Press "Enter" to skip to content

Избор на истражувачките новинари: Предлози до Заев за операцијата „Метла“

Тендери за школските другари на Заев, сомнителни тендери во здравството и бегство од одговорност во аферите од животна средина. Колегите Владо Апостолов, Менче Атанасова – Точи и Александар Димитриевски на виделина изнесоа многу валканици за минатата  власт, за многу од нивните стории денес гледаме и судски завршници и истраги. Но, за ИРЛ одбраа по една тазе афера за која тие пишувале за новата власт на СДСМ и ДУИ, а која што според нив е вредна за операцијата „Метла“ која ја најави лично премиерот. 

Името на Мира Дизел стана синоним за алчност. Александар Кирацовски е симбол за апаратчикот кој шета со партиското списоче за вработувања во државно. Хазби Лика значи неработник кој зема плата од државата, а не оди на работа. Рамиз Мерко за многумина е локален шериф и силеџија на Струга. Драги Рашковски го знаат како генерален секретар на владата, но тој е и бренд на македонскиот политички клиентализам. За двегодишното владеење на оваа влада новинарите открија еден куп случаи на непотизам, корупција, наместени тендери, сомнителен избор на директори, неостварени ветувања за правда и еднаквост на сите пред законите.

Освен директорот на МНТ, Драган Спасов – Дац кој што си поднесе оставка од морални причини, ниту еден друг функционер од владејачката гарнитура не се повлече од функцијата откако медиумите открија дека бил вмешан во некој случај на корупција или судир на интереси.

Премиерот Зоран Заев навидум секогаш изгледаше разочаран кога скандалите ќе стасаа во медиумите. Но, разбирањето за постапките на своите беше секогаш поголемо од разочарувањето од тие постапки. Велеше дека ако ги менува луѓето по секоја грешка, не ќе може да најде соработници. Потоа, за време на референдумот, најавуваше дека кај и да е ќе дојде „камшикар“ од НАТО и ЕУ кој ќе ги дисциплинира криминогените функционери. Последно што ветува, помеѓу два круга од изборите, е дека после 5 мај „ќе заигра метла“.

Ако премиерот заборавил кој му го наполни дворот со ѓубре или се уште не одлучил од кај да почне да го чисти, да го потсетиме што открија новинарите.

ИРЛ Македонија ги праша колегите од повеќе медиуми кои известуваатт за корупција и криминал да одберат по еден скандал којшто го откриле, а кој илустрира злоупотреби кои одамна требало да подлежат на санкции.

Афера „Опасен линдан“, Александар Димитриевски, ТВ магазин 360 степени. 

„Метла е малку бидејќи таа служи само за да се растера прашината. Треба багер, за меѓудругото да се искорени праксата дека функцијата е награда за партиски заслуги наместо логично скалило погоре за најдобрите. На крај, криво ли е „фиќото“, ако тој што го донел очекува да влече како „сканија“? Преку сторијата на колешката Славица Филиповска може да се види деканајчесто барањата се скромни, за пример толку ли е тешко барем ограда да стават“, вели новинарот Александар Димитриевски од 360 степени, чија редакција обелодени дека со децении постои депонија со опасен линдан во месносна Пеленица и која и покрај ветувањата од власта се уште не само што не е испитана, туку и до ден денес не е оградена и запечатена како ризична зона.

Александар Димитриевски – 360 степени

Концесии за другарите на премиерот – Владо Апостолов, БИРН – Призма. 

Новинарот Владо Апостолов од Призма вели дека заложба на владејачка СДСМ, како долгогодишна опозициска партија, беше да се зголеми конкуренцијата при јавните набавки, концесиите и јавните наддавања.

„Само со конкуренција државата може извлече подобра услуга за помалку пари или да собере повеќе пари кога ги дава своите ресурси на располагање. Меѓутоа, во пракса добивме пример што не ги содржи овие теоретските заложби“.

Еден од многуте случаи кои ги истражуваше тимот на Призма е минатогодишниот избор на приватни фирми кои ќе ги менаџираат бифеата во министерствата. На огласот победи никој друг, туку другар од детството на премиерот Заев.

„Се даваа под кирија 16 локали и во тој процес за дури 14 имало само еден заинтересиран понудувач, којшто, нормално, потоа ги добил овие бифеа под закуп. Со оглед дека немало конкуренција, Владата ќе добива само 156 денари повеќе отколку што првично зацртала. Да биде приказната уште „поинтересна“, тој што ги зел 14-те бифеа под закуп, без притоа да има конкуренција, е другар на премиерот Зоран Заев од детството“.

Владо Апостолов – Призма

Афера „Тендер за реагенси“ – Менче Атанасова – Точи, НОВАТВ 

Новинарката Менче Точи од порталот НОВА вели дека метлата или чистката требаше да се случи многу порано, а не после изборите како што најави премиерот Заев, затоа што после претседателските, ќе има и парламентарни избори.

„Цената е преголема, а корупцијата, непотизмот, партизацијата се секаде околу нас. Народот не може да се залаже со лижавче, веќе го има пробано неговиот горчлив вкус. Ако дел од партиските кадри на СДСМ се неспособни има непартиски, млади и способни. Добро ќе дојде таква промена, за сите нас, за иднината, за државата“, изјави Точи.

Според Менче Точи, метла во здравството треба и тоа што побргу и да се почне да се чисти од самото Министерство. Како една од многуте афери која ја откри новинарката е тендерот за реагенси за кој Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори предистражна постапка заради неправилности при спроведување на постапките за јавни набавки во Министерството за здравство.

„По, ова истражување на кое се приклучија и другите медиуми се изврши притисок и тендерот беше поништен. Кој стоеше зад целиот овој однапред организиран и договорен тендер, сите знаеме. Министерот Филипче од морални причини требаше да си поднесе оставка, а кога тоа не го стори Владата требаше да го разреши. Само да потсетам дека граѓаните не се со кратка памет, а и ние новинарите дознаваме за некои работи и пред да се случат, како што беше и овој тендер и сите актери во него. Ништо не останало неоткриено“, вели Точи.

Менче Точи – НОВА

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »