Press "Enter" to skip to content

Владата го измами УНЕСКО во Баку: Таму вети еден, овде си носи друг закон

Владата наместо да прифати одговорност и вистински да ја презентира ситуацијата во охридскиот регион на Сесијата на Комитетот за културно наследство во Баку, тие одлучија да одат со извитоперена реалност и лажна надеж дека самите ќе можат да го поправат безредието. Иако државата нема капацитет да ги спроведе препораките на УНЕСКО, Владата на сметка на тоа Охрид да не биде ставен на листата на светски наследства во опасност како влог ги стави универзалните вредности на регионот.

Вака Александра Бујароска од Фронт 21/24 ја дефинира стратегијата на Владата – Наместо да обезбедат финансиска и експертка помош од УНЕСКО за решавање на проблемите во Охридскиот регион, Комисијата за култура во Собранието испрати предлог закон кој е различен од оној кој тие го презентираа во Баку.

Листа на загрозени светски наследства 

Листата на светски наследства во опасност на УНЕСКО преку Комитетот за светско наследство назначува и управува со места кои се загрозени и имаат потреба од зачувување. Најчесто станува збор за места на кои се потребни големи операции за кои на државата и е потребна помош да ги спроведе.

Констатираните опасности за местата со културно наследство вклучуваат сериозно влошување на материјалите, структурата, архитектурата и губење на историската автентичност или културно значење. Голем дел со кои се соочува и Охридскиот регион поради неконтролираното градење на урбаната мафија.

Списокот е наменет за зголемување на меѓународната свест за заканите и за поттикнување на мерки со кои државата полесно и побрзо ќе се справи со проблемот. Во моментов списокот на светски наследства во опасност вклучува 53 локации распространети низ целата земја.

Иако најголем дел од локациите кои се ставени на листата на светски наследства во опасност се најчесто во воени подрачја или биле погодени од природна катастрофа, има и такви кој се нашле на листата поради човечки фактор. Во 80 проценти од случаите е поради замав на урбаната мафија, објаснува Бујароска.

За ваков пример може да се земе главниот град на Аврстија.

Градот кој од раните римски населби прераснал во центарот на Австро-унгарската империја, исполнет со архитектонски ансамбли, барокни замоци и градини е заштитен како светско наследство од УНЕСКО во 2001 година. Неколку години подоцна, поради неконтролираната урбанизација на центарот на Виена, истиот добива статус на светско наследство во опасност.

Виена на 41та Сесија на Комитетот за културно наследство во Краков во 2016 година е ставен на листата на светски наследства во опасност. Комитетот во својата одлука наведува дека поради тоа што проектот на „Vienna Ice-Skating Club – Intercontinental hotel“ не успеал целосно да се придржува кон претходните одлуки, особено во однос на висината на новите градби, негативно влијае на извонредната универзална вредност на локацијата.

Преглед на ревидираната проектна област „Vienna Ice-Skating Club“

Впишувајќи ја локацијата на Листата на светско наследство во опасност, на местата им се дава непосредна помош од Фондот за светско наследство. Некои држави сами аплицираат за да добијат статус на загрозени локации со цел да го фокусираат меѓународното внимание на своите проблеми и да добијат стручна помош за нивно решавање. А постојат голем број примери во кои за краток период со оваа помош успеале да изнајдат решение за конкретниот проблем.

Владата на Република Северна Македонија, спротивно на ова реши самата да се справува со проблемот во Охридскиот регион преку носење на нов Закон за управување со природно и културно наследство на Охридскиот регион.

Еден предлог закон во Баку, друг во Собрание

Фронт 21/24 како еколошко здружение се дел од иницијативата за формирање на нов Закон за управување со природно и културно наследство на Охридскиот регион. Оној Закон кој постои од 2010 година неуспешно го регулира регионот, а има и делови кои не се во согласност со Конвенцијата на УНЕСКО.

Александра Бујароска која како дел од Фронт 21/24 учествувала во работната група за новиот закон вели дека за цел имале да ги подобрат сите пропусти кои не се во согласност со препораките на УНЕСКО. Тоа би гарантирало соодветна имплементација и одговорност за зачувување на универзалните вредности.

Предлог-законот кој беше презентиран на Сесијата во Баку не е ист со тој што во моментов е влезен во собраниска процедура.  По враќањето на претставниците на Владата од Баку, Комисијата за култура на законот му додала работи за кои воопшто не станувало збор, како што е вметнувањето нови членови во Советот. Бујароска појаснува дека овие промени во ниту еден момент не биле предмет на дебата ниту со јавноста и експертите, ниту со работната група. А истите придонесуваат кон политизирање на законското решение.

„Одредбите коишто се однесуваат на начинот на одлулување, со вклучување на политичките критериуми во рамки на управувачкото тело и на одлучувањето, никогаш не биле предмет на дебата ниту со јавноста, ниту со експертската и стручната јавност, ниту пак во рамки на самата работна група. Фактот беше дека низ целата таа работа, законот да се деполитизира и да се остручи за да не дојдеме до ова дереџе до кое што сме сега. А со ова се враќаме чекор назад, со тоа што со носење на вакво законско решение уште полошо од претходното,“ вели Бујароска.

Со законот ќе се формира Совет од 15 члена, вклучувајќи претседател именуван од премиерот. Советот за Охридскиот Регион одлуки ќе носи по Бадинтер, односно ќе одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот за Охридскиот Регион, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број членови кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во државава. Бујароска вели дека со ова законот дополнително се политизира, затоа што Бадинтеровиот начин на носење одлуки е политичко носење одлуки, а не стручно.

„Стручно носење на одлуки е кога експерти ќе седнат, без разлика на нивната етичка припадност и од експертска страна ќе кажат што е соодветно за спроведување. Во овој случај, кога воведувате политички критериум на носење одлуки, факт е дека го политизирате и одлучувањето и самиот закон,“ додава Бујароска.

Членовите и надворешни претставници на советот ќе бидат предложени од Министерството за животна средина, Министерството за култура, Управата за животна средина, Управата за заштита на културното наследство, општините Охрид, Струга, Дебрца. Во советот ќе има претставници и од Завод и заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид, Хидробиолошкиот завод од Охрид, Националниот парк Галичица, како и претставници од граѓанскиот сектор.

Во дополнувањата на предлог-законот, без никаква консултација со работната група, во советот е додаден уште еден член – претставник од Министерството за политички систем. Нешто што претставува апсурдност кога ќе се земат предвид надлежностите на тоа министерство. Бујароска вели дека ова е единствениот член за којшто не се дефинирани никакви услови, туку само се номинира од страна на Министерството за политички систем. Што е уште еден показател дека Влада сака да го политизира законот.

Погледнете го цело интервју на ИРЛ со Александра Бурјароска од Фронт 21/24.

Поврзани стории:

(ВИДЕО) Охридски градоначалник: Има дивоградби на обични луѓе, но и хотели

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »