Press "Enter" to skip to content

Локален шериф Љубисав Иванов Sинго: Национални богатства, приватни раце

Важи за домашен олигарх. Има репутација на безмилосен и одмаздољубив човек којшто не трпи критика и спротиствавувања. Има бизниси кои му носат стотици милиони веќе три децении  – најповеќе во државно спонзорирани зделки. Ако тргнете да ја истражувате империјата која што ја создаде Љубисав Иванов Sинго, тогаш почнете од Сител телевизија. Ова е неговиот најважен ресурс и секое делче од империјата гравитира околу телевизијата. Телевизијата е и причината поради која никој не смее да му се спротистави дури и кога во прашање е правото на пристап до вода.

Пишува: Сашка Цветковска

Погледнете ја видео сторијата која што ја подготви тимот на ИРЛ за оваа приказна.

Резолуцијата број 64 292 усвоена од Генералното Собрание на Обединетите нации во 2010 година за прв пат ќе го препознае правото на пристап до чиста и безбедна вода за пиење и санитарии како основно човеково право. Не секаде има доволно вода. Затоа речиси 700 милиони луѓе на планетата се жедни. Од нив, речиси никој во модерна Европа. Природата била дарежлива со Македонија за да може да им ги обезбеди овие права на македонските граѓани. Но, онаму каде што некој гледа природни убавини и основно човеково право, други гледаат пари.

Душко, чиј што вистински идентитет е познат на редакцијата, но од страв од одмазда нема да го споделиме,  живее во мало село веднаш до градот Кратово. На својот скромен имот кој што се состои од куќа во лоша состојба и голем селски двор, тој одгледува зеленчук и овошје.

“Вака се храниме. Јас немам работа, понекогаш сезонки. Сопругата исто така не работи. Тоа што ќе го сработиме, тоа ќе го произведеме и тоа ќе го изедеме”, раскажува Христовски додека не води кон неговата бања. Во бањата е слично како и во дворот – десетици пластични буриња и огромен број пластични шишиња се наредени уредно и прецизно насекаде. Чувството е дека постојано имате на дофат нешто пластично.

“Погледни, еве погледни, ова ни се маките”, Душко зборува нервозно додека ни ја покажува матната вода којашто тече од неговите чешми. “Како да го пиеме ова”.

“Ајде, ајде, сега е дури и добра сезона, барем тече вода од славините”, сосетката на Христовски, Милена, прави обид за шега на своја сметка, за подоцна да ни открие дека од 12, околу пет месеци, оние најжешките, тие речиси воопшто немаат вода.

Тој и неговите соседи ни раскажуваат дека вака живеат веќе 15 години. Особено станувало тешко, кога сите државни ниви во околината ги купил Љубисав Иванов Sинго. Па сета вода која налето и онака ја нема, се пренасочувала таму.

Се запрашавме како е можно градското претпријатие да го прави ова и никој да не одговара. Одекна хор одговори од засегнатите. “Водоводот е негов, приватен, под концесија де. – Ехе, тоа е вака од 2000-та, зарем не знаете”, довикнува друг сосед.

При вода жедни: Тивки лелеци

Тимот новинари од мобилната редакција на ИРЛ тогаш прв пат ја слушна приказната за единствениот приватен водовод во Скопје. Нашите домаќини ни раскажаа дека за нивниот проблем со водата прв пат и последен пат се проговорило на сега сгаснатата телевизија А1 во 2010 година.

“Не ме чуди што не знаете, нас водата ни ја исклучија веднаш кога се пожаливме. Кој да пишува?, раскажува сосетката Милена која што ќе нашето внимание ќе го насочи на уште еден детал.

“Има само еден новинар, дописник на Сител, а Сител е негова”, рече таа додека постојано низ нашиот разговор со домаќините ни повторуваше дека не и се верува дека во Кратово навистина дошле новинари.

Причинители и помагатели

 Фаза 1: Откривање на проблемот

Пред две години во одредени кругови на високата политика почнаа да се јавуваат идеи за спас на јавните претпријатија. Онаа која што ја промовираше вицепремиерот за економија, сега поранешен, Кочо Анѓушев, вклучуваше концесионерство или јавни приватни партнерства на сите јавни и државни претпријатија. Дури и водоводите. Таков предлог се даде и во општина Гевгелија. Но, градоначалникот прво направи референдум и јавна расправа. Цела Гевгелија се дигна на нозе, а на администрацијата не и беше лесно да се носи со лошиот пиар.

“Тоа е водата, нашите водни ресурси, не можевме ни да помислиме да не ги прашаме граѓаните. Тие излегоа над 90 проценти на гласање”, вели градоначалникот.

И сите рекоа “не” за оттуѓување на управувањето на градската вода од приватни лица.

“Јавните приватни партнерства се едно, но не и водата. Водата во Закон и Устав е право на секој човек. И тие мора да останат под контрола на граѓаните, особено во земји кои се уште не се издигнале над националната клептократија, па видете го Извештајот на ЕУ за реформите во тие полиња, ќе рече професорот по Уставно право Светозар Шкариќ.

Сакавме да дознаеме повеќе детали за единствениот приватен водовод во земјава. За Кратово е тешко да најдете детални истражувања. На Јутјуб се наоѓа старото видео од сега згаснатата А1 телевизија во којшто можеме да ги видиме нашите домаќини, десет години помлади, како се жалат дека немаат чиста вода и доволно вода.

Фаза 2: Реконструкција на проблемот преку пишани документи

 Почнаа да пристигнуваат и првите одговори. Општината Кратово ни потврдува дека Градскиот водовод е под концесија на фирмата Силком од 2008 година. Претходно, од 2000 до 2008 бил под концесија на фирмата “Силекс Комуналец”. И двете се во сопственост на истиот човек – Љубисав Иванов – Sинго.

Градскиот водовод во Кратово прв пат е изграден во 1933 година од Кралството Југославија. Потоа се градат уште два – сите со самопридонес на граѓаните плаќан во вид на специјален данок.  До пред точно 20 години водоводот е јавно претпријатие.  Во 2000 година, без најава, без јавна расправа и тендер водоводот станува приватен. Преку ноќ со само една одлука од еден човек – градоначалникот Стојан Миланов. Миланов е поранешен пратеник и доаѓа од Социјалистичката партија на Македонија.

Работел на управувачки позиции во компаниите на Иванов и е негов баџанак, односно брат на сопругата на Иванов.  Тој одлучува без да даде образложение и дека Силекс Комуналец не мора да плаќа никаков годишен надомест за општината, дека граѓаните и фирмите ќе плаќаат еднаква месечна сума за вода, во вид на паушал, наместо согласно потрошеното.  Осум години овој водовод се управува без компаниите на Иванов Sинго да платат денар надомест стопанисување со градскиот водовод. Без денар и влог инвестиција, Иванов Sинго лесно го презема Градскиот водовод. За неговите фирми, ниви, рудници и фабрики во Кратово обезбеди евтина вода бидејќи во Кратово сите плаќаат исто.

“И тоа не законски. Според нашето законодавство, едно претпријатиле кое врши јавна дејност може да наплаќа консекветно не повеќе од три месеци паушал”, велат експертите.

Лет над законите

Фаза 3: Големото преземање

Концесијата истекува во 2008 – та. Овојпат ќе има отворен натпревар или јавна отворена постапка за доделување на концесија.  Но, конкурентноста е само илузија. Баџанакот не е градоначалник. Но, неговиот наследник доаѓа од компаниите на Иванов Sинго и од редовите на Социјалистите. Ќе се пријават три фирми –

„Силпен“ „Силком“ и „Добра вода“. Сите три во сопственост на АД Силекс, фирма контролирана од семејството на Иванов Sинго.

Од 15 советници, речиси половина ќе бидат против. А од другите половина, дури петорица работат за Sинго. Советниците од опозицијата бараат изземање на оние со судир на интереси. Тоа нема да се одобри од претседателот на Советот.

Тоа се менува во 2008 кога истекува првата концесија на Силекс – Комуналец. Овојпат ќе има отворен натпревар. Но, конкуретноста е само илузија. Ќе се пријават три фирми – сите три од империјата на Љубисав Иванов Sинго.

На тендерот ќе се пријават „Силпен“ „Силком“ и „Добра вода“. Сите три во сопственост на Силекс, фирма контролирана од семејството на Иванов Sинго, пред се неговиот син Горан Иванов.

Прва и последна надеж

Единствената и последна надеж за кратовчани е Антикорупциската комисија. Таму е отворен предмет уште во 2008 година. Тој состав не постапувал.

“Во тоа време комисијата беше под целосна контрола на власта, дури се забрануваа прес конференции”, вели новинарката Мишко Иванов којшто работи во телевизјата А1 којапто Љубисав Иванов Sинго поради напис за лошата вода во Кратово решава да ја тужи.

“На сред емитување на оваа приказна, А1 телевизија беше, замислете, исклучена, не можеа ни да ја гледаат”.

ИРЛ го побара предметот, но дел од архивата со години се чувала неуредно. Некои од жешките предмети за влијателни личност се комплетно исчезнати. Меѓу нив е и овој предмет.

