Press "Enter" to skip to content

Македонија: 28 години држава на организираниот криминал

Македонија денеска обележува 28 години од својата самостојност. На денот на независноста, граѓаните на оваа земја се потсетуваат како сме почнале. Улогата на медиумите е да учествуваат во овој празник, не само со репродукција на партиски и институционални соопштенија, туку да направат и осврт и да дадат перспектива на клучните постигнувања, проблеми и предизвици. Ние решивме да подготвиме серијал приказни од еден поинаков агол – до каде е Македонија и зошто не е таму каде што требаше да биде.

Уреднички коментар

Во овие 28 години самостојност Македонија се промени на многу начини. Но, фактот што денеска имаме поголема канализациска мрежа од пред 10, 20 или 30 години не го менува фактот дека повеќе од една третина од домаќинствата во Македонија уште се на септички јами. Оние кои денес можеби рефлектираат од позитивен агол, ќе речат дека пред 25 години им требале пет часа да стасаат од Скопје до Преспа, а денеска само три часа. Ќе речат и дека имало повеќе патишта од пред 15 години. Дека не се чекало на ред за леб и млеко како во деведесетите. И ВизАир имало. А  сепак, ако сме искрени, можеме ли да си признаеме дека од независноста до денес во Македонија не се случил никаков драматично позитивен пресврт во општеството.

И дека во овие 28 години како општество не сме никаква додадена вредност за овој свет и не сме кадарни да учествуваме во решавање на цивилизациските предизвици во светот. Дека не сме дале ништо особено за да придонесеме во светската наука, култура, уметност. Немаме еден единствен Букеровец, камоли Нобеловец, за разлика од повеќето наши соседи. Немаме конзистентност во ништо со што се зафаќаме, немаме државна стратегија која макар и на хартија би потрајала повеќе од 10 години.

Конзистентност сме покажале само во две работи. Првата се жестоките поделби околу улогата во стекнувањето независност и големината на првиот македонски претседател Киро Глигоров или последниот вистински државник во Македонија. Втората е историскиот факт дека во оваа земја од 1992 ние сме во состојба на постојана политичка кампања. И за што и да е таа кампања, секогаш едни се закануваат дека ќе нема надеж без нив, а други ветуваат надеж. Постојано сме заплашувани.  Од тоа дека Македонија ќе се распадне без Белград, па дека ќе ја снема по Рамковниот договор, по Пржинскиот. Или не спасуваат од некој договор или не спасуваат со договор. За секој државен проблем обично неколкумина  пијат кафе во Клубот на пратеници, наместо дијалог да се води во Парламентот и во институциите на системот.

Денеска во својот говор премиерот Зоран Заев се осврна на многу вакви договори. И пак рече дека има надеж. Дека ќе сме граделе институции.

Надежта е најприсутниот збор во политичкиот речник во Македонија. Во овие 28 години надежта и оптимизмот се главен наратив на сите божем прогресивни политички сили.

Зборот “надеж” во македонскиот лексикон е опишан вака: душевна состојба на очекување, на верување дека ќе се случи, ќе се исполни тоа што се очекува. Нешто што треба да го исполни очекувањето.

Нашиот проблем е што никако да дојдеме до тоа нешто да се случи. Промените да се случат, реформите да се случат, да има правда, да има држава. Тоа е така затоа што во овие 28 години во македонските институции дозволивме длабоко да навлезе организираниот криминал. Ова се и институции на корпоративните интереси на малкумина. Ќе бидат нивни се додека не се реши прашањето на финансирање на политички партии.

Повеќето од оние со политичка и финансиска моќ кои што ги контролираат институциите , тоа го прават преку нелегалното финансирање избори. Оттука, ние не можеме да очекуваме дека тие ќе го имаат интересот на граѓаните во својата агенда. Затоа институциите со нив никогаш нема да бидат места каде што ќе се стремиме да ги решиме проблемите и да ги задоволиме  потребите на сите граѓани еднакво.

Борбата со корупцијата и организираниот криминал не бадијала е дефинирана како приоритет од сите кои и вршат притисок на оваа влада. Последните случувања со СЈО уште еднаш покажаа чија е оваа држава. Нештата се многу појасни, но надежта тука нема да помогне. Туку акција на слободоумните граѓани против корумпираните елити кои, на крајот на денот, сепак ги чинат примитивни и не многу умни силеџии. Или се додека студентите, работниците, новинарите, синдикатите, еснафот, угостителите, лекарите, учителите, вистинските претприемачи и вистинските уметници не почнат да се активираат во политички независни формални и неформални форуми и не си ги побараат назад институциите.

Истражувачката репортерска лабораторија ја направивме во време на тешки предизвици во медиумите пред две години, иако тогаш и не се чинеше така, туку се беше некако…надежно. Едноставно сакавме да работиме во средина во која што самите ќе носиме одлуки за уредувачката политика за да создадеме поинаква платформа за известување за корупција и организиран криминал и така да дадеме свој придонес во борбата против овие феномени. Но, освен откривање злоупотреби, сметаме дека е важно на граѓаните  да им раскажеме и кои се ефектите од корупција, кои се жртвите и кои се симптомите на оваа болест.

По повод Денот на независноста овие феномени ќе ви ги претставиме преку разни илустрации. На колегиумот на којшто утврдувавме какви приказни ќе направиме по повод 8 сепмтеври Денот на независноста, се водевме од прашањата што можеше Македонија да биде во 28 години и зошто и поради кого не е, зборувавме за луѓето кои немаат пристап до окупираните маинстрим медиуми, но и за луѓето чии пари долги години корумпираат медиуми и политичари.

Денес и утре ќе прочитате и гледате неколку приказни изработени со минимални ресурси, но многу ентузијазам и искрена верба дека е потребна акција, не надеж.

Поврзани приказни

28 години независност: (Не)дигитална Македонија

(ВИДЕО) 28 години машка Македонија: Жените новинарки во борбата против корупцијата

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »