Press "Enter" to skip to content

Бетонизација на Пржино: Итриот инвеститор, кутриот градоначалник

Улицата „Пржино“ или улицата 679 е мал слеп сокак. Таму тешко минува „Брзата помош“, а камоли камионот на „Комунална хигиена“. Но, на крајот на улицата, на врвот на ридот ќе никне огромна зграда. Целата процедура од донесувањето на ДУП-от до издавањето на дозвола за градба е проследена со обвинувања за политичко влијание во општинските кругови. Во соседните сокаци веќе се изградија неколку огромни згради. Паралелно со нив расте и бројот на граѓани кои го креваат гласот против нехумната урбанизација. Едни од тие граѓани се жителите на улицата „Пржино“. Ова е нивната приказна.

Пишува: Маја Јовановскa
Дополнително известување: Лила Караташева
Илустрација: Лука Блажев

“Граѓаните ќе кажуваат каде и што треба да се гради и како треба да се развиваат населените места”, во оваа изјава на претседателот на СДСМ Зоран Заев ќе биде сумирана идејата – мотор на целата кампања за локалните избори во 2017 година.

СДСМ против урбаната мафија во градот под закана од неповратно нагрдување беше наративот пред локалните избори. Едно од лицата на таа кампања во Скопје беше и Филип Темелковски.

Тој вети дека граѓаните ќе го имаат главниот збор, дека јавниот, а не приватниот интерес ќе одлучува за јавниот простор. Традиционално десно ориентираната општина, за прв пат од независноста ги изгласа социјалдемократите. Причините лежеа во револтот на урбаните заедници поради хаотичното, енормно и често незаконско градење проследено со големи афери на корупција и децениски вкоретениот организиран криминал. Темелковски вети урбана, хумана Кисела Вода.

„Наредните четири години ќе ја подобрам инфраструктурата и ќе воспоставам ред во урбанизмот и сообраќајот. Ќе се фокусираме на изградба на нови паркови и нови зеленила, приоритетот ќе биде поздрав живот и поквалитетен воздух за сите нас“, изјави Темелковски кога неговата партија СДСМ реши да го кандидира за градоначалник.

Но, одлуките кои ги изгласа претходниот состав на општината, сега продолжува да ги спроведува актуелниот градоначалник. Изговорот на Темелковски е ист, како и на сите други градоначалници.

„ДУП-от не е донесен во мојот мандат“ – вели сега Темелковски.

Жителите на улица Пржино денеска се чувствуваат излажано. Според нив, продолжува трговијата со влијание, а граѓаните не само што не се прашуваат, туку и не се сослушуваат.

Итриот инвеститор

Пржино лежи на падините на Водно, високо над градот, а сепак блиску до сите збиднувања. Таа е стара населба. Во првата половина на минатиот век Пржино и Црниче биле села, а дури потоа станале населби.  Затоа населбата се карактеризира со мали, тесни, високи и многу слепи и неуредно наредени улички.

Помеѓу две слепи и тесни улички деновиве се поготвува теренот за градба на четири станбени куќи во кои ќе има вкупно шеснаесет станови. Локацијата се наоѓа меѓу улиците „Пржино“ и „Кара Трифун“. Станува збор за тесни сокаци широки три метри кои ќе водат до новите објекти.

Деталниот урбанистички план за оваа четврт е донесен во мај 2016 година. Претходно на локацијата со години имало само една стара куќа и една градежна парцела. Но, непосредно пред донесување на планот сопственикот ја поделил на четири дела и наместо една маркица за градба добил четири на кои со ДУП-от се вцртале четири станбени куќи со висина од 10 метри или приземје, два ката и поткровје. Во секоја куќа се предвидени по четири стана или вкупно ќе се вдомат 16 семејства.

„Тоа нема да бидат четири куќи, туку цела зграда. А, истовремено на непосреден сосед му одбиваат барање за мало проширување на куќата на веќе постоечка маркица“, вели Дино Чушевски жител на улицата „Пржино“.

До новиот објект ќе се стигнува по една од споредните улици „Пржино“ на која со децении живеат 18 семејства. Тие веќе имаат проблеми со инфраструктурата и стравуваат дека со новите комшии дополнително ќе се оптовари соседството. Со секој пороен дожд се поплавува улицата и се излева канализацијата. А, пристапот е отежнат за секое поголемо возило.

„Ние ќе бидеме блокирани и оневозможени да функционираме нормално затоа што и сега не може да се разминат два автомобила. Камионот на „Комунална хигиена“ скоро секогаш има проблем да помине, ги удира терасите на соседите и не може да стигне до крајот на улицата. А, тек допрва што ќе биде со новите шеснаесет станари. Ни брза помош, ниту пожарна нема да може да пристапи.“, вели Ацо Антевски.

Сопственик на парцелата на која се планира градбата е Љупчо Продановски, кој во 2017 година склучува договор за заедничка градба со фирмата „Топ метал“ и почнува постапка за добивање на градежна дозвола. Жителите се мобилизираат и прават Иницијативен одбор и бараат помош од градоначалникот.

Но, бидејќи ДУП-от е донесен, а во него се впишани сите одобрени градби, во јули 2018 година со параф на градоначалникот Фиилип Темелковски инвеститорите добиваат четири дозволи за градба на четирите станбени куќи. Висината на објектите според ДУП-от е 10.2 метри. Жителите ги обжалуваат дозволите до второстепена комисија во состав на Министерството за транспорт и врски и во декември истата година комисијата одлучува во корист на соседите, ги прифаќа нивните забелешки и го поништува решението за градба.

