Press "Enter" to skip to content

Како Александар „Кевин“ Димитријоски стана член на Надзорен одбор на Државна лотарија

Дипломиран инженер за храна и вино, со работно искуство во земјоделска аптека и Г. Д. Тиквеш Кавадарци, од октомври минатата година стана член на Надзорниот одбор на Државната лотарија на Македонија. Со одлука на Владата, а со потпис на премиерот Заев, кавадарчанецот Александар Димитријоски е назначен за независен член на оваа државна компанија.

Станува збор за државна институција во која петтемина членови на Надзорниот одбор ги избира Владата. Тие ја контролираат работата на Управниот одбор и ги избираат неговите членови. Александар Димитријоски од Кавадарци е токму еден од петорката на Лотарија.

Името на Димитријоски не се поврзува со ништо доколку се обидете да го пребарате на интернет. Александар Димитријоски во јавноста воопшто не е познат, а единственотот што може да се пронајде за него е врска до неговиот профил на Фејсбук.

Таму и го контактираме. На нашата порака одговори дека бил избран како предлог на владата, но не сакаше да одговори како течел тој процес или дали членува во политичка партија.

На неговиот Фејсбук профил можат да се најдат слики од конвенција на СДСМ или на пример заедничка фотографија со пратеници од СДСМ, меѓу кои и најславната во моментов Мира Стојчевска.

Александар Димитријоски (втор од лево), заедно со пратениците Диме Велковски и Мира Стојчевска.

Биографијата за Александар Димитријоски ја добивме од Државна лотарија и во неа пишува дека има 40 години, дипломиран инженер на Факултет за храна и вино. Од работно искуство напишал дека работел во земјоделска аптека, земјоделско друштво, а од 2009 година работи во Тиквеш Кавадарци.  Во оскудната биографија уште напишал дека работи со компјутери, во тим и под притисок, поседува возачка дозвола Б категорија.

Биографија на Александар Димитријоски

ИРЛ објави дека минатиот месец за член во Надзорен на Лотарија беше избрана Моника Зајкова, 28 годишна службеничка во Собранието и претседател на подмладокот на Либерално демократска партија.

Освен тие двајца, членови на Надзорен одбор се и Бојан Јанев, Фатмир Рамаданоски и Дејназ Арифи.

Претседател на УП и воедно директор на Државна лотарија е Катица Николовска Прнаркова, а членови се Ѓорѓи Дамјановски, Благоја Лазаревски, Христа Најдонов и Петар Поцков.

Од сите овие десет луѓе само директорката Прнаркова, Најданов и Лазаревски имаат поднесено анкетен лист во Антикорупциската комисија, иако сите имаат законска обврска.

На интернет страницата на Државната лотарија на Македонија нема никакви податоци за раководството на компанијата. Освен дека е современо акционерско друштво во државна сопственост, создадено според успешните примери и споделените искуства на европските и светските државни лотарии.

„Во нашето Друштво работи стручен и искусен кадар, способен за домаќинско и транспарентно работење со една голема цел пред себе – да создаде лотарија за народот и да придонесе да се подобри квалитетот и да се збогатат содржините на живеење на граѓаните на Република Македонија, преку генерирање на приходи за буџетот од кои ќе се финансираат општествено корисни, хуманитарни активности и приредување игри на среќа со реални шанси за добивка за македонските граѓани“, пишува во описот на оваа институција.

Лого на Државна лотарија на Македонија

 

Александар Кевин Димитријоски како член на Надзорен одбор ќе добива секој месец по 10.000 денари. Медиумите секојдневно откриваат по неколку партиски вработувања во атрактивни фирми во кои платите се далеку над просечната.

Членовите на управни и надзорни одбори се избираат по партиски клуч, иако тие се замислени како контролни органи на државните и на јавните претпријатија.

Смената од вмровски во сдсмовски кадри и од другите партии што сега се на власт во овие органи оди поспоро, бидејќи тие имаат мандат од 4 или 5 години. Па во нив се уште има луѓе кои беа избор на претходната Влада, но како што им изминува мандатот се бираат нови. Како на пример Александар Кевин Димитријоски.

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »