Даночни и пазарни инспектори дел од мрежата помагачи, дивата дискотека „Пулс“ да работи по секоја цена, по осум месеци од трагедијата се лишени од слобода. Обвинителството се сомнева дека примале мито, а за возврат го информирале газда Деко дали и кога ќе има контроли. Двајцата инспектори од УЈП, дел од сторијата на ИРЛ, услугите како информатори ги компензирале со скапи рачни часовници.
Известува: Александар Јанев
Единаесет нови осомничени инспектори од Управата за јавни приходи (УЈП) и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) поврзани со работењето на дискотеката „Пулс“ во Кочани се приведени денеска.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски потврди дека станува збор за апсења поврзани со предистражна постапка што се отвори по објавување на сторијата на ИРЛ за инволвираност на инспектори кои не беа опфатени со обвинението.
„Овој предмет не може да се спои со сегашниот предмет за Кочани затоа што овде не е поврзаноста со штетната последица, односно смрт. Ова се кривичи дека за злоупотреба, давање и примање поткуп што нема врска со овој кривично правен-настан односно со предметот за Кочани кој во моментов е во тек“, изјави државниот обвинител Љупчо Коцевски.
Приведените се сомничат за кривични дела примање и давање мито, како и за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Осомничени се поранешни раководни лица од подружници на УЈП од Штип и Струмица, а меѓу уапсените се и двајцата даночни контролори Драган Паунов и Дуле Димитриев, за кои ИРЛ во истражувањето Кочани – Нашиот морален компромис обелодени дека се доушници на сопствениците на „Пулс“ и за тоа примале поткуп. Синот на Дејан Јованов, Михајло, кој во судскиот процес што започна вчера е третообвинет, сега е осомничен за уште едно кривично дело, давање поткуп.
Даночните инспектори кои преминаа на „другата страна“
Според преписките што ги објавивме во видео сторијата, а коишто ги има во доказите од вештачењата на телефоните на обвинетите, сопствениците на дискотеката „Пулс“ Дејан Јованов-Деко и неговиот син Михајло Јованов, добивале дојави дали и кога ќе имаат инспекциски контроли. За возврат, некои од инспекторите добивале подароци.
Еден таков разговор е оној со даночниот контролор Драган Паунов, потпишан во мобилниот телефон на Михајло Јованов како Дацо Ж’ти УЈП, вработен во регионалната дирекција на УЈП во Штип.

Драган Паунов во неколку наврати му најавува можни инспекции на Михајло Јованов, го подучува како да се прикаже исправен пред инспекторите, која фискална каса да ја вклучи, па дури и го уверува дека кај нив нема да одат во контрола.
Во една од пораките тие договараат да имаат средба, а Михајло за инспекторот Драган Паунов и неговиот колега инспектор Дуле Димитриев носи подароци кои што претходно ги избрале преку вибер пораки.
Нивната последна преписка е ноќта на несреќата, на 16 март во 8 часот изутрина, но потоа Драган Паунов ја избришал пораката.
Инаку, двајцата даночни контролори се` до објавувањето на видео сторијата беа во редовен работен однос во УЈП, кога им се поведе дисциплинска постапка и беа суспендирани од работа.
Локалниот штипски инспектор Драган Паунов има моќни роднини. Тој е брат на новоизбраната в.д. претседателка на Основниот кривичен суд – Скопје, Даниела Димовска, судот каде што се одржува судењето за дискотеката „Пулс“.
Кога инспекциите потфрлаат, безбедноста на граѓаните е загрозена
Инспекцискиот надзор, којшто го вршат и УЈП и ДПИ е еден од најважните механизми со кои државата обезбедува почитување на законите и заштита на граѓаните. Без ефикасни инспекции, законите остануваат само на хартија. Улогата на инспекторите е да спречат злоупотреби, да обезбедат безбедни услови за работа и живеење и да го гарантираат јавниот интерес.
Од нив зависи дали ќе се спречи ризик што може да заврши со човечки жртви.

Вчера и обвинителот Борче Јанев, во воведниот говор посочи дека првообвинетиот Дејан Јованов – Деко во трката за профит ги заобиколувал сите препреки, инспекции, бариери, не ги обезбедувал документите, а никој не му ги ни барал, а го заглавил и сопственото дете.
„А каде се инспекциските служби“, праша обвинителот и додаде дека „ако имаше навремена контрола, надзор и санкции, пожарот ќе се запаметеше како опасен инцидент, но не и како масовна гробница и ужас од невидени размери“.
Судењето за пожарот во „Пулс“ продолжува следната недела, во вторник и среда со излагања на обвинетите.
Дополнително, се очекува уште едно обвинение поврзано со трагедијата во Кочани, што го води Јавното обвинителство за организиран криминал, а се однесува на улогата на полициските службеници во овој случај.








