Press "Enter" to skip to content

Кочани во битка за вистината, почна судењето за дивата дискотека „Пулс“

Многу полиција, семејства на 63 починати и 35 обвинети. По осум месеци од трагедијата во дивата дискотека „Пулс“ во Кочани, роднините на загинатите дочекаа да започне судскиот процес. Новата судница во рамки на затворот Идризово беше преполна. Обвинителството порача дека доколку во Пулс имало контрола, надзор и санкција, пожарот ќе се запаметел како инцидент а не како масовна гробница.  

Известува: Александар Јанев

Првите неколку часа од судењето за случајот Кочани, веднаш го навестија товарот што ќе го носи целиот процес. Судијката Диана Груевска – Илиевска која претседава со судечкиот совет повеќе од еден час нотираше кој сѐ е присутен во судницата. Роднините на загинатите беа видно вознемирени од првата средба со обвинетите во иста просторија откако се случи пожарот. 

Дел од роднините на загинатите во дискотеката „Пулс“

Судијката Груевска – Илиевска на почетокот даде уверување пред сите присутни дека процесот ќе биде транспарентен и професионален. 

„Ќе дојдеме до правдата. Ќе имаме респект кон тагата и болката на роднините на жртвите, но апелирам на трпение и дисциплина“, изјави таа и додаде дека судот не може да гарантира колку брзо ќе тече процесот. „Колку ќе трае процесот никој не знае“, рече Груевска –  Илиевска, но додаде дека нема да толерира неоправдани отсуства. 

Судијката потоа oбјасни дека двата обвинителни акти, првиот со кој беа опфатени 34 обвинети луѓе и три фирми, и вториот за сопственикот на агенцијата за обезбедување Рубикон, Александар Нацев, се спојуваат во еден предмет. Обвинителството, пак, поради тоа, доставило нов интегриран обвинителен акт, за кој обвинителот потписник на обвинението, Борче Јанев, рече дека нема суштински измени, туку само спојување на двата обвинителни акти. 

Првообвинетиот Дејан Јованов – сопственик на дискотеката „Пулс“

Одеднаш судницата стана арена на бројни приговори од обвинетите и нивните адвокати, проследени со постојани барања за одложувања за да го виделе новиот обвинителен акт и соодветните интегрирани докази. Една од адвокатките, пак, побара одложување на рочиштето, затоа што денеска прв пат се видела со својот клиент. 

Судијката не дозволи и рочиштето продолжи со воведни зборови на обвинителот Борче Јанев од Кочани.

„Тука сме во оваа постапка да прашаме, да именуваме и да бараме одговорност. Ако овој објект ги исполнуваше стандардите, ако вратите беа проодни, ако плафонот и ѕидовите не беа обложени со отров што убива побрзо од пламен, ако имаше функционална вентилација, ако постоеше против пожарен систем, ако имаше навремена контрола, надзор и санкции, пожарот ќе се запаметеше како опасен инцидент, но не и како масовна гробница и ужас од невидени размери“, порача обвинителот Јанев, чии зборови предизвикаа аплауз од роднините на загинатите. 

Почна судскиот процес против 35 физички лица и 3 фирми

Процес во судница, расправи и во Собранието 

Само ден пред да почне судењето, пратениците на СДСМ иницираа формирање на анкетна комисија за истиот случај. Ова дојде откако на последниот масовен марш во Скопје во саботата, роднините на загинатите побараа од пратениците и анкетна комисија и надзорна расправа за целосно расветлување и одговорност во овој случај. 

„Бидејќи загубата не е бројка, тука живот. Ова не е политички повик, ова е повик за правда и човечност, почитувани пратеници бараме да покренете надзорна расправа во надлежна комисија, како и да формирате анкетна комисија во Собранието, рече Наталија Ѓоргиеска, сопруга на загинатиот Андреј, фронтмен на групата ДНК. 

ИРЛ на крајот на април и почетокот на мај иницираше акција во која 5.000 граѓани побараа надзорна расправа од пратениците од Изборна единица три за системските пропусти кои доведоа до злосторството во Кочани. Тогаш ги исконтактиравме пратениците од оваа изборна единица бидејќи Кочани е дел од оваа изборна единица. Пратениците од власта и од опозицијата тогаш рекоа дека сѐ уште не било време за таква расправа, оти се уште траела истрагата и кога ќе заврши, ќе иницираат расправа. 

Истрагата заврши на 30 мај, обвинението беше поднесено во јуни, а на почетокот на октомври Обвинителството го прифати обвинителниот акт, но никој од пратениците не поднесе иницијатива. Само пратениците на Левица во април бараа да се свика надзорна расправа, но на иницијативата освен потписите на нивните шест пратеници, не се потпиша никој од останатите колеги од другите партии. 

За иницирање на анкетна комисија потребни се потписи на 20 пратеници, а за надзорна расправа треба да се потпишат 15 пратеници. 

Сепак има огромна разлика меѓу надзорна расправа и анкетна комисија. Надзорната расправа е јавна, се емитува во живо на Собранискиот канал и заклучоците од истата се задолжителни. Таа може да послужи како основ за понатамошни постапки, вклучително и кривична одговорност. Во рамки на надзорна расправа пратениците имаат право да повикаат сведоци, функционери, експерти и граѓани, да ги анализираат системските пропусти и да утврдат дали институциите постапувале законски.

Состаноците на анкетните комисиите не се јавни. Тие не вклучуваат надворешни експерти, немаат правна тежина и нивната работа може да трае неопределено.

Партиски калкулации или искрен пристап за трагедијата во Кочани

Иницијативата за формирање анкетна комисија во Собранието дојде од пратениците на СДСМ, но не и за надзорна расправа, како што бараа роднините на загинатите во пожарот во Кочани. СДСМ во собранието има 18 пратеници, па останатите потписи ги обезбедија народните избраници од Левица. 

Го прашавме координаторот на СДСМ во Собранието, Оливер Спасовски зошто чекале досега, бидејќи истрагата заврши уште на 30 мај. 

„Затоа што сега сме одлучиле дека треба да ја поднесеме“, одговори Спасовски и додаде дека анализираат пред која собраниска комисија треба да се свика надзорна расправа. 

Координаторот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Никола Мицевски, вели дека тие ќе поdдржат и надзорна и анкетна, но бараат проширување на опсегот, односно да се зборува за сите несреќи од изминатите неколку години во кои имаше многу жртви, како пожарот во модуларната ковид болница во Тетово или автобуската несреќа на македонски автобус во Бугарија. 

Кога прашавме зошто не свикале надзорна расправа откако заврши истрагата, како што пратениците ветуваа, Мицевски одговори.

„Е па сега заврши на 30 мај, зошто мора одма да се поднесе? Имаше и други активности, после имаше и проширување на истрагата. И тоа кога ќе се поднесе ќе поддржиме“, рече Мицевски и праша: „Што би утврдила таа надзорна расправа различно од судскиот процес“. 

И координаторот на ЗНАМ, партија дел од владејачката коалиција, Бобан Карапејовски, ни изјави дека би поддржале и анкетна и надзорна расправа. 

Пратеникот Борислав Крмов од Левица за ИРЛ изјави дека нивните пратеници се приклучиле кон иницијативата на СДСМ за Анкетна комисија. Координаторите на партиите од албанскиот блок не одговорија на нашите прашања. 

Засега обвинети само 35 лица

ИРЛ на 28 септември го објави истражувањето „КОЧАНИ – Нашиот морален компромис“ во кое се открива дека  одредени лица во инспекцискиот ланец на контрола биле поштедени во истрагата.

Доказите што ги поседуваме открија злоупотреба на службена положба, примање мито и оддавање доверливи информации за инспекциски контроли од страна на двајца даночни контролори вработени во Управата за јавни приходи во Штип. Овие докази не се однесуваат само на даночни и финансиски злоупотреби под надлежност на УЈП, туку и на фактот дека вработени од Управата откривале информации за заеднички контроли со други институции, вклучително и МВР, кои требало да ги проверат и безбедносните аспекти.

Сопственикот на „Пулс“ комуницирал и со инспектори од Државниот пазарен инспекторат, но тие се веќе обвинети. Освен со инспектори, тој комуницирал и со командири, началници на МВР и полицајци, но за нив се уште се води истрага во Јавното обвинителство за организиран криминал. Обвинителен акт за оваа истрага се очекува да има на почетокот на декември. 

На обвинителна клупа засега се сопствениците на нелегалното кабаре и членови на нивните семејства, поранешни градоначалници, екс министри и поранешните владини функционери, членови на обезбедувањето, градежни инспектори и членови на ДНК поврзани со пиротехниката. Меѓудругите им се суди на поранешните градоначалници на Кочани – Љупчо Папазов и Ратко Димитровски од ВМРО-ДПМНЕ и на Николчо Илијев од СДСМ. Обвинети се поранешните министри за економија Крешник Бектеши и Ваљон Сарачини, како и актуелниот министер без ресор во Владата, Шабан Салиу. 

Сите обвинети се товарат за исто дело, најтешкото што го предвидува Кривичниот законик во вакви случаи – тешки дела против општата сигурност.

Обвнителниот акт иако го работеа дури 13 обвинители, потпишан е од кочанскиот обвинител Борче Јанев, којшто инаку бил и член на Локалниот совет за превенција кој требало да се грижи за безбедноста и сигурноста на луѓето во Кочани. За овој совет и неговата улога веќе пишуваше ИРЛ.