Специјалната антикорупциска структура (СПАК) во Тирана, која е една од најважните и најмоќните институции во Албанија, ја суспендираше од функцијата албанската вицепремиерка и министерка за инфраструктура Белинда Балуку. Забрането ѝ е да ја напушта и Албанија. СПАК вчера ја обвини за местење тендери во кои како фирми се јавуваат и албанските компании „ПЕ-ВЛА-КУ“ и „Ѓока Констракшн“ кои изминативе две години беа дел од две одвоени афери и во Македонија.
Известува: Иван Блажевски
Доцна синоќа СПАК официјално соопшти и детали од случајот, а заедничко за двата тендера е што добитниците биле однапред договорени.
„Обвинетата Белинда Балуку, во соработка со членовите на Комисијата за евалуација на понуди, обвинетите Евиз Бербери, Гентиан Ѓули, Ералд Елези, Јетмира Дервиши и Мирзета Кашница, однапред го утврдиле добитникот на постапката за јавна набавка за тунелот Логара, создавајќи неправични предности и привилегии“, се наведува во соопштението на СПАК.
Исто било откриено и во постапката за изградба на надворешната сообраќајна обиколница број 4 околу Тирана.
„Балуку, во соработка со обвинетиот Евиз Бербери, членовите на Одделението за јавни набавки, лицата, членовите на Комисијата за евалуација на понуди., однапред го утврдиле добитникот на оваа постапка за јавна набавка“, се наведува во соопштението на СПАК.
Во албанскиот регистар за јавни набавки ИРЛ денеска провери кои фирми ги добиле тендерите и ги откривме имињата на „ПЕ-ВЛА-КУ“ и „Ѓока Констракшн“.
Компанијата „ПЕ-ВЛА-КУ“ работела на обиколницата околу Тирана, а „Ѓока Констракшн“ во 2021 година ја добила работата за пробивање на тунелот под планината Логара. Тој сега сообраќајно ги поврзува Валона и јужното јонско крајбрежје, но тендерот бил поништен, а од албанската фирма не се жалеле.
Потоа на повторен тендер истата година бизнисот со тунелот го добила турска компанија, а „Ѓока Констракшн“ станала подизведувач, односно цело време де-факто тунелот го градела оваа фирма и добивала милиони евра државни пари.
Бизнисите во Македонија на „ПЕ-ВЛА-КУ“ и „Ѓока Констракшн“
Во 2023 година ИРЛ објави дека партнер на внукот на Али Ахмети, Дрин е еден од сопствениците на „ПЕ-ВЛА-КУ“, Владимир Пјетерѓокај. Фирмата често добива атрактивни државни тендери за изградба на патишта во Албанија.
„ПЕ-ВЛА-КУ“ беше една од двете компании кои заедно со фирмата „Тхор Индустрис“ на Дрин Ахмети стана газда на ТЦ СОРАВИА во центарот на Скопје.

ИРЛ тогаш објави дека Компанијата „ПЕ-ВЛА-КУ“ поседува 2,92% од акциите на „Крединс Банк“, првата приватна банка во Албанија која настана со приватизација на државната банка и банката којашто ќе го кредитира Дрин Ахмети без да вложи денар во „Соравија“. Менаџерите на „Крединс Банк“, Моника Мило и Малтин Коркути, се две од неколкуте контроверзни банкарски имиња кои во минатото фигурираа и како сопственици на ресортот „Радика“ во Маврово, а зделките на овие лица и компании во Албанија ги следеа и нерасчистени атентати.
Пред две и пол години младиот внук на Али Ахмети и компанијата „ПЕ – ВЛА – КУ“ на Владимир Пјетерѓокај, кој е еден од двајцата нејзини сопственици, објаснуваа пред новинарите дека нема да дадат ниту евро од џеб за да се реализира трансакцијата за купување на бизнис центарот Соравија. Кредитот во нивно име го дала банката „Крединс“ од Албанија.

Стануваше збор за шест милиони евра со кои требаше да се разработи и заживее Соравија. Кога љубопитните новинари тогаш го прашаа Дрин Ахмети колку од заемот ќе треба да врати тој како сопственик на „Тхор Индустрис“, кусо одговори дека парите ги дава „Крединс“ и дека негови пари не вложува воопшто.
Во ноември 2024 година во времето на министерот за здравство Арбен Таравари, Министерството за здравство објави тендер за управување со паркингот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Идејата беше да се воведе јавно-приватно партнерство, каде приватна фирма ќе инвестира во инфраструктурата, а потоа ќе управува со паркингот.
Во март 2025 беше објавено дека на тендерот се пријавила единствено албанската фирма „Ѓока Констракшн“. Договорот предвидуваше концесија од 20 години, со изградба на две катни гаражи и управување со целиот паркинг простор.
Отсуството на конкуренција создаде сомнежи дека условите биле наместени за бизнисот да го добие „Ѓока Констракшн“. Државата требаше да добие само 1% од годишниот приход, додека приватникот би инкасирал милиони евра. Со проектот, цената за паркирање требаше да се зголеми од 30 на 50 денари на час.
Јавноста, медиумите и дел од политичките партии тогаш остро реагираа, а Владата на премиерот Христијан Мицкоски се откажа од потпишување на договорот. Откако договорот за јавно приватно партнерство не успеа, Арбен Таравари набаргу се повлече од владината коалиција и од позицијата министер за здравство.
Инаку, денеска албанскиот премиер Еди Рама не одговори дали ќе ја разреши вицепремиерката Балуку, но ги критикуваше органите на СПАК дека со одлуката за нејзино суспендирање се вмешале во ингеренциите на извршната власт.