Потрагата по одговори за отворените и никогаш недовршени институционални постапки не доведоа до фрапантни податоци. Против одлуките за приватизација на државни ресурси, се водат истраги без крај против повеќе поранешни градоначалници на Кратово. Меѓу нив е случајот за градскиот водовод. Надлежното обвинителство не одговори на прашањата на ИРЛ. Блокада од одговори и непристојна комуникација се дел од напорите да се добијат сите документи и од Министерството за локална самоуправа каде што за овој случај постапка започнал Државниот инспекторат уште во 2010 година. СДСМ вети дека по промената на власт во Кратово, овој проблем ќе биде засекогаш решен. И не само водата, туку, според нивните зборови, ќе го решат секој проблем предизвикан од Љубисав Иванов Sинго.

“Нашето прво ветување е дека кражбата ќе запре. Со само еден дел од парите што завршија кај Љубисав Иванов Sинго, можеше да се реши проблемот со водата во Кратово. Новата влада предводена од СДМ ветува дека ќе го реши проблемот со водата за пиење во Кратово и кратовско”, ќе изјави Дамјан Манчевски на прес конференција во предизборието во 2016 година.

Во 2017 година на телевизијата 24 вести ќе одекне важна вест, која под машината на партиската пропаганда ќе остане премолчена.

“Бастионот на Социјалистичката партија на Љубисав Иванов Sинго овојпат поддршката ја даде на партијата на Зоран Заев”, ќе каже репортерот на телевизијата на плоштадот во Кратово.

Кандидат е докторот Љубчо Бојаџиев, првиот независен кандидат поддржан од СДСМ и коалицијата.

За прв пат по 27 години, во 2017 година во Кратово ќе се избере првиот градоначалник кој што не доаѓа од редовите на власта.Но, што навистина се променило?

Проширување на империјата

Sинго е се уште посилен од основното право на пристап до чиста вода.   Водоводот и покрај сите ветувања уште е управуван од фирмата Силком, фирма ќерка на АД Силекс која што стана озогласена по отворањето на истраги за злоупотребени тендери во вредност од повеќе од 40 милиони евра.

ИРЛ открива  минатата година на владина седница е одлучено на АД Силекс да и се продаде едно навидум безначајно парче земја. Во документите до кои што дојде ИРЛ земјата е продадена за симболична сума, а властите не споменале дека таму е пречистителната станица. Надлежните министерства и институции одбија да достават одговори до ИРЛ под изговор дека немаат време поради КОВИД кризата, односно ќе им требало многу време да ги соберат податоците. А Иванов Sинго стекна моќен ресурс без кој што никој друг и не би можел да го има овој водовод.

Создавањето на последниот македонски деспот

Важи за политички моќен и добро поврзан. Тој е еден од неколкуте лица кои од пеколната транзиција во 90 тите излезе како победник. Почнува со приватизацијата на гигантскиот рударско геолошки комбинат Силекс. Владее со уцени и притисоци и полека стекнува сопственост на повеќе од 80 проценти од кратовската економија. Тој е најстариот политичар во земјава и пратеникот со најдолг стаж, точно 21 година од независноста. Малкумина знаат дека тој е дел од оние политичари кои што во раните 90ти гледаат со скепса кон независнста македонска држава, а неговите идеологии се вратат кон Белград.

Младоста ја минува во Белград каде студира рударство и геологија. По дипломирањето станува директор Силекс, рударско – геолошкиот комбинат во државна сопственост.

Во осумдесеттите е и пратеник во Белград, таму гради влијателни политички конекции со личноста која подоцна ќе стане најголемиот балкански диктатор во поновата историја, Слободан Милошевиќ.

Додека на Балканиот беснеат војни, Sинго и главниот уредник на телевизијата Сител во 1999 ќе седат во неформална атмосфера во кабинетот на Слободан Милошевиќ. Сомнежите се дека тој влијаел во Скопје за олабавување на санкциите кон Белград.

Во парламентот е до 2012, кога поради новиот закон кој забранува политичар и негови блиски да поседуваат истовремено и телевизија, тој дава отказ. Сител телевизија сега е на неговиот син Горан Иванов. Во раните тој 90-ти ја основа Сител Телевизија, а за време на приватизацијата почнува да ја гради неговата империја. Денес поседува банки, рудници, маркети, медиуми, земјоделски комбинати и уште многу други бизниси.

Во секоја власт тој е коалиционен партнер. И во секоја власт редовно добива едно важно министерство место – за земјоделие. Само од таа институција  во една година Sинго го зема историски највисокиот тендер доделен во Македонија вреден 30,5 милиони евра. За овој тендер сега се води истрага во скопското јавно обвинителство.

Неговите бизниси во минатата деценија беа поддржани со стотици милиони евра во пари и услуги. Најконтроверзни беа владините реклами со кои што власта на Никола Груевски ја купи неговата посветена поддршка.

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »