Press "Enter" to skip to content

(ВИДЕО) Тензиите и тепањата на Клиника – горка илустрација за длабоко корумпираниот систем

Ако сите протестираат, вклучително и министерот, тогаш што го предизвикува насилството врз лекарите и каде треба да се бара одговорноста

Пишуваат: Влатко Чаловски и Давид Илиески

Од различни страни на клиничкиот центар дисперзирани групи на лекари се придвижија кон договорената локација за протест. Мотото е “Стоп за насилството врз белиот мантил”. Локација е дворот на Клиничкиот центар “Мајка Тереза” во Скопје. Организатор е Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, а причините се зачестените напади врз лекарите кои резултираа и со посериозни, па дури и вооружени инциденти и повредени. Се собраа стотина лекари, претежно млади. Но, центарот на вниманието го имаше министерот за здравство. Младинската еснафска асоцијација, заедно со министерот Венко Филипче и претседателката на лекарската комора Калина Грчева Старделова, побараа подобрување во обезбедувањето на лекарите и достоинствен третман од страна на пациентите. Министерот вети силно обезбедување, казни и постојани патроли на критичните точки во клиниката и така фокусот беше ставен на недостатокот од обезбедување и на граѓаните.

Се пратија и заканувачки пораки испишани на транспаренти и кажани од организаторите: „Ако во брз разумен рок системот не се погрижи за лекарите, тие ќе престанат да лекуваат“.

Освен апелите кои надлежните ги упатуваат за правата на пациентите и почитта кон здравствените работници, од нашите соговорници на протестот побаравме одговори колку долгогодишната корупција во здравството, непотизмот и партиските вработувања доведуваат до нарушената доверба меѓу пациентите и лекарите. Дали проблемот е во недостатокот на обезбедување или во со години одржуваното неквалитетно здравство кое доведува до вакви тензии од кои страдаат и лекарите и пацинетите.

Системот на протест против системот

Поранешниот министер за здравство, Арбен Таравари, кој денес застана на овој протест заедно со своите колеги лекари во изјава за ИРЛ, аномалиите на системот му ги препишува на актуелниот министер кој во раце ги има сите механизми за подобрување на овој систем.

„Излегов за поддршка на своите колеги и поради тоа што не се случува ништо ново во политиките на здравството. Политичкиот систем од Тодоров, е преземен и продолжуваат истите политики. Нема нови идеи или стратегија, единствено што се работи се приватизираат сегменти од клиниките“, вели Таравари.

За него е иронично што единствено во Македонија се случува власта да протестира сама против себе.

„Наместо да оди на протест, од министерот Филипче потребна е акција оти системот е во негови раце“, дополнува актуелниот градоначалник на Гостивар и поранешен министер за здравство.

Филипче пак во својата изјава се фокусираше на мерките кои планираат да ги преземат во соработка со полицијата трдејќи дека и покрај вработените задолжени за обезбедување во Службата за заеднички работи, смета дека е неопходно приватно обезбедување на најкритичките точки – ургентните центри.

„Со насилство не се решаваат работите, нема логика тоа да се случува врз здравствените работници кои се грижат за ранливите. Со МВР и Министерството за правда започнавме иницијатива за казнување но и конкретни мерки: мобилна патрола ќе има во регионот на старата градска болница, каде има најголема фреквенција на луѓе, а ќе има и професионална обезбедувачка форма каде има ургенти центри “, рече Филипче.

Прашан од новинарите на ИРЛ, зошто протестира ако тој е во центарот на системот против кој лекарите денеска протестираа, Филипче потенцираше дека неговото присуство е со цел да даде поддршка.

Тој не даде конкретни одговори на прашањето на новинарите на ИРЛ дали протестира против самиот себе и наместо одговори за присутноста на корупцијата и непотизмот во здравството, зборуваше за дигнитетот на здравствените работници.

„Моето присуство овде е поддршка дека треба да се преземат сериозни процеси за да се врати дигнитетот на здравствениот работник. Сисемот на деградација се случува со години, затоа и се нафатив, за акција но и координација на сите инсституции кои тоа треба да го направат.Тоа што преземаме неколку чекори значи дека проблемот е комплексен. Ова е почеток на еден процес за враќањето на довербата. Професионалното обезбедување е само еден чекор, друг е унапредување на статусот на работникот преку покачување на платите. Преземаме мерки за системски реформи“, потенвира актуелниот министер.

Но отсуството на неказнивоста и некомпактноста во здравствените закони, за Лекарската комора, исто така се причинители за насилството врз лекарите.

Сите прашаа за обездувањето, ние прашавме за системот:

Суштински наместо козметички реформи

Претседателката на Лекарската комора во разговор со ИРЛ посочува дека иако ова се случаи во кои што граѓани напаѓаат лекари, сепак, проблемот треба да се решава од коренот, а не козметички.

„Луѓето треба да знаат дека не треба да доаѓаат со пари. Закон треба да има и за здравствените работници и за пациентите. Мора да се направат измени во нашите размислувања, и кај докторите кои не ги бранам за тоа како се однесуваат. Контролен механизам е казнувањето. Не видовме досега некој од одредена тепачка или корупција да заврши во затвор. Бараме законските одредби кои се расштркани во повеќе закони да бидат во еден закон. И да знам однапред која ми е казната, не да се скине ливчето, туку казнивоста ако е ефикасна, нема да го направам тоа“, вели претседателката на Лекарската комора Калина Грчева Старделова.

Не сите младински организации се согласуваат дека нападите треба се решаваат со критика само кон пациентите. Никола Брзанов  од Клубот на млади лекари причините ги лоцира во владеењето на правото.

„Нефункционалниот систем доведува да не се почитуваат правата на пациентите и лекарите и тука луѓето доаѓаат до емотивен излив да ја преземат правдата во свои раце и доаѓа до изразено насилство. Секој поединец во системот има и индивидуална одговорност, проблемите треба да се решаваат и поединчено и сметаме дека обезбедувањето нема да го реши само по себе овој проблем. Корупција и непотизам во здравството? Присутни“, констатира Никола Брзанов.

И додека се што е набројано погоре, реално го отвора прашањето за здравствениот систем низ призма на гранка која го загубила дигнитетот, Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, упати пет барања до власта со една сосема јасна порака:

„Ако во брз разумен рок системот не се погрижи за лекарите, тие ќе престанат да лекуваат“.

Ви се чита уште? Проверете ја оваа приказна

СДСМ и ВМРО ДПМНЕ кога гласаат за сопствените интереси: Широка партиска коалиција за права и привилегии

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »