериозно. Не е играчка министерството за финансии“, вели тој.

Првата изјава како човек на финансии Заев ја насочи кон критичарите 

Покрај Драган Тевдовски којшто ќе биде заменет од самиот Заев,но на одреден период, смени има и во неколку други министерства. Во министерството за земјоделие доаѓа Трајан Димковски, советник на досегашниот министер Љупчо Николовски, којшто пак, стана генерален секретар на партијата. Горан Милевски од ЛДП, пратеник, ќе го преземе министерството за локална  самоуправа каде што досега раководеше Сухејл Фазлиу од Алијасната на Албанците. Садула Дураку преоѓа во новоформираното министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, а си оди од позицијата министер за животна средина. Насер Нуредини е предложен за министер за животна средина и просторно планирање, додека Хусни Исмаили за министер за култура.

Ќе има смени и во други институции, но Заев кусо ги спомена само овие. На новинарско прашање како мисли да се справува со работата во финансии и што ќе биде неговата прва работа како министер, тој почна критично кон оние кои досега критикувале некои политики и проекти на власта, како оној за повраток на ДДВ.

„Секако, јас и досега работев со министерот Тевдовски, ги знам сите проекции и постапки, летово нема да се случуваат некои драматични работи околу ребаланс или слично. Она што е важно е на први јули да почне проектот на повраток на ддв и сите оние што кубат коси да престанат со тоа заради тоа што е изгорена нашата земја. Никогаш не се враќале пари. Е сега дали некој ќе добиел 12, 15 или 27 илјади и слично, дебатата ја отвораат одреден дел мрчатори во општеството“, вели Заев. 

Целата изјава на Зоран Заев прочитајте ја во рубриката на ИРЛ Изјава на денот.

Поврзани приказни

Како Александар „Кевин“ Димитријоски стана член на Надзорен одбор на Државна лотарија

Со едвај година искуство во администрација, кадар на ЛДП ќе седи во надзорен одбор на Државна лотарија

Избор на истражувачките новинари: Предлози до Заев за операцијата „Метла“

Последни истражувања: Привилегирани ѕверки

Кога сте веќе на нашата веб страница, прочитајте го последното истражување на Истражувачката репортерска лабораторија:

(ВИДЕО) Градот Скопје без оглас ќе дели договори на летните клубови кои и онака си работат без нив

Привилегирани ѕверки: Чии се летните клубови

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »