Новата предметна обвинителка Верица Бержецка Крстева не преземала ниту едно ново дејствие, не знае за постоењето на клучни документи како „Ревизија на постапката за јавна набавка за замена на времени објекти од амбулантно-поликлиничка дејност“ и се држела до старите докази од претходната обвинителка Елизабета Јосифовска којашто што во јавноста често беше прозивана дека предметот предолго го држи во предистрага.
Известува: Маја Јовановска
Неажурната предистрага и фокусот на обвинителските активности само на финансиски штети по буџетот се главните причини на обвинителката Бержецка Крстева и нејзиниот шеф Ислам Абази зошто се затвора оваа истрага. Истрагата беше насочена за кривично дело кое во 2023 година избришано од Кривичниот законик кога на власт беше СДСМ. Овој случај на обвинителката Бержецка Крстева ѝ го додели државниот јавен обвинител Ненад Савески. На сличен начин и со нов надлежен обвинител назначен токму од Савевски падна и случајот за набавката на мазут во ТЕЦ Неготино против осомничениот Ратко Капушевски.
По пет години молк затворен е случајот кој се однесува на Филипче и на Анѓушев
По пет години во предистражна постапка, Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го затвори досието „Модуларна болница“ и не најде виновници за една од најголемите национални трагедии. Никој од одговорните државни функционери и инволвирани лица од бизнис заедницата нема да одговара за смртта на 14-те жртви во пожарот во модуларната болница во Тетово. Одлуката ја соопшти обвинителката која го води предметот Бержецка Крстева, во друштво со нејзиниот шеф од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази.
„Нема дејствија на пречекорување, ниту неизвршување на службени дејствија, ниту е оштетен буџетот“, рече на почетокот на брифингот со новинарите надлежната обвинителка Верица Бержецка Крстева.
Обвинителката објасни дека предистрагата била насочена само кон евентуални финансиски злоупотреби и злоупотреби на службена положба при набавката на 19-ти модуларните болници кои беа користени за хоспитализација на ковид пациенти.
Таа не нашла ниту една незаконитост од почетокот на распишувањето на тендерите за набавка на модуларните болници, па се до начинот на изведба, поставување и предавање во владение на општините.
„Обвинителството не утврди факти од кои би произлегло дека во постапките за набавка, службено лице ја искористило или пречекорило службената положба или овластување, односно не ја извршило службената должност, со цел да прибави значителна имотна корист или да нанесе значителна штета“, изјави обвинителката Бержецка – Крстева.
За време на ковид кризата тогашната влада на премиерот Зоран Заев распиша меѓународен тендер за набавка на модуларни болници. Министерството за здравство го водеше Венко Филипче, а фирмата која беше избрана на тендерот со најповолна понуда беше „Брако“ на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев.
За да се спроведе брзо и итно тендерската постапка, тогашната влада, ресорните министерства и Собранието менуваа повеќе закони за градење, со што доведоа да не постојат никакви контролни механизми за начинот на градење и безбедноста на објектите во кои се лекуваа стотици ковид пациенти.
Пожарот во модуларната болница во Тетово се случи на денот на независноста 8-ми септември пред пет години. Предметот беше отворен два дена подоцна по допрен глас. Првата обвинителка која го водеше предметот беше Вилма Русковска, а потоа го презеде обвинителката Елизабета Јосифовска која влегуваше и во судир со новинари обвинувајќи ги дека ги малтретираат бизнисмените. Последната обвинителка Верица Бержецка Крстева го наследи предметот пред неколку месеци по одлука на државниот јавен обвинител Ненад Савески. Денес таа ја соопшти одлуката дека случајот е затворен бидејќи нема докази.
На брифингот имаше повеќе прашања од новинарите кои се фокусираа на долгата предистрага и како е возможно да не постои системска одговорност за смрт на 14 пациенти згрижени во државни здравствени објекти.
Одлуката за предметот ја донела врз основа на доказите и исказите на сведоците кои ги сослушала нејзината претходничка Елизабета Јосифовска. Неколку пати потенцираше дека не постои никаква штета на државниот буџет, како и дека претставници на Светска Банка која ги финансираше модуларните болници дала пофални зборови како биле изработени и како функционирале.
За причините за пожарот рече дека тој дел не е во надлежност на нејзиното обвинителство, туку случајот беше воден и затворен во Тетово.
Обвинителката немаше информација дека постои посебен Извештај нарачан од наследникот на министерот за здравство Венко Филипче, министерот Беким Сали изготвен една година по трагедијата во Тетово.
Во Документот „Ревизија на постапката за јавна набавка за замена на времени објекти од амбулантно-поликлиничка дејност“.пишува дека девет дена по пожарот, Министерството за здравство и инвеститорот започнале дијалог за дополнување на основниот договор за „подобрување на минималните технички барања со цел зголемување на безбедноста на објектите“ за тековни модуларни објекти кои се граделе по истата спецификација. Анекс договор, спротивно на Законот за јавни набавки, не бил пријавен во Бирото за јавни набавки и бил скриен од институциите.
Убиство во Тетово
Пред три години Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) го објави истражувањето „Убиство во Тетово“ за пожарот во модуларната болница. Репортерите и истражувачите на ИРЛ повеќе од 7 месеци работеа во Скопје и Тетово и ги собираа и анализираа податоците и документите добиени за овој случај.
Различни надлежни институции случајот го посочија како несреќа, а причините се лоцираа во избивање на продолжен кабел. Истражувањето ги откри вистинските причини за пожарот кои водат низ лавиринт од грешки и пропусти направени од обични службеници до високо профилни лица од сферата на политиката, бизнисот и судството.
Преку протечени документи и емаил пораки добиени од свиркачи и преку прибирање на тендерската документација по пат на слободен пристап до информации од јавен карактер, новинарите прибраа докази кои прецизно ја лоцираа законската одговорност за пожарот во клучните институции како Министерството за здравство, но и кај изведувачот на објектот во Тетово.
Злосторство без казни
Во врска со пожарот во Тетово изречени се само две затворски казни на поранешните директори на Клиничката болница Флорим Бесими и Артан Етеми се осудени на една година и шест месеци ефективен затвор за тешки дела против општата сигурност.
„Ова судење не беше за да се открие зошто настана пожарот и кој е виновен, туку лов на вина врз оние без моќ и одговорност“, изјави по изрекување на пресудата осудениот Флорим Бесими.
Шефот на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази на денешниот брифинг рече дека ако во иднина биле најдени нови докази постои можност предметот повторно да биде отворен.


















