Новиот унгарски мандатар Петар Маѓар најави депортација на азилантот и поранешен македонски премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
На речиси тричасовната конференција за печат којашто се одржа попладнево во Будимпешта, Маѓар зборуваше и за Србија и Александар Вучиќ, Украина, Полска, Романија, Русија и Европската унија. Прашањето до Маѓар се однесуваше само на двајцата поранешни полски министри барани за корупција од новата полска водена од Доналд Туск кои што избегаа и добија азил на сличен начин како поранешниот македонски премиер. Маѓар без да биде прашан се изјасни и за Никола Груевски.
„Во врска со бараните полски функционери на кои им е одоброен азил во Унгарија, Маѓар рече: „тие нема да останат тука долго. Нека не купуваат мебел од ИКЕА во Унгарија“.
„Унгарија нема да стане депонија за меѓународно барани криминалци. Ова важи не само за нив, туку и за Никола Груевски. На крајот на краиштата тој е поранешен премиер на Северна Македонија и баран криминалец“.
Никола Груевски е во бегство од 2018 година, кога по правосилната пресуда за случајот „Тенк“ тој беше осуден на две години затвор. Груевски доби азил во Унгарија врз основа на тврдењата дека бил политички прогонуван од тогашниот премиер, Зоран Заев. Во Унгарија стигна на сомнителен начин, поминувајќи три балкански држави со автомобили со унгарски регистарски таблички, пред да биде пренесен во Будимпешта од аеродромот во Белград со владин авион. Во 2019-та судот во Унгарија официјално го одби барањето за екстрадиција од македонските власти. Следеа и други барања, но официјална Будимпешта ги одбиваше сите обиди на македонските власти бегалецот да се врати во татковината.






















