Летните дискотеки во Градскиот парк кои што се простираат на површината на поранешниот Луна парк со години работат без лиценци и без договори за земјиштето кое го користат во атрактивниот дел на градот. Иако доаѓала инпекција, тие никогаш не биле затворени. Следната година нема да има летни дискотеки во паркот, ако се оди според планот за градежни активности на Град Скопје за изградба на новиот забавен парк на местото на стариот. ИРЛ веќе еден месец ги истражува нетранспарентно доделените локации за летни клубови. Но, денеска, Градот реши да ги помогне мистериозните угостители од Градскиот парк.
Известуваат: Александра Денковска и Давид Илиески
Претседателката на Советот на Град Скопје, на денешната седница на Советот не сакаше да одговори на прашањата на советничката на Левица, Драгана Велковска, колку дискотеки имаат договори за работа, зошто досега нема склучено договори и зошто токму сега, пред рушење на дискотеките, Градот одлучува да го озакони работењето на летните дискотеки кои неколку години работат без лиценци.
Иако Градоначалникот Петре Шилегов уште на почетокот на својот мандат најави дека ќе ги руши овие објекти, денеска на седница на Советот на Град Скопје мистериозно се појави материјал со кој што група советници (непотпишани) бараат дневниот ред да се дополни со точка со која се овластува подфирма, „ЛУНА ДООЕЛ“ на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ да управува со објектите и да им даде договори на дискотеките за сезонава.
Точката беше ставена последна на дневен ред, па советниците ја изгласаа речиси од врата, со ташните на рамо и подготвени да си заминат дома.
На прашањата на советничката на Левица, Драгана Велковска дали ќе има време да се распише оглас за да се додели земјиштето под закуп, претседателката Љубица Јанчева дрско одговори дека советничката треба целосно да ги чита материјалите и дека тоа не било точка на дневен ред на денешната седница. Вработени во Градот ни објаснија дека со одлуката, всушност, ќе им се дадат лиценци на оние клубови кои веќе си работат на просторот на стариот Луна парк. Предлагачите дури и самите во предлогот пишале дека со давањето лиценци ќе им се овозможи на клубовите да работат легално.
Велковска исто така побара и целосен список на предлагачи на оваа точка, на што доби одговор дека списокот дополнително ќе и биде доставен. Јанчева одби да даде изјава за новинарот на ИРЛ и да одговори на овие прашања.
Точката пред советниците ја образложи советничката од СДСМ Михаела Иванова, која на нашиот репортер му рече дека не можела да збори во име на цела група и затоа нема да даде изјава.
Во образложението зошто оваа точка се става на дневен ред, советниците напишале дека ако се изнајми просторот градот ќе зарботел пари во летната сезона додека да дошле на ред градежните работи за новиот забавен парк којшто ќе се гради на местото на стариот Луна парк во чиј склоп се и летните клубови.
„Заради создавање услови за отпочнување со градење и реализација на проектната документација со која се предвидува вметнување на нови содржини, ново просторно позиционирање на истите низ призма на економска исплатливост, потребен е временски период. До отпочнувањето на реализацијата на проектот, а со цел Градот Скопје да се стекне со финансиски средства, а на постојните објекти да им се овозможи легално да обавуваат дејсно, потребно е да се даде овластување за управување со постојните објекти во Забавен парк Луна со давање под закуп на истите за користење до 30 септември 2019 година кога се смета дека ќе се создадат услови за отпочнување на градежните работи и за изградба на забавниот парк“, пишуваат групата советници кои ја предлагаат точката.
Во образложението на предлог-одлуката пишува дека договори би се дале само за периодот од јуни до септември. Нејасно е како оваа одлука ќе биде легална, кога Градот (Паркови и зеленило) нема да има време да објави оглас за издавање на земјиштето под закуп и како ретроактивно ќе потпишуваат договори, кога дискотеките веќе неколку недели работат.
Летните дискотеки во Градски парк што се простираат на територијата на Луна паркот со години работеле нелегално. ИРЛ дознава дека од 2016 година дискотеките работеле без договор за закуп и лиценци без кои воопшто не смеат ни да ги отворат локалите. Никој не одговара на паршањето дали сопствениците на дискотеките плаќале некаков надомест за користење на земјиштето на Град Скопје или само заработувале пари, без воопшто да допринесат за полнење на градската каса.
За овој проблем информирана била и пазарната инспекција. На почетокот на април оваа година, претставници од инспекцијата имале средби со сопствениците на локалите кои се пожалиле дека не можат да извадат лиценци за работа. По овој состанок, пазарната инспекција испратила допис до Град Скопје со кој бара да се состанат за да најдат решение за овој проблем.
„Како главен проблем кој го посочија угостителите е проблемот со вадење на лиценца за вршење на дејност. Имено, при вадење на лиценцата договорот за закуп на деловен простор е еден од условите за добивање на лиценца од Министерството за економија. До пред две години договор за закуп на деловен простор склучувале со ЈП Паркови и зеленило, а откако земјиштето е преминато во сопственост на град Скопје, ЈП Паркови и Зеленило им наплаќа одреден надоместок на име на закуп без притоа да склучи договор со нив. Со цел да изнајдеме решение на проблемот бараме состанок со одговорното лице во вашата институција“, пишува во барањето кое Пазарната инспекција го испратила до Град Скопје.
До пред три години, договорите за закуп ги издавала фирмата „Луна дооел“ која е формирана од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, но потоа Град Скопје им ја одземало надлежноста и договори не се склучувале. ИРЛ неколку пати се обиде да разговара со директорот на „Луна дооел“, Миодраг Атанасиевски кој на оваа функција е назначен уште од основањето на претпријатието во 2001 година, но тој не сакаше да одговори на ниту едно наше прашање, иако на сите договори кои се потпишани стои неговото име.
ИРЛ истражува кои фирми имаат потпишано договори за закуп, кога се потпишани последните договори, дали дискотеките работат легално и колку пари досега инкасирал Градот од овие договори. Читајте утре на irl.mk