Press "Enter" to skip to content

Претседателката на ДКСК шпион на криминалната група за случајот „Адитив“

Истрагата за набавката на скапиот адитив за РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј откри неочекуван детал – дел од криминалната мрежа била и актуелната претседателка на Државната комисија за спречување корупција Татјана Димитровска. Комуницирала со обвинетиот Небојша Стојановиќ. Го брифирала какви постапки против него се воделе во комисијата откако ИРЛ во јуни лани откри како ЕСМ купила адитив од фирма без искуство во хемискиот бизнис неколкупати поскапо од пазарната вредност.

Известуваат: Маја Јовановска и Бојан Стојановски/Графика: Лука Блажев

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција осомничи нови три лица во случајот „Адитив“ за набавката на хемиски препарати против згура и троска за термоелектраните РЕК Битола и ТЕЦ Осломој. Обвинителите, информациите дека и други луѓе се поврзани со овој случај надвор од оние кои досега се обвинети ги добиле по вештачењето на мобилните телефони. Податоците покажале дека поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ комуницирал со претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК). Нивната комуникација открила дека Татјана Димитровска со него споделувала сензитивни информации кои не смеела да ги сподели.

„Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот Адитив и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот на обвинетиот и неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈО ГОКК“, соопштија од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. 

Татјана Димитровска во период од осум месеци од мај до декември 2024 година во два наврати го известила Стојановиќ за постапки во комисијата поврзани со него. Осомничена е за „Оддавање службена тајна“ заедно со поранешна финансиска директорка во ТЕЦ Неготино.

Тоа е периодот кога МВР и Јавното обвинителство, а по објавените стории на  Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), веќе почнаа да истражуваат злоупотреби и сомнежи за перење на пари во кои беше инволвиран Небојша Стојановиќ и други високи функционери кои биле на позиции во Државните електрани.

„Откако од Одделот за криминалистичка полиција кој постапувал по наредба на ОЈО ГОКК, било доставено Барање за доставување на документацијата која се однесува на спроведена постапка за набавка на мазут за периодот од 2021-2023 година, таа преку апликација WhatsApp на телефонски број на обвинетиот му испратила фотографија од известувањето“, соопшти Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Татјана Димитровска и поранешната финансиска директорка во ТЕЦ Неготино се второ и трето осомничени. Првоосомничен во новата истрага е извесен Борче Најдов од Неготино, вработен во семејната фирма на Небојша Стојановиќ „Хем – алијанс“. Се сомничи за перење пари, злоупотреба на службена положба и злоупотреба на постапка за јавен повик. 

Во периодот од месец декември 2023 до ноември 2024 година од правното лице во коешто бил вработен во 84 наврати примил парични средства на име трошоци за службени патувања од значителен износ, средства кои правното лице ги прибавило со сторување на кривичното дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство. Овие средства со цел да го прикрие понатамошниот нивен тек, ги пуштил во оптек и ги подигнувал во готово“, извести Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. 

Кривичниот суд на првоосомничениот Борче Најдов му определи притвор од 30 дена. На второосомничената поранешна директорката од ТЕЦ Неготино и третоосомничената – претседателката на ДКСК Татјана Димитровска, им се определeни мерки за претпазливост. Димитровска остана без пасош и во ДКСК има забрана за контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на комисијата, а воедно не може да гласа и да распределува предмети. 

Инволвираните бришат траги кои ги поврзуваат со „Адитив“

Конекциите помеѓу Борче Најдов и поранешниот директор на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ датираат поодамна. Освен што се сограѓани, тие имале и деловни контакти. Најдов бил вработен во фирма во сопственост на Стојановиќ „Грин стар енд“, чија дејност била трговија со хемиски производи. Фирмата е згасната во 2021, а Најдов во моментов е вработен во фамилијарната компанија на семејството Стојановиќ „Хем-алијанс“. 

Борче Најдов и Армандо Дито фотографирани во Белград во 2018 година

Кога ИРЛ лани работеше на истражувањето за набавка на адитивот од Италија, името на Борче Најдов не се поврзуваше директно со тендерите. Пронајдовме заедничка фотографија со сопственикот на италијанската фабрика „Аквафлекс“ од која се купени адитивите за АД ЕСМ, Армандо Дито, направена во Белград во 2018 година.

Оваа фотографија повеќе не постои на Фејсбук профилот на Борче Најдов. Беше избришана кога ИРЛ лани во февруари ги испрати прашањата до тогашниот директор на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ за поврзаноста со италијанската фирма „Аквафлекс“ која на Електрани им продаде адитив за неколкукратно повисоки цени од пазарните.

Поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, заедно со сопственикот на италијанската фирма „Аквафлекс“ Армандо Дито

Шестмина директори од АД Електрани на Северна Македонија се осомничени за перење на пари и злоупотреби при тендерски постапки во државната компанија. Штетата која е направена врз државниот буџет е проценета на 6,5 милиони евра. Во предметот „Адитив“ опфатени се вкупно 34 физички и пет правни лица, а случајот го води Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Освен функционерите од АД ЕСМ, обвинети се и други лица кои биле дел од мрежата за перење на парите добиени од тендерите за набавка на адитив. Меѓу нив е и Маја Јорданова од Велес, вработена како службеничка во АД Пошта, а истовремено и сопственичка на фирмата „Бреинкоде“ која ги доби тендерите од државни електрани.

Обвинети се и членови на најблиското семејство на Небојша Стојановиќ и други лица преку чии лични сметки или сметки на нивни фирми се префрлале пари добиени од тендерите, а потоа се ваделе во кеш или се пуштале во легален финансиски промет. 

Лани ИРЛ објави две истражувачки стории како фирмата „Бреинкоде“ без никакво искуство во хемискиот бизнис им продаде на државните електрани адитив неколку пати поскап од неговата вистинска пазарна вредност и како високопозиционирани лица во власта ѝ овозможиле да добие пристап до милионските тендери на ЕСМ.

За двете стории ИРЛ ја доби наградата на ЗНМ (Здружението на новинарите на Македонија) за најдобра истражувачка сторија за 2024 година.