Press "Enter" to skip to content

(ВИДЕО) 28 години машка Македонија: Жените новинарки во борбата против корупцијата

Македонија денеска обележува 28 години од својата самостојност. На денот на независноста, граѓаните на оваа земја се потсетуваат како сме почнале. Улогата на медиумите е да учествуваат во овој празник, не само со репродукција на партиски и институционални соопштенија, туку да направат и осврт и да дадат перспектива на клучните постигнувања, проблеми и предизвици. Ние решивме да подготвиме серијал приказни од еден поинаков агол – до каде е Македонија и зошто не е таму каде што требаше да биде. Следете не денес и утре.

Во овие 28 години независност, класните разлики од година во година се продлабочуваа. Богатите стануваа се побогати, а сиромашните се посиромашни.  Институциите не развија слух за проблемите на граѓаните, а политичарите не престанаа да ограбуваат. На моќниците пак никогаш не им беше доволно моќ и средства. Оваа реалност ја изградија луѓето кои изминативе децении носеа одлуки во име на целиот народ. Овие поединци најчесто беа и се уште се, мажи. Иако скорешните настани покажаа дека и жените може да бидат исто толку корумпирани, генерално европските истражувања докажуваат дека повеќе жени во владите, води до помалку корупција. Во Македонија жените во политиката се реткост, но се чини дека тие преовладуваат во борбата против коруцијата.  Затоа на оваа годипнина од независноста, сакавме да слушнеме неколку од овие жени.

Менче Атанасова Точи, истражувачка новинарка од НоваТВ која голем дел од својата кариера ја посвети разоткривајќи ги криминалите на фармацевстката индустрија смета дека жените се поборбени и поистрајни во борбата против корупцијата.

„Да се биде истражувачки новинар и да се биде во исто време жена, е навистина тешко. Секогаш се обидуваат да ви ја најдат најслабата точка и тука да делуваат, односно да ве онеспособат“, вели Атанасова.

Таа додава дека треба да се биде храбар, бидејќи храброста е највредното оружје кога моќниците се обидуваат да ги заплашат новинарите, па така тие ќе бидат поуспешни во откривање на криминалите.

Новинарката Славица Филиповска од 360 Степени,која се издвојува со своите широко признаени и наградувани истражувања меѓу останатите млади новинари, вели дека воопшто не е лесно да се биде жена новинарка, но таа смета дека жените се попркосни кон корупцијата.

„Нема да бидам скромна и ќе кажам дека овогодинешните награди за истражувачки стории ги добија повеќе жени отколку мажи,“ вели Филиповска.

Филиповска смета дека притисокот кон жените новинарки е двојно поголем, бидејќи освен за тоа што зборуваат и за што известуваат, често се даваат коментари и за тоа како тие изгледаат и како се облечени. Од друга страна, и покрај нивните евидентни успеси, жените во медиумите се уште не се на раководни позиции.

Сара Миленковска е политиколог и ко-основач на Стела, граѓанска организација која се обидува да го подобри пристапот на жените до високо образование и економско омоќување. Таа смета дека постојат различни начини на кои се дискредитираат жените.

„ Секој пат кога жена има што да каже, веднаш се зборува за нејзиниот приватен живот, за тоа како изгледа, како се облекува. Воедно и начинот на којшто нашите политичари се изразуваат, придонесува кон целокупната системска дискриминација која постои кон жените“, додава Миленковска.

 

Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »