Press "Enter" to skip to content

(ВИДЕО) 28 години транзициска Македонија: Зборуваме со Благој Механџиски

По повод Денот на независноста, Истражувачката Репортерска Лабораторија контактираше повеќе лица од крупниот бизнис за кои што низ годините се пишувало и зборувало за нивни клиенталистички врски со партиите на власт кои во одредена доба им овозможиле преку промени во законите или премижување на процедурите да се стекнат со државна сопственост или да добијат некаква државно спонзорирана зделка. Сакавме да ги чуеме нивните погледи и да видиме што мислат за тоа што Македонија денеска не е држава во која владее правото, a eкономијата е нестабилна и граѓаните сиромашни.

Во видеото погледнете го интервјуто  со основачот на фармацевтската компанија “Зегин”, Благој Механџиски, единствен кој го прифати предизвикот да разговара со ИРЛ.

Кога од неколку колеги новинари баравме телефонски број од Благој Механџиски, првото прашање беше: „Да не му барате реклама“. Од Механџиски не баравме ни реклама, ни донација, ниту било каква друга услуга. Оти реклама на „Зегин“ може често да се види во медиумите, кои одвреме навреме известуваат за успешните приказни и хуманитарни акции на сопственикот на „Зегин“. Истражувачката репортерска лабораторија го побара Механџиски за интервју, како бизнисмен кој богатството почнал да го гради со распадот на СФР Југославија, надживеал многу македонски влади, а до ден денес и натаму успешно ја надградува својата империја.

За интервју во пресрет на независноста на Македонија, за разговор побаравме и други бизнисмени кои се негова генерација, како во поглед на возраста, така и од аспект на почетоците на бизнисот. Но, ниту еден друг не прифати. Дел од нив беа надвор од државава на некоја од грчките плажи, а други во овој момент не сакаа да зборуваат за минатото, за транзицијата, за криминалот, за рекетот и поткупот, за нивниот удел во градењето и уништувањето на државата.

Бизнис партнер на сите влади

Кога во 1989 година се насетуваа првите сигнали дека доаѓа крајот на Југославија, тогаш младиот фармацевт и претставник на словенечката веледрогерија „Кемофармација“ одлучува да формира своја фирма „Зегин“.

„Кога јас во тој период решив да отворам своја фирма и да заминам од „Кемофармација“ дома моите сите плачеа. Јас тогаш имав 15.000 марки плата. Толкава плата немаше никој во Македонија“, се потсетува сопственикот на „Зегин“ Благој Механџиски.

Отворањето на првата приватна фармацевска фирма во социјалистичка Македонија не било дочекано со љубезно добредојде. Механџиски вели дека неколку пати бил повикуван во полициска станица за да ги објасни мотивите за стартување на сопствен бизнис.

Првите лекови почнува да ги увезува со помош на „Кемофармација“, а во 1992 година ја отвора првата аптека. Денес „Зегин“ има ланец од 250 аптеки, од кои 150 во Македонија и 100 во Србија во кои има 3000 вработени. Механџиски поседува и млекара, негова е и винаријата „Лозар“, а има и поликлиника и ортопедија.

Вели дека кога го стартувал бизнисот не му помогнале ни ВМРО-ДПМНЕ, ни СДСМ и дека за неговиот успех никому не му бил должник. Сопственикот на „Зегин“ вели дека имал понуди да влезе во политика, но решил да остане да партиципира во општествените текови само како бизнисмен.

Механџиски успева вешто да „плови“ за време на транзицијата и прераснува во гигант во фармацевтскиот бизнис. Станува сериозен играч, парирајќи им на „Реплек“, „Алкалоид“ и неговиот вечен ривал Пановски. Тој во 2009 година приватизираше дел од „Градски аптеки“ кои влегоа во синџирот на „Зегин“, а трансформацијата помина со скандали и судир на двајца тајкуни – Благој Механџиски и Трифун Костовски.

„Зегин“ продолжи да се шири и во време на владеењето на Никола Груевски кога и со законите на таа влада тој успева да се стекне до дел од држаниот имот од “Градски Аптеки”. Но, вели дека нема пофални зборови за ниту еден досегашен премиер. За Зоран Заев вели дека донел неколку добри одлуки од областа на финансиите, но смета дека е опкружен со лошо друштво. За себе рече дека не бил миленик на ниту една власт, не давал мито за тендери иако имал непристојни понуди.

Поврзани приказни

28 години независност: (Не)дигитална Македонија

(ВИДЕО) 28 години машка Македонија: Жените новинарки во борбата против корупцијата

Македонија: 28 години држава на организираниот криминал

Македонија: 28 години држава на организираниот криминал