Во меѓувреме инвеститорите Продановски и фирмата „Топ метал“ повторно поднесуваат барање за градежна дозвола која градоначалникот им ја одобрува на 22 мај годинава. Новото решение за градба уште повеќе е на штета на жителите, затоа што според документите пристапот до објектите ќе биде од улицата „Пржино“, а висината на зградата ќе се одредува од улицата „Кара Трифун“. Висината на парцелата е за неколку метри повисока од страна на улицата „Кара Трифун“, што значи дека објектите според новата дозвола ќе добијат во катност. И оваа дозвола соседите ја обжалуваат, но второстепената комисија на 7 јули ја одбива жалбата и тоа значи дека дозволата за градба ќе стане правосилна.

„На наше големо разочарување, и покрај приложените аргументи, втората поднесена жалба беше отфрлена како неоснована. Иако се работи за практично истиот објект кој овојпат е повисок за две нивоа мерено од тротоарот на нашата сепа улица од каде е дозволен колскиот влез односно влезот за гаражата на објектот“, изјави Дарко Милановски од улицата „Пржино“.

Го побаравме сопственикот на парцелата и ко-инвеститор Љупчо Продановски за изјава, но тој не упати коментар да бараме од фирмата што ќе ги гради објектите „Топ метал“. Сопственикот на „Топ метал“ Атанас Исајловски вели дека ги има сите потребни документи и целиот проект е согласно законските прописи за градба.

„Веднаш штом ќе стане правосилна дозволата стартувам со градба. Многу пари и време изгубив овие две години“, вели Исајловски. 

Во меѓувреме соседите бараат помош од други институции со цел да ја спречат градбата. Напишале писмо и до Антикорупциската комисија во која велат дека станува збор за „дивеење на урбана мафија“.

„Според нашите сознанија главната персона која има најголемо влијание за донесување на решението за градба е поранешната сопруга на инвеститорот Љупчо Продановски, Мери Проја Продановска која во време на донесување на ДУП-от беше советник од СДСМ во општината Кисела Вода. А, денес е на уште повисока позиција Раководител на инспекциски надзор.“- вели Дино Чупевски.

Љупчо Продановски вели дека со неговата сопруга веќе 15 години не живеат заедно и таа нема никаква врска со дозволите за градба. Тоа бил негов наследен имот, кој го дели со неговите браќа и сестри.

Градоначалникот Темелковски, кој е сопартиец со Мери Проја Продановска, негира било какво влијание или притисок при носење на дозволата за градба.

„Тоа нема никаква улога доколку ги видите бројките. Барањето за одобрение е издадено пред точно 400 дена, доколку ние едно барање во просек работиме за 70 дена, доколку ургирале кај нас немало да се чека 400 дена. Дополнително ДУП-от е правен пред јас да станам градоначалник, така да немало ургенција од моја страна при донесувањето на деталниот урбанистички план за да има некаква придобивка Мери или, пак, нејзиниот сопруг. Може да видите и според бројките дека ниту биле привилигирани, ниту граѓаните сме ги оштетиле по цена на Мери и нејзиниот  сопруг“, изјави за ИРЛ Темелковски.

Како гласала Мери Проја Продановска?

Мери Проја Продановска од 2013 година до 2017 година беше советник во општината Кисела Вода и носител на листа на СДСМ за време на изборите. Во тој период таа беше вработена во Државниот пазарен инспекторат како советник во одделение за прекршоци. По промена на власта Продановска станува Раководител на инспекциски надзор во Државниот пазарен инспекторат. Таа во јавноста особено беше активна во изминатите месеци кога стапија мерките и протоколите за работа поради пандемијата со КОВИД 19.

Мери Проја Продановска на митинг на СДСМ за време на предизорната кампања (22 март 2013)

Продановска во ноќните часови на 3 јули одржа и вонредна прес конференција пред кафеаната во Дебар Маало во Скопје, каде надвор од здравствените протоколи, во објектот гостин беше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Од општината Кисела Вода минатата недела побаравме записник од седницата на Советот на општина Кисела Вода одржана на 31 мај 2016 година кога се донел Деталниот урбанистички план за Пржино. Записникот и стенограмите ни се потребни за да видиме како гласале советниците од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ при носење на планот.

Портпаролот на општината не упати одговор да побараме според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Попусти беа убедувањата од новинарите на ИРЛ дека согласно Законот тие мора да ги имаат објавено записниците од седници на своите веб страници. Стенограмите, пак, се интерни документи, но не се класифицирани.

Седниците на општинските совети се јавни, исто како и седниците на Собранието. Сите седници на Собранието сосе стенограмите се објавени на веб сајтот и може да се најдат говори и дебати уште од првите години на независноста. Дел од општините од неодамна веќе почнале да ги објавуваат стенограмите од седниците, како на пример општината Карпош. Но, не и Кисела Вода. Записникот од седницата на Советот кога Љупчо Продановски добил маркици за градба и дозвола својата стара двокатна куќа да ја претвори во четири четирикатници се уште не го добивме.

Кога сте веќе тука, погледнете:

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »