Чии се дивоградбите во Охрид? Дали локалните моќници кои што градат во Охрид се заштитени? На пример, советникот Нефи Усеини нелегално гради среде чаршијата пред познатиот охридски чинар, но е недопирлив за институциите.
„Има дивоградби од секаков профил, од обични луѓе, до хотели“, вели градоначалникот додавајќи дека не смета дека во Охрид постојат моќници кои што се заштитени од институциите.
„Од општина Охрид не се бара рушење, само регистер на дивоградби. Меѓутоа, ако ние сакаме да покажеме дека сме сериозна власт, треба да постапиме по решенијата за рушење, вели градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, во интервју за ИРЛ кое што наскоро ќе биде објавено.
Тој зборува и за пречките кои ги креираат другите институции надлежни за Охрид.
„Заканите од УНЕСКО не се од вчера“, ќе рече нервозно градоначалникот.
Екипата на ИРЛ минатите неколку дена известуваше и истражуваше во охридско-струшкиот регион. Целта беше да ги идентификуваме проблемите кои што го загрозија културното и природно наследство заштитено од УНЕСКО.
До петок оваа недела во Баку, Азербејџан, каде што во моментов се наоѓа и делегација на Македонија на Собранието на УНЕСКО, ќе се донесе одлука дали Охрид ќе се стави на листата на загрозени подрачја.
УНЕСКО во најновиот нацрт извештај за охрдскиот регион порачува тој да биде ставен на листата загрозено светско наследство при што според експертите тоа нема да значи тргање на заштитата на УНЕСКО туку нејзино зајакнување.
Оваа недела ИРЛ ќе го објави целото интервју со охридскиот градоначалник Константин Георгиески.