Новинарските организации – Здружението на новинари (ЗНМ) и Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразија сериозна загриженост за судскиот притисок кон независното истражувачко новинарство по денешната одлука на Апелациониот суд Скопје, кој ја потврди пресудата на Основниот граѓански суд Скопје во предметот за клевета покренат од поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев против одговорниот уредник Сашка Цветковска и Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
Анѓушев ги тужеше ИРЛ и уредничката Цветковска за клевета и навреда изнесени во документарниот филм „Заговор против воздухот“, објавен во 2021.
ЗНМ и ССНМ во заедничкото соопштение велат дека ваквите одлуки, како денешната на Апелација, нема да ги обесхрабрат, туку дополнително ќе ги мотивираат да застанат зад независните медиуми и јавниот интерес.
Новинарските организации потсетуваат дека реагираа и во 2023 по пресудата на Основниот суд, бидејќи, како што велат, пресудата не навлегува во суштината на тужбата за наводна клевета, туку со неа се врши дискредитација на новинарите и на непрофитниот медиум ИРЛ, сѐ со цел да се оправда првостепената одлука.
„Во образложението на таа пресуда, која сега ја потврди и Апелација, се поставува досега невиден и опасен преседан судот и државните институции да одредуваат што е медиум, кој е новинар и кој смее да се бави со новинарска дејност“, реагираат новинарските организации.
По денешната одлука на скопска апелација, ИРЛ ќе ги искористи сите расположливи правни механизми за заштита на своите права, вклучително и поведување постапки пред надлежните судови во земјата, како и пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Во првичната постапка во 2021 година, Основниот граѓански суд ја одби тужбата на Анѓушев како неоснована, утврдувајќи дека не постојат елементи за клевета. По жалба на тужителот, Апелациониот суд го врати предметот на повторно судење.
На повтореното судење, без изведување нови докази, Основниот граѓански суд пресуди во корист на Кочо Анѓушев. Судијката на предметот беше дисциплински санкционирана од Судскиот совет поради тешка дисциплинска повреда – отстранување на јавноста од судницата.






















